Решение У.бр.151/2020

У.бр.151/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 23 септември 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за задолжување на Република Северна Македонија кај меѓународниот монетарен фонд за финансиската поддршка од инструментот за брзо финансирање за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-3062/1 од 13 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 100/2020).

2. Светскиот македонски конгрес од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата, оспорената уредба со законска сила, не била согласна со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандманот XXIX, член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, чиишто содржини се цитираат во продолжение на иницијативата.

Со иницијативата се изложуваат наводи и заклучоци во однос на тоа што уредувале уставните одредби и како требало да се толкуваат и применуваат, како и дека во отсуство на донесен закон за вонредна состојба, Владата не можела да донесува уредби со законска сила, при што се бара поништување на оспорената уредба со законска сила со предлог за донесување на решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на оспорената уредба со законска сила.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената уредба со законска сила, е со следната содржина:

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015, 142/2016 и 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/2019), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 13 април 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ЗАДОЛЖУВАЊЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА КАЈ МЕЃУНАРОДНИОТ МОНЕТАРЕН ФОНД ЗА ФИНАНСИСКАТА ПОДДРШКА ОД ИНСТРУМЕНТОТ ЗА БРЗО ФИНАНСИРАЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Република Северна Македонија се задолжува кај Меѓународниот монетарен фонд со Инструментот за брзо финансирање во износ од 140.300.000 специјални права на влечење (100% од квотата), наменет за поддршка на Буџетот на Република Северна Македонија за време на траење на вонредната состојба.

Член 2

Рокот на отплата на повлечениот износ од Инструментот од членот 1 од оваа уредба со законска сила е од три години и три месеци до 5 години од повлекувањето на износот на Инструментот. Секое повлекување од Инструментот ќе се отплаќа во осум еднакви тримесечни рати. Отплатата на првата рата ќе започне по престанокот на траење на вонредната состојба, во јули 2023 година.
На повлечениот износ од Инструментот ќе се применува каматна стапка утврдена според правилата на Меѓународниот монетарен фонд, а согласно условите за финансирање кои важат за Инструментот за брзо финансирање.
За секое повлекување на износот од Инструментот, на Меѓународниот монетарен фонд му се плаќа трошок за услуги во висина од 0,5%.
На одобрениот Инструмент, Република Северна Македонија, на почетокот на секој 12 месечен период од денот на одобрување на Инструментот, ќе плати провизија во висина од 0,15% на износот на неповлечените средства кој може да се повлече во тој период од 12 месеци. Платената провизија на неповлечени средства ќе и се рефундира на Република Северна Македонија до износот на направени повлекувања.

Член 3

Се овластува Народната Банка на Република Северна Македонија во својство на фискален агент на Република Северна Македонија и депозитар на средствата на Меѓународниот монетарен фонд да ги прими и да ги префрли средствата од членот 1 од оваа уредба со законска сила на девизна сметка на Министерството за финансии, согласно Договорот од членот 6 од оваа уредба со законска сила.

Член 4

Средствата од Инструментот од член 1 на оваа уредба со законска сила ќе се користат за поддршка на Буџетот на Република Северна Македонија.

Член 5

Република Северна Македонија, Инструментот од член 1 на оваа уредба со законска сила, ќе го отплаќа со средства од Буџетот на Република Северна Македонија.

Член 6

Министерството за финансии и Народната банка на Република Северна Македонија склучуваат Договор за регулирање на користењето, сервисирањето и враќањето на средствата од Инструментот за брзо финансирање утврден во членот 1 на оваа уредба со законска сила.

Член 7

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-3062/1                                                                                                                                                                                         Претседател на Владата
13 април 2020 година                                                                                                                                                                 на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                    Оливер Спасовски, с.р.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Maкедонија, владеењето на правото е темелнa вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со член 126 став 1 од Уставот, е утврдено дека при постоење на воена или вонредна состојба, Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила, а според ставот 2 на членот од Уставот, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Претседателот на Републиката со четири последователни одлуки од 18.03.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 68/2020), од 16.04.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 104/2020), од 16.05.2020 („Службен весник на Република Северна Македонија” број 127/2020) и од 30.05.2020 („Службен весник на Република Северна Македонија” број 142/2020), утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Републиката, заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19.

Република Северна Македонија е членка на Меѓународниот монетарен фонд од 1992 година и го продолжува своето членство согласно Законот за правно наследство на Република Македонија на членството во Меѓународниот монетарен фонд („Службен весник на Република Македонија” број 23/1993, 52/2009, 118/2010 и 74/2012), со прифаќање на одредбите на Статутот на Меѓународниот монетарен фонд.

Според Законот, Народната банка на Република Северна Македонија е фискален агент на Република Северна Македонија и во име на Република Северна Македонија ги врши сите работи и трансакции во врска со учеството на Република Северна Македонија во Одделот за специјални права на влечење на Фондот. Согласно Законот, Владата на Република Северна Македонија може да ги определи подеталните услови и одговорноста за извршување на правата и обврските спрема Фондот, во согласност со Законот и Статутот на Фондот.

Владата на Република Северна Македонија, повикувајќи се на прогласената вонредна состојба и овластувањето од член 126 став 1 од Уставот и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија, донела Уредба со законска сила за задолжување на Република Северна Македонија кај Меѓународниот монетарен фонд за финансиската поддршка од инструментот за брзо финансирање за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-3062/1 од 13 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 100/2020).

Со членот 1 од оспорената уредба со законска сила, се наведува дека износот за кој Република Северна Македонија се задолжува кај Меѓународниот монетарен фонд со Инструментот за брзо финансирање е наменет за поддршка на Буџетот на Република Северна Македонија за време на траење на вонредната состојба.

Во членот 2 од предметната уредба се определени роковите во кои ќе се врши отплата на повлечените износи, рокот во кој треба да започне отплатата на првата рата, каматната стапка, процентуалните износи по кои ќе се пресметуваат трошоците за услугите и провизите во врска со задолжениот износ кај Меѓународниот монетарен фонд за финансиската поддршка од инструментот за брзо финансирање.

Со членот 3 од предметната уредба, Народната банка на Република Северна Македонија се овластува за примање и префрлање на средствата од Меѓународниот монетарен фонд, а на девизната сметка на Министерството за финансии, за која цел согласно членот 6 од оваа уредба со законска сила, Министерството за финансии и Народната банка на Република Северна Македонија склучуваат Договор за регулирање на користењето, сервисирањето и враќањето на средствата од Инструментот за брзо финансирање.

Со членот 4 од Уредбата, се уредува дека средствата од Инструментот од членот 1 на оваа уредба со законска сила ќе се користат за поддршка на Буџетот на Република Северна Македонија, а со членот 5 од Уредбата, дека Република Северна Македонија, Инструментот од членот 1 на оваа уредба со законска сила, ќе го отплаќа со средства од Буџетот на Република Северна Македонија.

Со иницијативата се оспорува уставноста на предметната уредба со законска сила, без конкретно образложение за причините поради кои се смета дека оспорената уредба со законска сила била спротивна на уставните одредби наведени во иницијативата. Во иницијативата се изнесуваат само наводи и заклучоци во однос на тоа што уредувале уставните одредби и како требало да се толкуваат и применуваат, како и дека во отсуство на донесен закон за вонредна состојба, Владата не можела да донесува уредби со законска сила.

Во однос на наводите дека во отсуство на донесен закон за вонредна состојба, Владата не можела да донесува уредби со законска сила, истите не се основани, бидејќи овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила при постоење на воена или вонредна состојба, директно произлегува од одредбите на Уставот, поточно од членот 126 од Уставот.

Оттука, при постоење на вонредна состојба, Владата може со уредба со законска сила поинаку да регулира одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но, ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чиешто задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Поконкретно, уредбите со законска сила коишто Владата ги донесува за време на вонредна состојба, треба да бидат во насока на уредување на неопходни мерки во функција на надминување на причините и последиците предизвикани од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба. Во оваа смисла, имајќи предвид дека оспорената уредба со законска сила е донесена за надминување на причините и последиците од пандемијата на коронавирусот COVID-19, чиешто проширување на нашата територија рефлектира финансиски импикации по Буџетот на државата, според Судот, истото наоѓа своја општествена оправданост во целите кои треба да се постигнат со предметната уредба, а тоа е да се обезбеди финансиска поддршка на Буџетот на Република Северна Македонија заради надминување на причините и последиците предизвикани од појавата на COVID-19 на нашата територија.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената уредба со законска сила со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.151/2020
23 септември 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати