Решение У.бр.212/2020 и У.бр.214/2020

У.бр.212/2020 и У.бр.214/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019), на седницатa одржана на 8 јули 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување на постапка за оценување на уставноста на Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба, број 08-777/3 од 15 јуни 2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.159/2020), донесена од претседателот на Република Северна Македонија.

2. Светскиот македонски конгрес и м-р Бојан Трпевски од Скопје до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Првиот подносител, Светскиот македонски конгрес, ја оспорува предметната одлука од причини што истата не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 51, членот 63 и членот 125 од Уставот.

Имено, според подносителот, со прогласувањето на петтата вонредна состојба, претседателот на Републиката ја злоупотребил својата надлежност и тоа многу јасно го покажал што можело да се заклучи од причините за прогласувањето на истата.

Во наводите е особено потенцирано дека тоа што во образложението за причините поради кои била прогласена вонредната состојба со предметната одлука е наведено „заради подготовка и спроведување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија“, било спротивно на член 125 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.

Ова од причина што Уставот не предвидел дека вонредна состојба може да се прогласи заради подготовка и спроведување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, што претставувало кривично дело-самовластие и злоупотреба на службената положба и овластување.

Поради наведеното, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одлука, а до донесување на конечна одлука да донесе решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на оспорената одлука.

На крајот од иницијативата, подносителот, имајќи го во предвид фактот дека на 22 јуни 2020 година ќе престанела да важи и повеќе немала да биде во правниот поредок предметната одлука, упатува барање до Судот да се изјасни за уставноста на истата во моментот додека била во важност и произведувала правно дејство.

Вториот подносител, м-р Бојан Трпевски од Скопје, ја оспорува предметната одлука како спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 и членот 125 од Уставот.

Во иницијативата, подносителот, повикувајќи се на начелото на владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок, а притоа имајќи во предвид дека вонредната состојба е посебен правен режим со кој се воведува опасност на целата или на дел од територијата на Републиката за време на непосредна воена опасност или вонредни внатрешни околности поради побуни, нереди, штрајкови, елементарни непогоди и сл., упатува на тоа дека Уставот во членот 125 став 1 сосема оправдано предвидувал само два случаи кога може да се утврди вонредна состојба на територијата на Републиката, и тоа кога постојат природни непогоди или епидемии.

Според подносителот, од содржината на оспорената одлука произлегувало дека истата била донесена за организирање на избори во услови на глобална пандемија, прогласена од Светската здравствена организација што не било предвидено со Уставот како основ за прогласување на вонредна состојба.

Поради наведеното, подносителот смета дека предметната одлука била спротивна на наведените уставни одредби, поради што бара нејзино поништување.

3. Судот на седницата утврди дека актот означен во точката 1 од ова решение ја имал следната содржина:

Врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, а во врска со предлогот на Владата на Република Северна Македонија до претседателот на Република Северна Македонија да утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 8 дена бр. 442329/5 од 15.6.2020 година и известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр. 09-1690/2 од 18.3.2020 година, донесувам

О Д Л У К А
ЗА УТВРДУВАЊЕ НА ПОСТОЕЊЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

I

Се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 8 дена, заради подготовка и спроведување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, со мерки за заштита на јавното здравје во услови на пандемија на коронавирусот COVID-19.

II

Одлуката се донесува врз основа на образложениот предлог на Владата на Република Северна Македонија бр. 44-2329/5 од 15.6.2020 до кретседателот на Република Северна Македонија, да утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 8 дена, заради подготовка и спроведување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, со мерки за заштита на јавното здравје во услови на пандемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафати територијата на Република Северна Македонија и известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр. 09-1690/2 од 18.3.2020 година дека Собранието на Република Северна Македонија, согласно со Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 43/20, не може да одржи седница.

III

Одлуката ќе му биде поднесена на Собранието на Република Северна Македонија на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

IV

За времетраењето на вонредната состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.

V

Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 08-777/3                                                                                                                                                                                        Претседател на Република
15 јуни 2020 година                                                                                                                                                                                Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                    Стево Пендаровски, с.р.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Членот 125 од Уставот предвидува дека вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии (став 1). Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници (став 2). Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена (став 3). Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане (став 4).

Според членот 126 став 1 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Според ставот 2 на истиот член, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија предвидува дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од вака утврдените уставни одредби произлегува дека вонредната состојба е институт со своја специфика. За време на истата, Владата добива овластување да донесува уредби со законска сила кои претставуваат sui generis пропис, различен од законите, чија цел е уредување на определени прашања поради справување со причините кои ја предизвикале оваа состојба, како и последиците од истата. Притоа, постои јасна уставна регулатива според која, под точно определени услови, Собранието или претседателот на Републиката може да прогласи вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел, со важност од најмногу 30 дена, односно уставотворецот точно предвидел дека вонредна состојба настанува само кога ќе настанат: 1. големи природни непогоди или 2. епидемии.

5. Во конкретниот случај, претседателот на Републиката ја донел оспорената Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба број 08-777/3 од 15 јуни 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.159/2020), врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот, а во врска со предлогот на Владата на Република Северна Македонија бр. 442329/5 од 15.06.2020 година до Претседателот на Република Северна Македонија да утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 8 дена.

Притоа, за разлика од претходно донесените четири одлуки за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на целата држава во кои со членот I се предвидуваше дека „се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на Коронавирусот COVID-19“, со членот I на предметната одлука се предвидува дека „се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 8 дена, заради подготовка и спроведување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, со мерки за заштита на јавното здравје во услови на пандемија на Коронавирусот COVID-19.“

Имено, имајќи ја во предвид содржината на членот I на Одлуката од една страна, како и фактот дека уставотворецот точно предвидел во кои ситуации настанува вонредна состојба (кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии) од друга страна, Судот смета дека во конкретниот случај причините поради кои била донесена предметната одлука немаат уставна оправданост. Ова од причина што уставотворецот не предвидел дека вонредна состојба може да настане заради подготовка и спроведување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Републиката.

Меѓутоа, од аспект на периодот за кој било утврдено постоење на вонредна состојба, според Судот неспорно произлегува дека Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба, број 08-777/3 од 15 јуни 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.159/2020), не произведува правно дејство, односно со истекот од 8 дена, заклучно со 22 јуни 2020 година, истата престанала да важи.

Поради овој факт, а следејќи ја фактичката состојба и уставно-судската практика, иако неспорно произлегува дека во конкретниов случај основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со членот 125 од Уставот, Судот не може да се впушти во мериторно одлучување и разгледување на предметната одлука од причина што истата не произведува правно дејство, односно престанала да важи.

Оттука, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот оцени дека во конкретниов случај иницијативата треба да се отфрли поради постоење на процесни пречки за одлучување по истата, што истовремено значи и дека нема основ за одлучување по барањето за донесување на решение за запирање од извршување на актите и дејствијата кои се преземени врз основа на оспорената одлука.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.212/2020
У.бр.214/2020
08.07.2020 гoд.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати