Решение У.бр.106/2020

У.бр.106/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019), на седницата одржана на 22 мај 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на законот за извршување за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.86/2020 и 103/2020).

2. Светскиот македонски конгрес од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актот, означен во точката 1 од Решението.

3. Подносителот во иницијативата наведува дека, Владата ја донела Уредбата со законска сила согласно ставот1 на членот 126 од Уставот според кој при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесувала уредби со законска сила, меѓутоа во овој случај Владата го пропуштила ставот 2 на истиот член со кој овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила траело до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучувало Собранието при што наместо претседателот на Собранието да го свикал Собранието да заседавало заради донесувањето на законот за вонредна состојба и да го утврдел со одлука постоењето на вонредната состојба на предлог на Владата, претседателот на Собранието надлежноста за донесување на Одлука за утврдување постоење на вонредна состојба со известување од 18 март 2020 година, ја пренел на претседателот на Републиката со образложение дека Собранието било распуштено, а мандатот на пратениците престанал и не можело повторно да заседава.

Понатаму во иницијативата се наведува дека, Уставниот суд не можел да биде супститут на Собранието со надлежност од член 68 став 1 алинеја 16 од Уставот според која Собранието вршело политичка контрола и надзор на Владата и над другите носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието, а можел да оценува уставност и законитост на акти на Владата. Единствено на потврдување од Собранието подлежела Одлуката за утврдување на вонредната состојба а не и уредбите со законска сила, бидејќи истите биле со важност додека траела вонредната состојба. Доколку Владата имала намера мерките за санирање на вонредната состојба да продолжеле и по завршувањето на вонредната состојба, тоа требало да го направи со предлог закони за изменување и дополнување на соодветните закони што подлежат на собраниска процедура за нивно донесување или недонесување.

Подносителот смета дека Владата без закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието во согласност со член 126 став 3 од Уставот немала овластување да донесува уредби со законска сила, со важност за времетраењето на вонредната состојба.

4. Судот на седницата утврди дека оспорената уредба со законска сила, е со следната содржина:

Врз основа на член 126, став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36, став 1 од Законот за Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 25 март 2020 година, донесе

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ИЗВРШУВАЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА

Член 1

Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/16, 142/16 и 233/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 14/20) нема да се применува во периодот од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила до 30 јуни 2020 година, освен доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.

Член 2

Во периодот од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила до 30 јуни 2020 година, извршителите се должни да запрат со преземање на било какви извршни дејствија, освен: – во предметите за побарувања врз основа на законска издршка; – распределбата на средствата пристигнати на нивните посебни сметки, доколку за тоа се исполнети законските услови, – дејствијата кои следат по наплатата на средства од должникот, успешно спроведени јавни надавања, или продажби со непосредна спогодба, – примање на барања за извршување и електронско евидентирање во Уписникот за примени барања за извршување, – изготвување на барања за податоци и информации за испитување на економската состојба на должниците и електронска достава до институциите, – изготвување на налог за извршување врз недвижност и електронска достава до јавната книга заради прибележување на налогот, и – изготвување на налог за забрана за располагање и оптоварување на хартии од вредност и електронска достава до Депозитарот за хартии од вредност. Работодавaчите на должниците, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија и носителите на платен промет се должни да запрат со постапување по издадените налози од страна на извршителите, во периодот определен со член 1 од оваа уредба со законска сила. По поднесените приговори за незаконитости при извршувањето согласно член 86 од Законот за извршување, основните судови во Република Северна Македонија, се должни да донесат решенија, а Апелационите судови да одлучат по поднесените жалби против решението на судот по приговор согласно член 87 од Законот за извршување, заради создавање услови за непречена распределба на средствата пристигнати на посебните сметки на извршителите.

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-2524/1                                                                                                                                                                                                             Претседател на Владата
25 март 2020 година                                                                                                                                                                                        на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                          Оливер Спасовски, с.р

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 16 април 2020 година донесе

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ИЗВРШУВАЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за примената на Законот за извршување за време на вонредната состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 86/20), во член 2 став 1 во алинејата 6 по зборот „налогот,“ сврзникот „и“ се брише. Во алинејата 7 точката се заменува со запирка и се додаваат три нови алинеи 8, 9 и 10, кои гласат: „- во предметите по започнатите извршувања до 31.3.2020 година врз побарување по сметки на физичко лице кај банка, – во предметите по започнатите извршувања до 31.3.2020 година врз расположливи средства на сметки на правно лице кај носителите на платен промет-изготвување и – поднесување на заклучок за запирање со извршување од сметка на физичко или правно лице, доколку должникот го платил долгот“. По ставот 1 се додаваат три нови става 2, 3 и 4, кои гласат: „Од извршување се изземаат примањата по следните основи: примање врз основа на законска издршка, надоместок на штета настаната поради нарушување на здравјето или намалување, односно губење на работната способност и надоместок на штета за загубена издршка поради смрт на давачот на издршката; примање врз основа на надоместок поради телесно оштетување според прописите за инвалидското осигурување; примање од права на парична помош од социјална заштита (гарантирана минимална помош, надоместок заради попреченост, надоместок на плата за скратено работно време, додаток за домување, траен надоместок и еднократна парична помош) согласно со прописите од социјална заштита; примање врз основа на привремена невработеност; примања од правата за заштита на децата согласно со Законот за заштита на децата; примање врз основа на стипендија, кредит и помош на ученици и студенти; примање на питомци на Воената академија; надоместок за работа на осуден во казнено-поправен дом, освен за побарување врз основа на законско издржување, како и за побарување на надоместок на штета предизвикана со кривично дело на осудениот; примање врз основа на патни трошоци; примања од право на социјална сигурност за стари лица, согласно со прописите за социјална сигурност за старите лица; средства исплатени како хуманитарна помош или надомест на штета во ситуации предизвикани од елементарни непогоди во услови на донесена одлука за постоење на кризна состојба од страна на Владата на Република Северна Македонија или Собранието на Република Северна Македонија, средствата на посебната сметка која ја поседува извршителот, плата, пензија, надоместок на трошоци за сместување на лице, надоместок за згрижување на згрижувачко семејство, надоместок за деца корисници на семејна пензија, примања на лица во резервниот состав на Армијата на Република Северна Македонија и Полицијата, примања на воени и мирновременски воени инвалиди врз основа на инвалиднина, ортопедски додаток и инвалидски додаток, примање врз основа на договор за доживотна издршка и доживотна рента, како и врз примањето врз основа на договор за осигурување на животот и средствата исплатени како финансиска поддршка или субвенција на правни и физички лица заради надминување на последиците од Корона вирусот COVID-19. Во случаите од став 2 на овој член, должникот до извршителот преку електронска комуникација поднесува барање за одложување на извршувањето и доказ дека примањата се според некој од основите утврдени во став 2 на овој член. Врз основа на барањето од став 3 на овој член, извршителот до носителот на платен промет преку електронска комуникација поднесува барање за одложување на налогот за извршување до 30 јуни 2020 година, без притоа да се наруши редоследот на прием на налогот.” Во ставот 2 кој станува став 5 зборовите „и носителите на платниот промет” се заменуваат со зборовите „Народната банка на Република Северна Македонија во случај кога со налозите за извршување се задолжува сметка која се наоѓа во рамки на трезорската сметка или здравствената трезорска сметка, Трезорот при Министерство за финансии, односно Трезорот на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија каде што на должникот му се води сметката“. Ставот 3 станува став 6.

Член 2

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-3204/1                                                                                                                                                                                                      Претседател на Владата
16 април 2020 година                                                                                                                                                                              на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                    Оливер Спасовски, с.р

5. Според член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11 од Уставот на Република Северна Македонија владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународ­ното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно член 51 од Уставот во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Членот 125 од Уставот пропишува дека, постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници (став 2). Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена (став 3).

Согласно член 126 став 2 од Уставот, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.
Во Република Северна Македонија, согласно член 125 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, поради неможноста на Собранието како надлежен орган за прогласување на вонредна состојба да се состане, од страна на претседателот на Република Северна Македонија, донесени се три последователни одлуки за утврдување на постоење на вонредна состојба заради заштита и спречување со последиците од коронавирусот COVID 19, првата на ден 18.03.2020 година, за период од 30 дена, втората на ден 16.04.2020 година, за период од 30 дена и третата на ден 16.05.2020 година, за период од 14 дена, а во моментот кога Собранието ќе биде во можност да се состане ќе му бидат поднесени на потврдување согласно член 125 став 4 од Уставот.

Во суштина вонредната состојба претставува состојба во која поради настанување на големи природни непогоди или епидемии, со цел справување со причините и/или последиците, се излегува од воспоставениот ред, и во такви околности мерките коишто се преземаат од владите во вонредна состојба мора да бидат дизајнирани и насочени кон справување со причинителот на состојбата, последиците од истата, да презема мерки коишто се во суштинска врска со причинителот и последиците, со времен карактер и лимитиран интензитет, при што има уставни овластувања за ограничување на човековите права за таа цел (освен оние кои не можат да бидат ограничени ни во вонредна состојба), се со цел, (брзо, во временска смисла) да го повратат уставниот поредок со кој човековите права повторно ќе можат целосно да бидат обезбедени. Вонредната состојба е уставна материја, и во време на вонредна состојба Владата мора да ги почитува темелните вредности на уставниот поредок особено владеење на правото.
Според член 126 став 1 од Уставот и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Северна Македонија, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Ваквото овластување на Владата трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки кои се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Исто така сметаме дека се неосновани наводите на подносителот на иницијативата дека предметната уредба со законска сила е донесена без постоење на Закон за вонредна состојба, бидејќи овластувањата да донесува уредби со законска сила Владата ги добива директно од уставните одредби во членот 125 и членот 126, односно од одлуката на претседателот со кои е прогласена вонредна состојба со што се активираат овластувањата од членот 125 од Уставот.

Поаѓајќи од одредбите на членот 126 од Уставот, дека при постоење на воена или вонредна состојба Владата донесува уредби со законска сила и ова овластување на Владата трае до завршувањето на воената или вонредната состојба за што одлучува Собранието, неспорно е дека оспорената уредба е во согласност со Уставот. Ова поради тоа што со Уставот јасно е определено дека кога Собранието не е во можност да се состане, претседателот на Републиката може да прогласи постоење на вонредна состојба, дека одлуката за прогласување се доставува на потврдување на Собранието штом тоа ќе може да се состане, како и Собранието одлучува за завршување на вонредната состојба. Прашањето за донесување на уредби со законска сила во услови на вонредна состојба, е поврзано со вонредната состојба и неспорно со Уставот е дадено такво овластување на Владата на Републиката. Не е спорно прашање од уставно-правен карактер дали Владата има овластување да донесува уредби со законска сила бидејќи со Уставот е дадено такво овластување и постои уставен основ за тоа.

Со оглед на тоа што на 18.03.2020 година претседателот на Републиката донел одлука за прогласување на вонредна состојба, неспорна е надлежноста на Владата на Република Северна Македонија да носи уредби со законска сила, со што целосно е неоснован наводот од иницијативата дека Уредбата е спротивна на член 125 ставовите 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот.

Од анализата на одредбите на наведената уредба со законска сила и нејзината измена и дополнување, произлегува дека Владата, во согласност со уставните овластувања во услови на прогласена вонредна состојба, го уредила присилното извршување, односно дека извршителите се должни да запрат со преземање на какви било извршни дејствија освен оние кои таксативно се наведени во Уредбата и нејзината измена и дополнување за период од денот на влегување во сила на истата па се до 30 јуни 2020 година, при што на таков начин Владата пропишала дека одредена видови на извршувања ќе се запрат поради влошената положба на должниците како последица на вонредната состојба, нема да се применуваат одредбите на Законот за извршување за точно определен период, туку одредбите на наведената уредба со законска сила.

Неспорно е дека Законот за извршување ја уредил материјата на која се однесува оспорената уредба, меѓутоа смислата на носење на оваа уредба со законска сила е поинакво регулирање на прашање коишто е веќе регулирано во Законот заради тоа што тоа произлегува како потреба од уредување и нормирање на мерки со кои ќе се отстранат причините коишто довеле до прогласување на вонредната состојба, но и последиците од истата.

Имено, оваа мерка е тесно поврзана, односно предизвикана од причините за прогласување на вонредната состојба – епидемија од COVID -19, дека е во согласност со причините и последиците од истата и го опфаќа периодот на вонредната состојба. Поради тоа, ваквата мерка има легитимна цел, општествена оправданост, разумна е и пропорционална на целта што се сака да се постигне, поради што сметаме дека не излегува надвор од овластувањето коешто согласно Уставот го има Владата во вонредна состојба.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.106/2020
22 мај 2020 г.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати