Решение У.бр.169/2020 и У.бр.229/2020

У.бр.169/2020 и У.бр.229/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 14 октомври 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 75-ѓ ставови 1 и 12, член 76-а став 2, член 76-д став 4 и член 78-а ставови 4 и 5 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/2019 и 42/2020).

2. Политичката партија „Твоја Партија“, до Уставниот суд поднесе две идентични иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативите, оспорените законски одредби не биле во согласност со членот 9, а во врска со член 62 ставови 1 и 3 и член 20 став 2, со член 16 став 2, а во врска со член 22 став 2, како и со членот 33 од Уставот на Република Северна Македонија.

1) Во образложението на причините за оспорување на законските одредби во однос на членот 9 од Уставот (еднаквост на граѓаните), а во врска со член 62 ставови 1 и 3 (состав на Собранието и својство на пратеник) и член 20 став 2 (слободата на истапување од политичка партија), се наведува дека: во сите оспорени одредби од Изборниот законик се воведувала нерамномерна распределба на средства во полза на најголемите парламенатрни партии, и тоа по две од позицијата односно опозицијата. Во две од трите оспорени одредби соодносот се предвидувал да изнесува: 45%-45%-10%, при што најголемите две парламентарни политички партии во позиција добивале 45%, исто колку и двете најголеми опозициски парламентарни партии, додека сите други: другите парламентарни и вонпарламентарни политички партии, како и независните кандидати – сите заедно 10%.

Наспроти тоа, со членот 9 од Уставот не само што се забранувала дискриминација, туку се утврдувала еднаквост на граѓаните, меѓу другото, независно од општествената положба. Со оспорените одредби, всушност општествената положба на група граѓани (најголема парламентарна политичка партија) се искористувала во функција на привилегирање група граѓани преку доделување сосема неосновано финансиски средства (за партиска кампања) многукратно повеќе од другите учесници во инаку слободните избори.

Дискриминацијата била уште поголема ако се имало предвид дека политичките партии не биле конститутивен елемент на Собранието – тоа било составено само и исклучиво од пратеници кои, штом еднаш ќе го прифатат мандатот – биле должни да ги претставуваат граѓаните (а не партиите) и да постапуваат согласно своите (а не некакви партиски) уверувања. И независно од фактичката состојба којашто можела да биде поинаква, но и не морало, останувало дека Уставот императивно го налагал тоа (член 62 став 1 и став 3 од Уставот). Политичките партии се појавувале во Уставот исклучиво како помошен критериум во функција на олеснување на задачата на претседателот на Републиката при доделувањето на мандатот за формирање на Влада и ништо повеќе. Се разбира, партиската припадност понатаму се искористувала во рамките на Деловникот на Собранието, но повторно како помошен критериум во функција на олеснување на дејствување во рамките на собраниските работни процеси. Се работело за помошен критериум заради тоа што во процесот на одлучување, дали во работна група или на пленарна седница, секогаш и само се броеле пратениците независно од нивната партиска припадност.

Дискриминацијата била мултиплицирана поради тоа што оспорените одредби се базирале на несоодветна состојба, односно состојба каква што била при формирањето на претходниот парламентарен состав, а не состојба што Државната изборна комисија ќе ја констатирала на прифатените кандидатски листи (во смисла на листи што ги исполнуваат законските услови). Во еден конкретен момент можело да се констатира дека има предизборно коалицирање на една од двете најголеми парламентарни политички партии во позиција со помала опозициона партија (значи не од двете привилегирани) во претходниот парламентарен состав. Дали таквиот хибриден состав значел дека таа предизборна коалиција ќе паднела во квотата од 10% заради помалиот партнер во таа коалиција? Понатаму, и многу поважно – партиската припадност на некои од пратениците од претходниот состав била сосема различна на почетокот, односно при конституирањето на претходниот парламентарен состав од крајот – при распуштањето. И тоа, се разбира било сосема во согласност со член 20 став 2 од Уставот, според кој граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат. Токму затоа се наметнувало прашањето: дали доколку со таквите промени се променел и статусот на една политичка партија (веќе не е една од двете најголеми парламентарни партии во позиција или опозиција), сепак ќе добиела 45% од средствата наменети за платена политичка реклама? Или, наспроти одредбата од член 20 став 2 од Уставот ќе се применела состојбата пред таа група пратеници да ја променат својата партиска припадност?

Како и да се постапело по оспорените одредби, извесно било дека се работи за дискриминација на вонпарламентарните и помалите парламентарни партии, како и независните кандидати, наспроти потполно неоснованото и неаргументирано привилегирање на четири политички партии застапени во Собранието.

2) Во образложението за неуставноста на оспорените законски одредби во однос на член 16 став 2 (слобода на информации), а во последична врска со член 22 став 2 (еднаквост на избирачкото право) од Уставот, се наведува дека: противуставноста на оспорените одредби одела и чекор понатаму, односно претставувала повреда на два клучни темели на едно демократско општество. Првата повреда била на член 16 став 2 (но во заграда се цитира член 16 став 3 од Уставот, кој по својата содржина одговара на наводите во иницијативата). Не можело да стане збор за слободен пристап доколку тој бил врамен во соодносот 45/45/10 или 40/40/10/10. Дотолку повеќе што со оспорените законски одредби императивно се утврдувало дека платеното политичко рекламирање исклучиво е од буџетски средства (член 76-д од Изборниот законик), а се врши преку Државната изборна комисија во стриктно утврдена процедура (став 3 од истиот член). А тие средства се распоредувале согласно наведениот сооднос 45/45/10.

Втората повреда била на член 22 став 2 од Уставот. Во услови кога бирачот имал можност да слушне 4,5 пати повеќе една од друга или други платени политички реклами, веројатноста да се одлучи за таквата политичко-партиска опција била, и не само математички, 4,5 пати поголема. Значи, наспроти уставната одредба од член 22 став 2 од Уставот според која избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање, се создавала ситуација до 4,5 пати зголемен обем привилегираните партии да опфатат поголем број прашања, а со тоа и 4,5 пати поголем број бирачи да најдат во политичката реклама прашање што може да биде пресудно да се одлучат да гласаат токму за таа партија, а не некоја друга која поради битно скратеното време за политичка реклама сакала или не – морала да опфати помал број прашања или пократко да елаборира или…

Значи, со нарушувањето на еднаквиот пристап до политичката реклама се создавале услови директно да се влијае на слободата на изборот на страна на гласачот.

3) Во однос на спротивноста на оспорените законски одредби со членот 33 од Уставот (јавни давачки и јавни расходи), се наведува дека: иако можеби се работело за малку затскриен облик на оваа општествена обврска издигната на уставно ниво, всушност се работело за избегнување на подмирувањето на овие давачки и расходи. Независно од бројните ревизорски извештаи за неподмирени долгови од страна на најголемите парламентарни политички партии во претходните изборни циклуси, наместо да се понесе одговорност за таквото избегнување, со оспорените законски одредби всушност им се давала можност токму на тие политички партии наводно „легитимна“ опција истите да ги избегнат и тоа на сметка на средствата на даночните обврзници независно од која и да се политичка опција. Со оспорените одредби им се давале огромни средства (грубо пресметано околу 450 илјади евра на секоја од тие четири политички партии или заедно околу 1,8 милиони евра). И повторно, не само што немало видливи причини за таквото привилегирање туку немало ниту врска со резултатите што тие партии ги оствариле или не за време на нивното „присуство“ во Собранието. Имено, какви и да биле тие резултати не биле битни бидејќи за пресметка се земала состојбата што била во моментот на формирање на Собранието, а не на крајот од тој мандат.

Ова било усложнето и со фактот за контрадикторноста на оспорените законски одредби не само со редица заложби во Изборниот законик за рамномерна распределба (на средствата, на времето, на…), туку и посебно со одредбата од член 71 став 10, според која сите средства наменети за финансирање на изборната кампања се уплатуваат на трансакциската сметка од ставот (1) на овој член и сите трошоци за кампањата исклучиво ќе се покријат од средствата на таа сметка. Доколку, согласно член 76-д, средствата за политичка кампања се исплатат од Буџетот на Републиката, односно преку ДИК, автоматски ќе била изиграна инаку очигледната заштитна одредба од член 71 став 10, насочена против малверзации со повеќе сметки и слично, односно барем парцијално дерогирана (политичката реклама е дел од изборната кампања). Или поинаку кажано, не секој ги подмирува општествените обврски – туку даночните обврзници им подмирувале 450 илјади евра на четирите, со оспорените законски одредби, привилегирани политички партии.

Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да донесе времена мерка за суспензија на примената на оспорените законски одредби, да ја спроведе постапката согласно Деловникот на Уставниот суд, да констатира дека сериозно е повредена еднаквоста на граѓаните со оспорените одредби и истите да ги укине.

3. Судот на седницата утврди дека според член 75-ѓ став 1 од Изборниот законик, за време на изборната кампања и во првиот и во вториот круг на гласање, радиодифузерите кои ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно девет минути дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма исклучиво наменети за платено политичко рекламирање, од кои за двете најголеми политички партии од позицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови можат да одвојат најмногу четири минути, за двете најголеми политички партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови можат да одвојат најмногу четири минути, за политичките партии во Собранието на Република Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Македонија или кандидати можат да одвојат една минута. Според ставот 12 на истиот член, рекламниот простор на електронските медиуми (интернет портали) и печатените медиуми наменет за платено политичко рекламирање, се распределува по следниве критериуми:
– најмногу 45% од рекламниот простор може да се даде на двете најголеми политички партии од позицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови,
– најмногу 45% од рекламниот простор може да се даде на двете најголеми политички партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови,
– најмногу 10 % од рекламниот простор може да се даде на политичките партии во Собранието на Република Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Македонија или кандидати.

Согласно член 76-а став 2 од Изборниот законик, за време на изборната кампања, Јавниот радиодифузен сервис е должен да обезбеди рамноправен пристап во информативната програма при што 30% од времето емитува за дневните настани од земјата и светот, 30% од времето за активностите на политичките партии на власт, 30% од времето за активностите на политичките партии во опозиција и 10% од времето за активностите на политичките партии кои не се претставени во Собранието на РМ и за независните кандидати.

Според член 76-д став 4 од Изборниот законик, финансиските средства за платено политичко рекламирање обезбедени од Буџетот на Република Македонија во текот на изборниот процес, не смеат да ја надминат сумата од 2 (две) евра во денарска противвредност без пресметан ДДВ, по запишан избирач од вкупно запишани избирачи на територијата на Република Македонија. Овие средства се распределуваат на следниов начин:
– најмногу 45% од средствата може да искористат двете најголеми политички партии од позицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови,
– најмногу 45% од средствата може да искористат двете најголеми политички партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови,
– најмногу 10 % од средствата може да искористат политичките партии во Собранието на Република Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Македонија или кандидати.

Според член 78-а став 4 од истиот закон, политичките партии имаат право на закуп за политичко рекламирање на рекламните паноа и билборди на транспарентен и недискриминаторски начин согласно со следните критериуми:
– 40% од вкупниот број се достапни на двете најголеми политички партии од позицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови;
– 40% од вкупниот број се достапни на двете најголеми политички партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови;
– 10% од вкупниот број се достапни на парламентарните партии кои немаат пратенички групи во Собранието на Република Македонија и
– 10% од вкупниот број се достапни на вонпарламентарните партии и независни кандидати во Република Македонија. Според ставот 5, општините во Република Македонија, градот Скопје и правните лица кои стопанисуваат со рекламните паноа и билборди се должни локациите кои се нудат за политичко рекламирање да ги распоредат согласно со критериумите од ставот (4) на овој член по пат на ждрепка.

4. Според членот 2 од Уставот на Република Северна Македонија, во Република Северна Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.

Согласно член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 5 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори, се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката.

Според член 9 ставови 1 и 2 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви

Според член 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Според ставот 2 на овој член, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според членот 50 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд во постапка заснована врз начелото на приоритет и итност.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 61 став 1 од Уставот, Собранието на Република Северна Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката.

Во согласност со член 62 став 2 од Уставот, пратениците се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање. Според ставот 5 на истиот член, начинот и условите за избор на пратеници се уредуваат со закон што се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Тргнувајќи од анализта на наведените уставни одредби произлегува дека со Уставот на Република Северна Македонија на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Слободата на политичкото здружување и дејствување, како основно право се остварува непосредно врз основа на Уставот, при што со Уставот се наведени случаите поради кои може да се ограничи оваа слобода на човекот и граѓанинот, така што надвор од уставно определените случаи Уставот не може да послужи како основа за оневозможување на изразувањето или за присилно насочување на политичките идеи, ставови и уверувања на мислата и на политичкото здружување и дејствување.

Остварувањето на слободата на политичко здружување и дејствување не е апсолутна, туку таа слобода мора да се користи во рамките на уставните норми и во уставно предвидените институции, при што не е допуштено со користењето на оваа слобода да се кршат уставните норми и да се рушат уставно-предвидените институции на начин и постапка којашто излегува надвор од рамките на Уставот.

Имајќи го предвид наведеното, неспорно е уставното овластување на законодавецот, почитувајќи ги уставните гаранции за избирачкото право, начелото на еднаквост, начелото на политички плурализам и слободни и демократски избори, да го уреди прашањето на изборите кои се однесуваат на избор на пратеници во Собранието, избор на претседател на Републиката, избор на членови на советите на општините и Советот на Град Скопје, за избор на градоначалник на општина и градоначалник на Град Скопје.

Согласно член 1 од Изборниот законик, со овој законик се уредуваат начинот, условите и постапката за избор на претседател на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: претседател на Републиката), за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: пратеници), за членови на советите на општините и Советот на Градот Скопје (во натамошниот текст: членови на советите), за избор на градоначалник на општина и градоначалник на Град Скопје (во натамошниот текст: градоначалник), начинот и постапката на евидентирање на избирачкото право, водење на Избирачкиот список, определување на границите на изборните единици и утврдувањето, менувањето и објавувањето на избирачките места, како и условите за функционирање на избирачките места.

Во членот 2 од Законот е определено значењето на одделни поими во овој законик, и тоа:

22. „Облици на изборно медиумско претставување“ се: дневно-информативните емисии, програмите што им овозможуваат директен пристап на учесниците во изборната кампања до /избирачите, и посебните информативни емисии;
23. „Дневно-информативни емисии“ се сите изданија на радио и на телевизиските вести и дневници;
24. „Директен пристап до избирачите“ се облиците на бесплатно политичко претставување и на платено политичко рекламирање, преку кои учесниците во изборната кампања слободно ги промовираат своите програми, ставови и кандидати;
25. „Бесплатно политичко претставување“ е директен пристап на учесниците во изборната кампања до избирачите, преку кој слободно и без паричен надоместок се промовираат изборните програми, ставовите и кандидатите;
26. „Платено политичко рекламирање“ е директен пристап на учесниците во изборната кампања до избирачите, преку кој за паричен надоместок се промовираат изборните програми, ставовите и кандидатите. Видови на платено политичко рекламирање се: огласи, соопштенија, политички изборни спотови, музички спотови што функционираат како химни на учесниците во изборната кампања, преноси или снимки од митинзи, средби и други настапи на учесниците во изборната кампања;
28. “Изборно медиумско претставување“ е промовирање (непосредно или посредно) на ставови, програми, платформи, достигнувања, активности и друго на политички партии, коалиции, групи избирачи и нивни претставници.

Главата VI, носи наслов: „Изборна кампања“, а точката 2 од оваа глава носи поднаслов: „Медиумско претставување“ (членови 75-76-д).

Според членот 75 од Изборниот законик:

„(1) Радиодифузерите, односно Јавниот радиодифузен сервис и трговските радиодифузни друштва и електронските медиуми (интернет порталите) што одлучиле да ги покриваат изборите се должни тоа да го прават на правичен, избалансиран и непристрасен начин во својата вкупна програма.
(2) Радиодифузерите, без оглед на јазикот на кој го емитуваат својот програмски сервис, се должни за време на изборната кампања на учесниците во кампањата да им овозможат подеднакви услови за пристап до сите облици на изборно медиумско претставување – вести, посебни информативни програми (интервјуа, дебати, ТВ/радио соочувања, актуелно-информативни програми, актуелно 35 информативни програми со документаристички пристап и тематски специјализирани информативни програми), бесплатно политичко претставување и платено политичко рекламирање.
(3) Радиодифузерите, без оглед на јазикот на кој го емитуваат својот програмски сервис, се должни за платеното политичко рекламирање во текот на изборната кампања на учесниците во кампањата да им овозможат подеднакви услови за пристап до сите облици на изборно медиумско претставување, сметано на секои 12 часа емитувана програма, вклучувајќи го и бесплатното политичко претставување на учесниците во изборната кампања.
(4) Програмите наменети за малолетната публика не смеат да се користат за изборно медиумско претставување.
(5) Радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите), како и нивните поврзани лица не смеат на било каков начин да финансираат или да даваат донации на политичките партии. Како поврзани лица се сметаат лицата дефинирани во членот 36 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.“

Во членот 75-ѓ, во оспорените ставови 1 и 12 од Изборниот законик во поднаслов: „Медиумско претставување“ е предвидено:

„(1) За време на изборната кампања и во првиот и во вториот круг на гласање, радиодифузерите кои ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно девет минути дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма исклучиво наменети за платено политичко рекламирање, од кои за двете најголеми политички партии од позицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови можат да одвојат најмногу четири минути, за двете најголеми политички партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови можат да одвојат најмногу четири минути, за политичките партии во Собранието на Република Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Македонија или кандидати можат да одвојат една минута.

(12) Рекламниот простор на електронските медиуми (интернет портали) и печатените медиуми наменет за платено политичко рекламирање, се распределува по следниве критериуми:
– најмногу 45% од рекламниот простор може да се даде на двете најголеми политички партии од позицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови,
– најмногу 45% од рекламниот простор може да се даде на двете најголеми политички партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови,
– најмногу 10 % од рекламниот простор може да се даде на политичките партии во Собранието на Република Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Македонија или кандидати.“

Во оспорениот член 76-а став 2 од Законот е предвидено:

„(2) За време на изборната кампања, Јавниот радиодифузен сервис е должен да обезбеди рамноправен пристап во информативната програма при што 30% од времето емитува за дневните настани од земјата и светот, 30% од времето за активностите на политичките партии на власт, 30% од времето за активностите на политичките партии во опозиција и 10% од времето за активностите на политичките партии кои не се претставени во Собранието на РМ и за независните кандидати.“

Според оспорениот член 76-д став 4 од Изборниот законик, финансиските средства за платено политичко рекламирање обезбедени од Буџетот на Република Македонија во текот на изборниот процес, не смеат да ја надминат сумата од 2 (две) евра во денарска противвредност без пресметан ДДВ, по запишан избирач од вкупно запишани избирачи на територијата на Република Македонија. Овие средства се распределуваат на следниов начин:
– најмногу 45% од средствата може да искористат двете најголеми политички партии од позицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови,
– најмногу 45% од средствата може да искористат двете најголеми политички партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови,
– најмногу 10 % од средствата може да искористат политичките партии во Собранието на Република Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Македонија или кандидати.

Членот 78-а е систематизиран во поднасловот 6. „Рекламни паноа и билборди“ (членови 78-а и 79). Според член 78-а ставови 4 и 5 од Изборниот законик:

„(4) Политичките партии имаат право на закуп за политичко рекламирање на рекламните паноа и билборди на транспарентен и недискриминаторски начин согласно со следните критериуми:
– 40% од вкупниот број се достапни на двете најголеми политички партии од позицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови;
– 40% од вкупниот број се достапни на двете најголеми политички партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови;
– 10% од вкупниот број се достапни на парламентарните партии кои немаат пратенички групи во Собранието на Република Македонија и
– 10% од вкупниот број се достапни на вонпарламентарните партии и независни кандидати во Република Македонија.
(5) Општините во Република Македонија, градот Скопје и правните лица кои стопанисуваат со рекламните паноа и билборди се должни локациите кои се нудат за политичко рекламирање да ги распоредат согласно со критериумите од ставот (4) на овој член по пат на ждрепка.“

5. Од анализата на оспорените и другите одредби од Изборниот законик коишто се однесуваат на медиумското претставување, произлегува дека законодавецот, во рамките на уставното овластување да го уреди начинот и условите за избор на пратеници, како критериум според кој ќе се врши медиумско рекламирање и финансирање на кампањата на политичките партии во изборниот процес, определил тоа да бидат резултатите од последните избори за пратеници во Собранието, во која смисла прави поделба на двете најголеми политички партии од позицијата и двете најголеми политички партии од опозицијата коишто на последните избори за пратеници во Собранието освоиле најмногу гласови, на политичките партии во Собранието коишто на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и на политичките партии коишто не се застапени во Собранието, како и на кандидати за пратеници.

Тоа значи дека законодавецот, со определувањето на наведениот критериум по кој ќе се врши медиумското рекламирање и финансирање на кампањата на политичките партии и кандидати во изборниот процес, ги опфатил сите политички партии и кандидати за пратеници, учесници во тој процес, на кој начин се создадени услови сите да бидат соодветно претставени и застапени во изборната кампања. Притоа, според Судот, така определениот критериум – резултатите од последните избори за пратеници во Собранието, односно бројот на добиените избирачки гласови, ја одразува волјата на гласачите, е објективен, јасен и прецизен, лесно определив и јавно достапен и несомнено е поврзан со изборниот процес, што обезбедува правна сигурност, како елемент на владеењето на правото, што е темелна вредност на уставниот поредок на Републиката. Поради тоа, Судот оцени дека на тој начин не се повредува начелото на еднаквост на граѓаните (член 9 од Уставот), слободата на информациите (член 16 од Уставот) и јавните давачки и јавните расходи (член 33 од Уставот), како што се наведува во иницијативата.

Во иста насока, според Судот, треба да се цени и определбата за различно времетраење на медиумското претставување на политичките партии, односно соодветна распределбата на финансиските средства за платено политичко рекламирање обезбедени од Буџетот на Републиката во изборната кампања. Имено, и при пропишувањето на овие правила, законодавецот се водел од резултатите на последните избори за пратеници, односно од бројот на добиените избирачки гласови, што е објективен критериум кој овозможува сите учесници во изборниот процес да бидат рамномерно, соодветно, избалансирано и непристрасно претставени, со што не се доведува во прашање начелото на владеењето на правото, како и начелото на еднаквост. Притоа, конкретната определба за времетраењето на медиумското претставување на политичките партии врзано со тој критериум (45%-45%-10%), односно конкретната распределба на финансиските средства за платено политичко рекламирање обезбедени од Буџетот на Републиката во изборната кампања (40%-40%-10%-10%), исто така врзано со тој критериум, е прашање на проценка на законодавецот, а не прашање за чија целисходност треба да одлучува Уставниот суд.

При градењето на овој став, Судот го имаше предвид и својот став искажан во Решението У.бр.16/2016 од 29.03.2017 година, донесено по повод оценувањето на уставноста на член 75-ѓ став 1 и член 76-а ставовите 2, 8 и 11 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016 и 142/2016).

Оспорениот член 75-ѓ став 1 гласел:

„(1) За време на изборната кампања и во првиот и во вториот круг на гласање, радиодифузерите кои ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно 18 минути дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма исклучиво наменети за платено политичко рекламирање, од кои за политичките партии на власт можат да одвојат најмногу осум минути, за политичките партии во опозиција кои се застапени во Собранието на Република Македонија можат да одвојат најмногу осум минути, за политичките партии во Собранието на Република Македонија кои немаат пратеничка група можат да одвојат една минута, а за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Македонија можат да одвојат една минута.“

Во ова решение Уставниот суд оценил дека, имајќи предвид дека медиумското претставување е дел од процесните дејствија во изборниот процес, право е на законодавецот да ги определи условите за реализирање на подеднакво медиумско претставување на учесниците во изборната кампања со утврдување на посебно времетраење на медиумското претставување на сите учесници во изборниот процес што е во насока на имплементирање на уставните начела. Според мислењето на Судот со утврдувањето на различното времетраење на медиумското претставување на политичките партии на власт или опозиција, политичките партии кои немаат пратеничка група или политички партии кои не се застапени во Собранието на Република Македонија не се доведува во прашање начелото на владење на правото како и начелото на еднаквост. Поради тоа, Судот оценил дека нема услови за поведување на постапка за оценување на уставноста на овие одредби.

По донесувањето на наведеното решение на Судот, законодавецот извршил одредени измени и дополнувања на Изборниот законик (сега оспорените законски одредби се внесени со Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 42/2020 од 16 февруари 2020 година). Меѓутоа, според Судот, вака искажаниот став на Уставниот суд е во целост соодветен и применлив и при оценувањето на уставноста на новооспорените одредби од Изборниот законик коишто, исто така, се однесуваат на медиумското претставување на политичките партии во изборната кампања.

Оттука, имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека од аспект на наводите во иницијативата, не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорените член 75-ѓ ставови 1 и 12, член 76-а став 2, член 76-д став 4 и член 78-а ставови 4 и 5 од Изборниот законик со одредбите на Уставот на кои се повикува иницијативата.

6. Наводите во иницијативата дека наместо критериумот определен со Законот – резултати од последните избори за пратеници, треба и пооправдано е да се примени друг критериум (на пр. состојба што Државната изборна комисија ќе ја констатира врз основа на прифатени кандидатски листи), претставуваат барање за поинакво уредување на законската материја, што е прашање од надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд, кој единствено цени дали пропишаните одредби се во согласност со Уставот, а не нормира односи.

Исто така, треба да се има предвид дека Уставниот суд не ги цени законските одредби од аспект на нивната примена, туку од аспект дали нивното уредување е во согласност со Уставот или не е.

7. Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека не се исполнети условите од членот 27 на Деловникот на Уставниот суд, за прифаќање на барањето во иницијативата, до донесување на конечна одлука, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорените законски одредби.

8. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.169/2020
У.бр.229/2020
14 октомври 2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати