Решение У.бр.149/2019

У.бр.149/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 21 јануари 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на:
а) член 218 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018) и
б) член 211 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010, 171/2010, 148/2011 и 187/2013).

2. „ПУЦКО ПЕТРОЛ“ ДООЕЛ од с. Пласница, преку полномошник Адвокатско друштво Никола Додевски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се наведува дека оспорените одредби од двата закони не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 1 (основните слободи и права на човекот и граѓанинот), алинеја 3 (владеење на правото), алинеја 6 (правната заштита на сопственоста) и алинеја 7 (слободата на пазарот и претприемништвото), член 9 (еднаквоста на граѓаните во слободите и правата), член 30 (правото на сопственост) и член 55 (еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот) од Уставот, потоа со член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права, како и со член 1 од Протоколот 1 кон Конвенцијата. Притоа, во однос на член 211 од стариот Закон за извршување се наведува дека се уште бил во правна сила врз основа на член 265 од новиот Закон за извршување, со оглед дека таа одредба се уште се применувала на започнатите а незавршени спроведувања на извршувања.

Во образложението на тие тврдења, се наведува дека оспорените законски одредби ги ограничуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот во врска со сопственоста, ги дискриминираат приватните субјекти во однос на јавните субјекти во должничко-доверителските односи во кои тие субјекти имаат еднаква положба, на јавните субјекти им овозможуваат да ги избегнат обврските што ги презеле кон приватните субјекти дури и кога во законска постапка е докажано постоење на право на приватните субјекти, дека јавните субјекти се ставаат во поповолна положба во однос на приватните субјекти дури јавните субјекти неосновано се збогатуваат на сметка на приватните субјекти, приватните субјекти не уживаат никаква правна сигурност во должничко-доверителските односи со јавните субјекти, недостиг на средства не може да биде основа за избегнување на обврските на јавните субјекти кон приватните субјекти, таквите законски одредби ги повредуваат темелните вредности-правна заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото дури ја ограничуваат оваа слобода надвор од случаите предвидени во Уставот (одбрана на Републиката, зачувување на природата и на животната средина, како и на здравјето на луѓето), создаваат нееднаквост, а покрај сето тоа оспорените законски одредби биле непрецизни, нејасни, неразбирливи и различно се применувале во пракса на штета на приватните субјекти (некои домашни судови сметаат дека овие одредби ги опфаќаат и паричните средства на јавните субјекти, не само предметите и правата, а други дозволуваат присилна наплата од паричните средства на јавните субјекти; или некои судови сметаат дека училиштата не се опфатени во оспорените законски одредби и од нив може да се врши присилна наплата, а други судови сметаат дека и тие се опфатени).

При сето тоа, главната улога и функција на Уставниот суд требало да биде елиминирање на неуставни ситуации и спречување во реалноста да се ограничуваат основните права на учесниците во правниот поредок, а не формалистички да се утврди дека формулацијата во законот е уставна. Во таа смисла, подносителот на иницијативата наведува дека е запознаен со Решението на Уставниот суд У.бр.46/2017 од 21.02.2018 година со кое не била поведена постапка за оценување на уставноста на членот 218 од Законот за извршување, но дека со оваа иницијатива се давале основи за поинакво одлучување како на пример дека се ограничува правото на сопственост или дека образложението на Уставниот суд е апсолутно спротивно на воспоставената пракса на Европскиот суд за човековите права според кој имало повреда на Конвенцијата не само кога има апсолутна невозможност да се наплати побарувањето спрема државата и другите правни субјекти, туку и кога наплатата на побарувањето се одлага за определен временски период надвор од разумните рокови за наплата. Освен тоа, во иницијативата се наведува и тоа дека со Решението У.бр.46/2017 од 21.02.2018 година Уставниот суд излегол и надвор од содржината на членот 218 од Законот за извршување и определил дека и паричните средства на јавните субјекти се опфатени со таа законска одредба, односно ни од нив не може да се извршува присилна наплата, иако законската одредба зборува само за предмети и права.

Поради сето тоа, Уставниот суд нема основ конкретната иницијатива да ја отфрли, туку е должен да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените законски одредби.

Со иницијативата се предлага најнапред поведување на постапката, а потоа поништување или укинување на оспорените одредби од двата закони.

3. Судот на седницата утврди дека:

а) Членот 218 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018) е систематизиран во глава осумнаесетта „Посебни одредби за извршување врз имотот на правни лица заради наплата на парично побарување“ (членови 206-218) и во оддел 4. „Извршување врз подвижни предмети и права спрема Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија“ (овој оддел го опфаќа само членот 218).

Членот 218 гласи:

„(1) Врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи.“
„(2) Кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство, ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба.“

б) Членот 211 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010, 171/2010, 148/2011 и 187/2013) е систематизиран во глава деветнаесетта „Посебни одредби за извршување врз имотот на правни лица заради наплата на парично побарување“ (членови 198-211) и во оддел 4. „Извршување врз подвижни предмети и права спрема Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија“ (и овој оддел го опфаќа само членот 211).

Членот 211 гласи:

„(1) Врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи.“
„(2) Кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство, ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба.“

4.а) Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, „Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување“.

Имајќи предвид дека за членот 218 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018) Уставниот суд веќе во два наврати одлучувал (со Решение У.бр.46/2017 од 21 февруари 2018 година не повел постапка за оценување на неговата уставност и со Решение У.бр.103/2019 од 27 ноември 2019 година ја отфрлил иницијативата како пресудена работа), а нема основи за поинакво одлучување со оглед дека образложенијата на наведените решенија даваат одговори на сите наводи и од оваа иницијатива, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање и на оваа иницијатива определени во член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, поради што одлучи како во точката 1 а) од ова решение.

б) Што се однесува, пак, до наводите во оваа иницијатива во врска со членот 211 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010, 171/2010, 148/2011 и 187/2013), Судот утврди дека таа законска одредба престанала да важи со почетокот на примената на новиот Закон за извршување согласно членовите 268 и 269 од новиот Закон за извршување (по четири месеци од влегувањето во сила на новиот Закон, односно на 20 август 2016 година), а прашањето на примената на член 211 од стариот Закон за извршување не е во надлежност на Уставниот суд. Поради тоа, Судот оцени дека постојат процесни пречки за постапување по тој дел од иницијативата, па согласно на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд одлучи да ја отфрли иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.149/2019
21 јануари 2021 г.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати