Одлука У.бр.123/2019

У.бр.123/2019-1

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020) на седницата одржана на 9 декември 2020 година, донесе

ОДЛУКА

1. СЕ УКИНУВА член 62-а став 5 алинеја 4 од Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ бр.140/2008, 53/2011, 123/2012, 70/2013, 164/2013, 138/2014, 192/2015, 39/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019 и 161/2019).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Северна Македонија по повод поднесената иницијатива на Ванчо Велинов од Скопје, со Решение У. број 123/2019 од 14 октомври 2020 година поведе постапка за оценка на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за возила („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019) е предвиден членот 35 со кој во целост бил изменет член 62-а од Законот за возила.

Оспорениот член 62-а став 5 алинеја 4 од Законот предвидува:

„(5) Кон барањето од ставот (2) на овој член правното лице до Министерството за внатрешни работи ги доставува следниве докази:

алинеја 4 – објектот за технички преглед на возила од членот 64 од овој закон да не бил користен од правно лице на кое му било одземено овластувањето за вршење на технички преглед на возила во последните три години, сметано од денот на доставување на барањето од ставот 2 на овој член“.

5. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според став 3 на овој член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 8 од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010) сопственикот има право својата ствар да ја држи, целосно да ја користи и да располага со неа по своја волја, доколку тоа не е спротивно на закон или на некое право на друго лице. Секој е должен да се воздржува од повреди на правото на сопственост на друго лице.

Законот за возила („Службен весник на Република Македонија бр.140/2008, 53/2011, 123/2012, 70/2013, 164/2013, 138/2014, 192/2015, 39/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019 и 161/2019), во членот 1 утврдил дека предмет на уредување со овој закон е утврдување на условите за пуштање на пазар и почеток на користење на возилата, регистрацијата и техничката исправност на возилата, условите за извршување на работи на техничките служби, правните лица за технички преглед и правните лица за регистрација и регистарот на податоци за возилата.

Во делот од Законот, кој е насловен како „Правно лице за технички преглед“, со одредбите од членовите 62-67, уредени се прашањата коишто се однесуваат за овластувањата на Министерството за економија и на Министерството за внатрешни работи, работи на правното лице за технички преглед, услови за добивање на овластување за технички преглед, овластување и одземање на овластување, полагање на испит за извршување на работите на технички преглед и обновување на знаењето и прописи на министерот за областа на технички преглед.

Со членот 35 од Законот за изменување и дополнување на Законот за возила („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161 од 5 август 2019 година) членот 62-а од Законот за возила е изменет. Овој член од Законот се однесува на „Овластување на Министерството за внатрешни работи“ и има 16 става со кои се уредуваат начинот и условите на правните лица за да вршат работи на технички преглед на возила. Според ставовите 1, 2, 3 и 4 од овој член од Законот, тие треба да бидат овластени со решение од Министерството за внатрешни работи кое се донесува на барање на правното лице што го поднесува во форма, содржина и документација пропишани од министерот за внатрешни работи и трошоците за справување на постапката по барањето се на товар на правното лице кое поднело барање за вршење на технички преглед.

Со ставот 5 од членот 62-а од Законот, се наведени докази кои правното лице кое го поднело предметното барање, требало да ги достави до Министерството за внатрешни работи, при што со оспорената алинеја 4 е утврдено дека треба да се достави доказ дека објектот за технички преглед на возила од членот 64 од овој закон да не бил користен од правно лице на кое му било одземено овластувањето за вршење на технички преглед на возила во последните три години, сметано од денот на доставување на барањето од ставот 2 на овој член.

Членот 64 од Законот за возилата, предвидува дека за добивање на овластување од членот 63 од овој закон, правното лице, поодделно за секоја станица за технички преглед треба да ги исполнува условите кои се однесуваат на: објект со намена – станица за технички преглед на возила, соодветен стручен кадар, раководител и најмалку двајца стручни работници вработени на определено или неопределено време со полно работно време, потребна опрема, уреди и простории и осигурување од професионална одговорност. Овластувањето се издава поодделно за секоја станица за технички преглед на возила.

Значи, од оспорената одредба на член 62-а став 5 алинеја 4 од Законот за возила, неспорно произлегува дека објектот за технички преглед на возила не може да се користи за намена вршење на технички преглед на возила доколку претходно било во користење од правно лице на кое му било одземено овластувањето за вршење на технички преглед на возила во последните три години. Ограничувањето за идно користење на објект кој бил опремен и веќе користен за вршење на одредена конкретна намена-технички преглед на возила и тоа ограничување да се однесува за во иднина насочено кон субјектот кој аплицира за добивање на овластување за вршење на работа-технички преглед на возила, нема оправдана основа и корелација која би се поврзала со делување на поранешен субјект кому му било одземено овластување за вршење на технички преглед на возила во последните три години. Ваквото нормирање, во кое е содржана забраната за правно лице кое е барател за добивање на овластување, да доставува доказ кон барањето до надлежното министерство дека работата ќе ја врши во објект опремен согласно закон, за вршење на технички преглед на возила, заради субјективните причини кои се во врска со поранешно одземање на овластување на правно лице, го повредува суштински користењето и располагањето на имотот како елементи на правото на сопственост, како основно уставно право определено со членот 30 од Уставот, во корелација со владеењето на правото и правната сигурност која произлегува од владеењето на правото, утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката.

Од овие причини, Судот утврди дека оспорената одредба од член 62-а став 5 алинеја 4 од Законот за возилата, не е во согласност со Уставот.

6. Поради изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.123/2019
09.12.2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати