Соопштение

Изјава на претседателот на Судот, Сали Мурати

Подолу е целосната изјава на претседателот на Уставниот суд, г. Сали Мурати од 12 август 2020 година, на прашања поставени од МИА кои се однесуваат на тоа: дали може да се смета дека Собранието е конституирано, а имајќи ги различните ставови на претседателот на Републиката, Стево Пендаровски и поранашниот претседател на Собранието, Талат Џафери; дали е неуставно доделувањето мандат без да има претседател на Собрание кој ќе ги стави во функција другите рокови кои треба да ги следи Собранието, имајќи ја предвид претходната пракса; и дали се планира заседавање на Уставниот суд по овие прашања.

Изјава на претседателот на Судот, г. Сали Мурати:

„Прашањата на кои се бара одговор се уредени со Уставот и со Деловникот на Собранието. Член 90 став 1 од Уставот го определува рокот во кој треба да се додели мандатот за состав на Владата, додека со Главата II од Деловникот на Собранието e уредена постапката на конституирање на Собранието на Република Северна Македонија.

Се чини дека проблемот настанува при толкувањето на овие одредби од страна на учесниците на процесот, но и од одредени случаи во минатото при доделување на мандатот за состав на Влада на кои се укажува како на воспоставена пракса.

Од друга страна, доколку се бара заземање на став на Уставниот суд по ова прашање, треба првин да се имаат предвид надлежностите на Судот утврдени со Уставот и постапките предвидени со Деловникот на Уставниот суд за остварување на овие надлежности.