Соопштение

Соопштение

Уставниот суд, со цел да го заштити сопствениот интегритет и јавноста да биде информирана правилно, а по повод неточните и неоснованите толкувања на последното соопштение од дел од медуимите, ја известува јавноста дека како орган на Републиката, никогаш не барал дозвола, согласност, поддршка или како што во некои медиуми се користи изразот „зелено светло“, од ниту еден дипломатски претставник, по однос на сите нерешени прашања за статусот на Судот.

Уставниот суд во континуитет прави напори да ја обезбеди целосната независност и самостојност на Судот како што е утврдено со Уставот на кој пат постојат сериозни предизвици. За истите, Судот секогаш барал начин за нивно решавање преку нашиот правен систем и со претставниците на извршната и законодавната власт, а тоа ќе биде начинот кој ќе се применува и во иднина.

Судот, секогаш бил отворен за секој дипломатски претставник кој побарал средба, при што за секоја од средбите се издадени соопштенија кои се достапни на нашиот сајт. Сите овие средби, биле остварени со цел отворено да се разговара за сите овие теми, да се објаснат придобивките за владеењето на правото и заштитата на слободите и правата, но и да се разменат искуства за тоа како овие прашања се решени во другите држави.

Особено мора да нагласиме, дека и во последното соопштение на Судот, никаде не стои дека од некого е барана некаква дозвола или пак имало намера текстот да има таква смисла, туку само се нотира она што било разговарано со разни дипломатски претставници како тема и тоа по однос на целосното остварување на самостојноста и независноста на Судот.

На крајот, сакаме да ја информираме јавноста дека во изминатиот период во рамките на Судот се изготвени пообемни нацрт-измени и дополнувања на Деловникот кои ќе бидат токму во насока на обезбедување на самостојноста и независноста на органот.