Решение У.бр.168/2020

У.бр.168/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 3 јуни 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценка на уставноста на Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, бр.09-1422/1 од 16 февруари 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.43/2020), донесено од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија.

2. Светскиот македонски конгрес до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста на Решението означено во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспореното решение не било во согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа со: член 8 став 1 алинеја 3, кој се однесува на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката; потоа, членот 51 став 1, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон; и со член 63 став 3, според кој избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштање на Собранието. Оспореното решение, исто така не било во согласност и со Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.68/2020) и Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2020), донесени од претседателот на Република Северна Макекдонија, а со кои вонредната состојба во Републиката започнала од 18 март 2020 година.

Во иницијативата се наведува дека Уставниот суд, покрај оспореното решение за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието, од 16 февруари 2020 година и наведените одлуки за утврдување на постоење на вонредна состојба, започната од 18 март 2020 година, требало да ја има во предвид и Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија од 16 февруари 2020 година донесена од претседателот на Собранието.

Имено, во контекст на актите коишто се наведени, во иницијативата се укажува дека и покрај тоа што со оспореното решение се распишале предвремените избори кои требале да се одржат на 12 април 2020 година и Државната изборна комисија, следователно на тоа, ги започнала со закон предвидените изборни активности, настанала состојба кога изборниот процес бил оптеретен со прогласување на вонредна состојба на територијата на Републиката, заради спречување на внесување и ширење на болеста и справување со коронавирусот КОВИД – 19 на територијата на Републиката како дел од настанатата пандемија прогласена од Светската здравствена организација.

Со оглед на тоа што претседателот на Републиката, со наведените одлуки утврдил постоење на вонредна состојба која започнала на 18 март 2020 година, во иницијативата се наведува дека станало невозможно спроведување на оспореното Решение од 16 февруари 2020 година за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на 12 април 2020 година, кое било донесено од претседателот на Собранието и кое се уште било во сила иако не се одржале предвремените избори на 12 април 2020 година, а со тоа оспореното решение било неспроведливо и како такво во случајов неуставно.

Од овие причини, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на оспореното решение и да донесе времена мерка со која до конечното одлучување ќе го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на решението.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 67 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија и член 12 став 1 и член 15 ставови 1 и 2 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија бр.40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2019 и 42/2020), претседателот на Собранието на Република Северна Македонија на 16 февруари 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е
за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија

I.

Се распишуваат предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

II.

Изборите ќе се одржат на 12 април 2020 година.

III.

Роковите за извршување на изборните дејствија почнуваат да течат од денот на објавувањето на Решението во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

IV.

Решението ќе го спроведат Државната изборна комисија, општинските изборни комисии, избирачките одбори и избирачките одбори за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија, односно конзуларните канцеларии.

V.

Ова решение влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр.09-1422/1                                                                                                                                                                                                                            Претседател
16 февруари 2020 година                                                                                                                                                                        на Собранието на Република Северна Македонија
С к о п ј е                                                                                                                                                                                                                             М-р Талат Џафери

Ова решение било објавено на 16 февруари 2020 година во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 43/2020.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи предвид дека Уставниот суд во досегашната уставно судска практика (Решенија на Уставниот суд на Република Македонија бр.156/1994, У.бр.169/1994, У.бр.86/2006 и У.бр.157/2016) оценил дека решенијата за распишување на избори немаат карактер на пропис, односно акт подобен за уставно-судска оцена, пред Судот и во случајов за оспореното решение од тој аспект се ценеше надлежноста за оценка на неговата уставност. Имено, поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјектите во правот. Оспореното решение не содржи општи норми на однесување, односно не уредува односи на општ начин. Според неговата форма и доносител спаѓа во групата на правни акти што имаат поединечен карактер, односно со кои се одлучува за поединечни правни ситуации во кои примената на некој општ пропис се исцрпува еднократно. Оспореното решение според содржината не уредува правни односи на општ начин. Со оспореното решение не се вршат никакви измени и дополнувања на системот на општи норми кои се однесуваат на изборите, затоа што со него не се утврдуваат ниту условите за избор на пратеници во Собранието, ниту постапката за избор, ниту пак, на општ начин се утврдуваат времето, односно роковите за спроведување на изборите, а неговата функција треба да се исцрпува единствено во тоа тие општи норми што се однесуваат на роковите за изборите да ги примени на еден конкретен случај на избор на пратеници за Собрание на Република Северна Македонија, кој ќе се исцрпи со спроведувањето на изборните дејствија.

Имајќи ги предвид наведените причини, се оцени дека оспореното решение не претставува општ правен акт, односно пропис во смисла на членот 110 од Уставот, по кој би постапувал Уставниот суд, поради што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

Воедно, Судот оцени дека оспореното решение има темпорален карактер поради датумот со кој е определено дека изборите ќе се одржат на 12 април 2020 година, меѓутоа тој датум е изминат и избори на тој датум не се одржани, поради што од аспект на конкретниот датум решението во тој дел веќе нема правна сила.

Во врска со предлогот во иницијативата за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспореното решение, имајќи го предвид исходот на наведената анализа, се оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за донесување на времена мерка.

5. Поради погоре изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.168/2020
3 јуни 2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати