Решение У.бр.126/2020

У.бр.126/2020-1

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 47 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019), на седницата одржана на 24 јуни 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2832/1 од 3 април 2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 90/2020).

2. СЕ СТАВА вон сила Решението со кое се запира извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на актите означени во точката 1 од ова решение.

3. Уставниот суд на Република Северна Македонија по повод иницијативата поднесена од Светскиот македонски конгрес, со Решение У.бр.126/2020 од 27 мај 2020 година поведе постапка за оценување на уставноста на актот наведен во точката 1 на ова решение, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

4. Владата на Република Северна Македонија на седницата одржана на 29 мај 2020 година донесе нова Уредба со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, бр.44-4750/1 од 29 мај 2020 година, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 140/2020 од 29 мај 2020 година.

Во членот 4 на Уредбата е предвидено дека со денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила престанува да важи Уредбата со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2832/1 од 3 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 90/2020 и 123/2020).

Во членот 5 од наведената уредба е утврдено дека оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Согласно наведените одредби, новата Уредба со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија влегува во сила на 29 мај 2020 година, кога е и објавена во “Службен весник на Република Северна Македонија”.

Од наведеното може да се заклучи дека Уредбата со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2832/1 од 3 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 90/2020 и 123/2020), за која е поведена постапка за оценување на уставноста и законитоста, не е повеќе во сила ниту во примена, односно оспорената уредба не е повеќе во правниот поредок.

5. Согласно член 47 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност, односно уставност и законитост во време на важењето.

Со оглед на тоа што оспорената уредба престанала да важи во текот на постапката за оценување на нејзината уставност и законитост и повеќе не е во правниот поредок на Република Северна Македонија, Судот оцени дека се исполнети условите од член 47 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за запирање на постапката.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.126/2020
24 јуни 2020 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати

Издвоено мислење по предметот У.бр.126/2020