Решение У.бр.232/2020

У.бр.232/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 9 декември 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 20-а, 20-б и 20-в од измените и дополнувањата на Колективниот договор за работниците во Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми“- п.о- Скопје, склучен помеѓу Синдикатот на работниците од шумарството и дрвната индустрија на Република Македонија и Управниот одбор на ЈП „Македонски шуми“ (бр.02-1126/4 од 13.07.2009 година).

2. Митре Пиловски од Прилеп, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Колективниот договор означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорените членови од измените и дополнувањата на Колективниот договор се вршело повреда на член 40 став 1 од Законот за работни односи објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005.

Во наводите на иницијативата се цитира членот 20-а од измените и дополнувањата на Колективниот договор на работниците во ЈП „Македонски шуми“–п.о.–Скопје, бр.02-1126/4 од 13.07.2009 година, а потоа се цитира член 40 став 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005).

Подносителот на иницијативата без да даде натамошно образложение за несогласноста на оспорените одредби од измените и дополнувањата на Колективниот договор со Уставот и со Законот за работните односи му предлага на Уставниот суд да ги поништи членовите 20-а, 20-б и 20-в од измените и дополнувањата на Колективниот договор на работниците во ЈП „Македонски шуми“–п.о.–Скопје, бр.02-1126/4 од 13.07. 2009 година.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 6 од измените и дополнувања на Колективниот договор за работниците во ЈП „Македонски шуми“-п.о.-Скопје усвоен на 06.02.2009 година, по членот 20 се додаваат уште четири нови члена 20-а, 20-б, 20-в и 20-г.

Согласно оспорениот член 20-а, работникот е должен да врши друга работа која не е предвидена со договорот за вработување за кое се бара понизок степен на стручна подготовка во исклучителни околности, врз основа на писмен налог од страна на работодавачот се додека траат причините, но не подолго од два месеци во текот на годината и тоа во следните случаи:
– кога е зголемен обемот на работа на одредено работно место;
– кога на работното место на кое работи е намален обемот на работа;
– во случај на виша сила (елементарни непогоди и несреќи кои се случиле или непосредно се закануваат) за отстранување или спречување на последиците од природните непогоди или несреќи;
– кога треба да се замени отсутен работник;
– поради прекин на работа заради недостиг на енергија и сл.;
– при воена опасност или состојба на подготвеност и воена вежба;
– за завршување на започнат процес, чие прекинување со оглед на природата на технологијата на работа би предизвикало материјални загуби.

По истекот на периодот од став 1 од овој договор, работодавачот е должен работникот да го врати на работното место за кое има склучен договор за вработување.“

Во оспорениот член 20-б е уредено дека писмен налог за привремено вршење на други работи донесува директорот на јавното претпријатие или работник овластен од него (став 1). Приговорот на работникот против писмениот налог не го задржува извршувањето на писмениот налог (став 2).

Согласно оспорениот член 20-в, во сите случаи кога работникот привремено врши друга работа согласно член 20 од овој договор, има право на иста плата како што примал на своето работно место, односно плата која за него е поповолна доколку неговата плата е помала.

4. Според член 8 алинеја 3 од Уставот една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија е владеењето на правото.

Согласно член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а според ставот 5 на овој член, остварувањата на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (членот 51 од Уставот).

Од изнесените уставни одредби, покрај другото, произлегува дека правата и положбата на вработените се уредуваат со закон и со колективни договори, а со колективните договори се доуредуваат правата и обврските на работниците и работодавачите коишто мора да бидат во согласност со Уставот и законите.

Со Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/ 2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016, 120/2018 и 110/2019), на општ начин се уредени остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работен однос.

Имено, согласно членот 1 од Законот за работните односи, со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување (став 1). Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување (став 2).

Законот за работните односи ги уредува и работните односи на работниците вработени во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа, установите, јавните претпријатија, заводите, фондовите, организациите и други правни и физички лица кои вработуваат работници, доколку со друг закон поинаку не е определено (член 3).

Согласно член 13 став 1 од Законот за работните односи, работниот однос меѓу работникот и работодавачот се заснова со потпишување на договор за вработување.

Според член 19 став 1 и 2 од истиот закон, работникот кој склучува договор за вработување, мора да ги исполнува условите за вршење на работата, определени со закон, актот на работодавачот, односно условите барани од страна на работодавачот. Работодавачот е должен со акт да ги определи посебните услови за вршење на работата на секое поединечно работно место.

Содржината на договорот за вработување е утврдена во членот 28 на Законот, при што називот на работното место, односно податоци за видот на работата за којашто работникот склучува договор за вработување, со краток опис на работата што ќе ја врши според договорот за вработување, одредба за висината на основната плата која му припаѓа на работникот за вршење на работата според закон, колективен договор и договорот за вработување, наведување на општите акти на работодавачот во кои се определени условите на работа на работникот претставуваат едни од елементите на договорот за вработување, утврдени во став 1 точките 3, 8 и 12 од овој член.

Согласно членот 30, работникот е должен совесно да ја извршува работата на работното место за коешто склучил договор за вработување, во време и на место, коишто се определени за извршување на работата, почитувајќи ја организацијата на работа и деловната активност на работодавачот (став 1). Во случаите определени со закон и колективен договор, работникот е должен да врши и друга работа која не е предвидена со договорот за вработување, ако е во рамките на степенот на неговата стручна подготовка.

Од наведените законски одредби произлегува дека законодавецот го утврдува договорот за вработување како основа за создавање на работниот однос. Со договорот за вработување се определува работното место за кое се заснова работен однос, како и платата што се остварува за извршување на работите на работното место. Законот пропишува дека работникот е должен, совесно да ја извршува работата на работното место за кое склучил договор за вработување, а во случаи определени со закон и колективен договор, да врши и друга работа која не е предвидена со договорот за вработување, ако е во рамките на степенот на неговата стручна подготовка.

Согласно член 40 став 1 од Законот, на кој се повикува подносителот на иницијативата, работодавачот е должен на работникот да му обезбеди работа, за која страните се договориле во договорот за вработување. Според ставот 2, ако поинаку не е договорено, работодавачот на работникот е должен да му ги обезбеди сите потребни средства и работен материјал, за да може непречено да ги исполнува своите обврски и да му овозможи слободен пристап до деловните простории.

Со овој член од Законот за работните односи, со кој подносителот ги оспорува наведените членови од колективниот договор, се уредува прашањето за редовно вршење на работите предвидени со договорот за вработување, што значи дека со овој член не е уредено прашањето за времено распоредување на работникот на друго работно место надвор од договорот за вработување.

Во Законот за работните односи во делот под наслов „Обврска за вршење на друга работа поради исклучителни околности (природни и други несреќи) се уредува прашањето за времено распоредување на работникот на друг вид или во друго место на вршење на работата. Имено со членот 153 од Законот се предвидува дека во случаите на природни или други несреќи, ако таква несреќа се очекува или во други исклучителни околности, кога е загрозен животот и здравјето на луѓето или имотот на работодавачот, може видот или местото на вршење на работата, определени со договорот за вработување, времено да се променат, исто така, и без согласност на работникот, меѓутоа само додека траат таквите околности.

Од изнесеното јасно произлегува дека работникот времено може да биде задолжен да врши друг вид на работни задачи или да биде упатен во друго место да работи, но само додека траат горенаведените околности.

Според тоа, Законот за работните односи прави разлика помеѓу редовно распоредување на работно место согласно договорот за вработување во смисла на членот 40 од Законот и времено распоредување поради исклучителни околности (природни и други несреќи) во смисла на членот 153 од Законот.

Во членот 206 од Законот за работните односи е уредено дека со колективните договори се уредуваат правата и обврските на договорните страни кои го склучиле тој договор, а може да содржи и правни правила со кои се уредува склучувањето, содржината и престанокот на работните односи и други прашања од работните, односи или во врска со работните односи (став 1). Правните норми содржани во колективниот договор се применуваат непосредно и се задолжителни за сите лица на кои, во согласност со одредбите на овој закон, се применува колективниот договор (став 2).

Оттука, од анализата на одредбите на Законот за работните односи, произлегува дека во одредени случаи определени со овој закон, работникот е должен да врши и друга работа којашто не е предвидена со договорот за вработување, но само одреден период додека траат тие вонредни и исклучителни случаи, а се со цел да се заштити животот и здравјето на луѓето или имотот на работодавачот.

Со предметниот колективен договор се уредуваат односно доуредуваат правата, обврските и одговорностите на работниците и на Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми“ од работниот однос и начинот на остварувањето на правата и обврските и други одредби за прашање од интерес за работниците и претпријатието како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови.

Од анализата на оспорените одредби на членот 20-а, членот 20-б и членот 20-в од предметниот колективен договор, Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата за несогласноста на оспорените одредби со членот 40 од Законот за работните односи.

Во конкретниот случај со оспорените одредби не се уредува прашањето за редовно распоредување на работникот на работно место за кое е склучен договорот за вработување, туку станува збор за времено распоредување на работникот на други работи што не се предвидени во договорот за вработување во вонредни и исклучителни случаи предвидени во Законот. На ваков начин е предвидено задржување на работното место на работникот за кое тој засновал работен однос и тој однос продолжува, но само во настанати околности (кога е зголемен или намален обемот на работа, во случај на виша сила, замена на отсутен работник итн.) за време не подолго од 2 месеца, работодавачот може времено да му наложи вршење на работи на работно место за кое се бара понизок степен на стручна подготовка.

Воедно, со оспорените одредби е доуреден начинот на издавање на задолжение, односно писмен налог на вработените во јавното претпријатие за извршување на дополнителни работи и работни задачи согласно потребите на процесот на работа, односно со нив се уредува прашањето кој го дава налогот за привремено вршење на други работи во исклучителни и вонредни околности и дека работникот има право на иста плата како што примал на своето работно место. Оттука, произлегува дека ваквото уредување во оспорените одредби е во согласност со горенаведените законски одредби, во кои е предвидено дека налогот го дава непосредно претпоставениот или раководното лице на јавното претпријатие и дека и во случај на времено распоредување на друг вид на работа во вонредни и исклучителни случаи работникот ја задржува платата што ја примал на своето работно место.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека со оспорените одредби на членот 20-а, членот 20-б и членот 20-в од Колективниот договор не се повредуваат правата на работниците, односно не се пропишани помали права за работниците од правата утврдени во одредбите од Законот за работните односи, поради што не може да се постави прашањето за уставноста и законитоста на оспорените одредби.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.232/2020
09.12.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати