Решение У.бр.65/2018

У.бр.65/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 23 септември 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:

а) член 82 став 4 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/2004, 84/2005, 25/2007, 87/2008, 42/2010, 48/2010, 24/2011, 166/2012, 70/2013, 119/2013, 120/2013, 187/2013, 38/2014, 41/2014, 138/2014, 88/2015, 192/2015, 6/2016, 30/2016, 61/2016, 64/2018, 120/2018 и 195/2018) и
б) член 37 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2015).

2. Александра Илиева Милчова, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, членот 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2015) не бил во согласност со членот 18 од Уставот, според кој „на граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците“. Имено, со членот 6 од Законот се воведувал паралелен регистар на податоци, покрај трговскиот регистар кој согласно Законот за Централен регистар на Република Македонија го води Централниот регистар на Република Македонија и кој орган, од средствата на граѓаните и од буџетот, има обврска да обезбеди соодветен простор и персонал за извршување на Законот, а во рамките на тоа и да се придржува кон одредбите од Законот за заштита на личните податоци. Со префрлање на оваа обврска (водење на паралелен регистар) на регистрациониот агент – сметководител или адвокат како приватно лице, без да постоеле посебни прописи за тоа како да се спроведува ова чување на податоци, на кого да му бидат достапни овие податоци, од каде да се обезбедат средства за трошоците за таа намена и дали регистрациониот агент има овластување да чува податоци со оглед дека тој само доставува пријава во име на подносителот и не е трговски регистар, се повредувал член 18 став 2 од Уставот бидејќи со спроведувањето на пријавата престанувало да важи полномошното дадено на регистрациониот агент од страна на правното лице и потоа секоја обработка или чување на личните податоци кои ги содржат правните акти на конкретното правно лице излегувале надвор од рамките на издаденото полномошно и го загрозувале личниот интегритет на граѓанинот.

Во однос на членот 37 од Законот, во иницијативата се наведува дека таа законска одредба уредувала чување на податоци пред 1 јануари 2006 година и по 1 јануари 2006 година иако Законот е донесен во 2015 година, со што оваа законска одредба имала повратно дејство, поради што членот 37 од Законот не бил во согласност со член 52 став 3 од Уставот според кој било забрането повратно дејство на законите. Покрај тоа, членот 37 од Законот бил нејасен во смисла на тоа дали податоците во хартиена форма се чуваат во оригинал или во копии, што исто така внесувало забуни во правниот промет. Освен тоа, и оваа законска одредба содржела обработка на личните податоци од страна на регистрационен агент, поради што и овој член од Законот не бил во согласност со член 18 став 2 од Уставот.

Подносителката на иницијативата предлага Уставниот суд да ги отстрани од правниот поредок членовите 6 и 37 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2015) на тој начин што ќе ги укине.

3.а) Судот на седницата утврди дека:
– членот 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2015) гласи: „Во членот 82 по ставот (3) се додава нов став (4), кој гласи: „(4) Регистрациониот агент конвертираните прилози (исправи и докази) има обврска да ги чува 5 години, а потоа истите ги предава во Државниот Архив на Република Македонија.“
– членот 82, пак, од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/2004, 84/2005, 25/2007, 87/2008, 42/2010, 48/2010, 24/2011, 166/2012, 70/2013, 119/2013, 120/2013, 187/2013, 38/2014, 41/2014, 138/2014, 88/2015, 192/2015, 6/2016, 30/2016, 61/2016, 64/2018, 120/2018 и 195/2018) е систематизиран во четвртиот дел од Законот посветен на „Трговски друштва“ и, поблиску, во четвртата глава од Четвртиот дел посветена на „Трговски регистар и постапка на упис“.

Инаку, членот 82 од Законот за трговските друштва, кој се однесува на „Поим на трговски регистар“, гласи:
„(1) Трговскиот регистар како јавна книга содржи податоци и прилози (исправи и докази) за субјектите на уписот за кои уписот е пропишан со закон.“
„(2) Трговскиот регистар се состои од регистарска влошка (класер) во којашто се запишуваат податоците на упис и збирка на прилози во којашто се приложуваат исправите и доказите на секој запишан субјект. Сите поднесоци се внесуваат во збирката на прилози на запишаниот субјект.“
„(3) Запишаните податоци и доставените прилози (исправи и докази) во трговскиот регистар се чуваат трајно.“
Оспорениот член 6, со кој се додава став 4 на член 82 од Законот за трговските друштва, гласи:
„(4) Регистрациониот агент конвертираните прилози (исправи и докази) има обврска да ги чува 5 години, а потоа истите ги предава во Државниот Архив на Република Македонија.“
– понатаму, според член 84 став 2 од Законот за трговските друштва, „Поднесувањето на сите податоци што се запишуваат во трговскиот регистар, се врши во електронска форма преку Систем за е-регистрација и во согласност со Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица.“
– во член 92 став 1 од Законот за трговските друштва се определува дека: „Постапката за упис во трговскиот регистар се поведува со поднесување на пријава на пропишан образец во која е содржано барањето за упис.“

Од наведените одредби на Законот за трговските друштва произлегува дека:
*уписот во трговски регистар започнува со пријава во која е содржано барањето за упис (член 92 став 1),
*во трговскиот регистар се запишуваат податоците на упис и се доставуваат исправи и докази за конкретниот субјект, а сето тоа се чува трајно (член 82 ставови 1, 2 и 3),
*податоците што се запишуваат во трговскиот регистар се поднесуваат во електронска форма преку Систем за е-регистрација и во согласност со Законот за едношалтерскиот систем …(член 84 став 2), и
*исправите и доказите кои регистрациониот агент ги „конвертирал“ („пренел во електронска форма и ги потпишал со свој електронски потпис“, а тоа има значење дека регистрациониот агент ги заверил/потврдил преписите од оригиналите, па потоа ги доставил до Централниот регистар заради упис во трговскиот регистар), должен е да ги чува 5 години, а потоа електронски потврдените преписи на исправите и доказите да ги предаде во Државниот архив (член 82 став 4, односно оспорениот член 6 од Законот за изменување …).

Оттука произлегува дека правното значење на член 82 став 4 од Законот за трговските друштва (односно на оспорениот член 6 од Законот за изменување …) е: чување 5 години, од страна на регистрациониот агент, на електронски потврдените преписи од оригиналите на исправите и доказите што ги доставил до трговскиот регистар во постапка на упис на нов правен субјект, а по истекот на 5-те години ги предава во Државниот архив. Наспроти тоа, во трговскиот регистар се чуваат доставените исправи и докази во хартиена форма и тоа чување е трајно.

Очигледно е дека чувањето на оригиналите од исправите и доказите во хартиена форма од страна на државниот орган, од една страна, и чувањето на електронскиот препис од оригиналите на исправите и доказите од страна на регистрациониот агент, од друга страна, има функција на контрола на регистрационите агенти, и функција на контрола во различни други насоки.

б) Оспорениот член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва пропишува обврска за регистрациониот агент во врска со трговските друштва.
Во врска со таа обврска, Судот утврди дека:

-според член 2 став 1 точка 12-а од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005, 13/2007, 150/2007, 140/2008, 17/2011, 53/2011, 70/2013, 115/2014, 97/2015, 192/2015 и 53/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2019), “-„регистрационен агент“ е трговец поединец или трговско друштво кое е регистрирано за вршење на сметководствена дејност, адвокат и адвокатско друштво кои имаат овластување за поднесување пријава за упис преку Системот за е-регистрација.“
-во членот 17 од наведениот закон, посветен на „Надлежност за водење на регистрите“, се определува дека: „Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица ги води Централниот регистар преку регистрациони канцеларии.“
-членот 32, пак, од истиот закон, посветен на „Постапка за упис во регистар“, пропишува дека: „Постапката за упис во регистарот се поведува со поднесување на пријава за упис до канцеларијата на Централниот регистар, освен ако со друг закон поинаку не е определено.“
-понатаму, според член 34 од Законот, „Подносител на пријавата е лице кое со закон е овластено да поднесува пријава за упис“ (став 1).

Во ставот 2 од истиот член се утврдува дека: „Пријавата за упис во електронска форма во име на подносителот од ставот 1 на овој член може да биде поднесена и од страна на регистрационен агент.“
-со член 34-а став 1 од Законот за едношалтерскиот систем …, посветен на „Критериуми за добивање овластување регистрационен агент“, се предвидува дека: „За добивање на овластување за регистрационен агент, лицето треба да ги исполнува следниве критериуми:

1) да е регистрирано како трговец поединец, или трговско друштво за вршење на сметководствена дејност, или да е запишан во Именикот на адвокати, или Именикот на адвокатски друштва;
2) да има вработено лице со уверение за сметководител/овластен сметководител согласно со Законот за вршење на сметководствени работи, или да е вршител на адвокатска дејност согласно со Законот за адвокатурата;
3) да исполнува одредени техничко-технолошки услови и опрема соодветни за остварување на овластувањето, да има потпишано договор за користење на Системот за е-регистрација со Централниот регистар на Република Македонија и да поседува личен квалификуван дигитален сертификат, согласно со Законот за податоци во електронски облик и електронски потпис и
4) да има потпишано изјава за заштита на личните податоци пред почетокот на работата и дека ќе ги почитува правилата за поднесување пријава за упис определени со закон.“
– според член 34-в од Законот, посветен на „Постапка за добивање на овластувањето“, „За добивање на овластувањето лицето поднесува барање до Централниот регистар“ (став 1).

Во ставот 2 се определува дека: „Со барањето од ставот 1 на овој член се приложува:
1) доказ за вработено лице со уверение за сметководител/овластен сметководител, кога се работи за трговец поединец или трговско друштво за вршење сметководствени работи;
2) изјава дека исполнува одредени техничко-технолошки услови и опрема, соодветни за остварување на овластувањето и личен квалификуван дигитален сертификат, согласно со Законот за податоци во електронски облик и електронски потпис и
3) изјава за заштита на личните податоци потпишана од барателот на овластувањето и дека ќе ги почитува правилата за поднесување пријава за упис определени со закон.“

Според ставот 5 од овој член на Законот, „Доколку се исполнети критериумите утврдени со овој закон, Централниот регистар со лицето од ставот 1 на овој член, потпишува договор за користење на Системот за е-регистрација и во рок од 15 дена, од денот на поднесувањето на барањето од ставот 1 на овој член, донесува решение за овластување регистрационен агент.“

– членот 34-д став 1 од Законот, посветен на „Одземање на овластување“, гласи: „Централниот регистар на Република Македонија со решение ќе го одземе овластувањето за регистрационен агент во случаите кога носителот на овластувањето ќе престане да исполнува еден од критериумите утврдени согласно со членот 34-а став 1 од овој закон, како и во случај кога носителот на овластувањето:
1) не ги почитува правилата за поднесување на пријавата за упис определени со закон;
2) во рок од шест месеци не поднесе ниту една пријава за упис или
3) ќе даде изјава дека не сака да ја извршува дејноста регистрационен агент;
4) доколку во рок од 15 дена од денот на доставување записник од членот 34-з став 4 од овој закон не ги отстрани недостатоците констатирани во истиот и за тоа го извести овластеното службено лице.“
– во член 34-ѓ став 1 од Законот се пропишува дека: „Централниот регистар врши контрола на носителот на овластување регистрационен агент, во однос на исполнетоста на критериумите за добивање на овластување, постапувањето при поднесување на пријава за упис и извршувањето на услугите за упис преку Системот за е-регистрација.“

Со ставот 2 од истиот член се определува дека: „Контролата од ставот 1 на овој член се спроведува по службена должност, или по претходно поднесена пријава, со претходна најава или ненајавено. Контролата се спроведува теренски преку непосредна проверка во просториите на носителот на овластувањето и преку евидентираните податоци во регистрите.“
-според член 34-е од Законот, „Непосредната теренска контрола опфаќа проверка:
*на идентичноста на податоците содржани во пријавата и прилозите поднесени преку Системот за е-регистрација, со податоците содржани во прилозите доставени до регистрациониот агент од субјектот на упис,
*на исполнетоста на критериумите определени со членот 34-а од овој закон,
*дали за извршената услуга за поднесување на пријавата за упис на основање трговец поединец и трговско друштво постапува согласно со членот 35 став 7 од овој закон и
*во постапувањето согласно со членот 82 став 4 од Законот за трговските друштва.“
-во членот 34-ж од Законот се определува дека: „Непосредната теренска контрола ја спроведуваат службени лица вработени во Централниот регистар, овластени од директорот на Централниот регистар.“
-членот 34-з став 1 од Законот за едношалтерскиот систем …пропишува дека: „Регистрационите агенти се должни на овластеното службено лице од членот 34-ж од овој закон, да му обезбедат услови за спроведување на контролата, како и да му овозможат увид во потребните исправи и податоци.“

Во ставот 2 од истиот член се определува дека: „За спроведената контрола, овластеното службено лице составува записник во кој се евидентира утврдената фактичка состојба. Записникот го потпишуваат овластеното службено лице и контролираниот регистрационен агент.“

Според ставот 4, „Доколку при спроведувањето на контролата се утврди неисполнување на критериумите предвидени во членот 34-а од овој закон или непостапување согласно со членот 82 став 4 од Законот за трговските друштва, овластеното службено лице со записник го задолжува регистрациониот агент во рок од 15 дена да ги отстрани утврдените недостатоци.“

Во став 5 се утврдува дека: „Овластеното службено лице доколку утврди повреда на членот 35 став 7 од овој закон, во записникот ќе констатира дека ќе се поведе постапка за донесување решение за одземање на овластувањето регистрационен агент.“

Ставот 6, пак, пропишува дека: „Примерок од записникот од ставот 2 на овој член, овластеното службено лице му доставува на контролираниот субјект на денот на спроведувањето на контролата.“
-во член 35 став 2 од Законот се предвидува дека: „Пријавата за упис на трговец поединец и трговско друштво во единствениот трговски регистар се поднесува исклучиво во електронска форма.“

Според став 5 од истиот член, „Пријавата за упис во електронска форма се поднесува преку Системот за е-регистрација.“

Ставот 7, пак, гласи: „Извршената услуга за упис на основање на трговец поединец и трговско друштво преку Системот за е-регистрација, регистрациониот агент ја врши без надоместок и награда.“
-членот 35-а став 4 од наведениот закон, кој се однесува на пријавата за упис во електронска форма поднесена од регистрационен агент, определува дека: „Прилозите кои изворно се составени во електронски облик од подносителот од членот 34 став 2 од овој закон и од него потпишани со електронски потпис, имаат значење на оригинал.“

Во ставот 5 од истиот член се пропишува дека: „Подносителот од членот 34 став 2 од овој закон (тоа е регистрациониот агент, н.з.), прилозите кон пријавата за упис кои се составени во хартиена форма мора да ги конвертира, односно пренесе како целина во електронска форма.“

Според став 6, „Прилозите од ставот 5 на овој член потпишани со електронски потпис на подносителот од членот 34 став 2 од овој закон (тоа е регистрациониот агент, н.з.) имаат значење на заверен препис од оригиналот.“

Од изнесените одредби на Законот за едношалтерскиот систем … произлегува дека регистрациониот агент ја има следната правна положба во врска со трговските друштва:
* регистрационен агент може да биде трговско друштво регистрирано за вршење на сметководствена дејност, адвокат и адвокатско друштво (член 2 став 1 точка 12-а);
* регистрациониот агент може да поднесе пријава за упис во трговскиот регистар во електронска форма, што се доставува до Централниот регистар и со што започнува постапката за упис во регистарот (член 34 став 2 во врска со членовите 17 и 32);
*регистрациониот агент, за да добие овластување за вршење на таа работа, потребно е да исполнува определени критериуми, меѓу кои и да има потпишано изјава за заштита на личните податоци пред почетокот на работата, а потоа потпишува договор за користење на Системот за е-регистрација со Централниот регистар и добива решение за овластување регистрационен агент (член 34-а став 1 точка 4 и член 34-в став 2 точка 3 во врска со член 34-в став 5);
*на регистрациониот агент ќе му се одземе овластувањето ако престане да исполнува еден од критериумите за тоа, меѓу кои критериуми е и ако не врши заштита на личните податоци, при што исполнетоста на критериумите за добивање и вршење на работата регистрационен агент се утврдува преку иницирање и спроведување на различни форми на контрола од Централниот регистар, па и контрола на чувањето на личните податоци на субјектот на упис-основачот или управителот на трговското друштво (член 34-д став 1, член 34-ѓ, член 34-е, член 34-ж и член 34-з);
*регистрациониот агент, пријавата за упис на трговско друштво ја поднесува исклучиво во електронска форма преку Системот за е-регистрација и таа услуга ја врши без надоместок и без награда (член 35 ставови 2, 5 и 7) и
*регистрациониот агент, исправите и доказите кон пријавата за упис на трговско друштво (!) кои изворно ги составил во електронски облик и ги потпишал со електронски потпис, имаат значење на оригинали, а (!) ако исправите и доказите се изворно составени во хартиена форма, регистрациониот агент мора да ги пренесе во електронска форма и тие имаат значење на заверен препис на оригиналите (член 35-а ставови 4, 5 и 6).

Оттука понатаму произлегува дека правната положба на регистрациониот агент е таква да мора да обезбеди заштита на личните податоци на субјектите на уписот во трговскиот регистар, а во спротивно ќе му се одземе овластувањето.

в) Судот, исто така, утврди дека:
-заштитата на личните податоци беше уредена со Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2005, 103/2008, 124/2010, 135/2011, 43/2014, 153/2015, 99/2016 и 64/2018), при што со тој закон се определуваше, покрај другото, кога може да се обработуваат личните податоци (членови 5-7), кои права ги има субјектот чии лични податоци се обработуваат (членови 10-22), како и тајноста на обработката на личните податоци и начинот на заштитата на тие податоци (членови 23-26).
-покрај тоа, врз основа на овластувањето пропишано со наведениот закон, директорот на Дирекцијата за заштита на личните податоци донесе Правилник за техничките и организациските мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2009 и 158/2010), во кој се наведуваат конкретни технички мерки (на пример, корисничко име, лозинка, автоматско одјавување на информацискиот систем по истек на 15 минути, …-член 11) и организациски мерки (на пример, пристап само на определени лица, идентификација на лицето кое пристапува, физичка сигурност на работните простории и на информациската опрема, уништување на документите по истекот на определен период, …-член 12).
-на 24 февруари 2020 година влезе во сила нов закон-Закон за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020 од 16 февруари 2020 година), кој инаку е усогласен со европската регулатива од областа на заштитата на личните податоци, при што и со него се уредуваат, покрај другото, „Начелата“ поврзани со обработката на личните податоци: законитост, правичност и транспарентност; ограничување на целите; минимален обем на податоци; точност; ограничување на рокот на чување; интегритет и доверливост; отчетност (членови 9-15), потоа кои права ги има субјектот чии лични податоци се обработуваат (членови 16-27), како и супервизија над заштитата на личните податоци (членови 102-109).

Од одредбите на наведениот Закон за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2005, 103/2008, 124/2010, 135/2011, 43/2014, 153/2015, 99/2016 и 64/2018) и на Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020) произлегува начинот на обработката и на тајноста и заштитата на личните податоци на конкретните субјекти.

г) Имајќи ги предвид сите напред изнесени законски одредби, Судот оцени дека со член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2015), попрецизно со член 82 став 4 од Законот за трговските друштва, се востановува обврска за регистрациониот агент да ги конвертира во електронска форма исправите и доказите приложени кон пријавата за упис во трговскиот регистар и да ги чува 5 години, а потоа тие прилози да ги предаде во Државниот архив, при што таквата обврска од овој закон има поврзаност и со обврските што ги има регистрациониот агент според Законот за едношалтерскиот систем …да ги заштитува личните податоци на субјектите на уписот и тоа да го прави на начин уреден со Законот за заштита на личните податоци, во спротивно ќе му се одземе овластувањето за регистрационен агент согласно на одредбите од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица.

При таа состојба, Судот утврди дека тврдењето на подносителката на иницијативата дека регистрациониот агент не бил надлежен да води паралелен регистар (надлежен е врз основа на членот 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2015, и Законот за едношалтерскиот систем …) и дека не било прецизно уредено чувањето на тие податоци (прецизно е уредено со Законот за заштита на личните податоци), се неосновани. Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1-а од ова решение.

4.а) Во однос на членот 37 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2015), Судот на седницата го утврди следното:
-членот 37 гласи: „Податоците од членот 82 став (3) пренесени во писмена форма од регистарските судови согласно со членот 67 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица се чуваат во хартиена форма. Податоците од извршените уписи по 1 јануари 2006 година по поднесена пријава во писмена форма како и прилозите кон неа се чуваат во хартиена и електронска форма. Податоците од извршените уписи врз основа на електонска пријава за упис и прилозите кон неа се чуваат во електронска форма, доколку се изготвени во ПДФ формат и се заверени со електронски потпис на регистрационен агент или на овластениот подносител, односно и во хартиена форма, доколку истите се конвертирани од писмена во електронска форма и заверени со електронски потпис на регистрационен агент. Податоците за извршените уписи во единствениот трговски регистар за субјекти кои не се опфатени со овој закон се чуваат во хартиена форма.“
-во членот 67 од Законот за едношалтерскиот систем …(„Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005) е определено дека: „Единствениот трговски регистар на територијата на Република Македонија ќе се воспостави до 31 декември 2005 година“ (став 1).

Според ставот 2 од истиот член, „Од 1 јануари 2006 година Централниот регистар го презема од надлежните судови водењето на трговскиот регистар, заедно со преносот на запишаните податоци коишто се водат во трговските регистри на Основниот суд Скопје I во Скопје, Основниот суд во Битола и Основниот суд во Штип.“

Во ставот 3, пак, се предвидува дека: „Основниот суд Скопје I во Скопје, Основниот суд во Битола и Основниот суд во Штип се должни најдоцна до 31 октомври 2005 година, по динамика што ќе ја утврдат со Централниот регистар, да ја достават својата документација за субјектите на упис кои се запишани во трговските регистри заклучно со 31 декември 2004 година, и тоа: електронска база на податоци, главната книга, регистарските влошки, збирките на исправи, деловодниците и целата друга документација која е воспоставена за водење на регистрите. Ако дел од документацијата не може физички да се раздвои од судската документација на Централниот регистар му се издава копија од тој дел од судската документација. Преземената документација останува во трајно чување кај Централниот регистар.“

Од изнесените одредби на Законот за едношалтерскиот систем …произлегува дека почнувајќи од 1 јануари 2006 година трговскиот регистар почнува да го води Централниот регистар, а судовите кои претходно го воделе тој регистар му ја предаваат својата документација на Централниот регистар и тој орган преземената документација трајно ја чува.

-во врска со наведените одредби од Законот за едношалтерскиот систем …, оспорениот член 37 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2015) пропишува дека (1) податоците од регистрационите судови кои се чуваат трајно во писмена форма, Централниот регистар ќе ги чува во хартиена форма, потоа дека (2) податоците од извршените уписи по 1 јануари 2006 година по поднесена пријава во писмена форма како и прилозите кон неа ќе се чуваат во хартиена и електронска форма, понатаму (3) податоците од извршените уписи врз основа на електонска пријава за упис и прилозите кон неа се чуваат во електронска форма, доколку се изготвени во ПДФ формат и се заверени со електронски потпис на регистрационен агент или на овластениот подносител, односно и во хартиена форма, доколку истите се конвертирани од писмена во електронска форма и заверени со електронски потпис на регистрационен агент, додека пак (4) податоците за извршените уписи во единствениот трговски регистар за субјекти кои не се опфатени со овој закон се чуваат во хартиена форма.

Имајќи ги предвид наведените законски одредби, Судот оцени дека со членот 37 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2015) се прецизира формата во која се чуваат податоците во Централниот регистар: (1) оние што ги преземал од регистарските судови, се чуваат само во хартиена форма; потоа, (2) податоците кои по 1 јануари 2006 година се поднесени само во писмена форма, се чуваат во хартиена и електронска форма; понатаму, (3) податоците кои се пријавени само во електронска форма, се чуваат само во електронска форма, но ако се конвертирани од хартиена во електронска форма во тој случај се чуваат и во хартиена форма; а (4) сите други податоци од извршени уписи во трговскиот регистар се чуваат само во хартиена форма.

Оттука, Судот утврди дека тврдењето на подносителката на иницијативата дека било непрецизно чувањето на податоците од пријавите на регистациониот агент (членот 37 прецизно ги определува случаите кога се чува хартиена, кога електронска, а кога и хартиена и електронска форма на податоците за упис и сите тие во оригинал како што и се примени во Централниот регистар) и дека оспорениот член 37 од Законот имал ретроактивно дејство (нема ретроактивност, туку прецизирање на начинот на чување на податоците примени во различни форми), се неосновани. Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1-б од ова решение.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.65/2018
23 септември 2020 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати