Издвоено мислење

Издвоено мислење по предметот У.бр.164/2019

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020), по моето гласање против Решението У.бр.164/2019 година, донесено на ден 10.02.2021 година, за неповедување на постапка за оценување на уставноста на членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.7/2019) го издвојувам и писмено го образложувам следното:

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Уставниот суд на Република Северна Македонија постапувајќи по иницијативата на подносителката Катица Тасева од Кочани, за оценување на уставноста на членот 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение, со мнозинство гласови донесе Решение за неповедување на постапка за уставноста на оспорената одредба од Законот и ја отфрли иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, бидејќи оцени дека таа одредба по сите основи е во согласност со Уставот.

Изразувајќи несогласност со таквото решение гласав против и го издвојувам своето мислење, затоа што сметам дека оспорената одредба од членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, не е во согласност со Уставот, поради што требаше да се поведе постапка за оценување на нејзината уставност и врз основа на изведување на правно издржани аргументи да се донесе правилна одлука.

Моето спротивно мислење го темелам на ставот дека Решението на Судот е во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3, 7 и 11 (владеење на правото, слободата на пазарот и претприемништвото и почитување на општо прифатените норми на меѓународното право како темелна вредност на уставниот поредок), членот 9, членот 51 и членот 55 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во ова решение Судот оценил:
„Имајќи ја предвид суптилноста на проблематиката на давањето под концесија на минералните суровини како природно богатство, сфера која е најтесно поврзана со здравјето на граѓаните и заштита на животната средина, Судот смета дека со оспорената законска одредба не се повредува членот 8, членот 9 и членот 55 од Уставот на Република Македонија, односно темелните вредности на уставниот поредок или поконкретно владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото. Имено, основната интенција на законодавецот со оспорената одредба од наведениот закон е во насока на неможноста да се даде под концесија вршењето на експлоатација на минерални суровини со лужење или флотација на металични минерални суровини со цијанид или сулфурна киселина во рудници со отворен коп, со исклучок на веќе дадените концесии. Ова дотолку повеќе што државата има уставна обврска да врши ограничување со цел заштита на животот и здравјето на луѓето, како и истовремено да врши контрола и да има увид во работата на субјектите кои имаат добиено под концесија експлоатација на минерални суровини, при што непочитувањето на обврските на концесионерот можат да бидат основ за одземање на дозволата за доделување на концесијата како и надоместување на штетите предизвикани со незаконското работење на лицата кои добиле дозвола…“

Сметам дека оспорениот член е во директна спротивност со членот 55 од Уставот и со него се повредува еднаквата правна положба на субјектите на пазарот, односно едни субјекти се ставаат во поповолна положба во однос на други. Спорниот член е нејасен и контрадикторен со што се поткопува една од темелните вредности на уставниот поредок, а тоа е владеењето на правото.

Несомнено е дека намерата на законодавецот при усвојување на спорниот член била да се придонесе за заштита на животната средина од загадувањето коешто го предизвикува цијанидот и сулфурната киселина при рударските работи. Меѓутоа и покрај добрата намера на законодавецот со усвојувањето на спорниот член сметам дека тој го прекршил Уставот. Со оспорениот член законодавецот ги става постоечките рудници во поповолна положба од сите останати идни рудници или пак постоечки концесионери кои се уште не станале рудници.

Оттука, за мене не е јасно зошто постоечките рудници би се ставале во поповолна положба од сите други и истите да продолжат да ја загадуваат животната средина и здравјето на луѓето.

Праксата во останатите земји од Европа коишто вовеле ваков тип на забрана (Чешка, Унгарија и други) е дека на постоечките рудници им се дава преоден рок во кој ќе мора да се усогласат со законската забрана за употреба на штетни хемикалии, а не да продолжат непречено истите да ги употребуваат.

Оспорениот член од Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини не предвидува никакви преодни одредби, што доведува до повреда на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок.

Законодавецот при донесување на изменување и дополнување, требало да ја има предвид постапката за отворање на рудник, при што една постапка за отворање на рудник вообичаено трае повеќе од 10 години. Во тој период концесионерот вложува значителни средства и ги подготвува сите проекти согласно постојната регулатива, односно со употреба на цијанид што е највообичаен начин за преработка на металични суровини.

Во ситуација каде што има прецизни законски рокови за исполнување на сите законски барања, усвојувањето на оспорениот член без никаква преодна одредба за постоечките концесионери несомнено значи потреба од целосна преработка на сите студии, елаборати, рударски проекти итн. Ова значи дека нема можност да се исполнат сите обврски во законските рокови, со што концесионерите се доведуваат во ризик нивните концесии да бидат одземени од страна на државата.

Исто така, според мене, оспорениот член е бесмислен, од причини што со примената на истиот се ограничувала работата на рудниците со отворен коп, од друга страна за употреба на цијанид и сулфурна киселина апсолутно нема значење дали рудникот е со отворен коп или пак е подземен коп.

Само за запознавање дека цијанидот и сулфурната киселина не се користат при ископување на рудата, туку истата се користи при преработка на веќе ископаната руда, така што дали рудата е ископана во рудник со отворен коп или пак, со подземен коп е небитно. Од аспект на цијанидот и сулфурната киселина единствено битно е како веќе ископаната руда ќе се преработи и кои хемикалии ќе се користат при истото. Дури и рудниците со подземен коп не ја преработуваат рудата во рударска јама, туку истата ја вадат надвор и се обработува со цијанид/сулфурна киселина.

Оттука, нејасна е потребата на законодавецот на противуставен начин да фаворизира определени рудници со подземен коп за сметка на рудници со отворен коп.

Само за потсетување дека во моментот на донесување на оспорениот член постоеле концесионери кои имале концесија за експлоатација за период од 30 години, но се уште не станале рудник, од каде се поставува прашањето дали оваа одредба важи или не важи и за нив.

Наведените измени треба да бидат согласно член 8 став 1 алинеи 3, 7 и 11 од Уставот, каде меѓу другото се предвидува дека владеењето на правото, слободата на пазарот и претприемништвото и почитување на општо прифатените норми на меѓународното право се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Исто така, одредбата не е во согласност со членот 51 од Уставот, кој предвидува дека во Република Северна Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со наведената одредба на фрапантен начин се повредува членот 55 од Уставот, каде на недвосмислен начин се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Значи Уставот гарантира, обезбедува и презема мерки против монополската положба.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека слободата на пазарот и претприемништвото е уставно загарантирана слобода која може да се ограничи само со закон (согласно со членот 54 од Уставот) во три уставно утврдени ситуации и тоа заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата и на животната средина или на здравјето на луѓето, при што Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба или монополското однесување на пазарот.

Исто така, во Уставот на многу прецизен начин во член 56 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија е уредено дека сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита, а согласно ставот 3 на овој член, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Од наведеното произлегува дека Уставот го регулира прашањето на третманот на природните богатства, добрата во општа употреба и односите на државата кон овие вредности кои можат да се отстапат на користење на начин и услови утврдени со закон, односно законодавецот има право да го уреди начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката се отстапуваат на користење. Но, регулирањето мора да биде во доменот на владението на правото, еднакво за сите правни субјекти, слободата на пазарот и претприемништвото и презема мерки против монополската положба на сите субјекти во пазарот.

Од анализата на наведените уставни одредби јасно произлегува дека гарантираната слобода на пазарот и претприемништвото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката којашто отвора широки можности за заживување на стопанството и приватната иницијатива во сите области на стопанскиот систем. За жал со наведената одредба не се гарантира слобода на пазарот и претприемништвото.

Принципот на еднаквост на пазарните субјекти претпоставува еднаква правна положба на субјектите во вршењето на својата дејност. Имено, еднаквоста треба и мора да постои меѓу оние субјекти кои вршат идентична или комплементарна дејност. Со конкретната одредба, за жал субјектите не се еднакви, немаат еднаква правна положба иако сите субјекти вршат идентична или комплементарна дејност.

Во овој контекст државата е должна да презема определени мерки со цел да се спречи монополската положба и монополското однесување на пазарот, заштитувајќи ги на тој начин правилата на пазарот, конкуренцијата од една страна и обезбедување еднакви можности за сите субјекти да вршат определена дејност од друга страна. За жал, во наведениот случај државата токму спротивно на членот 55 од Уставот наместо да ја спречи монополската положба директно дозволува односно овозможува монополска положба за веќе постоечките субјекти.

Тргнувајќи од сето погоре наведено, сметам дека со основ може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.7/2019) со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3, 7 и 11 (владеење на правото, слободата на пазарот и претприемништвото и почитување на општо прифатените норми на меѓународното право како темелна вредност на уставниот поредок), членот 9, членот 51 и членот 55 од Уставот на Република Северна Македонија, а согласно со член 25 став 6 од Деловникот на Судот го издвојувам своето мислење од донесеното решение за неповедување на постапка.

Претседател на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,
Сали Мурати

Решение У.бр.164/2019