Решение У.бр.278/2020

У.бр.278/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 10 март 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 281-а од Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија” број 80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014, 115/2014, 104/2015 и 150/2015).

2. Ѓорѓи Павлов, адвокат од Кавадарци, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот од Законот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата, иако со членот 66 од Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство („Службен весник на Република Македонија” број 138/2014) се уредувало дека со влегување во сила на овој закон, помеѓу другото, престанал да важи и членот 94-е од Законот за семејството („Службен весник на Рeпублика Македонија“ број 80/1992, … и 38/2014), оспорениот член 281-а од Законот за семејството упатувал на членот 94-е којшто не бил во правниот поредок, што доведувало до правна несигурност, нејаснотии и забуна во практикувањето на правото на субјектите засегнати со таа одредба, поради што се бара укинување на оспорениот член 281-а од Законот, како спротивен на принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 281-а од Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија” број 80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014, 115/2014, 104/2015 и 150/2015), за спроведување на извршување на изречена привремена мерка од членот 94-е на овој закон, за точките 1, 2, 3, 4 и 5 е надлежно Министерството за внатрешни работи, точката 8 ја спроведува соодветно советувалиште, за точката 9 е надлежно Министерството за здравство, а извршувањето на изречените привремени мерки од точките 6, 7, 10 и 11 се спроведуваат согласно со закон. Судот утврди и дека членот 94-е од Законот за семејството, не е во правниот поредок.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Во конкретниот случај Судот утврди дека во 2014 година, е донесен посебен Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство („Службен весник на Република Македонија” број 138/2014) во кој материјата посветена на семејното насилство, којашто дотогаш била предмет на уредување со Законот за семејството, сега е предмет на уредување со овој посебен закон. Согласно на ова, законодавецот со членот 66 од посебниот закон, пропишал дека „со влегување во сила на овој закон, помеѓу другото, престанува да важи и членот 94-е од Законот за семејството („Службен весник на Рeпублика Македонија“ број 80/1992, … и 38/2014)”.

Со предметната иницијатива се бара поведување на постапка и укинување на членот 281-а од Законот за семејството, бидејќи упатувал на норма (членот 94-е) којашто не била во правниот поредок, што можело да предизвика забуна во практикувањето на правото.

Во врска со ова, Судот констатира дека станува збор за технички пропуст којшто не може да го доведе во прашање принципот на владеење на правото, бидејќи нема реални можности оспорениот член 281-а од Законот за семејството да предизвика некаква забуна кај органите во практикувањето на правото, бидејќи и според оспорениот член 281-а од Законот за семејството, а и според Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, истите органи соодветно се надлежни за извршување на привремените мерки за заштита од семејното насилство. Воедно, органите се должни да внимаваат на своите надлежности и овластувања и да постапуваат согласно законите, вклучително и на нивните измени и дополнувања, како и на сите други прописи од нивната надлежност. Покрај ова, околноста што оспорениот член 281-а од Законот за семејството упатува на одредба од истиот закон којашто не е во правниот поредок, нема правно дејство, бидејќи норма којашто упатува на норма која не е во правниот поредок, е неприменлива.

Во конкретниот случај, барањето со иницијативата е всушност барање, Уставниот суд, преку уставниот механизам – поведување на постапка да изврши номотехничка корекција во Законот за семејството, со цел да се изврши меѓусебно усогласување на закони. Меѓутоа, ваквото барање е надвор од уставните надлежности од член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, според кој Уставниот суд, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, што значи не одлучува за меѓусебната согласност на законите или нивните одредби. Во надлежност на законодавецот е да ги креира прописите, истите да ги менува и дополнува, а воедно преку своите механизми и да врши технички исправки и корекции на прописите коишто ги донесува.

5. Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.278/2020
10 март 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати