Решение У.бр.152/2019

У.бр.152/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 01.07.2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 20-а став 5 од Законот за вработените во јавниот сектор „Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014, бр.199/2014, 27/2016, 35/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.143/2019 и 14/2020).

2. Елсан Нурчески од с.Пласница до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 20-а став 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба го повредувала членот 9 од Амандманот (XXXIII) на Уставот коишто гласел дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното потекло, политичкото и верско уверување, имотната и општествената положба. Во одредбата било уредено донесување на годишни планови за вработување на институциите во јавниот сектор, пришто како основ за распределбата на бројот на нови вработувања се земале податоците од последно спроведениот попис на населението за единицата на локална самоуправа во која е сместена таа институција.

Притоа на територијата на Општина Македонски Брод имало здравствена установа, односно здравствен дом кој вршел услуги и за Општина Пласница. Подносителот на иницијативата, како жител на Општина Пласница, припадник на турската етничка заедница не можел да конкурира за работно место во неговиот надлежен Здравствен дом во Македонски Брод од причина што според последниот попис можело да се вработуваат само припадници на националноста Македонци.

Оттаму, подносителот на иницијативата и сите жители на неговата општина биле дискриминирани со оспорената одредба не биле еднакви при вработување, немале можност да аплицираат за работни места во Општина Македонски Брод, бидејќи при носење на годишниот план не се земал предвид бројот на жители на Општина Пласница. Ова од причина што оспорената одредба не дозволувала да се земе предвид бројот на жители од соседна општина што било спротивно на членот 9 од Уставот.

Поради наведеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба, а потоа одредбата да биде укината на кој начин во Здравствениот дом во Македонски Брод би се вработувале жители од двете наведени општини според податоците од последниот спроведен попис.

3.Судот на седницата, утврди дека според оспорениот член 20-а став 5 од Законот, во институциите на јавниот сектор коишто се основани од страна на централната или локалната власт, а кои дејноста, односно надлежноста ја вршат на локално или регионално ниво, како основ за распределба на бројот на планираните нови вработувања по припадност на заедница, се земаат податоците од последно спроведениот попис на населението на Република Македонија за единицата на локалната самоуправа во која е сместена таа институција.

4. Согласно Амандманот VI на Уставот, со кој се дополнува алинејата 2 од член 8 став 1 од Уставот, слободното изразување на националната припадност; соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Покрај цитираниот член 9 од Уставот во иницијативата е означен и Амандманот XXXIII на Уставот кој гласи: „Во Уставот зборовите: „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите: „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите: „Северна Македонија“, освен членот 36 од Уставот на Република Македонија“. Поаѓајќи од содржината на наведениот амандман произлегува дека во иницијативата постои погрешно повикување на повреда на оваа одредба, а како истата не може да се доведе во корелација со наводите од иницијативата и содржината на оспорената одредба.

Оттаму, по повод поднесената иницијатива уставно-судската анализа се направи само по однос на можна повреда на членот 9 од Уставот.

Од анализата на оспорениот член 20-а став 5 од Законот произлегува дека одредбата има општ карактер, односно се однесува во принцип и без исклучок за секоја институција од јавниот сектор, без оглед на дејноста што ја врши на централно или локално ниво и без оглед дали е основана од централната или локалната власт. Притоа институциите од јавниот сектор имаат обврска при распределбата на бројот на планираните нови вработувања по припадност на заедниците да се раководат од податоците од последниот спроведен попис на населението на Република Македонија за единицата на локалната самоуправа во која е сместена таа институција.

Според наведеното, а имајќи ја во предвид и содржината на Амандманот VI на Уставот Судот оцени дека во оспорената законска одредба при планирање на идните вработувања е вграден механизам за соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државнатра власт и другите јавни институции на сите нивоа како една од темелните вредности на уставниот поредок.

Прашањата пак, која е доминантната заедница според број на жители која треба да биде најмногу застапена при распределбата на бројот на планираните нови вработувања, кој вид на јавни институции кои вршат јавна дејност (образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и други дејности од јавен интерес утврден со закон) се или не се застапени во секоја конкретна општина и колкав е бројот на вработените припадници на заедниците и од која заедница е фактичко прашање кое се разликува според состојбата во секоја конкретна општина.

Оттаму, одредбата не може да биде оценувана исклучиво според интересите и потребите на жителите на Општина Пласница, а како истата на општ начин ги уредува планираните вработувања за секоја од 80-те општини во државата. Според тоа и Општината Пласница и која било друга општина се раководи од содржината на оспорената одредба при планирање на новите вработувања по однос на припадниците на заедниците застапени во нејзиното демографско подрачје.

Судот имајќи предвид дека оспорената одредба е во функција на реализација на соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници оцени дека оспорената одредба не создава дискриминација по основ на национална припадност од каде истата е во согласност со членот 9 од Уставот и Амандманот VI на Уставот.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.152/2020
1.07.2020 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати