Решение У.бр.174/2020

У.бр.174/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 3 март 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето од подносителите Здравко Савески од Скопје, Џејлан Велиу од Битола, Петар Чуриќ од Куманово и Зоран Василески, адвокат од Скопје, кој се јавува и како полномошник на останатите баратели, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на политичкото здружување и дејствување, за кои сметаат дека им биле повредени со Решение РПП бр.7/19 од 26.12.2019 година на Основниот граѓански суд Скопје и Решение ГЖ-650/20 од 26.02.2020 година на Апелациониот суд Скопје.

2. До Уставниот суд на Република Северна Македонија, именуваните од точката 1 на ова решение, поднесоа барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на политичкото здружување и дејствување.

Од наводите изнесени во барањето, насловено како уставна жалба, произлегува дека подносителите до Основниот граѓански суд Скопје поднеле предлог за повторување на претходно правосилно завршена постапка РПП 7/19, која се однесувала на барање за упис на промена на лице кое ќе ја застапува и претставува политичката партија Левица во Судскиот регистар на политички партии, а поради обезбедени нови докази. По повод поднесениот предлог за повторување на постапка, Основниот граѓански суд Скопје го донел Решението РПП 7/19 од 26.12.2019 година, со кој на подносителите им бил одбиен предлогот како недозволен. Незадоволни од ваквото решение, подносителите вложиле жалба до Апелациониот суд Скопје, која со Решението ГЖ 650/20 од 26.02.2020 година им била одбиена како неоснована, а првостепеното решение било потврдено.

Според подносителите, со наведените акти донесени во судска постапка, им било повредено правото на политичко организирање и дејствување од членот 20 од Уставот со кој на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, поради што граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Од наводите изнесени во барањето, произлегува дека клучното спорно прашање поставено со предлогот за повторување на постапката било прашањето во однос на тоа кој бил персоналниот состав на Президиумот на Левица во првата недела на февруари 2019 година (во деновите 4, 5, 6 и 7 февруари 2019 година), односно кој бил персоналниот состав надлежен за носење одлука за промена на правниот застапник.

Во предметното барање, понатаму се наведува дека со наведените акти на Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје, покрај тоа што им било ускратено правото на политичко дејствување, дополнително со истите се предвидувало дека 3оран Василески и Здравко Савески требало да платат отштета за искажаната вистина и предоченото неправо и неправда, како и адвокатски трошоци на адвокатот ангажиран од партијата која ја водел Димитар Апасиев, а сето тоа врз основа на судска одлука заснована на погрешно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право. Дополнително на ова, исто така, и политичката кариера на претходно споменатите ќе им била доведена во прашање.

Според наводите во барањето, непоништувањето на актите со кои им била сторена повредата на човековите слободи и права, ќе значело дека сите граѓани коишто ќе решеле да основаат политичка партија, ќе требало да внимаваат кого ќе постават за лице кое ќе ја претставува и застапува партијата, затоа што истото ќе има преголема моќ, без притоа да бидат битни внатрешната структура на партијата и статутарните механизми на одлучување. Дополнително на ова, во однос на сите партиски одлуки, релевантна ќе била само волјата на овластениот застапник, а исто така, бидејќи тој располагал со печатот, тоа значело дека никогаш немало да биде возможно да биде сменет од таа позиција.

Од Уставниот суд, подносителите бараат да се одржи јавна расправа, а потоа да се поништат актите со коишто им биле повредени нивните слободи и права што се однесуваат на политичко здружување и дејствување.

3. Во врска со предметното барање за заштита на слободи и права, а врз основа на приложената и прибавена документација, Уставниот суд утврди дека подносителите поднеле предлог за повторување на претходно правосилно завршена постапка РПП 7/19 до Основниот граѓански суд Скопје, а која се однесувала на упис на промена на лице кое ќе ја застапува и претставува политичката партија Левица во Судскиот регистар на политички партии.

Основ за поднесување на предлогот за повторување на постапката биле новите докази до коишто дошле предлагачите по донесувањето на Решението РПП бр.7/2019 од 08.04.2019 година. Меѓутоа, и покрај новите докази, Основниот граѓански суд Скопје на ден 26.12.2019 година, донел Решение со коешто предлогот за повторување на постапката го отфрлил како недозволен, од причина што, во конкретниот случај од околностите коишто биле изнесени во предлогот од страна на самите предлагачи, во корелација со приложените докази во списите на предметот се утврдило дека не се работело за нови докази и факти коишто предлагачите без своја вина не можеле да ги изнесат во текот на претходната постапка за упис во Судскиот регистар на политички партии на лице кое ќе ја застапувало и претставувало политичката партија Левица.

Против ова решение, од страна на подносителите била вложена жалба до Апелациониот суд Скопје поради сторени суштествени повреди на одредбите од парничната постапка, погрешно и нецелосно утврдената фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право, која е одбиена со Решение ГЖ-650/20 од 26.02.2020 година, а Решението РПП 7/19 од 26.12.2019 година било потврдено.

4. Според член 8 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот.

Со членот 20 од Уставот на Република Северна Македонија на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања (став 1). Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат (став 2). Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост (став 3).

Во член 50 став 1 од Уставот е пропишано право на секој граѓанин да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд, врз начелата на приоритет и итност.

Со член 110 алинеја 3 од Уставот се предвидени слободите и правата на човекот и граѓанинот чијашто заштита се остварува пред Уставниот суд на Република Северна Македонија, а се однесуваат на: слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но, не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според членот 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради коишто се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Од наведените уставни и деловнички одредби произлегува дека граѓаните имаат право слободно да се организираат и да се здружуваат со цел дејствување, помеѓу другото и заради остварување на заеднички интереси во политиката, за која цел граѓаните можат слободно да основаат политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат. Ова уставно право на граѓаните е гарантирано со членот 20 од Уставот и истото е едно од правата коишто согласно член 110 алинеја 3 од Уставот ги штити Уставниот суд на Република Северна Македонија во рамки на својата надлежност за заштита на човековите слободи и права. Оваа надлежност на Судот понатаму е разработена со Деловникот на Судот (членови 51-57).

5. Уставниот суд претходно одлучуваше по предметот У.бр.125/2019 кога од страна на истите подносители беше поднесено барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на политичкото здружување и дејствување, коишто сметале дека им биле повредени со Решението РПП бр.7/19 од 08.04.2019 година и Решението ГЖ-2664/19 од 11.07.2019 година, донесени во постапката за упис на промена на лице кое ќе ја застапува и претставува политичката партија Левица во Судскиот регистар на политички партии.

Имено, Судот со Решението У.бр.125/2019 од 15 јануари 2020 година го отфрли барањето од подносителите Здравко Савески од Скопје, Џејлан Велиу од Битола, Петар Чуриќ од Куманово и Зоран Василески од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, од причина што оцени дека не станува збор за акти донесени во судска постапка со кои барателите се одбивале во нивната намера и цел за здружување преку регистрација на политичка партија заради политичко дејствување во општеството, ниту забрана за нивното политичко дејствување. Судот тогаш оцени дека наместо конкретни факти и докази за сторена повреда на слобода или право, акцентот во предметното барање бил ставен на внатрепартиска состојба во политичката партија Левица, поточно судир на интереси помеѓу подносителите на барањето и лицето во партијата кое ја застапувало и претставувало политичката партија.

Во конкретниот случај, Судот, исто така, утврди дека предмет на барањето е Уставниот суд да се впушти во преиспитување на одлуките на судовите во поглед на фактичката состојба и примената на материјалното право. Меѓутоа, според Судот, уставниот инструмент-барање за заштита на слободи и права, не може да се користи за таа цел, поточно со интенција да се издејствува инстанционо постапување со цел преиспитување на фактичка и правна состојба, бидејќи не претставува ниту редовно ниту вонредно правно средство, туку посебно средство за заштита на слободи и права од супсидијарен карактер, што се согледува од функционалното разграничување помеѓу надлежностите на Уставниот суд и другите судови.

Оттука, Судот оцени дека не е надлежен да ја преиспитува фактичката состојба и примената на законите од страна на редовните судови, освен во случаите кога евентуално со судските одлуки се повредувале уставните права на граѓаните (во случај кога судот одлучува за остварување на одредено право или слобода на граѓанинот, но при тоа одлучување судот погрешно протолкувал или применил некое уставно право или го занемарил, во случај на произволна или дискриминаторска примена на закон или ако дошло до повреда на процесни права), а во конкретниот случај не произлегува дека пред Основниот суд Скопје 2 Скопје се водела постапка и се одлучувало за остварување на слободи и права, туку постапка за упис на промена во судски регистар на веќе регистрирана политичка партија.

6. Исто како и во завршената судска постапка со правосилно Решение РПП бр.7/19 од 08.04.2019 година, каде Судот веќе одлучуваше за повреда на слобода и право од член 110 алинеја 3 од Уставот, и во овој случај подносителите сметаат дека првостепената судска одлука (Решение РПП 7/19 од 26.12.2019 година) била заснована на погрешна и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешно било применето материјалното и процесното право, на што тие ги засновале своите наводи во жалбената постапка пред второстепениот суд (ГЖ 650/20 од 26.02.2020 година), коишто не биле прифатени, односно биле одбиени како неосновани. Всушност, ова претставува основна појдовна точка и во предметното барање.

Имено, предлогот за повторување на постапката како вонреден правен лек бил поднесен до Основниот граѓански суд Скопје од причина што подносителите обезбедиле нови докази (по донесувањето на претходното правосилно Решение РПП бр.7/19 од 08.04.2019 година), а во врска со суштинското прашање коешто било поставено во однос на составот на Президиумот во февруари 2019 година (4, 5, 6 и 7 февруари), односно персоналниот состав на политичката партија Левица надлежен за носење на одлуката за промена на правниот застапник. Отфрлањето на овој предлог како недозволен, а понатаму и одбивањето на жалбата како неоснована и со тоа потврдувањето на Решението РПП 7/19 од 26.12.2019 година е причина за поднесување на предметното барање за заштита на човековите слободи и права. Според подносителите, новите обезбедени докази биле клучни, а надлежните органи не ги ценеле доволно и правилно, поради што утврдиле погрешна и нецелосна фактичка состојба и погрешно го примениле материјалното и процесно право, а кои наводи повисокиот суд не ги зел предвид.

Судот оцени дека и во овој случај, предметното барање во значителен дел содржи исти наводи како и во претходно поднесеното барање, без притоа да бидат изнесени нови и поинакви аргументи кои значително би ја промениле суштината на барањето и би претставувале основ за поинакво постапување од страна на овој суд. Според Судот, и во овој случај, наводите се сведуваат на судир на интереси помеѓу подносителите на предметното барање и овластеното лице за застапување и претставување на политичката партија, односно наместо конкретни факти и докази за сторена повреда на слобода или право, акцентот е ставен на внатрепартиската состојба во политичката партија Левица.

Всушност, од содржината на решението донесено по предлогот за повторување на постапката произлегува дека постои совпаѓање на решителните факти и правни ставови на судот како и во претходната правосилна судска постапка, од причина што предлогот не се засновал на нови докази и на факти кои предлагачите без нивна вина не можеле да ги изнесат во текот на истата.

Оттука, според Судот, и во овој случај станува збор за акти донесени во судска постапка со коишто не се ограничува, оневозможува или се забранува за подносителите политички да се здружуваат или дејствуваат, туку станува збор за акти донесени во постапка по предлог за преиспитување на претходно правосилно завршена постапка. Всушност, посочените акти со кои се тврди дека е сторена повредата, не претставуваат акти со кои се одлучувало за остварување на слободата на здружување на граѓаните од членот 20 од Уставот. Ова од причина што и од содржината на предметното барање произлегува дека не станува збор за одлучување на надлежните судови за остварување на право на здружување и дејствување на граѓаните, туку за одлучување во врска со предлог за повторување на постапка поради наводни нови докази, а коишто се во корелација со претходната постапка со барање за упис на промена на лице за застапување на политичка партија, веќе регистрирана.

Следствено на ова, и во конкретниот случај барањето по својата суштина претставува барање за преиспитување на конкретни судски одлуки од аспект на утврдена фактичка состојба и примената на материјалното и процесното право т.е инстанционо постапување, што е надвор од надлежностите на Уставниот суд.

Согласно претходно наведеното, а имајќи го предвид фактот дека и во овој случај предмет на барањето е Судот да се впушти во преиспитување на одлуките на судовите во поглед на фактичката состојба и примената на материјалното право што е надвор од уставните надлежности на Уставниот суд, како и фактот на непостоење на наводи коишто по својот карактер би претставувале основ за поинакво одлучување, Судот оцени дека не се исполнети процесните претпоставки од членот 52 од Деловникот на Уставниот суд, односно постојат процесни пречки Судот да се впушти во мериторно одлучување по барањето, а со цел да утврди дали постои или не повреда на правото на политичко здружување и дејствување.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Елена Гошева, Никола Ивановски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.174/2020
03.03.2021 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати