Решение У.бр.221/2020

У.бр.221/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 28 октомври 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оцена на уставноста на Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, број 44-5217/1 од 9 јуни 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 154/2020).

2. Општина Струга, застапувана од полномошникот Драган Коровешовски, адвокат од Струга, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Уредбата означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената уредба не била во согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа: членот 8 којшто се однесува на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, слободата на пазарот и претприемништвото, локалната самоуправа, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина како темелни вредности на уставниот поредок во Република Северна Македонија, а слободно е се што со Устав и закон не е забрането; потоа членот 51 според кој во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот и со закон; и со член 52 став 2 според кој секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Исто така, оспорената уредба не била во согласност со членот 15 од Европската конвенција за заштита на човековите права, како и со повеќе закони коишто се во правниот поредок во Република Северна Македонија, односно со Законот за локалната самоуправа, Законот за градење, Законот за градежно земјиште, Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за пазарна инспекција.

Ова од причини што со оспорената уредба се регулирала материја којашто директно ги повредувала и ограничувала правата на субјектите кои го користат под закуп земјиштето покрај плажите, во случајов без прецизна регулатива и со рестриктивно регулирање на односи во врска со користење на градежното земјиште за време на вонредна состојба поради пандемијата од заразната болест предизвикана со вирусот Ковид-19, при што дејството на примена на оспорената уредба е до 31.12.2020 година што било потполно неуставно.

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оцена на уставноста на оспорената уредба.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената уредба број 44-5217/1 е донесена од Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 9 јуни 2020 година врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/ 2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015, 142/2016, 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/2019).

Согласно членот 1 од Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, во Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 90/20), по членот 2 се додават два нови члена 2-а и 2-б кои гласат:

„Член 2-а

Градежното земјиште предвидено со урбанистички план или урбанистичко-планска документација за плажа, кое било предмет на краткотраен закуп, а временскиот рок за краткотраен закуп е истечен или договорот за краткотраен закуп е предвремено раскинат, потребно е да биде вратено во правобитна состојба од страна на закупецот, и се забранува понатамошно вршење на дејност од страна на закупецот“.

Член 2-б

„Надзорот над вршењето на дејноста во рамки на градежното земјиште предвидено со урбанистички план или урбанистичко-планска документација за плажа, се врши од страна на Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи, a не постапувањето од страна на закупецот во согласност со член 2-а од оваа уредба, претставува основ Државниот пазарен инспекторат да изврши затворање на објектите.“

Согласно членот 2, оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ке се применува до 31.12.2020 година.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/ 2019), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Уставниот суд на Република Северна Македонија по повод друга иницијатива, со Одлука У.број 209/2020 од 23.09.2020 година ја поништи Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, број 44-5217/1 од 9 јуни 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 154/2020).

Со оглед на тоа што за оспорената уредба Уставниот суд веќе одлучувал и врз основа на наведената одлука на овој суд оспорената уредба е поништена и повеќе не е во правниот поредок, Судот оцени дека се настапени деловнички претпоставки согласно член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.221/2020
28.10.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати