Решение У.бр.238/2020

У.бр.238/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 18 ноември 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 20 во делот „жалба“ и делот „заменува“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2008).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одделни делови од одредбата на Законот означени во точката 1 на ова решение.

Наведените делови од законската одредба се оспоруваат од аспект на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката, утврдена со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Најпрво, во иницијативата се наведува дека согласно членот 20 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2008), во член 181 став 4 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005), зборот „жалба“ се заменува со „тужба“.

Понатаму, се укажува дека со точката 1 од Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр.188/2006 од 04.04.2007 година, се укинува член 181 став 4 во делот: „жалба“ од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2008). Според точката 2 на истата одлука, оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Одлуката на Уставниот суд била објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 57 од 9 мај 2007 година, од кога се смета дека зборот „жалба“ од член 181 став 4 од Законот за работните односи, не постои во правниот поредок, па според тоа повикувањето на зборот „жалба“ од членот 20 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2008), бил спорен од аспект на владеењето на правото пропишано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Во иста смисла, спорен бил и делот „заменува“ од членот 20 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2008), од едноставна причина што, за да дојде до изменување и/или дополнување на одредба или дел од одредба од пропис со друга одредба, одредбата што повикувала на менување на поранешната одредба, без оглед дали ја менува или дополнува, потребно било да постои склад односно хармонија и одредбата што повикува на менување или дополнување и поранешната одредба на која се повикува заради менување или дополнување, требало да формираат логична правна функционална целина. Во таа смисла, за да дојде до измена односно повикување на дел од одредба или цела одредба, потребно било постоење во правниот поредок на таа одредба или нејзин дел, што не било случај со оспорениот дел „жалба“ од наведениот закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи, токму поради цитираната одлука на Уставниот суд.

Неспорна била волјата на законодавецот со оспорениот член 20 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, да пропише заштита на работникот против конечна одлука на работодавачот како не би настанал правен вакуум во однос на заштитата на правата на работникот од трета независна страна (судот), а со тоа работникот да добие заштита против конечна одлука на работодавачот која не секогаш морало да биде праведна односно законита, а која засегала во некое право на работникот од работниот однос.

Во смисла на наведеното, подносителот на иницијативата упатува на уставно-судската пракса на Уставниот суд искажана во Одлуката У.бр.49/2017 од 07.02.2018 година и Одлуката У.бр.114/2016 од 12.07.2017 година.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од одредбата и истите да ги укине како спротивни на Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 20 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2008), во членот 181 став (4) зборот „жалба” се заменува со „тужба”.

4. Според член 8 став 1 алинеjа 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, со иницијативата се оспорува уставноста на членот 20 во делот „жалба“ и делот „заменува“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2008). Со оспорениот член 20 од наведениот закон се интервенира во член 181 став 4 од основниот текст на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005), на начин што зборот „жалба“ се заменува со „тужба“.

Пред наведената измена, член 181 став 4 од Законот гласел: „Против одлуката за отказ на договорот за вработување, работникот може да поднесе жалба во рок од 15 дена од врачувањето од страна на работодавачот, пред надлежниот суд.“

Меѓутоа, член 181 став 4 од Законот за работните односи, дополнително е изменет со членот 30 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2013). По извршената измена, членот 181 став 4 гласи:

“Против одлуката за отказ на договорот за вработување работникот има право на приговор до органот на управување, односно работодавачот, во рок од осум дена од денот на добивањето на одлуката за отказ на договорот за вработување.“

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека член 181 став 4 од Законот за работните односи добил нова содржина, и сега важечка, различна од содржината која членот ја добил со оспорениот член 20 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2008), што претставува процесна пречка за одлучување на Судот по иницијативата. Имено, Уставниот суд ја цени уставноста и законитоста само на важечки одредби и прописи. Како исклучок од ова начело, во Деловникот на Уставниот суд е предвидена можност Судот да одлучува за неуставност на закон односно незаконитост на пропис и друг општ акт во време на важењето, што престанал да важи откако е поведена постапката за оценување на неговата уставност и законитост, ако се исполнети условите за нивно поништување.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување.

Меѓутоа, Судот смета за потребно да укаже на тоа дека владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката, подразбира обврска за законодавецот, при носење на одредени измени и дополнувања на законите поради нивно усогласување со одлуки на Уставниот суд, да води сметка за правното дејство на одлуките на Уставниот суд, во која смисла треба да биде усогласена номотехниката за носење на закони и нивно изменување и дополнување.

5. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.238/2020
18 ноември 2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати