Решение У.бр.315/2020

У.бр.315/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 11 мај 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 50-а од Законот за основното образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019, 229/2020).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение, во делот со кој се бара оценување на меѓусебната согласност на одредби од ист закон и за оценување на согласноста на законската одредба со меѓународни акти.

3. Тефик Махмут од Скопје до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот член од Законот бил во спротивност со:

– Член 44 ставови 2 и 3 и Амандман VIII став 4 од Уставот;
– Член 4 и член 5 ставови 1 и 2 од Законот за основното образование;
– Членот 14 од Европската конвенција за човекови права и Протоколот бр.12
– Членот 27 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права;
– Членот 5 од Конвенцијата на УНЕСКО против дискриминација во образованието;
– Членот 4 од Декларацијата на ООН за правата на лицата кои припаѓаат на национални или етнички, верски и јазични малцинства;
– Членот 14 од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и
– Конвенцијата за правата на детето (КПД)

Иницијативата е поднесена согласно член 110 алинеи 1 и 3 од Уставот (оцена на согласноста на законите со Уставот и забрана на дискриминација по основ на национална и социјална припадност).

Во образложението на иницијативата се наведуваат причините за оспорување, и тоа:

(1) Спротивност со економските, културните и политичките права загарантирани со Уставот и други членови од Законот за основното образование

1.1 Оспорениот член 50-а од Законот не бил во согласност со член 44 став 2 од Уставот според кој образованието е достапно за секого под еднакви услови.

За недостапноста на далечинското учење преку средствата за електронска комуникација предвидена со оспорениот член, како и нееднаквите услови кои не се овозможени за имплементирање на истото, говорел народниот правобранител, но и самиот предлагач на овие законски измени.

Имено, на собраниската расправа по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование, претставникот на предлагачот, претставник на Министерството за образование и наука, меѓу другото истакнал дека околу 40.000 ученици нема да бидат во можност да го следат далечинското учење во Република Северна Македонија. На таа линија, Народниот правобранител до Министерството за образование и наука доставил официјално мислење во врска со наставата во услови на далечинско учење, каде меѓу другото истакнал дека: „следејќи ги состојбите, истражувањата и споделените мислења и ставови на релевантни организации (УНИЦЕФ, УНДП, Младински образовен форум, Сојузот на средношколците и др.), Народниот правобранител се стекна со сознанија дека образовните институции не беа целосно подготвени за далечинско учење, особено во почетокот на корона кризата, а притоа, најпогодени од состојбата се учениците, особено оние во руралните средини, учениците од социјално загрозените семејства, како и учениците со попреченост.“ Дополнително, истакнал дека: „сите ученици немаа пристап до потребната технологија, средства и интернет реализација на задaдeните задачи од страна на наставниците, а не ја добиваа на исто ниво ниту поддршката за совладување на материјалот, што дополнително води до нееднаквост и неможност за целосно вклучување во процесот на учење и совладување на знаења, умеења и вештини.“

Сите државни органи, а особено тие во областа на образованието, ја имале законската и уставната обврска да овозможат еднакви услови за образование на сите без разлика на нивната етничка припадност, попреченост, општествен и имотен статус. Оспорениот член индиректно ги дискриминирал децата на социјално загрозените семејства со помал општествен и имотен статус, како и децата со попреченост кои не се во можност да имаат средства за електронска комуникација и со тоа биле непропорционално погодени со далечинското учење и нееднаквите услови што го (оне)возможувало истото.

Законот за основното образование ги дефинирал начелата врз основа на кои треба да се развива основното образование и тоа начелото на еднаквост, достапност, пристапност и инклузивност (член 4), кои очигледно не биле имплементирани и инкорпорирани во оспорениот член, што го тврдел и Народниот правобранител во неговото формално мислење доставено до Министерството за образование и наука.

Оспорениот член, не само што бил спротивен на Уставот и неговата децидност да овозможи образование на сите под еднакви услови, туку се косел и со други членови на самиот Закон за основното образование.

Имено, нееднаквите услови покрај тоа што вклучувале општествен и имотен статус на учениците и притоа индиректно ги дискриминирале децата од социјално загрозените семејства што немаат средства за електронска комуникација, истите нееднакви услови директно ги дискриминирале учениците од ромската етничка група во Република Северна Македонија со неинкорпорирањето на ромскиот јазик во „националната платформа за далечинско учење“.

Имено, „националната платформа за далечинско учење“ со којашто всушност се имплементирал оспорениот член, била достапна за сите корисници на македонски, српски, албански, турски, босански и англиски јазик, но не била достапна на ромски јазик, покрај фактот што националната и меѓународната законска рамка, особено Уставот, барала еднаков пристап на образование под еднакви услови и третман за сите во оваа држава.

Оттука, делумно било прекршено и правото на припадниците на заедниците да имаат настава на свој јазик во основното и средното образование на начин утврден со закон, како што било експлицитно наведено во член 48 став 3 од Уставот.

На оваа линија, Законот за основното образование забранувал секаков вид на дискриминација при пристап кон основното образование, особено ако истата се базирала на етничка припадност и јазик (член 5 став 1), како и секој вид на дискриминација при достапноста до услуги и придобивки (член 5 став 2).

Според истиот закон, релевантните органи на власта биле обврзани да применуваат афирмативни мерки во основното образование за „надминување на дискриминација и исклучување на деца и возрасни“, националната платформа за учење на далечина го правела токму спротивното, ги исклучувала учениците припадници од ромска етничка група, како и децата од социјално загрозените семејства со тоа што не им овозможувала еднаков пристап и услови, како и достапност до услуги и придобивки преку далечинското учење.

Законската обврска на органите на власта да применуваат афирмативни мерки во основното образование за „надминување на дискриминација и исклучување на деца и возрасни“, како и овозможување на еднаква „достапност до услуги и придобивки“ не била релевантна само за употребата на јазиците на припадниците на заедниците во Република Северна Македонија, туку и за нивната можност и уставно загарантираното право да имаат еднаков пристап кон образование.

Оттука, органите на власта, посебно Министерството за образование, за да овозможи еднаков пристап на образование под еднакви услови за сите, требало да овозможи уреди за електронска комуникација за сите. Со тоа не само што ќе го исполнела начелото на еднаквост, пристапност и инклузивност во образованието предвидени со Законот за основното образование, туку и ќе го исполнела начелото на уставност и законитост на истиот закон, кои покрај другото, барале еднаков пристап на образование под еднакви услови за сите во Република Северна Макeдонија.

(2) Спротивност со меѓународните документи ратификувани од страна на Република Северна Македонија

Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок (член 118 од Уставот). Оттука, Република Северна Македонија била должна да ги почитува општоприфатените норми на меѓународното право, кои се инкорпорирани во уставниот поредок на Републиката со нивно преземање во одделни одредби на Уставот, односно во одредени закони или со нивна непосредна примена од институциите на државата.

Со нееднаквиот пристап кон основно (и средно) образование, односно оневозможувањето на еднакви услови за остварување на истото, оспорениот член 50-а од Законот се косел со членот 14 од Европската конвенција за човекови оправа и Протоколот бр. 12 кон оваа конвенција кој забранувал дискриминација врз која било основа.

Според Конвенцијата за правата на детето (КПД), државите ги почитувале и ги обезбедувале правата содржани во Конвенцијата за секое дете, без каква било дискриминација врз основа на расата, бојата на кожата, полот, јазикот, вероисповедта, политичкото или друго убедување, националното, етничкото или социјалното потекло, имотната состојба, онеспособеноста, потеклото или друг статус на детето или на неговиот родител или законски старател. Оваа конвенција не само што го гарантирала правото на образование (членови 28 и 29), туку и ги обврзувала државите преку нивните органи да ги преземат сите потребни мерки за да обезбеди заштита на детето од сите облици на дискриминација.

Универзалната декларација за човековите права го гарантирала правото на образование на секое дете како и еднаквиот пристап кон истото.

На таа линија биле и следните меѓународни регулативи кои го гарантирале и го барале наведеното: Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (член 27), Конвенцијата на УНЕСКО против дискриминација во образованието (член 5), Декларацијата на ООН за правата на лицата кои припаѓаат на национални или етнички, верски и јазични малцинства (член 4), Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства (член 14).

Оттука, подносителот на иницијативата смета дека Министерството за образование и наука, како орган на државата која е потписничка на мнозинството од горенаведените конвенции, треба да ги преземе сите потребни мерки за да обезбеди заштита на детето од сите облици на дискриминација и да овозможи еднаков пристап за образование под еднакви услови како што впрочем барал и највисокиот правен акт во Република Северна Македонија.

Имајќи го предвид наведеното, подносителот на иницијативата бара од Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 50-а од Законот за основното образование и да го поништи истиот како неуставен.

4. Судот на седницата утврди дека членот 50-а од Законот за основното образование, гласи:

Член 50-а

(1) Во услови на вонредните околности од членот 50 став (9) од овој закон, во основното училиште може да се организира настава со физичко присуство на учениците или преку далечинско учење, со примена на средства за електронска комуникација, на начин согласно со членот 50 став (9) од овој закон.
(2) Средства за електронска комуникација, во смисла на овој закон, се средства кои обезбедуваат реализација на наставата без заедничко физичко присуство на учесниците во наставниот процес.
(3) Во основното училиште во условите од ставот (1) на овој член, кога наставата е организирана преку далечинско учење, може да се организира настава со физичко присуство на учениците доколку се исполнети критериумите и условите согласно со протоколите и планот за одржување на наставата за основните училишта, донесени од Владата согласно со закон, епидемиолошката и друга состојба на подрачјето на општината на која се наоѓа училиштето, бројот на учениците во паралелката и просторните и хигиенско санитарните услови во училиштето, на начин согласно со членот 50 став (9) од овој закон.

5. Според член 8 став 1 алинеjа 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно членот 44 од Уставот, секој има право на образование (став 1). Образованието е достапно на секого под еднакви услови (став 2). Основното образование е задолжително и бесплатно (став 30).

Според Амандманот VIII став 4 (со овој амандман се заменува членот 48 од Уставот), припадниците на заедниците имаат право на настава на својот јазик во основното и средното образование на начин утврден со закон. Во училиштата во кои образованието се одвива на друг јазик се изучува и македонскиот јазик.
Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во согласност со член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со Законот за основното образование се уредува воспитно-образовниот процес кој се остварува во основните училишта, како и дејноста на основното образование како дел од единствениот воспитно-образовен систем. Дејноста на основното образование е од посебен јавен интерес (член 1).

Според член 3 став 1 од Законот, секое дете има право на бесплатно и квалитетно основно воспитание и образование во основно училиште.

Согласно членот 4, основното образование се развива врз основа на следните начела:
– најдобар интерес и целосен развој на ученикот,
– еднаквост, достапност, пристапност и инклузивност,
– општообразовен карактер на основното образование,
– обезбедување на квалитет на образованието и меѓународна споредливост на знаењата на учениците,
– активно учество на учениците во животот на училиштето и заедницата,
– подготвување на ученикот за доживотно учење,
– унапредување на сличностите и прифаќање на различностите, интеркултурност, мултикултурализам, интеркултурализам и мултикултурност,
– грижа за физичка безбедност и здравје,
– автономност, компетентност и одговорност и
– партнерство помеѓу училиштето, родителите, односно старателите и единиците на локалната самоуправа.

Според членот 5 од Законот, кој носи наслов: Заштита од дискриминација и промоција на еднаквоста:
„(1) Во основното воспитание и образование се забранува секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување по основ на пол, раса, боја на кожа, национално или етничко потекло, попреченост, род, сексуална ориентација, родов идентитет, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, други видови уверувања, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба и општествен статус или која било друга основа која е предвидена со закон или со меѓународен договор ратификуван согласно со Уставот на Република Северна Македонија во остварување на правата од основното образование.
(2) Се забранува секој облик и вид на дискриминација во основното образование и тоа во:
– воспитно-образовниот процес,
– процесот на запишување во основното образование,
– достапноста до услуги и придобивки, разумно прилагодување и пристапност до и во објекти,
– вработувањето, кариерното напредување и престанок на вработувањето,
– ученичкото организирање,
– содржината на наставните програми и учебниците,
– управувањето и учеството во органите и телата на училиштата,
– финансирањето на основното образование и
– која било друга област од основното образование.
(3) Забраната за дискриминација се однесува и на дискриминација кон родителите, односно старателите на ученикот врз која било од основите од ставот (1) на овој член.
(4) Вработените во основните училишта се должни да промовираат еднаквост и правичност помеѓу сите ученици и активно да се спротивставуваат на сите облици на дискриминација и насилство.
(5) Забраната за дискриминација се однесува и на дискриминација кон вработените во основните училишта врз која било од основите од ставот (1) на овој член.
(6) Заштитата од дискриминација се обезбедува согласно со прописите од областа на спречување и заштита од дискриминација.“

Употреба на јазиците во образованието е уредена во членот 10 од Законот, и тоа:
„ (1) Воспитно-образовната работа во основното училиште се остварува на македонски јазик и неговото кирилско писмо.
(2) За учениците на припадниците на заедниците кои следат настава на јазик различен од македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, воспитно-образовната работа се изведува на јазикот и писмото на соодветната заедница.
(3) Учениците од ставот (2) на овој член, задолжително го изучуваат и македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.“

Во главата I. ОРГАНИЗАЦИЈА НА НАСТАВАТА ВО ОСНОВНОТО УЧИЛИШТЕ, се систематизирани членовите 50 и 50-а од Законот.

Членот 50 гласи:

„(1) Учебната година во основното училиште, по правило, започнува на 1 септември, а завршува на 31 август наредната година.
(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, во услови на вонредни околности од ставот (9) на овој член, учебната година може да започне и заврши и во време различно од времето утврдено во ставот (1) на овој член, за што одлучува Владата.
(3) Одлуката на Владата од ставот (2) на овој член, може да се однесува на целата територија на Републиката или на нејзин дел.
(4) Наставата во учебната година се остварува во 180 наставни денови.
(5) По исклучок од ставот (4) на овој член, во услови на вонредни околности од ставот (9) на овој член, бројот на наставните денови во учебната година може да биде помал од 180, но не помалку од 100 наставни денови, за што одлучува Владата.
(6) Настава во основното училиште не се изведува за време на државни празници и други празници утврдени со закон.
(7) Најмалку половина од траењето на зимскиот распуст на учениците се платени неработни денови за вработените во училиштето, што се утврдува во Календарот за организацијата и работата на основното училиште. Овие денови не се дел од годишниот одмор и не се засметуваат во неговото траење.
(5) Наставата може да се остварува и во скратено траење за учениците од членот 13 став (1) и членот 14 став (1) од овој закон, но не помалку од 100 наставни денови, по добиена согласност од Министерството, според посебна наставна програма утврдена од министерот, на предлог на Бирото.
(8) Воспитно-образовната работа не смее да се прекинува во текот на наставната година, освен за вонредни состојби (природни непогоди, епидемии и друго), за што одлучува министерот и го утврдува организирањето на наставата до крајот на учебната година, но не помалку од 100 наставни денови, врз основа на скратени наставни програми, изготвени од Бирото, а донесени од министерот.
(9) Воспитно-образовната работа не смее да се прекинува во текот на наставната година, освен во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), за што одлучува Владата и го уредува начинот на организирање и реализирање на наставата до крајот на учебната година, но не помалку од 100 наставни денови, според скратени наставни програми, кои на предлог на Бирото, ги утврдува министерот.
(10) Во случај на прекин на воспитно-образовната работа заради штрајк, директорот на основното училиште, по претходна согласност од градоначалникот, а за државните основни училишта од министерот, е должен да го обезбеди остварувањето на воспитнообразовната работа со замена на вработените кои штрајкуваат, за време додека трае штрајкот.“

Според членот 50-а:

„(1) Во услови на вонредните околности од членот 50 став (9) од овој закон, во основното училиште може да се организира настава со физичко присуство на учениците или преку далечинско учење, со примена на средства за електронска комуникација, на начин согласно со членот 50 став (9) од овој закон.
(2) Средства за електронска комуникација, во смисла на овој закон, се средства кои обезбедуваат реализација на наставата без заедничко физичко присуство на учесниците во наставниот процес.
(3) Во основното училиште во условите од ставот (1) на овој член, кога наставата е организирана преку далечинско учење, може да се организира настава со физичко присуство на учениците доколку се исполнети критериумите и условите согласно со протоколите и планот за одржување на наставата за основните училишта, донесени од Владата согласно со закон, епидемиолошката и друга состојба на подрачјето на општината на која се наоѓа училиштето, бројот на учениците во паралелката и просторните и хигиенско санитарните услови во училиштето, на начин согласно со членот 50 став (9) од овој закон.“

Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека основното образование е задолжително и бесплатно. Секое дете има право на бесплатно и квалитетно основно воспитание и образование, под еднакви услови. Оттука, основното образование не е само приватна работа на поединецот, туку интерес и потреба на општеството во целина. Тоа претставува дејност од посебен јавен интерес. Притоа, во основното воспитание и образование се забранува секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување по основ на пол, раса, боја на кожа, национално или етничко потекло, попреченост, род, сексуална ориентација, родов идентитет, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, други видови уверувања, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба и општествен статус или која било друга основа која е предвидена со закон или со меѓународен договор ратификуван согласно со Уставот на Република Северна Македонија во остварување на правата од основното образование.

Со Законот за основното образование се уредува организацијата на наставата во основното училиште, при што се утврдува дека воспитно-образовната работа не смее да се прекинува во текот на наставната година, освен во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), за што одлучува Владата и го уредува начинот на организирање и реализирање на наставата до крајот на учебната година, но не помалку од 100 наставни денови, според скратени наставни програми, кои на предлог на Бирото, ги утврдува министерот.

Според оспорениот член 50-а од Законот, во услови на вонредните околности од членот 50 став (9) од овој закон (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), во основното училиште може да се организира настава со физичко присуство на учениците или преку далечинско учење, со примена на средства за електронска комуникација, на начин согласно со членот 50 став (9) од овој закон. Средства за електронска комуникација, во смисла на овој закон, се средства кои обезбедуваат реализација на наставата без заедничко физичко присуство на учесниците во наставниот процес. Во основното училиште во условите од ставот (1) на овој член, кога наставата е организирана преку далечинско учење, може да се организира настава со физичко присуство на учениците доколку се исполнети критериумите и условите согласно со протоколите и планот за одржување на наставата за основните училишта, донесени од Владата согласно со закон, епидемиолошката и друга состојба на подрачјето на општината на која се наоѓа училиштето, бројот на учениците во паралелката и просторните и хигиенско санитарните услови во училиштето, на начин согласно со членот 50 став (9) од овој закон.

Со иницијативата се оспорува ваквото законско решение, затоа што воведувало нееднакви услови за обезбедување на основно образование на учениците, во зависност од општествениот и имотниот статус на учениците и притоа индиректно ги дискриминирало децата од социјално загрозените семејства што немаат средства за електронска комуникација, а истите нееднакви услови директно ги дискриминирале учениците од ромската етничка група во Република Северна Македонија со неинкорпорирањето на ромскиот јазик во „националната платформа за далечинско учење“.

Во Мислењето на Владата на Република Северна Македонија, како предлагач на Законот, доставено до Уставниот суд по однос на поднесената иницијатива (акт бр.40.6-425/1 од 2 февруари 2021 година), се наведува дека светската пандемија која настана со ширењето на коронавирусот COVID-19, ги истакнала потребите и предизвиците во такви услови да се обезбеди правото на образование и притоа да се овозможи, исто така, највисокото универзално право на луѓето, а тоа е заштита на здравјето. Сите земји во светот се соочиле со ситуација во која не постои можност за вообичаено функционирање на формалното образование, а потребно било да се обезбеди континуитет во образованието на сите ученици и притоа да се заштити и колективното здравје на учениците и луѓето. Со цел заштита на колективното здравје и здравјето на децата во услови на пандемија предизвикана од коронавирусот COVID-19, а во насока на обезбедување на континуитет на образованието, донесен е Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 229/2020), со кој се уредува начинот на реализација на наставата во основните училишта во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди). Имено, во такви услови, во основното училиште може да се организира настава со физичко присуство на учениците или преку далечинско учење, со примена на средства за електронска комуникација, за што одлучува Владата и го уредува начинот на организирање и реализирање на наставата до крајот на учебната година, но не помалку од 100 наставни денови, според скратени наставни програми, кои на предлог на Бирото, ги утврдува министерот. Понатаму, во мислењето се укажува на Уредбата за начинот на организирање и реализирање на наставата во услови на вонредни околности во основните и средните училишта, донесена од Владата врз основа на член 50 став 9 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 232/2020 и 254/2020), со која се уредува начинот на организирање и реализирање на наставата во услови на вонредни околности во основните и средните училишта, како и на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирусот COVID-19, донесена од Владата врз основа на член 58 став 1 од Законот за заштита на населението од заразни болести и прилогот бр. 51, кој носи наслов: План за одржување на настава во основните и средните училишта во учебната 2020/2021 година, кој е составен дел на Одлуката („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 236/2020).

Идентичен е и одговорот од Собранието на Република Северна Македонија доставен до Уставниот суд по однос на наводите од иницијативата (акт бр. 08-90/4 од 08.02.2021 година).

Според Судот, ваквите наводи во иницијативата се неосновани.

Со оспорениот член 50-а од Законот за основното образование, се пропишува можност, во одредени вонредни околности, утврдени со закон, наставата во основното образование да се организира со настава со физичко присуство на учениците, но само доколку се исполнети критериумите и условите согласно со протоколите и планот за одржување на наставата за основните училишта, донесени од Владата согласно со закон, епидемиолошката и друга состојба на подрачјето на општината на која се наоѓа училиштето, бројот на учениците во паралелката и просторните и хигиенско санитарните услови во училиштето, со скратени наставни денови и скратени наставни програми или наставата во основното образование да се организира преку далечинско учење, со примена на средства за електронска комуникација, со скратени наставни денови и скратени наставни програми.

Со ваквата определба за организирање на наставата во основното образование во законски определени вонредни околности, законодавецот создал нормативни услови (претпоставки) основното образование, како дејност од посебен јавен интерес, да не се прекинува во тие вонредни околности, туку да се обезбеди континуитет во образованието на учениците, a притоа да се заштити и колективното здравје на сите инволвирани во воспитно-образовниот процес во училиштата (ученици, наставници и друг наставен кадар, родители). Законот ги утврдил основните критериуми, услови и цели за остварување на основното образование и воспитание во наведените вонредни околности, во јасни законски рамки, при што за операционализација на оваа законска определба ја овластил Владата.

Пропишаниот начин на одржување настава (со физичко присуство или со далечинско учење) зависи од видот на вонредните околности кои се причина за таквиот начин на организирање на наставата, за што одлучува Владата, која го уредува начинот на организирање и реализирање на наставата.

Во таа смисла, во услови на пандемија со коронавирусот COVID-19, Владата има донесено Уредба за начинот на организирање и реализирање на наставата во услови на вонредни околности во основните и средните училишта („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 232/2020 и 254/2020), како и Одлука за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19, во состав на која има донесено Протокол за постапување на основните училишта во Република Северна Македонија за реализација на воспитно образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година – прилог бр.46 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 212/2020) и План за одржување на наставата во основните и средните училишта во учебната 2020/2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.236/2020). На тој начин се операционализира законската определба за организирање на наставата во основното образование во наведените вонредни околности.

Прашањето пак за тоа дали сите деца – ученици во основното образование, имаат еднаков пристап до средствата за електронска комуникација кои се применуваат доколку наставата се организира преку далечинско учење, навлегува во сферата на примената на Законот, што е прашање за кое Уставниот суд нема надлежност да одлучува. Притоа, неспорна е констатацијата, како што наведува и самиот подносител на иницијативата, дека државата, преку Владата, Министерството за образование, единиците на локалната самоуправа и другите институции, мора да вложува дополнителни напори и да изнајде решенија со кои ќе се обезбедат и подобрат условите за настава со цел на секое дете да му се обезбеди непречен пристап до образование.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека за оспорениот член 50-а од Законот, со кој се пропишува начинот на организирање на наставата во основното образование во услови на вонредни околности, не може основано да се постави прашањето за неговата согласност со член 44 ставови 2 и 3 од Уставот.

6. Според иницијативата, учениците од ромската етничка група во Република Северна Македонија биле директно дискриминирани со неинкорпорирањето на ромскиот јазик во „националната платформа за далечинско учење“, што не било во согласност со Амандман VIII став 4 од Уставот.

Во однос на ваквите наводите во иницијативата, Судот имаше предвид дека видно од неговата содржина, оспорениот член 50-а од Законот воопшто не се однесува на прашањето за јазикот на кој се изведува наставата, како што уредува наведената уставна одредба. Оттука, за барањето на согласност на оваа законска одредба со наведената уставна одредба постојат процесни пречки за одлучување.

Основното образование во Република Северна Македонија се реализира на македонски, албански, турски, босански и српски наставен јазик. Во таа смисла, и националната платформа за далечинско учење е достапна на јазикот на кој се реализира и следи наставата.

Реализирање на наставата на ромски јазик во Република Северна Македонија е прашање за кое е потребна стручна и научна анализа, поткрепена со закон, а Уставниот суд нема надлежност да оценува дали постојат услови за одвивање на наставата на тој јазик.

Оттука, прашањето за реализирање на настава во основното образование на ромски јазик, а поврзано со тоа и достапноста на националната платформа за далечинско учење на ромски јазик, ги надминува ингеренциите на Уставниот суд, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, иницијативата во тој дел да се отфрли.

7. Од анализата на останатите наводи во иницијативата произлегува дека подносителот на иницијативата бара оспорениот член 50-а од Законот за основното образование да биде оценуван по однос на неговата согласност со членот 4 и член 5 ставови 1 и 2 од истиот закон, како и во однос на согласноста со одредби на Европската конвенција за човекови права и Протоколот бр.12, Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, Конвенцијата на УНЕСКО против дискриминација во образованието, Декларацијата на ООН за правата на лицата кои припаѓаат на национални или етнички, верски и јазични малцинства, Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Конвенцијата за правата на детето.

Ваквите наводи, оценувани заедно, претставуваат барање за оценување на меѓусебната согласност на одредби од ист закон и за оценување на согласноста на законска одредба со меѓународен акт (без оглед дали е ратификуван или не) за кои наводи, согласно членот 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во тој дел.

8. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.315/2020
11 мај 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати