Решение У.бр.292/2020

У.бр.292/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 26 јануари 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 95 став 1 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2016, 142/2016 и 233/2018).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 95 став 4 од Законот означен во точката 1 на ова решение.

3. Адвокатот Трајче Митевски од Кавадарци, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3 и членот 53 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во иницијативата се цитира содржината на двете оспорени законски одредби, како и содржината на наведените уставни одредби.

Се наведува дека врз основа на член 16 став 1 од Законот за адвокатурата, овластувањата за давање правна помош и вршење јавни овластувања адвокатот поединец и адвокатите здружени во адвокатско друштво ги добиваат со полномошно издадено од странката, кое адвокатот сам го заверува со свој печат.

Со одредбата од член 95 став 4 од Законот за нотаријатот, според подносителот на иницијативата, се овозможувало на адвокатите да преземаат дејствија без заверка на полномошното на нотар, но само во ситуација кога полномошното го издава адвокатот, односно треба адвокатот да биде странка и учесник во конкретен предмет пред нотар.
Ова значело дека адвокатот требало да биде странка и учесник во конкретен предмет пред нотар и само во таков случај можело со полномошно заверено со адвокатски печат и потпис да овласти друг адвокат во негово име да презема дејствија, односно со заменичко полномошно.

Подносителот на иницијативата смета дека со ваква одредба во Законот за нотаријатот со која се ограничувале правата на адвокатите да можат да ги застапуваат своите странки кои им издале полномошно заверено со адвокатски печат, претставувало директен удар и тешка повреда на правата на граѓаните да им биде обезбедена правна помош.

Како адвокатите ќе ја остварувале нивната основна функција на обезбедување правна помош на граѓаните предвидена со членот 53 од Уставот кога во постапките пред нотар спротивно на член 16 став 1 од Законот за адвокатурата, нотарите не ги признавале полномошната од странките заверени со нивни адвокатски печат?

Поради наведеното, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да ја оцени уставноста на член 95 ставови 1 и 4 од Законот за нотаријатот и по спроведената постапка во ставот 1 да ги укине зборовите:„доколку истиот предложи заверено полномошно“.

Исто така, се предлага во ставот 4 од истиот член, Судот да го укине зборот:„од“ и наместо: „Полномошното издадено од адвокат се заверува со адвокатски печат и потпис“, да биде: „Полномошното издадено на адвокат се заверува со адвокатски печат и потпис“.

4. Судот на седницата утврди дека според член 95 став 1 од Законот за нотаријатот, во постапката пред нотар, за правни работи и дејствија за кои тоа по закон е дозволено, учесникот може да презема дејствија преку полномошник, доколку истиот приложи заверено полномошно.

Според ставот 4 на истиот член, полномошното издадено од адвокат се заверува со адвокатски печат и потпис.

5. Според член 8 став 1 алинеjа 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со Законот за нотаријатот се уредуваат организацијата на нотаријатот како јавна служба и неговите органи, постапката за именување и разрешување на нотарите, делокругот на работа и службените дејствија на нотарите, овластувањата на нотарите, составувањето на нотарски исправи, надзорот и дисциплинската одговорност на нотарите, како и други прашања кои се однесуваат на нотаријатот (член 1).

Според членот 2 од Законот, нотарска служба е јавна служба што ја вршат нотари, кои се самостојни и независни носители на таа служба. Нотаријатот е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања, врз основа на закон.

Според членот 95 од Законот:

(1) Во постапката пред нотар, за правни работи и дејствија за кои тоа по закон е дозволено, учесникот може да презема дејствија преку полномошник, доколку истиот приложи заверено полномошно.
(2) За правните работи од ставот (1) на овој член, со кои се врши располагање или оптоварување на недвижности, полномошното мора да биде специјално и во него изречно да бидат наведени дејствијата кои може да ги презема полномошникот.
(3) За полномошното кое се однесува на преземање дејствија во постапка по доверени работи од страна на судот и издавање на нотарски платни налози се применуваат одредбите од Законот за вонпарнична постапка и од Законот за парничната постапка.
(4) Полномошното издадено од адвокат се заверува со адвокатски печат и потпис.

Со доставената иницијатива се оспорува уставноста на член 95 став 1 од Законот за нотаријатот и се бара од Уставниот суд, по спроведената постапка, да ја укине оваа одредба во делот: „доколку истиот приложи заверено полномошно“.

Од анализата на оспорениот став 1 од членот 95 од Законот, произлегува дека со истиот се пропишува дека во постапката пред нотар, за правни работи и дејствија за кои тоа по закон е дозволено, учесникот може да презема дејствија преку полномошник, доколку истиот приложи заверено полномошно.

Тоа значи дека во постапката пред нотар, учесникот во постапката може да презема дејствија лично, но може и преку полномошник, со заверено полномошно, со што се потврдуваат податоците за лицето кое го издало полномошното и за лицето кое е полномошник. Одредбата е начелна и се однесува на сите што пред нотар ќе се јават во својство на полномошник. Понатаму, во одредбите на стaвовите 2 и 3 на истиот член, законодавецот пропишува во кој случај мора да има специјално полномошно (за правните работи со кои се врши располагање или оптоварување на недвижности, полномошното мора да биде специјално и во него изречно да бидат наведени дејствијата кои може да ги презема полномошникот), како и пропишува дека за полномошното кое се однесува на преземање дејствија во постапка по доверени работи од страна на судот и издавање на нотарски платни налози се применуваат одредбите од Законот за вонпарнична постапка и од Законот за парничната постапка. Според ставот 4 на истиот член, полномошното издадено од адвокат се заверува со адвокатски печат и потпис, што децидно значи дека истото не треба да биде заверено и кај нотар.

Оттука, според Судот, неосновани се наводите во иницијативата дека со ваквата регулатива во ставот 1 на членот 95 од Законот, се ограничувало правото на адвокатите да ги застапуваат своите странки кои им издале полномошно заверено со адвокатски печат и дека тоа претставувало директен удар и тешка повреда на правата на граѓаните да им биде обезбедена правна помош. Поради тоа, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оваа одредба, во целина, со член 8 став 1 алинеја 3 и со членот 53 од Уставот.

6. Уставниот суд, врз основа на поднесената иницијатива од Нотарската комора на Република Македонија, ја ценел уставноста на повеќе одредби од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2016 и 142/2016), меѓу кои, и на член 95 став 4 од Законот. Притоа, со Решение У.бр.129/2016 од 01.11.2017 година, Судот оценил дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оваа законска одредба со Уставот, поради што не повел постапка за оценување на нејзината уставност.

Во наведеното решение Судот утврдил:

„Според член 95 став 1 од Законот за нотаријатот, во постапката пред нотар, за правни работи и дејствија за кои тоа по закон е дозволено, учесникот може да презема дејствија преку полномошник, доколку истиот приложи заверено полномошно. Според ставот 4 на истиот член, полномошното издадено од адвокат се заверува со адвокатски печат и потпис.

Со иницијативата се оспорува ставот 4 од овој член, како одредба која била нејасна и непрецизна со оглед дека гласела „полномошно издадено од адвокат“ наместо „можеби“, „полномошно издадено од странка“.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека заверувањето на адвокатското полномошно од самиот адвокат, со Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2002) било утврдено како јавно овластување на адвокатите (член 4 став 1) и дека таквата одредба била укината со Одлука на Уставниот суд, У.бр.134/2002 („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2003).

Според изразеното мислење на Уставниот суд во таа одлука, за довереното вршење на јавното овластување важел принципот на законитост, па дејствијата што треба да ги преземат субјектите на кои им е доверено јавното овластување, треба однапред да бидат определени во законот-процедурата, формата и содржината на тие дејствија. Ако се има предвид дека во завереното полномошно и според Законот за општата управна постапка и според Законот за парничната постапка, органот може да се посомнева во неговата вистинитост. А таа вистинитост, според овие членови од законот, фактички со свој печат треба да ја гарантира и потврди адвокатот, којшто истовремено е полномошник односно едно од лицата меѓу кои е направено полномошното, оттука според Судот, ваквата гаранција е доволна гаранција за вистинитоста на полномошното во која органот се посомневал бидејќи не се обезбедени инструменти за надзор или заштита од евентуална злоупотреба при вршење на овој вид јавно овластување.

Поради ова, оспорената одредба не била во согласност со уставното начело на владеењето на правото кое подразбирало со закон да се утврдуваат норми кои ќе овозможат уставно утврдените слободи и права да се остваруваат законито, посодржајно и поцелосно.

Во врска со ваквите наводи во иницијативата, Судот го имаше предвид следното:

Прашањето за преземање на дејствија преку полномошно во постапка пред нотар, е уредено со членот 95 од Законот, кој е систематизиран во главата VI. ЗАПИСНИЦИ, ПОТВРДИ, ЗАВЕРКИ.

Според ставот 1 на овој член, во постапката пред нотар, за правни работи и дејствија за кои тоа по закон е дозволено, учесникот може да презема дејствија преку полномошник, доколку истиот приложи заверено полномошно. Во согласност со ставот 2 на истиот член, за правните работи од ставот (1) на овој член, со кои се врши располагање или оптоварување на недвижности, полномошното мора да биде специјално и во него изречно да бидат наведени дејствијата кои може да ги презема полномошникот. Според ставот 3 на овој член, за полномошното кое се однесува на преземање дејствија во постапка по доверени работи од страна на судот и издавање на нотарски платни налози се применуваат одредбите од Законот за вонпарнична постапка и од Законот за парничната постапка.

Во постапката за расправање на оставина, кога нотарите постапуваат како повереници на судовите, нотарите постапуваат согласно Законот за вонпарнична постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 9/2008 година). Во однос на полномошното во овие случаи, според членот 170 на тој закон, изјавата за прифаќање на наследство се дава во суд пред самостоен судски советник, пред судски советник и стручен соработник, или кај нотар, а во дипломатско-конзуларното претставништво на Република Македонија во странство пред лице најмалку со ранг на конзул. Наследничката изјава ја потпишува наследникот лично или неговиот законски застапник. Потписот на наследничката изјава која не е дадена пред суд, пред нотар или пред дипломатско-конзуларно претставништво на Република Македонија во странство (ставови 2 и 3), како и потписот на полномошното за да се даде наследничка изјава, мора да биде заверена од нотар. Полномошното со кое се овластува адвокат да даде негативна наследничка изјава, не треба да биде заверено од нотар.

Во постапката за издавање на нотарски платен налог, нотарите постапуваат согласно Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ број 79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015), а според член 81 став 1 од тој закон, полномошник на странката може да биде:
– адвокат,
– лице дипломиран правник кое со странката е во работен однос и
– роднина по крв во права линија, брат, сестра или брачен другар, доколку е потполно деловно способен.

Според оспорениот став 4 на членот 95 од Законот за нотаријатот, полномошното издадено од адвокат се заверува со адвокатски печат и потпис.

Оттука, произлегува дека законодавецот пропишал дека со полномошно издадено од адвокат, може да се преземаат правни дејства пред нотар само ако полномошното е заверено со адвокатски печат и потпис. Со тоа, законодавецот ги ставил во иста правна положба сите адвокатски писмена кои можат да се користат во постапка пред нотар, а кои задолжително треба да бидат составени од адвокат и да содржат адвокатски печат и потпис, и тоа: приватна исправа составена од адвокат кога се работи за правна работа со вредност над 10.000 евра во денарска противвредност, а која треба да биде потврдена (солемнизирана) од нотар (член 55 став 2); договор за продажба и преддоговор за продажба со вредност на предметот на продажба над 10.000 евра во денарска противвредност, кога станува збор за пренос на право на сопственост (член 56 став 3); предлог за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа, приговор против решението со кое е издаден нотарски платен налог или по однос на одлуката за трошоците, приговор против решението на нотарот со кое се отфрла предлогот како неуреден, предлог за укинување на потврдата на правосилност и извршност, приговор против решението на нотарот за укинување на потврдата за правосилност и извршност, приговор против одлуката на нотарот со која се одбива предлогот за укинување на потврдата на правосилност и извршност, жалбата против решението на судот (член 68 став 2).

Во однос на Одлуката на Уставниот суд, У.бр.134/2002 од 22.01.2003 година, со која, помеѓу другото, Судот ги укина член 4 ставови 1 и 2 и член 16 став 1 во делот: „и вршење јавни овластувања“ и во делот:„кое адвокатот сам го заверува со свој печат“ од Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2002), а на која се повикува иницијативата, Судот имаше предвид дека наведената одлука се однесува на укинување на јавните овластувања на адвокатите утврдени со членот 4 од Законот, а поврзано со тоа, и укинување на оспорените делови на членот 16 од Законот.

Во конкретниов случај, станува збор за полномошно издадено од адвокат, со кое се стекнува право за преземање правни работи и дејствија пред нотар, што не е иста правна ситуација како таа образложена во наведената одлука на Уставниот суд, поради што Судот оцени дека не може да се прифати дека оспорениот став 4 на членот 95 од Законот за нотаријатот е нејасна и непрецизна одредба која не овозможува остварување на уставно утврдените слободи и права и дека тоа водело кон повреда на начелото на владеењето на правото, како што се наведува во иницијативата.“

Со сега доставената иницијатива повторно се оспорува уставноста на член 95 став 4 од Законот за нотаријатот и се предлага Судот да го укине зборот:„од“ и наместо: „Полномошното издадено од адвокат се заверува со адвокатски печат и потпис“, да биде: „Полномошното издадено на адвокат се заверува со адвокатски печат и потпис“.

Според Судот, образложението за согласноста на оспореното законско решение со уставните одредби, искажано во претходно наведеното решение на Уставниот суд, во целост се однесува и на наводите во оваа иницијатива, при што не постојат основи за поинакво одлучување.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во делот што се однесува на член 95 став 4 од Законот за нотаријатот.

7. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.292/2020
26 јануари 2021година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати