Соопштение

Работна средба на претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Сали Мурати со заменик министерот за правда, г. Агим Нухиу

Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, г. Сали Мурати, денес оствари работна средба со заменик министерот за правда, г. Агим Нухиу.

Претседателот Мурати, ја презентираше уставната положба на Судот, неговите надлежности како и историјатот на оваа институција. Исто така од страна на претседателот на Судот, беа посочени и предизвиците со кои се соочува Уставниот суд заради остварување на целосна функционална, буџетска и административна самостојност и во контекст на ова беа презентирани прашања кои се од значење на владеењето на правото, како и заштита на човековите слободи и права.

Дополнително, претседателот Мурати ја истакна потребата од донесување посебен закон за Уставниот суд и унапредувањето на уставно-судската заштита на слободите и правата пред Уставниот суд.

Од страна на претседателот Мурати беше презентирана работата на Уставниот суд во време на пандемијата прогласена од COVID-19 и беше нагласено значењето на одлуките донесени во овој период од аспект на заштита на уставноста и законитоста на донесените уредби со законска сила, но и другите акти донесени од органите на државната власт.

Заменик министерот за правда, г. Агим Нухиу изрази благодарност за приемот и истакна дека оваа неговата посета на Судот е многу корисна со оглед дека се работи за една од највисоките институции во државата чија задача е да ги штити уставноста и законитоста и човековите слободи и права.