Решение У.бр.200/2020, У.бр.208/2020 и У.бр.222/2020

У.бр.200/2020, У.бр.208/2020 и У.бр.222/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и члеот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 28 октомври 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за оценување на уставноста на член 2 став 1 точка 1, член 2 став 1 точка 3 во делот „ и високото додипломско образование на Република Северна Македонија (редовни студенти на универзитети основани од Република Северна Македонија) согласно со евиденцијата на Министерството за образование и наука“ член 2 став 4, член 3 став 3, член 5 став 3 и член 6 став 1 од Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на граѓаните и вработените лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.137/2020, 147/2020, 151/2020, 156/2020 и 157/2020 ).

2. Катица Ѓузелова од Струмица, Универзитет „Американ Колеџ“ – Скопје, „Универзитет за туризам и менаџмент“- Скопје, „Европски универзитет„ – Скопје, „Меѓународен Балкански универзитет“ – Скопје, „Меѓународен Славјански универзитет – “Г.Р.Державин“ – Скопје, „МИТ Универзитет“- Скопје, ПВПУ „Еуро Колеџ“ – Куманово, „ПВУ-ВСШ Факултет за бизнис и економија“ – Скопје и ПНВОУСВСШ „Бизнис академија Смилевски“- Скопје и Здружение на приватни лекари застапувано од адвокатот Гроздан Сутинов од Велес, до Уставниот суд на Република Северна Макединија поднесоа иницијативи за оценување на уставноста на наведените членови од Уредбата означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, Катица Ѓузелова, со одредбата од член 2 став 1 точка 1 од наведената уредба се врши дискриминација, односно доносителот на уредбата има нееднаков третман према невработените кои активно бараат работа и се пријавуваат секој месец за нив предвидува финансиска поддршка од 9.000,00 денари за купување македонски производи, а другите невработени кои се пријавуваат на секои шест месеци не предвидува никаква помош. Привилегирањето на едните, а кратењето на правата на другите невработени не е во согласност со член 32 став 1 од Уставот. Од друга страна со наведената одредба се прави ограничување и на невработени лица кои не биле пријавени до 22.05.2020 година, а кои можат и после тоа да се пријават како невработени и да остварат финансиска поддршка.

Според подносителот член 6 став 1 од Уредбата не бил во согласност со член 55 став 1 и 2 од Уставот од причини што со него се фаворизирале домашните правни субјекти наспрема странските правни субјекти.

Од наведените причини подносителот бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби, а до донесување на конечна одлука да биде изречена времена мерка.

. Според наводите на подносителите на иницијативата во делот од одредбата од член 2 став 1 точка 3 во делот „ и високото додипломско образование на Република Северна Македонија (редовни студенти на универзитети основани од Република Северна Македонија) согласно со евиденцијат на Министерството за образование и наука, се врши дискриминација од причини што редовните студенти кои студираат на додипломски студии на приватните универзитети се ставени во нееднаква положба во однос на студентите кои се запишани на државните универзитети и тие не можат да користат финансиска поддршка од државата во време на вонредна состојба.

Оттука, според подносителите, кои во писмениот поднесок ги цитираат одредбите од член 1, член 6 став 1, член 15 став 1 точка 5, член 151 ставовите 1, 2, и 3 и член 26 став 1 и став 2 од Законот за високото образование не можело да се воочи фактот дека законодавецот прави разлика во статусот на студент запишан на државен и приватен универзитет како и на правата коишто се стекнуваат согласно со законот.

Од наведените причини подносителите сметаат дека оспорениот дел од Уредбата не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, членот 9 и член 51 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и предлагаат Судот да го поништи или укине оспорениот дел од Уредбата.

Според наводите на подносителите на иницијативата Здружението на приватни лекари во Република Македонија, член 2 став 4, член 3 став 3 и член 5 став 3 од Уредбата не биле во согласност со член 8, член 9 ставови 1 и 2, член 32, член 35, член 35, член 51, член 54, член 108, член 110 став 1 и членот 112 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија како и со членот 12 од Деловникот на Уставниот суд.

Подносителите на иницијативата ја цитираат содржината на целата уредба и содржината на член 8 и 9 од Уставот на Република Северна Македонија и наведуваат дека со целата уредба, а особено со член 2 став 4, членот 3 и член 5 став 3 се повредува правото на финансиска поддршка на здравствените работници во приватниот сектор за сметка на здравствените работници во јавниот сектор, и ако во време на пандемијата приватните лекари се во првата линија директно изложени на опасност од Ковид-19.

Ова од причини што здравствените работници кои учествуваат во тестирање, дијагностицирање и лекување на болните од COVID-19, а кои се државјани на Република Македонија не се само вработените во јавните здравствени установи во Клиниката за инфективни болести, Институтот за јавно здравје, центри за јавно здравје, членови на тимови за итна медицинска помош, лица вработени во инфективните одделенија на општите болници и ангажирани работници во други одделенија кои повремено биле ангажирани во инфективните одделенија на соодветна јавна установа за времето на ангажирање согласно евиденцијата на Фондот за здравствено осигурување, туку се и приватните лекари во своите здравствени установи кои исто така учествуваат во тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓаните заболени од COVID-19.

Во конкретниот случај, според подносителот со оспорениот член 2 став 4 од уредбата се повредувала темелната вредност на Уставот во основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот и за извршената работа да бидат соодветно платени.

Понатаму, подносителот на иницијативата ја цитира содржината на член 3 став 3 од Уредбата и го поставува прашањето каде во листата на здравствени работници којашто ја изготвува Фондот за здравствено осигурување се здравствените работници избраните лекари,сестри, лаборанти вработени во приватните здравствени установи. Со тоа што овие медицински лица се изоставени од листата свесно им се повредува еднаквоста како основно човеково право утврдена во членот 9 од Уставот како и членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Според подносителот на иницијативата, со оспорените одредби од член 2 став 4, член 3 став 3 и член 5 став 3 од Уредбата се врши ограничување на исплата на помош, додатоци и надоместоци и тие немаат уставна основа.

Имајќи ги предвид наведените околности, подносителот смета дека се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд за донесување на решение за запирање од извршувањето на одредбите од член 2 став 4, член 3 став 3 и член 5 став 3 од Уредбата.

3.Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 2 став 1 точка 1 од Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на граѓаните и вработените лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.137/2020), било предвидено дека :

1) „Граѓани со низок доход“ се полнолетни државјани на Република Северна Македонија кои се приматели на социјална помош (лица од домаќинство кое користи право на гарантирана минимална помош; лица од домаќинство кое користи право на детски додаток; лица од домаќинство кое користи право на додаток за образование; корисник на право на социјална сигурност за старите лица и негов брачен другар или лице со кое живее во вонбрачна заедница) или невработени лица кои активно бараат работа евидентирани во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија заклучно со 22.05.2020 година, кои за 2019 година оствариле годишен доход во нето износ не поголем од 180.000 денари и за периодот јануари-април 2020 година оствариле доход во нето износ не поголем од 60.000 денари согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи (во натамошниот текст: „граѓани-корисници на финансиска поддршка“).

4. Понатаму, Судот утврди дека со Уредбата со законска сила за изменување на Уредбта со законска сила за финансиска поддршка на граѓаните и вработените лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2020), било предвидено дека член 2 став (1) точка (1) се менува и гласи:

„Граѓани со низок доход“ се полнолетни државјани на Република Северна Македонија корисници на права на парична помош и надоместоци согласно Законот за социјалната заштита, Законот за заштита на децата и Законот за социјална сигурност за старите лица и тоа: носител на право од домаќинство кое користи право на гарантирана минимална помош; корисник на право на детски додаток; корисник на право на додаток за образование; корисник на право на социјална сигурност за старите лица како и невработени лица кои активно бараат работа евидентирани во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија заклучно со 22.5.2020 година, кои за 2019 година оствариле годишен доход во нето износ не поголем од 180.000 денари и за периодот јануари-април 2020 година оствариле доход во нето износ не поголем од 60.000 денари согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи (во натамошниот текст: „граѓани-корисници на финансиска поддршка“).

Во оспорениот член 2 став 1 точка 3 од наведената уредба било предвидено дека:

3) „Млади лица“ се државјани на Република Северна Македонија со наполнети 16 години и не постари од 29 години на 22.5.2020 година, кои се активни учесници во формалното средно образование (средни училишта основани од Република Северна Македонија, локалната самоуправа и градот Скопје) и високото додипломско образование на Република Северна Македонија (редовни студенти на универзитети основни од Република Северна Македонија),(оспорен дел), согласно со евиденцијата на Министерството за образование и наука (во натамошниот текст: „млади лица-корисници на финансиска поддршка“).

5. Со Уредбата со законска сила за изменување на Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на граѓаните и вработените лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.156/2020, било предвидено дека во членот 2 во точка 3) зборот „додиплпмско“ се брише.

Во оспорениот член 2 став 4 од Уредбата било предвидено дека:

4) „Здравствени работници кои учествуваат во тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од COVID-19“ се државјани на Република Северна Македонија вработени во јавните здравствени установи во Клиниката за инфективни болести, Институт за јавно здравје, центри за јавно здравје, членови на тимовите за итна медицинска помош, лица вработени во инфективните одделенија на општите болници и ангажирани работници во други одделенија кои повремено биле ангажирани во инфективните одделенија на соодветната јавна здравствена установа респективно за времето на ангажирање согласно со евиденцијата на Фондот за здравствено осигурување заради тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од COVID-19 (во натамошниот текст: „здравствени работници-корисници на финансиска поддршка“).

Во оспорениот член 3 став 3 од Уредбата било предвидено дека:

(3) Листа на здравствени работници-корисници на финансиска поддршка од членот 2 точка 4) на оваа уредба со законска сила изготвува Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија и ја доставува до Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила.

Во оспорениот член 5 став 3 од Уредбата било предвидено дека:

(3) Граѓаните-корисници на финансиска поддршка ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 9.000 денари по лице. Работниците-корисници на финансиска поддршка ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 3.000 денари по лице. Младите лица корисници на финансиска поддршка ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 3.000 денари по лице. Здравствените работници-корисници на финансиска поддршка кои учествувале во тестирање и дијагностицирање на граѓани заболени од COVID-19 и нивно лекување ќе добијат еднократна финансиска поддршка во висина на 40% од износот на последната пресметана основна нето плата на секој работник одделно до денот на влeгување во сила на оваа уредба со законска сила.

Во оспорениот член 6 став 1 од Уредбата било предвидено:

(1) Правните и физички лица вршители на стопанска дејност, во објектите за трговија на мало утврдени во Прилогот број 1 од оваа уредба со законска сила ќе обезбедат посебно обележани рафтови, гондоли и сл. со ознаката „КУПУВАМ ДОМАШНО“ на кои ќе бидат изложени македонски производи за продажба на лицата – корисници на финансиската поддршка од оваа уредба со законска сила. Правните и физички лица вршители на стопанска дејност што вршат оn-line продажба преку интернет страници имаат обврска јасно да ги истакнат и посебно да ги издвојат македонските производи и услуги согласно членот 2 точки 5) и 6) на оваа уредба со законска сила.

Исто така, Судот утврди дека во членот 5 став 4 од Уредбата било предвидено дека:

(4) Примената финансиска поддршка на ДПК од членот 2 точка 7) на оваа уредба со законска сила, корисниците на финансиска поддршка ја користат исклучиво за купување на македонски производи и услуги кај правни и физички лица вршители на стопанска дејност, резиденти на Република Северна Македонија во периодот од денот на приемот на ДПК до 31.07.2020 година. Оn-line набавката од интернет страници во сопственост на македонски правни и физички лица вршители на стопанска дејност за целите на финансиска поддршка се однесува на македонски производи и услуги согласно членот 2 точки 5) и 6) на оваа уредба со законска сила.

6. Со Уредбата со законска сила за изменување на Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на граѓаните и вработените лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.151/2020, во членот 2 е предвидено дека во членот 5 во ставот (4) зборовите „31.07.2020 година се заменуваат со зборовите „15.08.2020 година“.

7. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи го предвид изнесено, а посебно содржината на оспорените уредби, Судот оцени дека во конкретниот случај, оспорените уредби имале примена за одреден временски период и тие повеќе не претставуваат правна основа за создавање на нови права и обврски, односно се исцрпела нивната примена поради што не постојат процесни претпоставки за оценување на нивната согласност со Уставот.

8.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9.Ова решение Судот го донесе со мнозинство во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.200/2020 година
У.бр.208/2020 година
У.бр.222/2020 година
28.10.2020 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати