Решение У.бр.260/2020 и У.бр.280/2020

У.бр.260/2020 и У.бр.280/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 26 јануари 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката за избор на Влада на Република Северна Македонија број 08-2744/1 од 30 август 2020 година (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр.210/2020).

2. Светскиот македонски конгрес од Скопје до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијативи за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата поднесена од Светскиот македонски конгрес на 04.09.2020 година, оспорената одлука, не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, членот 51, член 61 став 2, член 62 став 5, член 90 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со членот 17 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија.

Најнапред, во иницијативата се цитирани сите наведени одредби од Уставот за да потоа подносителот на иницијативата наведе одредени причини, односно дека Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 4 август 2020 година на предлог од Верификационата комисија донело одлуки за верификација на мандатот на осум пратеници во Собранието на Република Северна Македонија. Со верификацијата на мандатите на пратениците, работата на Верификационата комисија завршила.

На седницата одржана на 21 август 2020 година Собранието донело одлука за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија.

Заради избор на претседател на Владата и министри на Владата на Република Северна Македонија, на седницата на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 25 август 2020 година, претседателот на Собранието констатирал дека функцијата пратеник поради оставка им престанува на пратениците Зоран Заев, Радмила Шеќеринска-Јанковска, Оливер Спасовски, Мила Царовска, Јагода Шахпаска, Насер Нуредини, Љупчо Николовски и Никола Димитров.

Истовремено на истата седница одржана на 25 август 2020 година Собранието донело одлуки за верификација на мандатот на пратениците Бедри Фазли, Драгица Ѓавочанова, Зеќир Рамчиловиќ, Белкиса Зеќири, Славјанка Петровска, Снежана Калеска-Ванчева, Мирослав Богдановски и Фиснике Бектеши Шаќири. Според наводите во иницијативата овие пратеници не подлежеле на верификација на мандатот како и првите 120, бидејќи станале пратеници од листата на кандидати за остатокот од мандатот на местото на пратениците: Зоран Заев, Радмила Шеќеринска-Јанковска, Оливер Спасовски, Мила Царовска, Јагода Шахпаска, Насер Нуредини, Љупчо Николовски и Никола Димитров кои си поднеле оставка од функцијата. Затоа, верификацијата на нивниот мандат, Собранието требало да ја изврши на првата наредна седница врз основа на извештајот на Државната изборна комисија, по предлог од Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, а не по предлог на Верификационата комисија чиј мандат престанал со верификацијата на мандатот на 120-те пратеници при конституирањето на Собранието.

На седницата одржана на 30 август 2020 година Собранието на Република Северна Македонија ја донело Одлуката за избор на Влада на Република Северна Македонија.

Според наводите во иницијативата Собранието верификацијата на мандатот на пратениците Бедри Фазли, Драгица Ѓавочанова, Зеќир Рамчиловиќ, Белкиса Зеќири, Славјанка Петровска, Снежана Калеска-Ванчева, Мирослав Богдановски и Фиснике Бектеши Шаќири ја извршило неосновано по предлог на Верификационата комисија, наместо по предлог на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања утврдени во член 2 став 1 точка 21 од Одлуката за основање на постојани работни тела на Собранието.

Подносителот на иницијативата смета дека на овој начин била извршена повреда на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и спротивно на член 51 став 1.

Верификацијата на мандатот на пратениците Бедри Фазли, Драгица Ѓавочанова, Зеќир Рамчиловиќ, Белкиса Зеќири, Славјанка Петровска, Снежана Калеска-Ванчева, Мирослав Богдановски и Фиснике Бектеши Шаќири, според наводите во иницијативата, исто така била во спротивност и со член 61 ставовите 2 и 5 од Уставот.

Со верификацијата на мандатот на наведените пратеници, истите се стекнале со права и надлежности во спротивност со Уставот, како и со Деловникот на Собранието, што ја доведувало во прашање согласноста на оспорената одлука со член 90 став 3 од Уставот, односно Владата не била избрана со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, најмалку 61, туку со 54 пратеници што било во спротивност со член 90 став 3 од Уставот. Од овие причини оспорената одлука била неважечка, односно ништовна.

Со иницијативата поднесена од истиот подносител на 24 септември 2020 година се оспорува истата одлука, но од причини што според иницијаторот составот на Владата ја нарушувал еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите.

Според наводите во иницијативата во составот на Владата имало 12 Македонци и 8 Албанци, или 66,66 % Македонци по род-значително помалку од уставно соодветната и правична застапеност на Македонците по род во вкупното население, и 33,33% Албанци по род-значително повеќе од соодветната и правична застапеност на Албанците по род во вкупното население, а на штета на сите останати малцински етнички заедници.

Од овие причини оспорената одлука била во спротивност со член 8 став 1 алинеи 2 и 3 и членот 51 од Уставот.

Во двете поднесени иницијативи се предлага согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд да се донесе времена мерка и запирање од извршување на сите поединечни акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука.

3.Судот на седницата утврди дека оспорената одлука е со следната содржина:

Врз основа на членот 68 став 1 алинеја 13 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 3 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15 и 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/19), Собранието на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 30 август 2020 година, донесе

О Д Л У К А
ЗА ИЗБОР НА ВЛАДАТА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

1. За претседател на Владата на Република Северна Македонија е избран Зоран Заев.

2. За министри кои ќе раководат со одделни министерства се избрани:

– Радмила Шекеринска-Јанковска, за министер кој ќе раководи со Министерството за одбрана,
-Оливер Спасовски, за министер кој ќе раководи со Министерството за внатрешни работи,
– Бојан Маричиќ, за министер кој ќе раководи со Министерството за правда,
– Артан Груби, за министер кој ќе раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците,
– Бујар Османи, за министер кој ќе раководи со Министерството за надворешни работи,
– Фатмир Бесими, за министер кој ќе раководи со Министерството за финансии,
– Крешник Бектеши, за министер кој ќе раководи со Министерството за економија,
– Арјанит Хоџа, за министер кој ќе раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство,
– Венко Филипче, за министер кој ќе раководи со Министерството за здравство,
– Мила Царовска, за министер кој ќе раководи со Министерството за образование и наука,
– Јагода Шахпаска, за министер кој ќе раководи со Министерството за труд и социјална политика,
– Горан Милевски, за министер кој ќе раководи со Министерството за локална самоуправа,
– Ирена Стефоска, за министер кој ќе раководи со Министерството за култура, – Јетон Шаќири, за министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација,
– Благој Бочварски, за министер кој ќе раководи со Министерството за транспорт и врски, и
– Насер Нуредини, за министер кој ќе раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање.

3. За министри без ресор се избрани:

– Љупчо Николовски,
– Никола Димитров, и
– Фатмир Битиќи.

4. Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА
МАКЕДОНИЈА

Бр. 08 – 2744/1                                                                                                                                                                          Претседател на Собранието
30 август 2020 година                                                                                                                                                       на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                            м-р Talat Xhaferi, с.р.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од правните елементи коишто го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, Судот оцени дека во конкретниот случај оспорената одлука има карактер на поединечен акт, односно нема карактер на пропис во смисла на уставната одредба поради што и истата не може да биде предмет на уставно-судска оцена.

Имено, од содржината на оспорената одлука произлегува дека со неа не се регулираат никакви односи, туку поименично се наведуваат избраните од Собранието на Република Македонија членови на Владата на Република Македонија, кое нешто, според Судот, е право на Собранието на Република Македонија, а согласно член 68 став 1 точка 13 од Уставот на Република Македонија. Со оспорената одлука само се определени лица што се избрани за членови на Владата на Република Македонија и оспорената одлука не уредува општествено-правни односи, туку претставува акт на изборно дејствие, што согласно член 69 алинеја 13 од Уставот, го врши Собранието.

Оттука, според Судот, оспорената одлука по својот карактер и содржина претставува поединечен акт, со кој не се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин, истиот не е пропис.

Со оглед на тоа што оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на членот 110 од Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на двете поднесени иницијативи.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Никола Ивановски, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.260/2020
У.бр.280/2020
26.01.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати