Соопштение

Соопштение

Во врска со реакциите во јавноста по однос на дополнувањето на Деловникот на Уставниот суд, Судот го дава следното соопштение:

– последното дополнување на Деловникот е еден од чекорите во насока на остварување на целосна самостојност и независност на Уставниот суд согласно уставната дефиниција за Судот како орган на Републиката што е надвор од организацијата на државната власт. За да се оствари оваа самостојност и независност, потребно е постоење буџетска и административна самостојност на Судот, како и статус на уставните судии кој е соодветен на нивната одговорност за заштита на уставноста и законитоста. Во рамките на Судот беше направена анализа по однос на сите овие прашања, на начин што беа консултирани меѓународни документи и извештаи, а особено на Венецијанската комисија, потоа беше направена споредбено-правна анализа по однос тоа како овие прашања се уредени во регионот и одредени држави од Европската унија, но беше направена анализа и на домашната регулатива. Заклучоците од оваа анализа беа недвосмислени. Имено, Уставниот суд во однос на овие прашања, не само што е далеку под нивото на уставните судови на другите држави, туку е далеку под статусот од некои домашни органи основани со закон. Покрај ова, статусот на уставните судии е многу понизок од она што е на пример предвидено за судиите од редовното судство. И овде не станува збор само за тнр. материјални права, туку и за правата од нематеријален карактер за судиите предвидени со Законот за судовите. За овие прашања, беа одржани неколку работни состаноци на судиите и беше заземен став за започнување низа активности со цел овие состојби да се надминат и беа доставени соодветни предлози до извршната власт во форма на Нацрт-предлог Закон за Уставниот суд, а паралелно беа изготвени и сеопфатни измени и дополнувања на постојниот Деловник, исто така во насока на остварување на функционалната, буџетската и административната самостојност на Судот. Покрај тоа, истите беа покренати и беше разговарано за нив при средбите на претседателот на Судот со амбасадорите на Европската унија, на повеќе европски држави и на САД кои беа остварени во минатиот период, каде едногласно беше заклучено дека за постоење на владеење на правото и заштита на слободите и правата, предуслов е обезбедување на горенаведените услови. Од друга страна, мора да се констатира дека во јавноста отсуствува било каква дебата по однос на тоа како да се оствари уставната улога на Судот во смисла на претходно кажаното, туку напротив, преовладуваат паушални и неаргументирани напади како кон самиот орган, туку и лично кон судиите, потоа, јавно се диктира кога и како Судот да одлучува, се прејудицираат одлуки преку аргументи кои најчесто немаат врска со правото итн.;

– еден од главните аргументи против последното дополнување на Деловникот (покрај оние кои беа од личен и навредлив карактер, за кои Судот нема да дава никаков коментар), е дека се излегло од рамката на предметот на регулирање согласно член 113 од Уставот кој предвидувал дека со акт на Судот се уредувал начинот на работа и постапката пред Судот. Во таа смисла, мора да се укаже дека со овој акт што е донесен во 1992 година, се уредени и одредени права и обврски на претседателот на Судот и судиите, како што се на пример член 8 и 9 од овој акт. Исто така, посебно треба да се има предвид и член 10 од Деловникот кој уредува прашања што се однесуваат на содржината на имунитетот на уставните судиите што повторно, во суштина се однесува на правата на судиите. Притоа, доколку стриктно се толкува уставниот израз „начинот на работа“, како што тоа се прави од пошироката јавност, произлегува дека Деловникот не требало да ги содржи овие одредби, бидејќи очигледно е дека уредуваат права на судиите. Меѓутоа, работата на Судот и вршењето на неговите надлежности се тесно поврзани со остварувањето на самата судиска функција за што е нужно да се пропишат одредени права со цел да се остварува истата, нешто што сигурно било во предвид кога се донесувал овој акт во 1992 година. Притоа, мора да се нагласи дека со последното дополнување на Деловникот, не се одзема правото на законодавецот да утврдува и уредува права, обврски и одговорности на судиите на Уставниот суд и тоа во рамките на Уставот и уставната положба на Судот. Но, исто така, ова дополнување не повредува ниту еден закон кој е во сила и не може да се рече дека истото било незаконско како што се тврди, без да се наведе која законска одредба е повредена;  

– на крајот, Судот мора повторно да се осврне на последното соопштение по однос на известувањето на медиумите. Истото беше дадено од причини што продолжува праксата на објавување на коментари и написи поврзани со Уставниот суд со кои се изнесуваат одредени тврдења без претходно да се побара коментар од самиот Суд, туку тоа се прави по објавувањето и тоа од истите медиуми кои претходно го објавиле коментарот, односно написот. Со ова не се навлегува во слободата на медиумите која е еден од темелите на секое демократско општество, туку се бара почитување на основните новинарски стандарди при известувањето на јавноста која има право да добие навремена, целосна и точна информација.