Решение У.бр.303/2020

У.бр.303/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 11 мај 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев”, арх.бр.02-47/8 од 22.01.2020 година, во целина.

2. Симона Талевска од Битола и други, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука била во спротивност со уставните начела на владеењето на правото – член 8 став 1 алинеја 3, еднаквост и рамноправност на сите граѓани – членот 9, правна сигурност – членот 51 и забрана за ретроактивно дејство на законите и другите прописи – член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со членот 9, член 56 став 2, членот 57, член 59 став 4, член 61 став 2, член 90 став 2 и член 91 став 2 од Законот за Академијата на судии и јавни обвинители.

Имено, подносителите на иницијативата сметаат дека Управниот одбор на Академијата без законски основ и овластување за донесување ваков подзаконски акт, уредил посебна квота за припадни­ците на заедниците што не се мнозинство во Република Северна Македонија, сметано од вкупниот предвиден број на слободни места за VII-та генерација слушатели во почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители (2019-2021).

Понатаму, во иницијативата се наведува дека во Законот за Академијата на судии и јавни обвинители прашањето за соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците било само начелно уредено, и тоа во членот 9, а во делот VII од Законот каде биле уредени условите и постапката за прием во почетна обука немало одредби за ова прашање, ниту како услов за прием била предвидена националната припадност на кандидатите.

Во услови кога во Законот за Академијата на судии и јавни обвинители како lex specijalis за предметната материја само начелно било утврдено дека при селекцијата на кандидатите за прием во почетна обука ќе се обезбедува соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците, а притоа не било уредено на кој начин истото ќе се обезбедува, кој ќе одлучува и врз основа на кои критериуми, подносителите на иницијативата сметаат дека Управниот одбор на Академијата излегол од рамките на своите овластувања и самоволно со одлука уредил законска материја.

Управниот одбор на ден 15.05.2019 година во „Службен весник на Република Македонија” бр.94/2019 објавил јавен оглас за прием на почетна обука во Академијата на 60 слушатели во почетна обука 2019-2021 година, врз основа на членот 58 од Законот за Академијата на судии и јавни обвинители. Во огласот не било наведено дека 40 слушатели ќе се избираат од редот на кандидатите кои се етнички Македонци, а дека со 20 кандидати ќе се обезбедувала правичната и соодветна застапеност на граѓаните кои припаѓале на сите заедници во Република Северна Македонија.

Спротивно на ова, Управниот одбор на ден 03.06.2019 година, еден месец по објавувањето на огласот, донел Статутарна одлука за изменување и дополнување на Статутот на Академијата и Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за полагање на приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители, објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2019. Со наведените акти се предвидувало Управниот одбор на Академијата да определува посебна квота за припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Републиката, сметано од вкупниот број на слободни места за судии и јавни обвинители утврдени во конкретниот јавен оглас и за секој нов упис посебно.

По однос на критериумите за избор, подносителите на иницијативата сметаат дека во Законот единствен критериум е постигнатиот успех и завршната оцена од испитот, односно критериумите предвидени во Законот каде е предвидено дека ранг- листата се утврдува врз основа на завршната оцена, односно редоследот на успехот на ранг-листата, што значи со предвиду­вање на други поинакви критериуми од Законот, Управниот одбор со оспорената одлука ги пречекорил своите овластувања дадени со Законот. Имено, во Законот не било предвидено дека соодветната и правична застапеност на припадниците на заедниците како критериум можел да се утврди со подзаконски акт.

Предметната одлука, исто така била спорна и поради времето на нејзиното донесување, односно истата била донесена по завршувањето на сите фази од полагањето на испитот заклучно со месец ноември 2019 година и по завршувањето на управната постапка во Академијата. Оттука, управниот одбор ретроактивно ја применил оспорената одлука, што било спротивно на член 52 став 4 од Уставот.

Подносителите на иницијативата сметаат дека со донесувањето на оспорената одлука се нарушувал принципот на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните, како и начелото на еднаквост на сите граѓани. Ова, од причина што за една иста пропишана правна и фактичка состојба се вршело различно постапување и одлучување од страна на Управниот одбор на Академијата, така што кандидатите за VII-та генерација биле ставени во различна и понеповолна положба од кандидатите за претходната VI-та генерација, односно Управниот одбор со оспорената одлука различно постапувал за две генерации на слушатели.

Од наведените причини се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, и потоа истата да ја поништи.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука е со следната содржина:

„Врз основа на членот 9 и член 13 алинеја 21 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/2015, 192/2015, 213/2015 и 163/2018) и член 42-а став 2 и став 3 од Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители “Павел Шатев” (“Службен весник на Република Македонија” бр.56/2015, 205/2018 и 115/2019), Управниот одбор на Академијата, на седницата одржана на 22.01.2020 година, ја донесе следната

О Д Л У К А

1) Се утврдува посебна квота за припадниците на заедниците што не се мнозинство во Република Северна Македонија, сметано од вкупниот број на слободни места утврдени со јавниот оглас за прием во почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев”, објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.94/2019.
2) Управниот одбор ја определува квотата земајќи ги предвид официјалните податоци добиени од Државниот завод за статистика, за процентуалната застапеност на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија согласно последниот попис на населе­нието, па така од вкупниот огласен број за 60 (шеесет) слушатели на почетна обука, од кои покрај 40 слушатели кои се од редот на Македонците, се определуваат:
– 15 слушатели од редот на кандидатите од албанската етничка заедница;
– 2 слушатели од редот на кандидатите од турската етничка заедница;
– 1 слушател од редот на кандидатите од српската етничка заедница;
– 1 слушател од редот на кандидатите од влашката етничка заедница; и
– 1 слушател од редот на кандидатите од останатите заедници, македонец-муслиман.
3) Пополнувањето на слободните места определени според квотата при приемот на кандидатите во почетната обука ќе се одвива според принципот на постигнатиот успех на добиената завршна оценка од положениот приемен испит, а кое пополнување ќе се рангира во рамки на секоја предвидена квота посебно.
4) Одлуката стапува во сила со денот на нејзиното донесување.”

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно членот 9 од Уставот на Република Северна Македонија, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 52 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, во членот 1 го определил предметот на уредување на овој закон, според кој со овој закон се основа и се уредува работењето на Академијата за судии и јавни обвинители (во натамошниот текст: Академијата) како јавна установа за прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука и унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, обука на субјектите кои учествуваaт во спроведување на законите од областа на правосудството, вршење на аналитичка дејност од областа на правосудната теорија и практика, органите на управувањето и финансирањето на Академијата.

Според членот 9 од Законот при селекцијата на кандидатите за прием на почетната обука во Академијата, без да се нарушат критериумите предвидени со овој закон, се обезбедува соодветна и правична застапеност на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници во Република Северна Македонија.

Во главата VII со наслов: „Обука на судии и јавни обвинители“ содржани се членовите од 53-119.

Според членот 53 од Законот, обуката на судиите и јавните обвинители претставува организирано стекнување и усовршување на практичните и теоретските знаења и вештини потребни за независно, самостојно, стручно и ефикасно вршење на нивната функција.

Согласно членот 54 од овој закон, Академијата организира почетна и континуирана обука.

Почетна обука се организира заради стекнување практични и теоретски знаења и вештини со цел создавање на високообучени, стручни и ефикасни кандидати за судии и јавни обвинители во основните судови и основните јавни обвинителства и слушатели на почетната обука се лица кои по положениот приемен испит се примени во почетната обука, ова согласно одредбите од членовите 55 и 56 од овој закон.

Според член 56 став 2 од Законот, вкупниот број на слушатели на почетната обука се определува врз основа на одлуките на Судскиот совет на Република Македонија и Советот на јавните обвинители на Република Македонија, земајќи го предвид вкупниот број на слободни места за судии и јавни обвинители во основните судови и основните јавни обвинителства, како и проекцијата за потребите од местата кои ќе се пополнуваат по завршување на почетната обука.

Условите за прием на почетната обука се утврдени во членот 57 од овој закон. Така, според овој член од Законот:

(1) Услови за прием во почетната обука се:
– да е дипломиран правник со завршено четиригодишно високо образование VII/I степен на правни студии или дипломиран правник со стекнати 300 кредити според Европскиот кредит – трансфер систем (ЕКТС),. Алинејата 7 се менува и гласи: „- активно да познава еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски или германски), што се утврдува во рамки на приемниот испит во Академијата,
– положен правосуден испит,
– работен стаж од најмалку две години на правни работи по положен правосуден испит,
– да не му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење професија, дејност или должност,
– да е државјанин на Република Македонија,
– активно да го владее македонскиот јазик,
– активно да познава еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски или германски), што се утврдува во рамки на приемниот испит во Академијата.
– практична работа со компјутери, и
– да е работоспособен и да има општа здравствена способност.

(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, заради пополнување на потребниот број на јавни обвинители за извршување на нивната надлежност согласно со закон, во почетната обука како кандидати за јавни обвинители може да се примаат и кандидатите кои ги исполнуваат следниве услови:
– дипломиран правник со завршено четиригодишно високо образование VII/I степен на правни студии со просек од најмалку 7,0 или дипломиран правник со стекнати 300 кредити според Европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС) со просек од најмалку 7,0 на универзитетските студии, положен правосуден испит и со работен стаж од најмалку пет години по положен правосуден испит во суд или во јавно обвинителство како судски службеник или јавно обвинителски службеник или адвокат,
– да не му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење професија, дејност или должност,
– да е државјанин на Република Македонија,
– активно да го владее македонскиот јазик,
– активно да познава еден од официјалните јазици на Европската Унија, од кои задолжително англискиот јазик што се докажува со поседување меѓународно признат сертификат издаден од официјален европски тестатор, член на здружението ALTE на европски тестатори на Б2 (B2) нивото на ЦЕФР (CEFR), односно ИЕЛТС со 5-6 поени, ФЦЕ, БЕК В, ИЛЕК, ИКФЕ, БУЛАТС, или ТОЕФЕЛ ПБТ најмалку 500 бода, ТОЕФЕЛ ЦБТ најмалку 175 бода или ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 60 бода, или ДЕЛФ, ТЦФ, ТЕФ, или Гете сертификат, ТестДаФ,
– практична работа со компјутери, и
– да е работоспособен и да има општа здравствена способност.
(3) Видот, начинот и поблиските услови за вршење на здравствените прегледи и нивото на практичната работа со компјутери од ставот (1) алинеи 8 и 9 и ставот (2) алинеи 6 и 7 на овој член ги уредува Управниот одбор на Академијата.

Согласно членот 58 од овој закон, Управниот одбор донесува одлука за објавување јавен оглас за прием на лица за полагање на приемниот испит во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуките од член 56 став 2 на овој закон во Академијата, кои одлуки ги донесува Судскиот совет и Советот на јавните обвинители на Република Македонија, за прашањето за вкупниот број на слушатели на почетната обука, земајќи го предвид вкупниот број на слободни места за судии и јавни обвинители во основните судови и основните јавни обвинителства, како проекција за потребните места кои ќе се пополнуваат по завршување на почетната обука.

Значи, на основа на проекцијата за пополнување на потребните места на кадри се донесуваат одлуки од Судскиот совет и Советот на јавните обвинители за вкупниот број на слушатели на почетната обука и на основа на тие одлуки Управниот одбор на Академијата донесува одлука за објавување јавен оглас за прием на лица за полагање на приемен испит за почетна обука во Академијата.

Според членот 59 од Законот, секој кандидат до Академијата поднесува пријава, на образец изготвен од Академијата, во кој се содржани податоци за исполнување на условите за прием според јавниот оглас.

(2) Во образецот на пријавата од став (1) на овој член се содржани следните податоци:
– лични податоци и ЕМБГ;
– поблиските податоци за исполнување на условите за прием и потребните документи, согласно јавниот оглас.
(3) Заинтересираните кандидати можат да го преземат образецот на пријавата од интернет-страницата на Академијата.
(4) Пријавата со потребните документи пријавителот ги поднесува лично до лицето овластено за прием на писмена во Академијата и притоа секој кандидат добива испитна шифра.

Со одредбите од Законот е детално уредено полагањето на приемниот испит за влез како слушатели на почетна обука.

Според членот 61 од Законот, во кој се уредуваат начела на приемот во почетната обука се предвидува:

(1) Приемот во почетната обука е достапен за секој кој ги исполнува условите за прием утврдени со овој закон, Статутот и општите акти на Академијата и кој успешно ќе го положи приемниот испит во една испитна сесија.
(2) Постапката за организација и полагање на приемниот испит се заснова на начелото на јавност на правилата, методите и начинот на спроведувањето, оценувањето и објавувањето на резултатите, како и работењето на Комисијата за прием во почетна обука, засновани на објективни и јавно објавени критериуми кои обезбедуваат независност, објективност, како и слободен пристап до програмата за приемен испит.

Според членот 90 од Законот:

(1) Завршната оценка на приемниот испит претставува збир на оценката од квалификацискиот тест и испитот.
(2) Комисијата за приемен испит врз основа на завршната оцена, согласно член 87 став (1) од Законот, утврдува ранг-листа на слушатели на почетна обука и неа ја објавува на огласната табла и на веб-страницата на Академијата.

Согласно член 91 став 1 од овој закон, приемот на кандидатите кои ќе бидат слушатели на почетната обука во Академијата се врши врз основа на редоследот на успехот на ранг-листата до пополнување на предвидениот број на слушатели утврдени со одлуките од член 56 став 2 од Законот.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби vis a vis наводите содржани во иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани, а од следните причини:

Принципот на соодветна и правична застапеност на сите заедници во Република Северна Македонија е предвиден како темелна вредност во највисокиот акт на државата – Уставот на Република Северна Македонија.

Имено, во Амандман XXIX став 2 од Уставот е предвидено дека при изборот на судиите, судиите поротници и претседателите на судовите ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

Во Амандман XXX став 6 од Уставот се предвидува дека при изборот на јавни обвинители ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

Оттука, почитувајќи ги наведените уставни овластувања, законодавецот во членот 9 од Законот за Академијата на судии и јавни обвинители утврдува дека при селекцијата на кандидатите за прием на почетната обука во Академијата, без да се нарушат критериумите предвидени со овој закон, се обезбедува соодветна и правична застапеност на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници во Република Северна Македонија.

Според Судот, со оспорената одлука не се повредуваат наведените уставни и законски норми, од причина што доносителот на актот – Управниот одбор на Академијата токму со цел да ги афирмира утврдените позитивни вредности во целост ја утврдил посебната квота за припадниците на заедниците што не се мнозинство во Републиката сметано од вкупниот број на слободни места утврдени со јавниот оглас за прием на почетна обука, како и точниот број на слушатели кој децидно е утврден во точката 2 од оспорената одлука.

Определената квота е утврдена врз основа на релевантни податоци добиени од Државниот завод за статистика по однос на процентуалната застапеност на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија. Оттука, според Судот, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорената одлука се повредува и принципот на еднаквост содржан во членот 9 од Уставот. Ова, од причина што во случајот во примена се одредбите на амандманите XXIX и XXX од Уставот со кои децидно се уредува конкретното прашање за соодветната и правична застапеност на заедниците кои не се мнозинство во Републиката, кое е од влијание уште од фазата на почетна обука на кандидатите за судии и јавни обвинители па сѐ до конечниот избор на истите за вршење на наведените функции.

Што се однесува до наводите во иницијативата за Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на академијата за судии и јавни обвинители, како и измените и дополнувањата на Правилникот за полагање на приемен испит во Академијата, кои се однесуваат на измените во врска со соодветната и правична застапеност, според Судот, се неосновани. Ова, од причина што измените и дополнувањата на наведените акти значат и истовремено претставуваат исклучиво операционализација и конкретно допрецизирање на членот 9 од Законот за Академијата, а кое не излегува од рамките на законското овластување.

Имено, со наведените измени во Правилникот за полагање на приемниот испит во Академијата за судии и јавни обвинители, во членот 10-а децидно се наведува:

(1) При селекцијата на кандидатите за прием во почетната обука во Академијата, без да се нарушат критериумите предвидени со закон, се обезбедува соодветна и правична застапеност на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници во Република Северна Македонија.
(2) Соодветната и правична застапеност се обезбедува со претходно утврдување на посебна квота за припадници на заедниците што не се мнозинство во Република Северна Македонија, сметано од вкупниот број на слободни места за судии и јавни обвинители утврден во јавниот оглас за прием во почетна обука, а кој број се определува од страна на Управниот одбор за секој упис посебно.
(3) Управниот одбор ја определува квотата од став 2 на овој член, земајќи ги претходно предвид официјалните статистички показатели.
(4) Пополнувањето на слободните места определени според квотата, при приемот на кандидатите во почетната обука ќе се раководи по принципот на постигнатиот успех на добиената завршна оценка од положениот приемен испит, а кое пополнување ќе се рангира во рамки на секоја предвидена квота посебно.
(5) Доколку во определените квоти од став 3 на овој член не се јават доволен број кандидати кои ги исполнуваат законските услови или не го положиле приемниот испит, слободните места се пополнуваат од останатите кандидати кои ги исполнуваат условите според рангирањето на нивната завршна оценка.

Од содржината на цитираниот член јасно произлегува дека истиот претставува операционализација на членот 9 од Законот, кој децидно и мошне јасно го определува и утврдува поимот правична застапеност на кандидатите за прием во почетната обука, материја која не влегува во доменот на законско уредување бидејќи истата врши допрецизирање она што законодавецот го уредува во членот 9 од Законот и не излегува надвор од законското овластување.

Со оглед на фактот што во текот на целата постапка за прием на кандидати – слушатели на почетната обука се врши селекција на пријавените кандидати, односно постапката трае, од причина што согласно законските овластувања секоја фаза од испитот е елимина­торна, според Судот, оспорената одлука за утврдување на посебна квота за припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија е допуштено да се донесе во текот на целата постапка за полагање на приемниот испит, што значи дека постапката се уште траела, не е завршена, и не може да се прифати дека во конкретниот случај постои повратно дејство и се повредува член 52 став 4 од Уставот.

Од наведените аргументи, Судот оцени дека оспорената одлука не може да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност со уставните начела на владеењето на правото – член 8 став 1 алинеја 3, еднаквост и рамноправност на сите граѓани – членот 9, правна сигурност – членот 51 и забрана за ретроактивно дејство на законите и другите прописи – член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со член 56 став 2, членот 57, член 59 став 4, член 61 став 2, член 90 став 2 и член 91 став 2 од Законот за Академијата на судии и јавни обвинители.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Никола Ивановски, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.303/2020
11 мај 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати