Решение У.бр.20/2021

У.бр.20/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 17 јуни 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за избор на Народен правобранител, донесена од Собранието на Република Северна Македонија на 25 јануари 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.27/2021).

2. Политичката партија „АЛИАНСА НА АЛБАНЦИТЕ“ од Тетово и политичката партија „АЛТЕРНАТИВА“ од Скопје, преку полномошник Абидин Абдули – адвокат од Тетово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Подносителите на иницијативата тргнуваат од законската определба пропишана во член 3 став 1 од Законот за Народниот правобранител дека Народниот правобранител треба да биде лице кое во вршењето на функцијата ќе биде независно и самостојно и на чија работа никој не би смеел да влијае. Но, со оглед дека избраното лице било кандидат за премиер на политичката партија „ДУИ“ само шест месеци пред изборот за Народен правобранител и дека во кампањата за предвремените парламентарни избори ги застапувал идеологиите и програмите на таа политичка партија, подносителите на иницијативата сметаат дека повеќе од очигледно било дека избраното лице би работело зо интересите на политичката партија „ДУИ“, а не за интересите на граѓаните на Република Северна Македонија, па таквиот избор значел повреда на наведената законска одредба и целосна повреда на уставноста и законитоста.

Од тие причини, подносителите на иницијативата предлагаат Уставниот суд да ја преиспита уставноста и законитоста на изборот на Насер Зибери за Народен правобранител на Република Северна Македонија и да ја поништи наведената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека во воведот на означената одлука се наведува дека Одлуката е донесена „врз основа на членот 5 став 1 од Законот за Народниот правобранител („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2003, 114/2009, 181/16, 189/16 и 35/18)“.

Понатаму, точката I. oд Одлуката гласи: „За Народен правобранител се избира Насер Зибери, дипломиран правник од Скопје.“

Во точката II. од оспорената одлука се определува дека: „Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“ “.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќа ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи ја предвид содржината на оспорената одлука, дека „За Народен правобранител се избира Насер Зибери, дипломиран правник од Скопје“, Судот утврди дека Одлуката не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот бидејќи со неа не се уредуваат права и обврски на правните субјекти на општ начин, ниту пак се изменува и дополнува системот на општи одредби, туку Одлуката претставува поединечен правен акт со кој се спроведува Законот за Народниот правобранител во конкретна ситуација, а таквите акти не се во надлежност на Уставниот суд според напред наведената уставна одредба. Поради тоа, Судот одлучи да ја отфрли иницијативата согласно на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд.

Во однос, пак, на наводот во иницијативата за тоа како избраното лице ќе ја извршува функцијата Народен правобранител од донесувањето на Одлуката па во иднина, Законот за Народниот правобранител предвидел правни правила, меѓу кои и дека „Народниот правобранител работите од својата надлежност ги врши врз основа и во рамките на Уставот, законот и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот“ (член 3 став 2), како и дека Народниот правобранител може да биде разрешен пред истекот на мандатот во случаи пропишани во Законот (член 9 став 2).

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.20/2021
17 јуни 2021 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска