Решение У.бр.285/2020

У.бр.285/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеи 1 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 5 мај 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на делот: „и надоместот“ од член 31 став 14 од Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000, 34/2000-испр. 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009, 50/2010, 156/2010, 53/2011, 26/2012, 16/2013, 91/2013, 187/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 112/2014, 113/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 98/2015, 129/2015, 150/2015, 154/2015, 192/2015, 217/2015, 27/2016, 37/2016, 120/2016, 142/2016 и 171/2017 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на дел од член 31 став 14 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата ги цитира член 31 став 14 (со оспорениот дел) и член 56 од Законот па наведува дека оспорениот дел бил непрецизен што не било во согласност со принципот на владеење на правото кој подразбирал во правниот промет да постоеле јасни, прецизни и концизни норми кои немало да доведат до забуна во примената.

Имено, неспорно било дека Управниот одбор на Фондот бил овластен да донесе подазконски акт на кој акт министерот давал согласност. Но, од содржината на член 31 како и од целината на Законот не биле попрецизно пропишани критериумите и параметрите во однос на мерливоста на самиот надоместок кој требало да им се плаќа на членовите на комисиите. Според тоа, можело да дојде до состојба кога со подзаконскиот акт, кој бил послаб во правото наспрема законот кој бил посилен акт во правото, арбитрарно, токму со подзаконскиот акт, да се пропишувале критериуми и параметри врз основа на кои надоместокот би се пресметувал и исплаќал. Ова од причина што во Законот попрецизно не биле пропишани критериумите за пресметка и мерливост на надоместокот.

Дополнително кон ова останувало прашањето дали станувало збор за дополнителен ангажман на членовите на комисиите или тоа било нивна работна обврска од работниот однос за кој добивале надоместок во вид на плата, а не „дополнителен“ надоместок. Дополнителното наградување можело да се воспостави, но дополнителното наградување при редовни работни задачи од редовен работен однос не било во духот на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата, смета дека оспорениот дел не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот па предлага Судот да поведе постапка за оценување на неговата уставност, а потоа истиот да го укине.

3. Судот на седницата, утврди дека во член 31 став 14 од Законот е предвидено дека составот, начинот на работа и надоместот за работата на првостепената и второстепената лекарска комисија за лекување во странство ја утврдува Управниот одбор на Фондот со општ акт на кој министерот за здравство дава согласност.

Одредбата се оспорува во делот: „и надоместот“.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, која бара во правниот поредок да егзистираат јасни прецизни и недвосмислени норми кои се лесни и препознатливи за примена.

Законодавецот остава можност при регулирањето на одредена сложена проблематика која не може однапред да ги детектира сите можни правни ситуации, во функција на доразработка на законските норми, со подзаконски акт да се доуредат одредени области што по суштина значи отстапување од принципот на лесно препознатлива законска уреденост особено кај поголем опфат на материја со различни однапред неопределени ситуации. Таков е случајот и со оспорениот дел од член 31 став 14 од Законот.

Имено, од анализата на членовите 30 и 31, целината на Законот за здравственото осигурување и од содржината на Правилникот за начинот на користење на здравствени услуги на осигурените лица во странство („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2013, 48/2015, 68/2015 и 211/2015), членот 68 став 1 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 124/2015) произлегува следното:

Според членот 30 од Законот за здравственото осигурување може да се јави потреба од болничко лекување на осигуреното лице во странство, потреба од контролен преглед на ова лице во странство, појава за итно лекување во странство, потреба од здравствена услуга на осигуреници кои привремено престојуваат во странство (привремена работа, студиски престој, научна, културна соработка и слично) и други ситуациии кои бараат донесеување на одлука со кои ќе се овозможи здравствената услуга во дадена ситуација.

Членот 31 став 1 од Законот за здравственото осигурување, определува дека во постапката за остварување на правата и обврските утврдени со овој закон се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка, ако со овој закон поинаку не е определено.

Членот 68 став 1 од Законот за општата управна постапка предвидува дека, трошоците на постапката ги опфаќаат посебните издатоци во готови пари на јавниот орган што ја води постапката, како што се: патните трошоци на службените лица, издатоците за сведоци, вештаци, толкувачи, увид, огласи и слично, а кои настанале со спроведувањето на постапката по некоја управна работа.

Исто така, во смисла на целината на членот 31 од Законот за здравственото осигурување, произлегува дека по повод поднесено барање од осигуреникот, врз основа на приложена соодветна здравствена документација и претходно утврдена фактичка состојба и потребно мислење од лекарските комисии на Фондот, Фондот носи решение во предвидените законски рокови.

Во постапките за остварување на правото од член 30 став 1 од овој закон во прв степен одлучува директорот на Фондот врз основа на мислењата на првостепена лекарска комисија, формирана од директорот на Фондот (членови и заменици), односно второ-степена лекарска комисија за лекување во странство, формирана од Управниот одбор на Фондот (членови и заменици). Предвидено е позитивното мислење од првостепената лекарска комисија за лекување во странство задолжително да го преиспитува второстепена лекарска комисија за лекување во странство во рок од 7 дена по приемот на мислењето, како и тоа дека мислењето од второ-степената лекарска комисија за лекување во странство е конечно. Осигуреникот има право да изјави жалба до министерот за здравство, односно да води управен спор.

Од одредбите на означениот правилник (членови 7 и 8), меѓу другото произлегува дека, првостепената и второстепената комисија имаат по седум члена и по седум заменици од истакнати медицински лица од различни супспецијалности (вкупно 28 стручни лица). Првостепената комисија одржува седници секој вторник во неделата (член 9 став 1 од Правилникот), а второстепената комисија (член 9 став 5 од Правилникот) задолжително го преиспитува позитивниот наод, оценка и мислење на првостепената комисија во рок од седум дена. Според член 10 ставови 1 и 2 од Правилникот доколку се работи за итен, виталнозагрозувачки случај во најкус можен рок се закажува седница и одлуката се носи врз основа на расположивата документација, се дава наод, оценка и мислење од двете комисии во ист ден.

Оценката и мислењето, меѓу другото, според членот 11 од Правилникот, содржат податоци за тоа: дали се исцрпени сите можности за лекување во земјата, вклучително и можноста предвидена со членот 27 со Правилникот (лекување во домашна приватна здравствена установа); дали постојат можности за успешно лекување на заболувањето во странство; во која земја, односно во која странска болничка здравствена установа; вид на лекување кое се предлага и времето потребно за лекување во странство; дали на осигуреното лице му е потребен придружник, односно стручен придружник и за кое време (само при заминување, само при враќање, при враќање и заминување или за сето време на лекувањето во странство); погодно превозно средство (воз, автобус, авион, кола за санитетски превоз) и начинот на превозот, како и потребата од продолжување на болничкото лекување и дополнителни трошоци во странската здравствена установа.

Од сето наведено произлегува дека станува збор за обемна и комплексна материја, со разни непредвидени моменти и правни ситуации, како што се: број на вакви случаи за кои одлучуваат комисиите кој не е однапред предвидлив, број на одржани седници, колкав број на стручни лица и од која специјалност би биле ангажирани за секој конкретен случај, какви дејствија ќе треба да преземат и во кој обем, дали одлуката се носи во редовна или итна постапка, дали се направени патни трошоци и во кој обем и слично. Сето ова дава за право не само составот и начинот на работа, туку надоместот за работата (оспорен дел) на првостепената и второстепената лекарска комисија за лекување во странство да ја утврдува Управниот одбор на Фондот со општ акт на кој министерот за здравство дава согласност. Инаку, членовите на комисијата и замениците се истакнати медицински лица кои не се во работен однос со Фондот и немаат статус на админстративни работници, што произлегува од одредбите на целината на Законот, кој не го регулира нивниот статус како редовно вработени, од одредбите на Правилникот и даденото мислење на Владата на Република Северна Македонија бр.44.6-10091/1 од 17 ноември 2020 година.

Врз основа на направената анализа и изнесената уставно-судска практика Судот оцени дека оспорениот дел од член 31 став 14 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.285/2020
05.05.2021 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати