Решение У.бр.233/2020

У.бр.233/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 28 април 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста на член 8 став 3 во делот: „кои се избрани од страна на Собранието на Република Северна Македонија“, од Законот за Судски совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 102/2019).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста на член 6 ставови 2 и 3, член 7 став 1, член 8 став 3 во делот: „Претседателот на Советот и неговиот заменик се избираат од редот на членовите на Советот со право на глас,“ член 100 став 6 во делот: „и усвојување“ и став 8 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Панче Докузов од Штип до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, одредбите од членот 6 ставови 2 и 3 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија не биле во согласност со членот 9 од Уставот, според кој граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Наведените законски одредби не биле во согласност и со Амандманот XXVIII од Уставот, со кој се заменува членот 104 од Уставот на Република Северна Македонија, со кој се регулира позицијата на Судскиот совет како самостоен и независен орган на судството, кој е гарант на самостојноста и независноста на судската власт и се регулира бројот и составот на членовите на Советот.

Со овој амандман не се предвидува раздвојување на правата, обврските и овластувањата на членовите по функција и на членовите по избор, односно сите членови на Советот, според Уставот имаат еднакво право на учество и право на глас во Советот.

Со оглед на тоа што на претседателот на Врховниот суд и министерот за правда како членови по функција во Судскиот совет, со оспорените одредби од член 6 ставови 2 и 3 од Законот им е суспендирано правото да учествуваат во работата на Советот каде се расправа и одлучува за поведена постапка за утврдување на одговорност, избор или разрешување на судија или претседател на суд, што се основни функции кои Советот ги извршува и за кои е востановен, произлегува дека од предвидените 15 члена фактички само 13 члена во Советот членуваат со работни надлежности, па поради ова оспорените одредби од Законот не биле во согласност со членот 9 и Амандманот XXVIII од Уставот.

Од овие причини се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорените законски одредби од член 6 ставови 2 и 3 од Законот со Уставот.

– Понатаму во иницијативата се наведува дека оспорениот член 7 став 1 од Законот за Судски совет на Република Северна Македонија уредувал дека избраните членови на Советот од редот на судиите имаат мандат од шест години со право на уште еден избор по истекот на најмалку шест години од престанокот на претходниот мандат во Судскиот совет. Наспроти ова во ставот 2 од овој член од Законот било пропишано дека за другите членови, односно за членовите на Советот избрани од страна на Собранието на Република Северна Македонија, дозволено е по истекот на мандатот од шест години повторно да добијат уште еден избор на нов мандат од шест години, како право кое можело во континуитет и да продолжи без паузирање од шест години како што било уредено за членовите од редот на судиите.

Според наводите во иницијативата, членот 7 став 1 од Законот не бил во согласност со членот 9 и Амандманот XXVIII од Уставот, поради тоа што немало уставен основ за различно третирање на членовите на Советот во однос на повторен избор и постоел нееднаков третман во правата за членовите на Советот.

Од овие причини се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на одредбата од член 7 став 1 од Законот како несогласна со Уставот.

– Според наводите во иницијативата, одредбата од членот 8 став 3 од Законот, со која се предвидувало дека претседателот на Советот и неговиот заменик се избирале од редот на членовите на Советот со право на глас кои биле избрани од страна на Собранието на Република Северна Македонија, не била во согласност со членот 9 и Амандманот XXVIII од Уставот. Ова поради тоа што законодавецот излегол надвор од уставната рамка со тоа што ги дискриминирал членовите на Советот кои биле од редот на судиите кои на овој начин не можеле да бидат избрани за претседател или заменик претседател на Судскиот совет, а од друга страна членовите кои директно биле избрани од политичарите односно од Собранието на Република Северна Македонија имале право да бидат избрани за претседател односно за заменик претседател на Советот.

Понатаму оспорената одредба била и правно несоодветна, од причини што Собранието избирало вкупно само пет члена на Советот, мандатот на претседател и заменик претседател трае две години без право на повторен избор, а мандатот на членовите е шест години. Па како може од петте члена за избор на претседател и заменик : двајца еднократно да се изберат, а потоа и другите двајца еднократно да се изберат на по две години, не останува следователно за уште двајца еднократно да се изберат на по две години, во мандатот за шест години бидејќи се пет.

Бидејќи има само пет члена во Советот на располагање како избрани од Собранието, недостасува да бидат шест члена на располагање, од редот на членови избрани од Собранието и тоа е правна аномалија на Законот.

Од друга страна произлегува дека со Законот се дозволува Судскиот совет да го раководат само претставници на членови избрани од Собранието, односно од законодавната власт, со што се задира во самостојноста и независноста на Судскиот совет и судската власт.

Со оспорената одредба од Законот се ставаат во нерамноправна положба членовите на Судскиот совет избрани од судиите наспроти членовите во Советот избрани од страна на законодавната власт.

Од овие причини се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на член 8 став 3 од Законот како несогласен со Уставот.

– Со иницијативата се оспорува одредбата од член 100 став 6 во делот: „и усвојување“ и ставот 8 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија. Ова од причини што во одредбите од членот 100 од Законот, кои се однесуваат на извештајот за работата на Советот што еднаш годишно го поднесува и тоа најдоцна до 30 април во тековната година за претходната година, до Собранието на Република Северна Македонија, меѓу другото било пропишано во одредбата од ставот 6 дека Советот го поднесувал извештајот до Собранието на разгледување и усвојување, а во ставот 8 дека доколку Собранието не го усвои извештајот, тоа ќе било основ за поведување постапка пред органите што ги избрале членовите на Судскиот совет за оцена на нивната работа во советот.

Во иницијативата се наведува дека член 100 став 6 во делот: „и усвојување“ и ставот 8 од Законот, не биле во согласност со член 8 од Уставот, каде е определено начелото на поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, како темелна вредност на уставниот поредок, на член 68 алинеја 16 од Уставот, каде е утврдено дека една од надлежностите на Собранието на Република Северна Македонија е да врши политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието, на Амандманот XXVIII од Уставот, во кој е уредено дека Судскиот совет на Република Северна Македонија е самостоен и независен орган на судството, и Советот ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, како и на Амандманот XXIX од Уставот, каде е определено дека Советот за својата работа поднесува годишен извештај до Собранието на Република Северна Македонија чија форма, содржина и начин на усвојување се уредуваат со закон.

Оттука, недвосмислено се заклучувало дека со Законот за Судскиот совет на Република Северна Маккедонија не можат да се пропишува дека годишниот извештај се доставувал на усвојување на Собранието и дека од евентуално неусвојување, членовите на Советот ќе имале последици по однос на своето работење и функционирање како членови во Советот. Имено, Уставот со наведените норми кои се однесувале на надлежностите на Собранието и на независноста и работата на Советот, давал основ само за законско уредување на прашањето за формата, содржината и начинот на изготвување и усвојување на годишниот извештај внатре во Советот кој само се поднесувал на разгледување до Собранието, меѓутоа Уставот не дава апсолутно никаков основ со закон да се пропишува дека овој извештај требало да се „усвојува“ од страна на Собранието, како и доколку не се усвои да се води постапка пред органите што ги избрале членовите на Советот заради оценка на нивната работа.

Ваквото неуставно нормирање со оспорените одредби од член 100 став 6 во делот „и усвојување“ и ставот 8 од Законот, кое излегувало надвор од уставните рамки, ја девалвирало независноста и самостојноста на Судскиот совет поради што се предлага Судот да поведе постапка за оценка на нивната уставност и истите да ги укине.

4. Судот на седницата утврди дека во Законот за Судски совет на Република Северна Македонија е предвидено:

II. СОСТАВ И ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОВЕТОТ
Состав на Советот

Член 6

(1) Советот е составен од 15 члена, од кои:
– по функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија и министерот за правда,
– осум члена на Советот ги избираат судиите од своите редови. Тројца од избраните членови се припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија, при што ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници,
– тројца членови на Советот ги избира Собранието на Република Северна Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Макекдонија и
– двајца членови на Советот предлага претседателот на Република Северна Македонија и
– двајца членови на Советот предлага претседателот на Република Северна Македонија, а изборот го врши Собранието на Република Северна Македонија, од кои еден е припадник на заедниците кои не се мнозинство на Република Северна Македонија.
(2) Членовите на Советот по функција учествуваат во работата на Советот без право на глас.
(3) Членовите на Советот по функција не учествуваат во работата на седниците на Советот на кои се расправа и одлучува за поведена постапка за утврдување на одговорност, избор или разрешување на судија или претседател на суд.

Мандат на членовите на Советот

Член 7

(1) Избраните членови на Советот од редот на судиите имаат мандат од шест години со право на уште еден избор по истекот на најмалку шест години од престанокот на претходниот мандат во Судскиот совет.
(2) Членовите на Советот избрани од страна на Собранието на Република Северна Македонија имаат мандат од шест години со право на уште еден избор.
(3) На претседател на Врховниот суд на Република Северна Македонија и на министер за правда со престанок на функцијата им престанува и мандатот во Советот.
(4) Мандатот на член кој е избран на дополнителни избори, поради предвремен престанок на мандатот на член на Советот на чие место е избран, трае шест години.

Избор и траење на мандатот на претседател на Советот

Член 8

(1) Со работата на Советот раководи претседател.
(2) Претседателот на Советот има заменик, кој го заменува во негово отсуство.
(3) Претседателот на Советот и неговиот заменик се избираат од редот на членовите на Советот со право на глас, кои се избрани од страна на Собранието на Република Северна Македонија.
(4) Претседателот на Советот и неговиот заменик се избираат со најмалку осум гласови од членовите со право на глас.
(5) Мандатот на претседателот на Советот и на заменикот претседател на Советот трае две години без право на повторен избор.

Извештај за работата

Член 100

(1) Советот за својата работа поднесува Годишен извештај до Собранието на Република Северна Македонија најдоцна до 30 април во тековната година за претходната година.
(2) Извештајот од ставот (1) на овој член јавно се објавува на веб страницата на Советот.
(3) Во извештајот се содржани податоци:
– за бројот на избраните и разрешените претседатели на судови, судии и судиите поротници,
– за бројот на поведени и завршени постапки за утврдување на одговорност,
– за кадровската состојба во судството,
– за материјално-финансиската состојба во судството,
– за состојбата во судовите согласно со годишните извештаи за нивната работа,
– податоците за постапување по претставки и предлози од граѓаните и институциите за работата на судиите и судовите.
(4) Извештајот содржи и оцени за работата на судиите во Република Северна Македонија во однос на квалитетот и ажурноста на нивната работа, како и други прашања во врска со остварувањето на независноста и самостојноста на судството.
(5) Извештајот содржи и податоци за степенот на реализација на Годишната програма за работа на Советот по ставки.
(6) Советот на седница го усвојува извештајот за својата работа со најмалку осум гласови од членовите со право на глас и го поднесува до Собранието на Република Северна Македонија на разглелдување и усвојување.
(7) По усвојувањето на извештајот за својата работа, Советот го доставува до сите судови во Република Северна Македонија.
(8) Доколку Собранието на Република Северна Македонија не го усвои извештајот, тоа ќе биде основ за поведување на расправа пред органите што ги избрале членовите на Судскиот совет за оцена на нивната работа во советот.

5. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот како темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со Амандамот XXVIII од Уставот, со кој е заменет членот 104 од Уставот, е утврдено:

„Судскиот совет на Република Северна Македонија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт.

Советот го сочинуваат петнаесет члена.

По функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија и министерот за правда. Осум члена на Советот ги избираат судиите од своите редови. Тројца од избраните членови се припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија, при што ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

Тројца членови на Советот избира Собранието на Република Северна Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.

Двајца членови на Советот предлага претседателот на Република Северна Македонија, а изборот го врши Собранието на Република Северна Македонија, од кои еден е припадник на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.

Членовите на Советот што ги избира Собранието на Република Северна Македонија односно што ги предлага претседателот на Република Северна Македонија се од редот на унивезитетските професори по право, адвокатите и други истакнати правници.

Мандатот на избраните членови на Советот трае шест години со право на уште еден избор.

Условите и постапката за избор, како и основите и постапката за престанок на функцијата и разрешување на член на Советот се уредуваат со закон.

Функцијата избран член на Советот е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на други јавни функции и професии утврдени со закон“.

Значи, уставотворецот јасно и прецизно го утврдил статусот и составот на членовите на Судскиот совет со Амандманот XXVIII од Уставот со кој бил заменет член 104 од Уставот, при што покрај определбата дека е самостоен и независен орган на судството кој ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт, со наведените одредби од Уставот, дефинирал дека по основ на функција има 2 члена (претседателот на Врховниот суд и министерот за правда), судиите самостојно избираат 8 члена (од кои тројца од избраните членови се припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Маккедонија) и Собранието на Република Северна Македонија избира 5 члена и тоа тројца со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство, а другите двајца на предлог на претседателот на Република Северна Македонија од кој еден е припадник на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.

Понатаму, со наведениот амандман на Уставот, е даден уставен основ со закон да се уредат условите и постапката за избор, како и основите и постапката за престанок на функцијата и разрешување на член на Советот. Овие прашања Уставот препуштил со закон да бидат уредени и оттука произлегува уставниот основ на законодавецот со Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, да се регулира предметната материја, која мора да ги следи уставните рамки, ова согласно член 51 став 1 од Уставот, дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот.

Со Амандман XXVIII од Уставот, со кој е заменет членот 105 од Уставот, се утврдени надлежностите на Судскиот совет на Република Северна Македонија, при што е утврдено дека Советот за својата работа поднесува годишен извештај до Собранието на Република Северна Македонија, чија форма, содржина и начин на усвојување се уредуваат со закон.

Неспорно е дека со оваа уставна норма е даден уставен основ со Законот да се регулираат и прашањата во врска со поднесувањето на годишниот извештај на Судскиот совет за својата работа до Собранието на Република Северна Македонија и со законот посебно да се уреди формата, содржината и начинот на усвојување на извештајот. Секако неспорно е дека се работи за извештај кој го изготвува и поднесува Судскиот совет до Собранието на усвојување, што експлицитно произлегува од наведената уставна норма.

Законот за судскиот совет на Република Северна Македонија, во членот 1 го определил предметот на уредување на овој закон и е утврдено дека се уредува постапката за изборот на Судскиот совет на Република Северна Македонија, начинот на остварување на неговите функции, изборот, престанокот и разрешувањето на судија и судија поротник, постапката за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд, утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција, следењето и оценувањето на работата на судиите, начинот на работа и одлучување и други прашања поврзани со работата на Судскиот совет на Република Северна Македонија.

Во делот на одредбите од овој закон, кој се однесува на „Состав и претседател на Советот“, се содржани оспорените одредби од член 6 ставови 2 и 3, член 7 став 1 и член 8 став 3.

Од содржината на одредбите од членот 6 од Законот, неспорно е дека во ставот 1 е определен составот на Советот согласно Амандман XXVIII од Уставот, а во ставовите 2 и 3 кои се оспорени со иницијативата е уредено дека членовите на Советот по функција учествуваат во работата на Советот без право на глас и дека тие не учествуваат во работата на седниците на Советот на кои се расправа и одлучува за поведена постапка за утврдување на одговорност, избор или разрешување на судија или претседател на суд. Имено, со овие одредби се издвојува начинот на работата во Советот од страна на двајцата членови по функција, односно на претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија и на министерот за правда.

Имајќи ги во предвид уставните норми и одредбите од Законот кои ја дефинираат целта на основање на Судскиот совет како самостоен и независен орган на судството што ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт преку остварување на своите функции согласно со Уставот и законите и Советот со својата работа оневозможува политичко или по сила на функција, влијание во судството, произлегува и интенцијата на законодавецот да го издвои начинот на работата и учеството на членовите по функција од другите членови во Советот. Имено, функцијата на овие членови која сама по себе ексклузивно им го обезбедила учеството во составот на Советот по сила на Уставот и Законот, а не по пат на избор на членови во Советот, го детерминира и различното законско решение во оспорените ставови 2 и 3 на членот 6 од Законот, како соодветно избалансирано законско нормирање во насока на афирмација на самостојноста и независноста на судската власт во чии рамки е Судскиот совет како орган на судството.

Од овие причини не може основано да се постави прашањето за несогласност на одредбите од член 6 ставови 2 и 3 од Законот со Уставот.

Поаѓајќи од Амандманот XXVIII од Уставот, кој меѓу другото утврдил дека мандатот на избраните членови на Советот трае шест години, со право на уште еден избор, а условите и постапката за избор, како и основите и постапката за престанок на функцијата и разрешување на член на Советот се уредуваат со закон, произлегува дека законското решение во оспорениот член 7 став 1 од Законот е во согласност со Уставот. Ова поради тоа што со одредбите од членот 7 од Законот, согласно нормите од Уставот е пропишано дека мандатот на избраните членови во Советот трае шест години и дека тие имаат право на уште еден избор, со тоа што повторниот избор кај избраните членови од редот на судиите може да се оствари по истекот на најмалку шест години од престанокот на претходниот мандат во Судскиот совет.

Оттука, јасно е дека мандатот од шест години на избраните членови во Советот е законски утврден согласно Уставот, но неспорно е дека и повторниот избор кај овие членови со нов мандат од шест години е предвиден во членот 7 од Законот, кој во ставот 1 од овој член законодавецот определил дека за повторен избор кај избраните членови на Советот од редот на судиите мора да има протек од најмалку шест години од престанокот на претходниот мандат во Советот.

Со оглед на фактот дека со Амандманот XXVIII од Уставот е даден уставен основ условите и постапката за избор на член на Советот да се уредува со закон, јасно е дека и со оспорената одредба од ставот 1 на членот 7 од Законот не е повреден Уставот. Со тоа што ова право на повторен избор за член на Советот нив им е законски пропишан начинот на остварување на правото на повторен избор на избраните членови на Советот од редот на судиите, дозволено само по истекот на најмалку шест години од престанокот на претходниот мандат во Советот, не ја прави одредбата од Законот спротивна на Уставот, со оглед на тоа што постои уставен основ со закон да се уредува прашањето за избор на член на Советот во кое е и правото на повторен избор, а начинот на кој е тоа уредено со оспорената одредба од ставот 1 на членот 7 од Законот, е прашање на целисходност и законодавна политика на законодавецот кој меѓу другото водел сметка и за тоа членовите од редот на судиите да не го изгубат во подолг рок, континуитетот на судиското работење од што зависи и базата на нивниот избор.

Од овие причини не може уставно да се проблематизира одредбата од член 7 став 1 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија со Уставот.

– Со членот 8 од Законот е уредено прашањето на избор и траење на мандатот на претседател на Советот, при што е предвидено дека со работата на Советот раководи претседател, тој има заменик, се избираат со најмалку осум гласови од членовите со право на глас и нивниот мандат трае две години без право на повторен избор.

Меѓутоа, со оспорениот став 3 од овој член од Законот, е пропишано дека претседателот на Советот и неговиот заменик се избираат од редот на членовите на Советот со право на глас, кои се избрани од страна на Собранието на Република Северна Македонија.

Согласно погоре наведените норми од Уставот и Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, неспорно е дека од вкупниот број, 15 членови на Советот, од кои двајца се по основ на функција и без право на глас, осум се избрани членови од редот на судиите, а само пет се избрани членови од страна на Собранието на Република Северна Македонија, сепак се поставува прашањето како во текот на редовен мандат од шест години, ќе може од петте членови на Советот избрани од Собранието да се оствари законската определба да се изберат по двајца од нив за вршење на должноста претседател и заменик претседател на Советот со двегодишен мандат, а притоа и немаат право на повторен избор за раководните звања во Советот. Ова создава проблем во применливоста на одредбата.

Со оглед на фактот дека постои уставен основ со закон да се пропишуваат условите и постапката за избор на член на Совет, а во тие рамки и нивната организација, сепак од уставно-правен аспект одредбата од ставот 3 на членот 8 од Законот не може да се опсервира само како прашање на законодавна политика во сферата на целисходност во нормирањето. Ова поради тоа што во случајов врз основа на изнесеното, преовладува мислење дека со дел од оваа оспорена законска норма се повредува член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, а правната сигурност е елемент на владеењето на правото. Имајќи ја предвид изнесената правна состојба во однос на правото и начинот на избор на претседател на Советот и негов заменик, Судот смета дека покрај тоа што може да се изрази сомнение за функционален проблем од аспект на правната применливост на одредбата, во суштина се работи за проблематизирање од уставно–правен аспект во однос на забраната која произлегува од одредбата за избор на претседател и негов заменик на Советот од редот на членовите на Советот кои имаат право на глас, а кои се избираат од страна на судиите а не од Собранието, со што неосновано се намалува функционалниот и уставно-правниот статус на овие членови на Советот избрани од редот на судиите поради неможноста за избор за претседател и заменик на претседателот, во однос на членовите кои се избираат од Собранието а кои го имаат ова право. Имено, изборот на претседател и негов заменик во Советот е неосновано ограничено само од редот на членовите на Советот кои се избрани од Собранието, а притоа останатите членови во Советот со право на глас во работењето не се опфатени со законското решение за избор на наведените звања – претседател и негов заменик во Советот, што создава различно третирање меѓу членовите во Советот со право на глас без основ за тоа во Уставот.

Поаѓајќи од наведеното, Судот основано го постави прашањето за несогласност на член 8 став 3 во делот: „ кои се избрани од страна на Собранието на Република Северна Македонија“ од Законот за Судски совет на Република Северна Македонија како несогласен со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од аспект на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок во Република Северна Македонија дека се нарушува правната сигурност како елемент на владеење на правото. За наведената законска одредба во останатиот дел, се оцени дека не може да се постави прашањето за несогласност со Уставот.

– Поаѓајќи од Амандманот XXIX од Уставот со кој е заменет членот 105 од Уставот, во кој се утврдени надлежностите на Судскиот совет, меѓу другото е определено дека Советот за својата работа поднесува годишен извештај до Собранието на Република Северна Македонија, чија форма, содржина и начин на усвојување се уредуваат со закон.

Со одредбите од членот 100 од Законот е уредено прашањето за извештајот за работа на Советот кој го поднесува до Собранието на Република Северна Македонија најдоцна до 30 април во тековната година за претходната година. Во ставот 6 од овој член од Законот е оспорен делот „и усвојување“, од аспект дека за овој извештај Собранието имало уставно овластување само да го разгледа но не и да го усвојува, па во овој дел и се оспорува. Исто така, и во целина ставот 8 од овој член од Законот се оспорува дека предвидувал последици, доколку Собранието не го усвои извештајот, односно тоа ќе било основ за поведување на расправа пред органите што ги избрале членовите на Судскиот совет за оцена на нивната работа во Советот.

Одредбите од членот 100 став 6 во делот „и усвојување“ и ставот 8 не можат уставно-правно да се проблематизираат од наводите во иницијативата, поради тоа што Амандманот XXIX од Уставот јасно утврдил дека со закон се уредува формата, содржината и начинот на усвојување на годишниот извештај на Судскиот совет кој се поднесува до Собранието на Република Северна Македонија. Законодавецот има уставен основ со закон да го пропише и прашањето на усвојување на годишниот извештај од страна на Собранието како и да предвиди последици од евентуалното неусвојување на извештајот. Имено, обврската за поднесување извештај за својата работа пред Собранието кое може да го усвои или да не го усвои извештајот и со тоа да се продуцираат последици како што е тоа уредено со ставот 8 на членот 100 од Законот е насочено кон регулирање на права и обврски кои произлегуваат од целите заради кои е основан Судскиот совет. Тој е самостоен и независен орган на судството, но мандатот на членовите на овој орган би бил апсолутен доколку во рамки на уставната и законска надлежност да даде извештај и отчетност до Собранието не биде предмет на оценка и усвојување на начин како е тоа пропишано со оспорените одредби од Законот. Овој правен концепт на законодавецот не е во спротивност со Уставот и за оспорените одредби од член 100 став 6 во делот „и усвојување“ и ставот 8 од Законот, не може основано да се постави прашањето за несогласност со Уставот.

6. Врз основа на изнесената уставно-судска анализа Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова. Решението во однос на точката 1 Судот го донесе со мнозинство гласови.

У.бр.233/2020
28.04.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати