Решение У.бр.264/2020

У.бр.264/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 11 мај 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на: член 2 став 1, членот 11, член 15 став 2, член 19 став 3 и став 5, член 29 став 4 од Статутот на Стоматолошката комора на Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2017) и Изјавата како составен дел на Пријавата за запишување во регистарот на доктори на стоматологија (прилог бр.2) од Правилникот за формата, содржината и начинот на водење на регистарот на издадени, продолжени, обновени и одземени лиценци за работа на здравствените работници со високо образование од областа на стоматологијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2017).

2. Дафина Богеска од Прилеп, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Статутот и оспорената изјава од Правилникот, означени во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата ги оспорува член 2 став 1, членот 11, член 15 став 2 од Статутот на Стоматолошката комора, во однос на членот 20 од Уставот и со членовите 15 и 250 од Законот за здравствена заштита, а член 19 ставови 2 и 5, член 29 ставовите 2 и 4 од Статутот ги оспорува во однос на членовите 1, 2, 3, 4, 5, 6 и 8 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Исто така, ја оспорува и уставноста на Изјавата од прилогот бр.2 на образецот на „Пријава за запишување на податоци на докторите на стоматологија во Регистарот на издадени, продолжени, обновени и одземени лиценци за работа“, од Правилникот за формата, содржината и начинот на водење на регистарот на издадени, продолжени, обновени и одземени лиценци за работа на здравствените работници со високо образование од областа на стоматологијата, како спротивна на членот 20 од Уставот.

Од анализата на наводите во иницијативата, произлегува дека според подносителот на иницијативата предвидувањето во Статутот на Стоматолошката комора докторите стоматолози задолжително да се здружуваат во Стоматолошка комора било спротивно на членот 20 од Уставот при што Стоматолошката комора немала уставно и законско право да им наметнува обврски на сите стоматолози кои имаат лиценца за вршење на дејноста да бидат членови на Комората;

Според подносителот, со престанокот на членството во Коморота на лекарот стоматолог му престанувале сите права, должности и активности во комората, при што членот ја губел и лиценцата за работа. Меѓутоа, издавањето, обновувањето и одземањето на лиценцата за работа на докторите по стоматологија не била изворна задача на Комората, туку тоа било право на Министерството за здравство.

Според одредбите на Законот за здравствена заштита и Правилникот за начинот за издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа на здравствените работници од областа на стоматологијата, според подносителот на иницијативата, не била предвидена обврска за докторите по стоматологија да бидат членови на Комората и да поднесат доказ за платена членарина, па со тоа да ги исполнат условите за обновување на лиценцата за работа.

Според наводите во иницијативата, спротивно на одредбите од Законот за здравствена заштита не се обезбедувала самостојност и независност на работата на Собранието на Комората, затоа што претседателот на Комората бил и делегат на Собранието и имал право на глас, а притоа бил и член на Извршниот одбор, каде што исто така имал право на глас. Со тоа постоел ризик за корупција, судир на интереси и кумулација на функции на едни исти личности, спротивно на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Со тоа што како членови на Извршниот одбор на Комората по функција биле претседателот на комората и двајцата негови заменици сериозно била нарушена самостојноста на Извршниот одбор и се создавала можност за коруптивно однесување.

Понатаму, во наводите на иницијативата се наведува дека Стоматолошката комора преку пријавата за запишување во регистарот изнудувала членство во Комората и задолжително плаќање на членарина, иако според Уставот граѓаните можат слободно да основаат здруженија и да пристапуваат кон нив и да истапуваат од нив. Стоматолошката комора немала законско право да го условува издавањето на лиценца за работа со членство во Комората и со плаќање на членарината, којашто обврска се создавала со потпишувањето на пријавата и изјавата за членство во Комората.

Подносителот на иницијативата му предлага на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од Статутот на Стоматолошката комора на Македонија и истите да ги укине, како и за оспорената изјава којашто е составен дел на Пријавата за запишување во регистарот на доктори на стоматологија (прилог бр.2) од Правилникот за формата, содржината и начинот на водење на регистарот на издадени, продолжени, обновени и одземени лиценци за работа на здравствените работници со високо образование од областа на стоматологијата.
3. Судот на седницата утврди дека согласно оспорениот став 1 на членот 2 од Статутот на Стоматолошката комора на Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2017), Стоматолошката комора на Македонија (во натамошниот текст Комора) е задолжителна, самостојна и независна професионална организација на сите доктори по стоматологија кои имаат важечка лиценца за вршење стоматолошка дејност како професија на територијата на Република Македонија.

Според членот 11 од Статутот, членувањето во Комората е право и задолжителна обврска на сите доктори по стоматологија кои имаат важечка лиценца за вршење стоматолошка дејност или вршат едукативно-образовна, односно научна работа од областа на стоматологијата на територијата на Република Македонија, а согласно важечките законски и подзаконски прописи од областа на здравствената заштита и овој статут.

Во членот 15 став 2 од Статутот, е уредено дека со престанок на членувањето, на членот му престануваат и сите права, должности и активности во Комората.

Согласно член 19 став 3 делегати на Собранието по функција се претседателот на Комората и замениците на претседателот на Комората, а согласно ставот 5 од истиот член, Собранието е составено од најмногу 50 делегати, не вклучувајќи ги претседателот на Комората и неговите заменици кои се делегати по функција.

Според член 29 став 4 од Статутот, по функција, членови на Извршен одбор се претседателот на Комората, двајцата заменици на претседателот на Комората и претседателот на Собранието.

Судот, исто така, утврди дека Изјавата којашто е составен дел на прилогот бр.2 од Правилникот за формата, содржината и начинот на водење на регистарот на издадени, продолжени, обновени и одземени лиценци за работа на здравствените работници со високо образование од областа на стоматологијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2017) е со следната содржина:

И з ј а в а

Со пополнувањето на оваа Пријава се согласувам да бидам член на Стоматолошката комора на Македонија и членарината ќе ја плаќам:
А. Месечно преку одземање на сумата од мојата месечна плата на платниот список на установата во која работам
Б. Лично на доставена уплатница

4. Согласно член 20 ставови 1 и 2 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Во член 110 алинеја 7 од Уставот е предвидено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.

1. Според наводите на иницијативата, оспорениот член 2 став 1 од Статутот на Стоматолошката комора („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2017), не бил во согласност со членот 20 од Уставот и со членот 250 од Законот за здравствената заштита. Според подносителот на иницијативата предвидувањето во Статутот на Стоматолошката комора докторите стоматолози задолжително да се здружуваат во Стоматолошка комора било противуставно.

Со Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 132/2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 61/2015, 154/2018, 192/2015, 17/2016, 37/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 20/2019, 101/2019, 153/2019, 180/2019 и 275/2019) во членот 1, покрај другото, се уредуваат и прашањата кои се однесуваат на коморите и стручните здруженија.

Според член 250 став 1 од Законот за здравствената заштита заради заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и права, за подобрување на квалитетот на здравствената заштита, заштитата на интересите на својата професија, следење на односот на здравствените работници кон општеството и граѓаните, докторите на медицина, докторите на стоматологија и дипломираните фармацевти се здружуваат во Лекарска, Стоматолошка, односно Фармацевтска комора на Македонија.

Согласно ставот 2 на овој член, во комора се здружуваат и здравствените работници со средно, вишо и високо стручно образование од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата.

Во ставот 3 е уредено дека коморите од ставовите (1) и (2) на овој член донесуваат статут, кодекс на професионалните етички должности и права, формираат суд на честа и други помошни тела.

Статутот на Стоматолошката комора на Македонија објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2017 е донесен од Собранието на Стоматолошката комора на Македонија на седницата одржана на 28.03.2017 година.

Согласно оспорениот член 2 став 1 од Статутот, Стоматолошката комора на Македонија е задолжителна, самостојна и независна професионална организација на сите доктори по стоматологија кои имаат важечка лиценца за вршење стоматолошка дејност како професија на територијата на Република Македонија.

Според членот 3 од Статутот, Комората се регистрира во Централен регистар на Република Македонија, согласно одредбите на Законот за здравствена заштита (став 1). Комората има својство на правно лице со права, обврски и одговорности во согласност со Законот за здравствена заштита, други закони и овој статут (став 2). Комората врши јавни овластувања во согласност со Законот за здравствена заштита (став 3).

Со Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2010, 135/2011 и 55/2016) се уредуваат начинот, условите и постапката за основање, регистрација и престанок на здруженијата, фондациите, сојузите, организационите облици на странските организации во Република Македонија, имотот со кој располагаат, надзорот, статусните промени и статусот на организациите од јавен интерес (член 1).

Одредбите на овој закон не се однесуваат на политичките партии, црквите, верските заедници и религиозните групи, синдикатите, коморите и други видови на здружување уредени со посебни закони (член 2).

Од овие законски одредби произлегува дека коморите, меѓу кои е и Стоматолошката комора, се посебен вид на здружување уредено со посебен закон, а тоа е Законот за здравствена заштита, односно Комората не претставува здружение на граѓани во смисла на членот 1 од Законот за здруженија и фондации.

Поради тоа, а имајќи го предвид карактерот на Стоматолошката комора на Македонија, Судот оцени дека таа претставува специфична асоцијација на определен професионален сталеж којашто обединува специфична категорија граѓани, чија припадност зависи исклучиво од професијата што ја вршат (во случајот – стоматолозите). Истата има јавно-правен карактер што произлегува од специфичниот карактер на дејноста која ја вршат нејзините членови, и како таква таа претставува стручно-професионална асоцијација којашто се основа за заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и права на докторите по стоматологија, за подобрување на квалитетот на здравствената заштита, следење на односите на здравствените работници кон општеството и граѓаните, да ги штити правата и професионалните интереси на докторите по стоматологија и воопшто за унапредување на севкупната стоматолошка струка и професија и нејзиното правилно и чесно вршење (член 2 став 2 од Статутот на Стоматолошката комора).

Оттука, стоматолошката комора нема карактер на здружение на граѓани во смисла на членот 20 од Уставот и Законот за здруженија на граѓани и фондации, туку претставува друг вид на здружување уредено со посебен закон, согласно членот 2 од Законот за здруженија на граѓани и фондации. Поради тоа, Стоматолошката комора за која е карактеристичен сталешкиот начин на организирање како стручно професионална асоцијација во која се остваруваат јавно-правни интереси има карактер на институција со јавно-правен режим, за која е задолжително здружувањето и оттука, не може да биде подведена под оценка на членот 20 од Уставот.

Тргнувајќи од карактерот на Стоматолошката комора како институција со јавно-правен карактер во здравствената служба, а не како здружение на граѓани, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 2 став 1 од Статутот со членот 20 од Уставот и членот 250 од Законот за здравствената заштита.

Во оваа насока е и ставот изнесен во мислењето доставено до Судот од страна на Стоматолошката комора на Македонија. Во мислењето се наведува дека Стоматолошката комора била регистрирано правно лице со организационен облик 08.1 – комора, дефинирана со Статутот како организација, а како струково здружение била организација чиишто членови се здружуваат во рамки на одредена професија во случајот, стоматолошка дејност како професија. Воедно, се наведува дека поимот „организација“ се однесувал и со него се означувал секој организационен облик како форма на здружување (здружение, фондација, сојуз итн.) што значело дека бил генерички поим кој дефинира облик на здружување во потесна и во поширока смисла, а „дејност“ била активност класифицирана според националната класификација на дејности со која организациите ги остварувале своите цели утврдени со статутот.

Исто така, во мислењето се наведува дека уставната одредба од членот 20 се однесувала на здружување на граѓани заради остварување на некакви цели, а задолжителното членување на доктори по стоматологија во Стоматолошката комора како струкова организација, основана согласно Законот за здравствената заштита произлегувало од пренесените јавни овластувања согласно одредбите од Законот за здравствена заштита.

Според мислењето на Комората, доколку Стоматолошката комора не би била организација од јавен интерес, туку само здружение на граѓани, здружени по некој друг основ, не би ни имала обврска своите општи акти да ги објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и да добива согласност од Министерството за здравство.

Во овој контекст, се наведува членот 83 од Статутот според кој: „Министерството за здравство дава согласност на општите акти со кои поблиску се уредува вршењето на јавните овластувања на Комората чиј основ за донесување е Законот за здравствена заштита и ги објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“.

2. Оспорениот член 11 од Статутот, според подносителот на иницијативата, бил спротивен на членот 20 од Уставот и член 15 точка 6 и членот 250 од Законот за здравствената заштита и според наводите во иницијативата, Стоматолошката комора немала уставно и законско право да им наметнува обврски на сите стоматолози кои имаат лиценца за вршење на дејноста да бидат членови на Комората.

Здравствената заштита, опфаќа систем на општествени и индивидуални мерки, активности и постапки, меѓу другото и за зачувување и унапредување на здравјето (член 2 став 1 алинеја 1 од Законот за здравствена заштита).

Воедно, едно од основните начела предвидени со Законот за здравствена заштита е начелото на квалитетен и сигурен здравствен третман, при што според членот 11 од овој закон, начелото на квалитетен и сигурен здравствен третман се обезбедува со унапредување на квалитетот на здравствената заштита преку примена на мерки и активности, коишто во согласност со современите достигнувања во медицинската наука и практика, ја зголемуваат можноста за позитивен исход, намалување на ризиците и другите несакани последици по здравјето и здравствената состојба на поединецот и општеството во целина.

Токму за постигнување на овие цели и начела на здравствената заштита, Законот, меѓу другите мерки и активности, предвидел и обврска здравствените работници да се здружуваат во соодветни комори.

Согласно членот 15 од Законот за здравствена заштита во делот на дефиниции на поими, во точката 16 е предвидено дека „Комора“ е здружение на здравствени работници што се основа согласно со овој закон, во кое здравствените работници се здружуваат заради остварување и застапување на заеднички интереси од одделна професија.

Според член 250 став 1 од овој закон, заради заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и права, за подобрување на квалитетот на здравствената заштита, заштитата на интересите на својата професија, следење на односот на здравствените работници кон општеството и граѓаните, докторите на медицина, докторите на стоматологија и дипломираните фармацевти се здружуваат во Лекарска, Стоматолошка, односно Фармацевтска комора на Македонија.

Од анализата на изнесените законски одредби, произлегува дека здравствените работници и од областа на стоматологијата се здружуваат во Стоматолошка комора, а сѐ со цел заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и права, за подобрување на квалитетот на здравствената заштита, заштитата на интересите на својата професија, следење на односот на работници кон општеството и граѓаните, при што Законот не предвидува дека здравствените работници можат да се здружуваат во соодветна комора, туку на одреден начин предвидува обврска здравствените работници од различни области, па и од областа на стоматологијата, да се здружуваат во соодветни комори.

Во таа смисла во оспорениот член 11 од Статутот на Стоматолошката комора се предвидува дека членувањето во Комората е право и задолжителна обврска на сите доктори по стоматологија кои имаат важечка лиценца за вршење стоматолошка дејност или вршат едукативно-образовна, односно научна работа од областа на стоматологијата на територијата на Република Северна Македонија, а согласно важечките законски и подзаконски прописи од областа на здравствената заштита и овој статут.

Оттука, имајќи ги предвид обврските на здравствените работници за унапредување на нивната стручност, а со тоа и подобрување на квалитетот на здравствената заштита и заштита на интересите на нивната професија, како и целта на организирањето на соодветни комори на здравствените работници, според Судот, заради остварување на овие законски обврски на здравствените работници, неопходно е здравствените работници и од областа на стоматологијата да се здружуваат во комори.

Поради наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 11 од Статутот на Стоматолошката комора со членот 20 од Уставот и членовите 15 и 250 од Законот за здравствена заштита.

3. Во наводите на иницијативата се наведува дека во оспорениот член 15 став 2 од Статутот на Стоматолошката комората, било предвидено дека со престанокот на членството во комората, на лекарот стоматолог му престанувале сите права и должности и активности во комората, при што ја губел и лиценцата за работа, иако издавањето, обновувањето и одземањето на лиценцата за работа на докторите по стоматологија не била изворна задача на Комората, туку тоа било право на Министерството за здравство, коешто оваа задача ѝ ја отстапило на Комората како јавно овластување и затоа задачите околу лиценцата не можело да се поврзуваат и условуваат со членството во Комората и со плаќањето на членарината.

Согласно ставот 1 на членот 15 од Статутот, членството во Комората престанува во случај на:
1. трајно одземање на лиценцата согласно закон;
2. времено одземање на лиценцата за времето на траењето на оваа мерка согласно Законот;
3. барање за престанување на членството;
4. неоправдано неплаќање на членарина повеќе од 12 месеци; и
5. смрт на членот на Комората.

Според оспорениот став 2 на овој член, со престанок на членувањето, на членот му престануваат и сите права, должности и активности во Комората.

Од изнесените одредби од Статутот произлегува дека со престанокот на членството во Комората здравствениот работник не ја губи лиценцата за работа, туку е обратно – доколку на членот трајно или времено му е одземена лиценцата согласно закон му престанува членството во Комората, а со тоа му престануваат сите права, должности и активности во Комората, што е разбирливо затоа што здравствениот работник повеќе не е член на Комората.

Во член 252 став 1 од Законот за здравствена заштита е предвидено дека на основачкото собрание на комората се донесува статут на комората и се избираат нејзините органи.

Статутот на комората содржи одредби кои, меѓу другото, се однесуваат и на целите и задачите на комората, правата, обврските и одговорностите на членовите на комората и нивните претставници во органите на комората, начинот на обезбедување на финансиски средства потребни за извршување на задачите на комората, начинот и постапката на определување на членарината и мерилата за нејзино определување, задачите на комората кои се финансираат од членарината, начинот и обврските на членот при пристапувањето и истапувањето од комората (член 253).

Од овие законски одредби произлегува дека правата и обврските на членовите на комората, правото за определување на членарина и правата и обврските на членовите на комората (здравствените работници) кои пристапуваат и истапуваат од Комората, се уредуваат со статутот на комората. Во таа смисла и со членот 15 од Статутот на Стоматолошката комора се утврдуваат условите за престанување на членството во Комората и се предвидува дека со престанокот на членувањето на членот, според оспорениот став 2 на овој член од Статутот на Комората, му престануваат и сите права, должности и активности во Комората.

Со оглед на тоа што со Законот за здравствена заштита е предвидено дека со Статутот на Комората се уредуваат прашањата за правата и обврските на членовите на Комората кога пристапуваат и истапуваат од комората, како и дека со Статутот на комората се предвидува и воведување на членарина од страна на членовите на комората, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од членот 15 од Статутот на Стоматолошката комора со одредбите од Законот за здравствената заштита.

Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора издаваат, обновуваат, продолжуваат и одземаат лиценца за работа, водат регистар на издадени, обновени, продолжени и одземени лиценци и вршат стручен надзор над работата на здравствените установи и здравствените работници (член 261 од Законот за здравствена заштита).

Оттука, Стоматолошката комора како и другите комори на здравствени работници со закон е овластена да издава, обновува, продолжува и одзема лиценца за работа.

Исто така, според член 262 став 1 од Законот за здравствената заштита, комората од членот 250 став 2 од овој закон може, согласно со овој закон, да добие јавно овластување за извршување на сите или некои од следниве задачи: издавање, обновување, продолжување и одземање на лиценца на здравствени работници; водење на регистар на издадени, обновени, продолжени и одземени лиценци и донесување општи акти согласно со закон, а со согласност на министерот за здравство.

Согласно ставот 2 од овој член на Законот, секое јавно овластување се доделува на коморите за период од пет години, а според ставот 3, министерот за здравство јавното овластување го доделува со решение.

Условите за доделување на јавно овластување се уредени во членот 263 од Законот, при што, според ставот 1 од овој член, јавно овластување на комората од членот 250 став (2) од овој закон може да се додели ако ги исполнува следниве услови: дејствува во областа на обезбедување на стручност во одделна професија, односно во областа која ја покрива; дејствува на подрачјето на целата држава, има вработено доволен број работници кои, согласно со прописите, се овластени за водење на управна постапка и други стручни задачи; има на располагање соодветна опрема за извршување на задачите од јавното овластување, со која ќе обезбеди и достапност до податоците и евиденциите; против неа не е покрената стечајна постапка, постапка на присилно порамнување или ликвидација; не постојат околности од кои може основано да се заклучи дека јавното овластување нема да го врши согласно со одредбите од овој закон и во последните пет години не и било одземено јавното овластување.

Согласно ставот 2 од овој член од Законот, коморите од членот 250 од овој закон мора да ги исполнуваат условите од ставот (1) на овој член во текот на целото времетраење на јавното овластување.

Министерот за здравство со решение го одзема јавното овластување на комората по службена должност, ако утврди неправилно, незаконско и ненавремено извршување на задачите во рамките на јавното овластување (член 264 став 1 алинеја 1).

Надзор над законитоста на работата на коморите во вршењето на јавното овластување го врши Министерството за здравство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат (член 265).

Од изнесените законски одредби произлегува дека Стоматолошката комора од страна на Министерството за здравство може да добие јавно овластување и во врска со издавање, обновување, продолжување и одземање на лиценца на здравствени работници, а за законитоста во работењето на Комората надзор врши Министерството за здравство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Во врска со добивањето на лиценца за работа на здравствен работник, согласно членот 124 од Законот за здравствена заштита здравствен работник со високо образование може да се стекне со лиценца за работа, ако има: 1) диплома за завршено соодветно образование од областа на медицината, стоматологијата, односно фармацијата и 2) доказ за извршена пробна работа и доказ за положен стручен испит.

Притоа, согласно член 127 став 1 од овој закон, Програмата за дополнителна обука и проверка на стручните знаења и способности на здравствените работници со високо образование, составот на испитната комисија и начинот на спроведувањето на проверката ги утврдува Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора со акт, на кој министерот за здравство дава согласност. Проверката од ставот (1) на овој член ја вршат Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора (став 2).

Оттука, покрај другите и Стоматолошката комора е овластена да издава лиценца за работа и притоа да врши проверка на стручните знаења и способности на здравствените работници.

Обновувањето на лиценцата е регулирано во членот 129 од Законот, при што, согласно ставот 1, на здравствен работник со високо образование може да му се обнови лиценцата за работа ако во периодот на важноста на лиценцата со континуирано стручно усовршување, преку следење на новините во медицината, стоматологијата, односно фармацијата и унапредување на сопственото знаење, се стекнал со соодветен број бодови и најмалку 60% од времето на важноста на лиценцата за работа работел во дејноста за која стекнал лиценца за работа. Согласно ставот 2 на овој член, за здравствен работник со високо образование од областа на стоматологијата, на негово барање, во најмалку 60% од времето на важноста на лиценцата за работа може да се смета времето на работа во стоматолошка здравствена заштита.

Согласно ставот 4 на членот 129 од наведениот закон, облиците на континуирано стручно усовршување, критериумите за распоредување на облиците, критериумите за избор на спроведувачите на облиците на континуирано стручно усовршување и бодовите од ставот (1) на овој член ги утврдува Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора со општ акт на кој согласност дава министерот за здравство.

Во член 132 став 1 од Законот за здравствена заштита, е уредено дека покрај другите комори и Стоматолошката комора може привремено или трајно да ја одземе лиценцата за работа на здравствен работник со високо образование. Привремено одземање на лиценцата за работа на здравствен работник со високо образование може да се изврши најмногу за период од седум години, ако здравствениот работник: 1) не ја продолжи лиценцата за работа во роковите утврдени со овој закон; 2) не ја заврши дополнителната обука во утврдениот рок; 3) не ја заврши со успех дополнителната проверка на стручните знаења и способности; 4) има судско правосилно решение со кое привремено му е забрането вршење на дејност или професија;…..(став 2). Трајно одземање на лиценцата за работа се врши ако со правосилна судска одлука се утврди дека здравствениот работник со високо образование сторил стручен пропуст или грешка при работата со што предизвикал трајно нарушување на здравјето или смрт на болниот (став 6).

Согласно наведените законски одредби, Судот оцени дека законодавецот обновувањето и одземањето на лиценцата го пропишал со цел контрола на здравствените работници и од областа на стоматологијата како вршители на самостојна дејност при укажувањето на здравствените услуги, заради обезбедување и унапредување на квалитетот на здравствената заштита на пациентите, што е во насока на заштита на јавниот интерес и во поткрепа на начелото на владеењето на правото.

Притоа, правата и обврските за членовите на Комората и нивното престанување со престанок на членството во комората за сите здравствени работници од областа на стоматологијата е подеднакво и под исти услови.

Во оспорениот член 15 од Статутот на Комората не е предвидено дека со престанокот на членството во Комората му се одзема и лиценцата за работа на здравствениот работник, туку се предвидува дека доколку на здравствениот работник трајно или времено му е одземена лиценцата, согласно Законот, му престанува членството во комората а со тоа и сите права, должности и активности во Комората од причини што нема лиценца односно дозвола за работа како стоматолошки здравствен работник.

Имајќи ги предвид законските овластувања на Стоматолошката комора со статутот да ги утврди правата, обврските и одговорностите на членовите на комората и нивните претставници во органите на комората, да утврдува членарина за членовите на комората, да издава, обновува, продолжува и одзема лиценца за работа, односно имајќи го предвид фактот дека со Законот за здравствена заштита на Комората и се пренесени јавни овластувања, како што е овластувањето за издавање, обновување, продолжување и одземање на лиценци на здравствените работници, Судот оцени дека и од овој аспект член 15 став 2 од Статутот не е во спротивност со наведените одредби од Законот за здравствена заштита.

4. Со иницијативата се оспорува и член 19 ставови 3 и 5 од Статутот и според подносителот на иницијативата, со овие одредби од Статутот не се обезбедувала самостојност и независност на работата на Собранието на Комората, затоа што претседателот на Комората бил и делегат на Собранието и имал право на глас, а притоа бил и член на Извршниот одбор, каде исто така имал право на глас. На ваков начин постоел ризик за корупција, судир на интереси и кумулација на функции на едни исти личности, што било спротивно на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2019) се уредуваат мерките и активностите за спречување на корупцијата во вршењето на власта, јавните овластувања, службената должност и политиката, мерките и активностите за спречување на судирот на интереси, мерките и активностите за спречување на корупцијата при вршењето работи од јавен интерес на правните лица сврзани со остварувањето на јавните овластувања (член 1 став 1). За примена на мерките и активностите од ставот (1) на овој член е надлежна Државна комисија за спречување на корупцијата (член 1 став 2).

Во членот 2 од овој закон е дадена дефиницијата на корупцијата и судирот на интереси, при што според ставот 1, под корупција, во смисла на овој закон, се подразбира злоупотреба на функцијата, јавното овластување, службената должност или положба за остварување на корист, директно или преку посредник, за себе или за друг. Во ставот 2 дадени се поимите на пасивна корупција и активна корупција.

Под судир на интереси се подразбира состојба во која службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз непристрасното вршење на неговите јавни овластувања или службени должности (член 2 став 3).

Начелото на законитост, начелото на интегритет, начелото на еднаквост и начелото на јавност, се уредени во членовите 3, 4, 5 и 6, од Законот, соодветно.

Во членот 8 е дадено значењето на изразите употребени во овој закон, при што согласно ставот 6 под поимот „ризик од корупција“ се подразбира кој било вид на внатрешна или надворешна слабост или постапка која претставува можност за појава на корупција во рамките на државни органи, јавни претпријатија и други институции од јавниот сектор и кој ги вклучува прашањата за судир на интереси, неспоивост на функции, примање подароци и други нелегални плаќања, лобирање, недостаток на систем за заштита на укажувачи, измами, несоодветно користење на овластувањата, дискрециони овластувања, финансирање на политички партии и кампањи спротивно на закон, тргување или недозволено користење на информации, транспарентност на постапки и документи и други прашања од значење за интегритетот.

Во врска со органите на управување на комората, согласно членот 251 од Законот за здравствена заштита, коморите имаат својство на правно лице и се запишуваат во Централниот регистар на Република Македонија, при што кон барањето за запишување на комората во регистарот на коморите предлагачот приложува записник од основачкото собрание, примерок од статутот на комората и одлука за именување на претседател на комората и секретар, ако комората има секретар. Ако комората го измени статутот, избере или разреши претседател или ако се измени кој било од податоците кои се запишуваат во Централниот регистар на Република Македонија, поднесува барање за измена на запишувањето во регистарот во рок од 30 дена од денот на настанувањето на промената.

На основачкото собрание на комората се донесува статут на комората и се избираат нејзините органи, при што на основачкото собрание може да учествува секој кој согласно со закон и предлогот на статутот може да биде член на комората и кој во рокот определен во свикувањето, ќе го пријави своето учество на основачкото собрание (член 252).

Според член 253 алинеја 3 од Законот, со Статутот на Комората се утврдуваат органите на комората, постапката за нивен избор, односно именување и причините и начинот на нивното отповикување, нивниот состав, надлежностите и начинот на одлучување.

Органи на комората се: собрание, извршен одбор, надзорен одбор и претседател на комора. Комората може да има и други органи, ако тоа е определено со статутот (член 254).

Собранието на комората е највисок орган на комората кое може согласно со статутот да го сочинуваат сите негови членови или избраните претставници на членовите. Ако собранието на комората го сочинуваат избрани претставници на членовите, со статутот на комората се уредува начинот на нивниот избор и траењето на нивниот мандат во собранието. Секој член на комората има право да учествува на изборите на претставниците на членовите на собранието (член 255).

Во член 256 став 1 од Законот, се утврдени задачите на собранието, односно е утврдено дека собранието на комората: 1) донесува статут на комората; 2) донесува годишна програма за работа и финансиски план и извештаи за нивно спроведување; 3) одлучува за висината на членарината и 4) одлучува за именувањето и отповикувањето на претседателот на комората и на членовите на управниот и надзорниот одбор. Согласно ставот 2, со програма за работа и финансискиот план од ставот (1) точка 2 на овој член се определуваат задачите и висината на финансиските средства на комората и целта на нивното користење. Според ставот 3, начинот на свикувањето и одлучувањето на собранието се уредува во статутот.

Од изнесените одредби на Законот за здравствена заштита произлегува дека Стоматолошката комора има законско право да донесе статут, со кој, меѓу другото, се утврдува кој сѐ може да членува и да биде претставник или делегат во Собранието на Комората и се утврдуваат органите на комората, постапката за нивен избор, односно именување и причините и начинот на нивното отповикување, нивниот состав, надлежностите и начинот на одлучување. Највисок орган на Комората е собранието, што според Законот е овластено, покрај другото, да одлучува и за именувањето и отповикувањето на претседателот на комората и на членовите на управниот и надзорниот одбор. Притоа, во Законот е наведено дека согласно статутот, Собранието може да го сочинуваат сите негови членови или избраните претставници на членовите. Собранието на комората го сочинуваат избрани претставници на членовите, а со статутот на комората се уредува начинот на нивниот избор и траењето на нивниот мандат во собранието, при што тоа прашање е препуштено да се уреди со статутот на комората како што впрочем е уредено и со оспорениот член 19 став 3 и 5 од Статутот на Стоматолошката комора во кои е предвидено дека делегати во собранието по функција се претседателот на комората и неговите заменици (оспорениот став 3) и дека собранието е составено до најмногу 50 делегати не вклучувајќи ги претседателот на комората и неговите заменици кои се делегати по функција (оспорен став 5).

Имајќи го предвид законското овластување на Комората со статутот да ги уреди прашањата утврдени во оспорениот член 19 од Статутот, при што со Законот не е предвидена забрана или ограничување дека претседателот на комората и неговите заменици не можат да бидат делегати по функција во Собранието на Комората, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето на согласноста на оспорените одредби на членот 19 од Статутот со одредбите од Законот за здравствена заштита.

Во однос на наводите во иницијативата дека со ваквиот начин на учество на претседателот на Комората и неговите заменици собранието не било независно и самостојно укажуваме дека согласно член 22 став 2 од Статутот на Комората, Собранието може да работи ако на седницата присуствуваат повеќе од половината од вкупниот број делегати. Согласно ставот 3, Собранието одлучува полноважно со мнозинството на гласови од присутниот број делегати, а притоа ако гласале една третина од вкупниот број делeгати на Собранието. Во ставот 4 е уредено дека за донесувањето на Статутот, негово изменување и дополнување, одлуката за распуштање на Собранието пред времето за кое е избрано и распишување на нови избори, донесувањето на финансискиот план, усвојувањето на финансискиот извештај и завршната сметка на Комората, утврдувањето на висината на членарината, Собранието одлучува со двотретинско мнозинство од вкупниот број делегати. Според ставот 5, одлучувањето во Собранието се врши со јавно гласање, освен ако Собранието не одлучи тоа да биде тајно.

Оттука, од Статутот на Комората не произлегува дека претседателот самостојно одлучува за прашања кои се во надлежност на собранието туку за тоа одлучува предвиденото мнозинство на делегатите на собранието, поради што несновани се наводите во иницијативата дека собранието не било независно и самостојно, а дали во практиката се случува наметнување на ставови од страна на претседателот и неговите заменици тоа е прашање на примена на одредбите, за кое не е надлежен да одлучува Уставниот суд, а е прашање, првенствено на внатрешна организирана корекција во функционирањето.

Во однос на наводите од иницијативата дека со тоа што делегати во собранието по функција се претседателот на комората и неговите заменици се создавале можности за коруптивно делување и судир на интереси, укажуваме дека со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, се уредуваат мерките и активностите за спречување на корупцијата во вршењето на власта, јавните овластувања, службената должност и политиката, мерките и активностите за спречување на судирот на интереси, мерките и активностите за спречување на корупцијата при вршењето работи од јавен интерес на правните лица сврзани со остварувањето на јавните овластувања (член 1 став 1). За примена на мерките и активностите од ставот (1) на овој член е надлежна Државна комисија за спречување на корупцијата (член 1 став 2).

Оттука, дали со ваквиот начин на делегирање на претседателот на комората и неговите заменици во Собранието на Комората не се применуваат или се применуваат мерките и активностите, согласно погоре наведените одредби од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, надлежен орган да оценува и да одлучува е Државната комисија за спречување на корупцијата, а не Уставниот суд.

Исто така, според овој закон доколку се врши злоупотреба на функцијата, јавното овластување, службената должност или положба за остварување на корист, директно или преку посредник, за себе или за друг што, според Законот е дефинирано како корупција, исто така одлучува наведената Државна комисија.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од членот 19 од Статутот на Комората со одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека со тоа што членови на Извршниот одбор по функција се претседателот на комората и двајцата негови заменици сериозно била нарушена самостојноста на Извршниот одбор и се создавала можност за коруптивно однесување.

Како што е погоре наведено, согласно членот 254 од Законот за здравствена заштита како органи на комората се: собранието, извршниот одбор, надзорниот одбор и претседателот на комората.

Согласно членот 257 од овој закон, извршниот одбор на комората ги извршува особено следниве задачи: предлага на собранието донесување на програма за работа и финансиски план; разгледува и донесува предлози на материјалите за седниците на собранието на комората; ја спроведува програмата за работа и финансискиот план и другите одлуки на собранието и за тоа го известува собранието и разгледува предлози на членовите за дејствување на комората (став 1).

Членовите на извршниот одбор се избираат за период од најмногу четири години и може да бидат повторно избрани најмногу уште еднаш (став 2). Бројот на членовите на извршниот одбор се определува со статутот (став 3).

Според член 259 став 1 од истиот закон, за претседател на комората, член на извршниот одбор и надзорниот одбор може да се избере лице кое ги исполнува условите утврдени со статутот. Согласно ставот 2, за претседател на комората може да се избере само лице кое е здравствен работник вработен во установа. Во ставот 3 е уредено дека претседателот на комората ја застапува и претставува комората во правниот промет, а согласно ставот 4, при изборот на органите на комората се применува принципот на соодветна и правична застапеност на сите заедници во Република Македонија.

Оттука, од наведените законски одредби произлегува дека бројот на членовите на Извршниот одбор на Комората е прашање што се уредува со Статутот на Комората, при што во Законот, исто така не е предвидено дека членови на Извршниот одбор не може да бидат по функција претседателот на комората и неговите заменици. Единствена обврска при изборот на членовите на органите на Комората со Законот е предвидена соодветната и правичната застапеност на сите заедници во Република Северна Македонија.

Во поглед на наводите на иницијативата за можноста од коруптивно однесување на претседателот на Комората и неговите заменици кои по функција се членови и на Извршниот одбор на Комората го изнесуваме истото мислење како и за составот на Собранието на Комората, односно за оспорениот член 19 став 3 и 5 од Статутот. Ова и затоа што, според членот 30 од Статутот на Комората, Извршниот одбор работи на седници. Извршниот одбор има кворум за работа ако на седницата присуствуваат мнозинство од неговите членови. Извршниот одбор одлуките ги донесува со мнозинство гласови од вкупниот број членови, од што произлегува дека претседателот на комората и неговите заменици не одлучуваат самостојно во име на извршниот одбор, туку одлуките се донесуваат со мнозинство гласови на вкупниот број членови на Одборот.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 29 став 4 од Статутот на Стоматолошката комора со наведените одредби од Законот за здравствена заштита и од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

5. Во наводите на иницијативата се наведува дека Стоматолошката комора преку пријавата за запишување во регистарот изнудувала членство во Комората и задолжително плаќање на членарина, иако според Уставот, граѓаните можеле слободно да основаат здруженија и да пристапуваат кон нив и истапуваат од нив, како и дека Стоматолошката комора немала законско право да го условува издавањето на лиценца за работа со членство во Комората и со плаќање на членарината, која обврска се создавала со потпишувањето на пријавата и изјавата за членство во Комората.

Со Статутот на Комората, покрај другото, се уредува и начинот и постапката на определување на членарината и мерилата за нејзино определување, а се определуваат и задачите на комората што се финансираат од членарината. Воедно, според горенаведените законски одредби, Собранието на Комората, покрај другото, одлучува и за висината на членарината.

Согласно претходно наведените одредби на Законот за здравствена заштита, здравствените работници од областа на стоматологијата се здружуваат во Стоматолошка комора.

Исто така, според одредбите на овој закон, здравствениот работник, односно здравствениот соработник е должен работите и работните задачи да ги врши совесно, стручно, ефикасно, уредно и навремено во согласност со Уставот, закон и ратификувани меѓународни договори. Здравствениот работник, односно здравствениот соработник е должен да ја врши својата работа непристрасно, да не се раководи од свои лични финансиски интереси, да не ги злоупотребува овластувањата и статусот што го има како здравствен работник, односно здравствениот соработник и да го штити личниот углед и угледот на установата во која е вработен (член 166).

Со Правилникот за формата, содржината и начинот на водење на регистарот на издадени, продолжени, обновени и одземени лиценци за работа на здравствените работници со високо образование од областа на стоматологијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2017), се пропишува формата, содржината и начинот на водење на регистарот на издадени, продолжени, обновени и одземени лиценци за работа на здравствените работници со високо образование од областа на стоматологијата.

Согласно членот 5 од овој правилник, во регистарот се запишуваат податоци на докторите на стоматологија по издавање, продолжување, обновување или одземање на лиценцата за работа врз основа на поднесена пријава за запишување во Регистарот, на образец што е даден во прилог бр.2 и е составен дел на овој правилник.

Оттука, имајќи ги предвид обврските на здравствените работници и целта на организирањето во соодветни комори на здравствените работници, Судот оцени дека заради остварување на законските обврски здравствените работници треба да се здружуваат во комори, а за таа цел неопходно е да се изјаснат со потпишување на изјава, со што прифаќаат и да плаќаат и членарина како членови на Комората, што впрочем со Законот е предвидено дека воведувањето на членарината се предвидува со Статутот на Комората, а висината на членарината ја утврдува Собранието на Комората. Имено, во оспорената изјава се наведува дека здравствениот работник се согласува да биде член на Стоматолошката комора и дека ќе ја плаќа членарината, меѓутоа, во изјавата не е предвидено дека ако не се плаќа членарината се одзема лиценцата за работа, туку членството во Комората престанува во случаите наведени во членот 15 од Статутот.

Поради изнесеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената изјава како составен дел на Пријавата за запишување во регистарот на доктори на стоматологија (прилог бр.2) од Правилникот за формата, содржината и начинот на водење на регистарот на издадени, продолжени, обновени и одземени лиценци за работа на здравствените работници со високо образование од областа на стоматологијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2017).

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.264/2020
11.05.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати