Решение У.бр.3/2020

У.бр.3/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 27.05.2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката бр.44-668/1 од 21 јануари 2020 година на Владата на Република Северна Македонија за поништување на решенија за разрешување на должност вршители на должност и именување на вршители на должност директори во јавните установи-меѓуопштински центри за социјална работа („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2020 од 22 јануари 2020 година).

2. Д-р Рашела Мизрахи од Скопје, поранешен министер за труд и социјална политика, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека Владата без да има уставен и законски легитимитет ги поништила решенијата за разрешување на должност, вршители на должност и именување на вршители на должност, директори во јавните установи-меѓуопштински центри за социјална работа, донесени од подносителот на иницијативата, во својство на министер за труд и социјална политика, кој имал законска надлежност да именува и разрешува директори на јавни установи од ваков вид.

Оспорената одлука била противуставна и незаконска бидејќи од цитираните: член 51, член 95 и член 96 од Уставот, член 2, член 3 и член 24 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и член 186 и член 316 од Законот за социјалната заштита произлегувало дека Владата не била надлежна да поништува одлуки коишто биле донесени во редовното работење на Министерството за труд и социјална политика. Оттаму, Владата ги надминала своите уставни овластувања во вршењето надзор над работата на Министерството, односно наместо да ги поништи решенијата требало на одржаната седница само да информира дека тие биле донесени од страна на министерот. Ова и од причина што со решенијата биле разрешени директори кои вршеле должност повеќе од шест месеци, што пак било спротивно на членот 187 од Законот за социјална заштита. Според наведеното недвосмислено произлегу-вало дека оспорената одлука е во спротивност со Уставот и Законот за социјална заштита.

Станувало збор за груба повреда на уставноста и законитоста на начин што носителот на извршната власт презел надлежност којашто не му припаѓала и укинал акт на орган на управата без да има правен основ за тоа.

При одлучувањето Судот да го има предвид членот 108 од Уставот на кој се повикал при носење на Одлуката У.бр.140/2001 кога одлучил да ја оценува уставноста на склучен меѓународен договор.

Врз основа на наведеното се предлага Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на оспорената одлука и по спроведената постапка да донесе одлука за нејзино поништување имајќи ја предвид тежината на повредата на уставноста и законитоста.

3.Судот на седницата, утврди дека врз основа на член 30 став 2 и член 36 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19) Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 21 јануари 2020 година, донела

О Д Л У К А
ЗА ПОНИШТУВАЊЕ НА РЕШЕНИЈА ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ДОЛЖНОСТ ВРШИТЕЛИ НА ДОЛЖНОСТ И ИМЕНУВАЊЕ НА ВРШИТЕЛИ НА ДОЛЖНОСТ ДИРЕКТОРИ ВО ЈАВНИТЕ УСТАНОВИ –МЕЃУОПШТИНСКИ ЦЕНТРИ ЗА СОЦИЈАЛНА РАБОТА

1.Со оваа одлука се поништуваат решенијата за разрешување на должност вршители на должност и именување на вршители на должност директори во Јавните установи-Меѓуопштински центри за социјална работа и тоа:

– Решение за разрешување на должност вршител на должноста директор на Јавна установа со бр.02-795/1 од 21.1.2020 година.
– Решение за именување вршител на должноста директор на Јавна установа со бр.02-795/2 од 21.1.2020 година.
– Решение за разрешување на должност вршител на должноста директор на Јавна установа со бр.02-796/1 од 21.1.2020 година.
– Решение за именување вршител на должноста директор на Јавна установа со бр.02-796/2 од 21.1.2020 година.
– Решение за разрешување на должност вршител на должноста директор на Јавна установа со бр.02-797/1 од 21.1.2020 година.
– Решение за именување вршител на должноста директор на Јавна установа со бр.02-797/2 од 21.1.2020 година.
– Решение за разрешување на должност вршител на должноста директор на Јавна установа со бр.02-798/1 од 21.1.2020 година.
– Решение за именување вршител на должноста директор на Јавна установа со бр.02-798/2 од 21.1.2020 година.
– Решение за разрешување на должност вршител на должноста директор на Јавна установа со бр.02-799/1 од 21.1.2020 година.
– Решение за именување вршител на должноста директор на Јавна установа со бр.02-799/2 од 21.1.2020 година.
– Решение за разрешување на должност вршител на должноста директор на Јавна установа со бр.02-801/1 од 21.1.2020 година.
– Решение за именување вршител на должноста директор на Јавна установа со бр.02-801/2 од 21.1.2020 година.

2.Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-668/1                                                                                     Претседател на Владата
21 јануари 2020год.                                                              на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                               Оливер Спасовски, с.р.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од правните елементи коишто го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, Судот утврди дека во конкретниов случај оспорената одлука има карактер на поединечен акт, односно нема карактер на пропис во смисла на уставната одредба поради што и истата не може да биде предмет на уставносудска оцена.

Имено, од содржината на оспорената одлука произлегува дека со неа Владата, согласно овластувањето од член 30 став 2 од Законот за Владата, поништува 12 поединечни решенија за разрешување од должност вршители на должност директори на конкретни меѓуопштински центри за социјална работа, од каде со одлуката не се регулираат односи за неопределен круг на субјекти во правото.

Оттаму, Судот оцени дека оспорената одлука по својот карактер и содржина претставува поединечен акт поради што се исполнети условите за нејзино отфрлање согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот.

Според тоа не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.3/2020
27 мај 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Саи Мурати