Решение У.бр.197/2020

У.бр.197/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинја 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 8 јули 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 72/2020).

2. Светскиот македонски конгрес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената уредба со законска сила не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, членот 51, член 63 ставови 3 и 4, членот 125 и членот 126 од Уставот.

Во иницијативата, подносителот најпрво ги цитира содржините на погоре наведените одредби од Уставот, Уредбата со законска сила која се оспорува, Одлуката за распуштање на Собранието од 16.02.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.43/2020), Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија од 16.02.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.43/2020) и Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба од 18.03.2020 година, донесена од претседателот на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 68/2020).

Во продолжение на иницијативата се наведува дека Собранието на Република Северна Македонија на 16 февруари 2020 година донесе Одлука за распуштање на Собранието.

Претседателот на Собранието на 16 февруари донесе Решение за распишување на предвремени избори за пратеници коишто треба да се одржат на 12 април 2020 година.

Државната изборна комисија, согласно Решението за распишување на предвремени избори за пратеници, ги донесе сите акти и ги утврди и презеде сите изборни дејствија за одржување на предвремените избори за пратеници на 12 април 2020 година.

Во меѓувреме, Светската здравствена организација прогласи пандемска епидемија поради постоење на нов вид на коронавирус COVID-19 кој е проширен на сите континенти, а ја зафати и територијата на Република Северна Македонија.

Врз основа на член 125 став 2 од Уставот, а заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирусот COVID-19, Владата на Република Северна Македонија на 18 март 2020 година утврди предлог за постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија и истиот го достави до Собранието на Република Северна Македонија.

Претседателот на Собранието, со свој допис од 18 март 2020 година го извести претседателот на Републиката дека во согласност со Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија, не може да свика седница на Собранието на која ќе се разгледа предлогот поднесен од Владата.

Врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот, а во врска со предлогот на Владата до Собранието да утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирусот COVID-19, а согласно пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафати територијата на Република Северна Македонија и врз основа на известувањето од претседателот на Собранието дека не може да свика седница на Собранието на која ќе се разгледа предлогот поднесен од Владата, претседателот на Републиката заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19, на 18 март 2020 година донесе Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена, заклучно со 17 април 2020 година.

Со Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба донесена од претседателот на Република Северна Македонија на 18 март 2020 година, станало невозможно спроведувањето на Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија донесено од претседателот на Собранието на 16 февруари 2020 година, кое се уште било во сила и одржувањето на предвремените избори за пратеници во Собранието на 12 април 2020 година, бидејќи вонредната состојба трае до 17 април 2020 година, со можност за нејзино продолжување.

Во член 125 став 4 од Уставот стоело: „Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе биде во можност да се состане.“ Меѓутоа, оваа одредба на Уставот не значела пропишување на надлежности на Владата во спротивност со членот 126 од Уставот.

Во согласност со член 126 став 1 од Уставот, „при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.“ Меѓутоа, според член 126 став 2 од Уставот, за „овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба“, одлучува Собранието!

„Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието“ утврдено со член 126 став 2 на Уставот не значело донесување на одлука на Собранието отпосле, откако ќе заврши вонредната состојба, туку одлука на Собранието пред утврдување постоење на вонредна состојба, во согласност со Уставот и со закон!

Владата на Република Северна Македонија не можела самовласно, за време на вонредна состојба да присвојува надлежности кои по Устав не ѝ припаѓаат, без закон и одлука на Собрание. Во спротивно, Владата вршела флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните, односно Владата вршела суспензија на внатрешниот правен поредок на земјата утврден со Уставот на државата!

Понатаму, се наведува дека според член 63 став 1 од Уставот, „Пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието. Мандатот почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав.“

Според член 63 став 2 од Уставот, „Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите.“

Во член 63 ставови 3 и 4 од Уставот, било утврдено дека: „Избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба.“

Во член 63 став 6 од Уставот: „Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.“

Според подносителот на иницијативата, со распуштањето на Собранието не престанувал мандатот на пратениците. Никаде во Уставот не било утврдено дека со одлуката за распуштање на Собранието престанувал мандатот на пратениците. Напротив, пратениците во Собранието се избирале за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието. Мандатот почнувал да тече од конститутивната седница на Собранието.

Во член 15 став 4 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“, бр. 40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 54/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/2019 и 42/2020), уште појасно било утврдено дека: „ Мандатот на пратениците трае од денот на неговото верификување до денот на верификувањето на мандатот на новоизбраните пратеници, но не подолго од четири години!“

Само во член 93 ставови 3 и 4 од Уставот било утврдено дека на Владата ѝ престанува мандатот кога Собранието се распушта, но во тој случај „останува на должност до избор на нова Влада.“

И во членот 65 став 2 од Уставот било утврдено дека „на пратеникот му престанува мандатот“ само „кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.“

Според наводите од иницијативата, иако пратениците имаат мандат да заседаваат и покрај Одлуката за распуштање на Собранието донесена на 16 февруари 2020 година, претседателот на Собранието, со злоупотреба на службената положба и овластување „проценил“ дека Собранието не може да се состане и надлежноста за донесување на одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба, а по предлог на Владата, ја препуштил на претседателот на Републиката, со известување бр.09-1690/2 од 18 март 2020 година.

Со Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба донесена од претседателот на Република Северна Македонија на 18 март 2020 година, претседателот на Републиката го оневозможил спроведувањето на предвремените избори за пратеници во Собранието кои треба да се одржат на 12 април 2020 година, односно ги оневозможил изборните дејствија утвредени од Државната изборна комисија врз основа на Решението за распишување на предвремени избори за пратеници донесено од претседателот на Собранието на 16 февруари 2020 година.

Неосновано било образложението на претседателот на Собранието за неможност од свикување на седница на Собранието поради Одлуката за негово распуштање или дека вонредните владини мерки поради пандемијата забранувале групирање на повеќе од пет лица на едно место. И седницата на шпанскиот Сенат во празна сала со електронско гласање на пратениците, за ратификацијата на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО, покажала дека е можно заседавање на законодавниот дом, лесно изводливо и за Собранието на Република Северна Македонија.

Во таа смисла, заседанието на Собранието и без присуство во големата собраниска сала, го потврдила и Владата со Деловникот за изменување и дополнување на Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.72/2020), дека во случај на воена и вонредна состојба или итна и неодложна потреба за одржување на седница на Владата, генералниот секретаријат и работните тела на Владата, седниците може да се одржат и водат „со употреба на комуникациски средства (телефон или конференциска врска со употреба на интернет комуникација и софтверски алатки).“ Иако со Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба од 18 март 2020 година, претседателот на Републиката го оневозможил спроведувањето на предвремените избори за пратеници кои треба да се одржат на 12 април 2020 година, односно ги оневозможил изборните дејствија утврдени од Државната изборна комисија, Владата и при постоење на вонредна состојба немала надлежност да ја донесе Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, Владата немала надлежност да ја измени Одлуката за распуштање на Собранието, немала надлежност да го промени Решението на претседателот на Собранието за распишување на предвремените избори за пратеници, немала надлежност да ги менува изборните дејствија на Државната изборна комисија.

Само Собранието имало надлежност да се распушти и само со член 63 став 3 од Уставот било определено дека изборите за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Собранието се распушти на 16 февруари 2020 година и изборите се определија за 12 април 2020 година. Владата немала надлежност да го промени овој рок во вонредна состојба со уредба со законска сила, како што тоа го сторила на седницата одржана на 21 март 2020 година.

Во вонредна состојба Владата немала надлежност да ги суспендира изборните дејствија коишто претходно ги утврдило Собранието! Таа надлежност била исклучиво на Собранието и претседателот на Собранието. Меѓутоа, бидејќи Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба веќе била донесена од Претседателот на Републиката на 18 март 2020 година, само Уставниот суд бил надлежен да ја поништи Одлуката за распуштање на Собранието и Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес.

Со владина уредба со законска сила не можело да се суспендира Собранието, посебно имајќи го предвид член 63 став 4 од Уставот, дека мандатот на пратениците во Собранието може да продолжи само во случај на воена или вонредна состојба!

И да престанал мандатот на пратениците поради негово распуштање на 16 февруари 2020 година, иако таква одредба во Уставот немало, спротивно на Уставот била суспензијата на Собранието, за да неговите надлежности за изборните дејствија ги презема Владата.

Од тие причини била ургентноста на поднесената иницијатива, Уставниот суд да ги поништи Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.43/2020) и Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.72/2020), со што ќе престанеле да важат како и да не постоеле Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија донесено од претседателот на Собранието на 16 февруари 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.43/2020) и сите изборни дејствија преземени од Државната изборна комисија заради одржување на избори на 12 април 2020 година.

Врз основа на наведеното, се бара Уставниот суд да ја поништи Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.72/2020), бидејќи не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, членот 51, член 67 ставови 3 и 4, членот 125 и членот 126 од Уставот, а до донесување на конечна одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на поединечни акти и дејствија што се преземаат врз основа на наведената уредба со законска сила, поради штетни последици по владеењето на правото, флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните и суспензија на внатрешниот правен поредок на државата.

На крајот, се бара од Уставниот суд, на подготвителната и јавна седница по оваа иницијатива што требало да се одржи во најитен можен рок, да биде поканет претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров.

3.Судот на седницата утврди дека оспорената уредба е со следната содржина:

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19 ), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 21 март 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРАШАЊА ПОВРЗАНИ СО ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС

Член 1

Со оваа уредба се регулираат прашања поврзани со изборниот процес, се изменува и дополнува Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/06, 136/08, 148/08, 155/08, 163/08, 44/11, 51/11, 54/11, 142/12, 31/13, 34/13, 14/14, 30/14, 196/15, 35/16, 97/16 и 99/16, 136/16, 142/16, 67/17, 125/17, 35/18, 99/18, 208/18, 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19 и 42/20) и се утврдува прашањето за примена на одредби од законите кои се однесуваат на изборниот процес.

Член 2

Мандатот на членовите на Државата изборна комисија се продолжува и ќе трае 6 месеци од денот на одржување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

Член 3

Со денот на стапување во сила на оваа уредба се прекинуваат сите изборни дејствија за спроведување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, кои се закажани за 12 април 2020 година.

Член 4

Се задолжува Државната изборна комисија да ја обезбеди и чува постојната изборна документација до продолжување на спроведувањето на изборните дејствија и изборите.

Член 5

Спроведувањето на изборните дејствија ќе продолжи од денот на престанок на вонредната состојба.
Сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик до денот на стапување во сила на оваа уредба се сметаат за важечки.

Член 6

Се задолжува Државната изборна комисија во рок од еден ден од денот на престанок на вонредната состојба да објави на својата веб-страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија.

Член 7

Од денот на стапување во сила на оваа уредба па се до денот на престанок на вонредната состојба не се применуваат членовите 8-а, 75-г, 75-д и 84-а од Изборниот законик.
Од денот на стапување во сила на оваа уредба па се до денот на престанок на вонредната состојба не се преземаат никакви дејствија врз основа на Изборниот законик.

Член 8

Од денот на стапување во сила на оваа уредба па се до денот на престанок на вонредната состојба не се применува членот 34 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/2019).

Член 9

Оваа уредба стапува на сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-2413/1                                                                                                                                                                                                                           Претседател на Владата
21 март 2020 година                                                                                                                                                                                                        на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                                           Оливер Спасовски

4. Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со закон.

Во согласност со членот 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата:
-ако не е надлежен да одлучува за барањето;
-ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и
-ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Уставниот суд веќе ја ценел уставноста на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 72/2020). Притоа, со Решение У.бр. 42/2020 од 14 мај 2020 година, Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на наведената уредба.

Со повторно доставената иницијатива од истиот подносител на иницијативата се оспорува уставноста на истата уредба со законска сила. Уставниот суд со Решение У.бр.74/2020 од 22 мај 2020 година ја отфрлил иницијативата.

Со оглед на фактот дека сега по трет пат истиот подносител ја оспорува истата уредба, без притоа да наведе нови аргументи и причини, Судот оцени дека бидејќи за истата работа Судот веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, во конкретниот случај се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за повторно отфрлање и на оваа иницијатива.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Никола Ивановски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.197/2020
8 јули 2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати