Решение У.бр.125/2020

У.бр.125/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 27.05.2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за финансиските друштва за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.90/2020 од 04.04.2020 година.

2. Светскиот македонски конгрес, преку претседателот Тодор Петров од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената уредба со законска сила не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандманот XXIX, член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот.

3.Судот на седницата, утврди дека врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 3 април 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ
ЗА ФИНАНСИСКИТЕ ДРУШТВА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

(1) Законот за финансиските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр.158/10, 53/11, 112/14, 153/15 и 23/16) ќе се применува за време на траење на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
(2) На договорите и на промените на договорните услови за кредит, гаранции, кредитни картички и преземени побарувања (во натамошниот текст: кредити) спрема физичките и правните лица, како и спрема солидарните должници и заложните должници врз основа на кредити ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Член 2

(1) Во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година физичките лица кои се корисници на кредити по договорите за кредит кои се склучени заклучно со 31 март 2020 година ги плаќаат обврските на месечен ануитет намален за најмалку 70% од редовниот месечен ануитет, а финансиските друштва не смеат да пресметуваат и наплатуваат надоместоци, трошоци,провизии и/или казнени камати.
(2) Периодот на отплата, односно рокот за плаќање на месечните ануитети по договорите за кредитите од став (1) на овој член се продолжува за најмалку 90 дена по истекот на периодот од став (1) на овој член.
(3) Обврските по основ на помалку платени ануитети во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година согласно став (1) на овој член се одложуваат согласно одобрениот рок за плаќање од став (2) на овој член, или рамномерно се распоредуваат во месечните ануитети кои ќе доспеат по 30 јуни 2020 година.
(4) Во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година финансиските друштва можат да ги менуваат и другите услови од договорите од став (1) на овој член само заради олеснување на условите.
(5) На корисниците на кредити кои во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година редовно ќе ги отплаќаат кредитите, без оглед дали го користат правото од став (1) на овој член, финансиските друштва можат да им дадат поволности во однос на отплатата на кредитот.
(6) При промена на условите согласно ставовите (1), (2) , (3), (4) и (5) од овој член, финансиските друштва доставуваат понуда до корисниците на кредити согласно член 2 алинеја 1 од Уредбата со законска сила за начинот на промена на договорни услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 80/20).

Член 3

(1) За промена на условите од договорите за кредит склучени со правни лица, финансиските друштва постапуваат согласно член 2 од Уредбата со законска сила за начинот на промена на договорни услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците („Службен весник на Република Северна Македонија “ бр. 80/20).
(2) Финансиските друштва можат да ги олеснат условите од договорите за кредит склучени со правни лица заклучно со 31 март 2020 година врз основа на барање од правно лице – корисник на кредит поднесено во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година.

Член 4

На доставувањето и прифаќањето на понудата и на правното дејство на променетите услови се применуваат одредбите од членовите 3, 4, 5 и 6 од Уредбата со законска сила за начинот на промена на договорни услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците („Службен весник на Република Северна Македонија “ бр. 80/20).

Член 5

Договорите за кредит што ќе се склучат во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година можат по барање на корисниците на кредитите да се склучат со грејс период од три месеци. Во грејс периодот финансиското друштвото може да пресметува само договорна камата.

Член 6

Финансиските друштва се должни во рок од пет дена од денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила да донесат интерен акт за спроведување на оваа уредба со законска сила, а во рок од 15 дена од денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила да ги прилагодат интернет платформите согласно оваа уредба со законска сила.

Член 7

На финансиското друштво кое нема да постапи согласно со одредбите од оваа уредба со законска сила Mинистерството за финансии со решение ќе му ја одземе дозволата за основање и работа.

Член 8

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-2830/1                                                                              Претседател на Владата
3 април 2020 година                                                         на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                             Оливер Спасовски, с.р.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1). Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2). Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3). Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната за мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста (став 4).

Со членовите 125 и 126 од Уставот се уредува прашањето поврзано со вонредна состојба.

Во член 125 став 1 од Уставот е определено дека, вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.

Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници (став 2).

Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена (став 3).

Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републи-ката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане (став 4).

Според член 126 став 1 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Според ставот 2 на истиот член, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Тоа значи дека Уставот определува дека Владата донесува уредби со законска сила во услови на вонредна состојба.

Уредбите со законска сила се специфични правни прописи коишто се донесуваат во вонредна состојба кога има потреба од преземање брзи и ефикасни мерки, од брзо нормирање на определени прашања коишто воопшто не се нормирани во закон или се нормирани на начин којшто не дозволува ефикасно преземање мерки коишто ги наложува вонредната состојба, со цел соочување и надминување на причините коишто довеле до вонредната состојба, но и последиците од истата, и враќање во редовниот уставно-правен поредок.

Уредбите со законска сила се разликуваат од законите според постапката за донесување и според органот којшто ги донесува, но се соодветни со законите по предметот на нивното регулирање и по нивната правна сила. Од тие причини, овие уредби се разликуваат од другите уредби што ги донесува Владата согласно член 36 став 2 од Законот за Владата, коишто имаат карактер на подзаконски акти коишто се носат во функција на извршување на законите.

Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може поинаку да регулира одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Согласно Европската конвенција за заштита на човековите права во случај на војна или некоја друга општа опасност која го загрозува животот на нацијата, секоја Висока страна договорничка може да презема мерки коишто отстапуваат од обврските предвидени со оваа конвенција, и тоа строго во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата но под услов таквите мерки да не бидат во спротивност со другите обврски што произлегуваат од меѓународното право (член 15 став 1). Дозволените ограничувања за споменатите права и слободи според оваа конвенција, може да се применуваат само за оние цели за кои се и предвидени (член 18).

Претседателот на Републиката, врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, врз основа на образложениот предлог на Владата на Република Северна Македонија на 18 март 2020 година донесе Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 68/2020).

На 14 април 2020 година, претседателот на Републиката донесе нова Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2020) на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19. Одлуката е донесена врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, а врз основа на образложен предлог на Владата.

Во конкретниот случај, Владата, врз основа на член 126 став 1 од Уставот и член 36 став 1 од Законот за Владата, на 03.04.2020 година, во услови на прогласена вонредна состојба на територијата на целата Република, донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за финансиските друштва за време на траењето на вонредна состојба.

Тргнувајќи од направената анализа на уставните одредби, Судот оцени дека се неосновани наводите на подносителот на иницијативата дека предметната уредба со законска сила е донесена без постоење на закон за вонредна состојба, бидејќи овластувањата да донесува уредби со законска сила Владата ги добива директно од уставните одредби во членовите 125 и 126 од Уставот, односно од одлуката на претседателот со која е прогласена вонредна состојба со што се активираат овластувањата од членот 125 од Уставот. Владата, за времетраењето на прогласената вонредна состојба, добива уставно овластување да носи уредби со законска сила со кои може поинаку да регулира одредени прашања уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија, при што ваквите овластувања не се неограничени.

Од анализата на одредбите на наведената уредба со законска сила, произлегува дека Владата, во согласност со уставните овластувања во услови на прогласена вонредна состојба, по однос на клиентите корисници на: кредити, гаранции, кредитни картички и преземени побарувања пропишала давање на определени поволности (намалување на ануитети, продолжување на роковите за отплата, можност за давање на други поволности) се со цел полесно справување со настанатата евентуална промена во економската моќ на граѓаните и правните лица поради прогласената вонредната состојба-епидемија од Ковид-19.

Неспорно е дека оваа мерка е тесно поврзана, односно предизвикана од причините за прогласување на вонредната состојба -епидемија од Ковид-19, дека е во согласност со причините и последиците од истата и го опфаќа периодот на вонредната состојба.

Поради тоа, ваквата мерка има легитимна цел, општествена оправданост, разумна е и пропорционална на целта што се сака да се постигне, поради што нема основи за сомневање во нејзината уставност.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски. По однос на членот 7 од Уредбата Решението е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.125/2020
27 мај 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Саи Мурати