Решение У.бр.60/2020

У.бр.60/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 27 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 14 мај 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста на член 1 точки 2 и 3 од Одлуката за изменување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, број 44-2416/9 од 22 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.107/2020) донесена од Владата на Република Северна Македонија.

2. Се запира извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на одредбите од Одлуката означени во точката 1 од ова решение.

3. До Уставниот суд на Република Северна Македонија доставена е иницијатива од Олгица Трајковска од Скопје, за поведување постапка за оценка на уставноста и законитоста на Одлуката за изменување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.107/2020), со наводи за оспорување коишто се однесуваат на одредбите од член 1 точки 2 и 3 од оваа одлука.

Имено, според наводите во иницијативата оспорената одлука не била во согласност со членот 54 од Уставот и со членот 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Македонија“ бр.101/2019). Имено, со членовите од Уставот (членови 9 – 29) биле утврдени основните слободи и права на човекот и граѓанинот а меѓу нив, со членот 27 од Уставот е утврдено и правото на слободно движење.

Според членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тие можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот.

Со оглед на тоа што претседателот на Републиката прогласил вонредна состојба, Владата согласно Уставот донела уредби со законска сила и други акти од своја надлежност, меѓу кои и за ограничување на правото на движење утврдено со оспорената одлука.

Меѓутоа, со оспорената одлука се врши дискриминација по основ на возраста на лицата на кои им се ограничува правото на движење, со тоа што за постари лица од 67 години и за помлади лица од 18 години е определен различен режим на ограничување во однос на останатите граѓани. Имено, за овие категории на лица им се забранува право на слободно движење кое за други граѓани е дозволено, односно за сите граѓани важи забрана на движење во временски период од 19.00 – 5.00 часот наредниот ден, а од друга страна само за лица со возраст над 67 години забраната за движење е од понеделник до петок од 12.00 – 5.00 часот наредниот ден и од 11.00 часот во сабота до 5.00 часот во понеделник. Забраната за лица со возраст до 18 години е од понеделник до петок од 19.00 – 13.00 часот наредниот ден, во сабота од 5.00 до 12.00 часот и од 15.00 часот до 13.00 часот во понеделник.

Со оглед на тоа што со оспорената одлука се вршела дискриминација по основ на возраст на граѓаните во Републиката, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја поништи, како и Судот со времена мерка да ја запре од извршување оспорената одлука.

4. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Северна Македонија донела:

О Д Л У К А
за изменување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија

Член 1

Во Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.72/2020, 74/2020, 76/2020, 78/2020, 89/2020, 92/2020, 100/2020 и 105/2020), во членот 1:

Точките 1., 2., 3. и 4., се менуваат и гласат:
„1. Се забранува движење на населението на територијата на Република Северна Македонија, од понеделник до петок, во временски период од 19:00 часот до 5:00 часот наредниот ден.

2. Се забранува движење на лицата во Република Северна Македонија со возраст над 67 години, од понеделник до петок, во временски период од 12:00 часот до 5:00 часот наредниот ден и од 11.00 часот во сабота до 5.00 часот во понеделник.

3. Се забранува движење на лицата во Република Северна Македонија со возраст до 18 години, од понеделник до петок, во временски период од 19:00 часот до 13:00 часот наредниот ден, во сабота од 5.00 часот до 12.00 часот и од 15.00 часот до 13.00 часот во понеделник.

4. Се забранува движење на возила од јавен превоз на територијата на Република Северна Македонија, од понеделник до петок, во временски период од 19:00 часот до 5:00 часот наредниот ден и од 15.00 часот во сабота до 5.00 часот во понеделник

Точката 6, се менува и гласи:

„6. Се забранува движење на населението на територијата на Република Северна Македонија, во временски период од 15:00 часот во петок, до 5:00 часот во понеделник“.

Точката 7 се брише.
Точката 8 станува точка 7.

Член 2

Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр.44-2416/9                                                                                                                                                                                                 Претседател на Владата
22 април 2020 година                                                                                                                                                                        на Република Северна Македонија
Скопје                                                                                                                                                                                                               Оливер Спасовски с.р.

5. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се утврдени основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 27 од Уставот, секој граѓанин на Република Северна Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште (став 1). Секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката (став 2). Остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Протоколот број 4 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, со кој се признаваат некои права и слободи кои не се наведени во Конвенцијата и во Протоколот број 1 кон Конвенцијата, во членот 2 со наслов „Слобода на движење“ предвидел:

„1. Секое лице кое законски се наоѓа на територијата на една држава, има право слободно да се движи во неа и слободно да го избере своето место на престојување.

2. Секое лице е слободно да ја напушти која и да е земја вклучувајќи ја и својата.

3. Остварувањето на тие права може да биде предмет само на оние ограничувања кои се предвидени со закон и кои претставуваат неопходни мерки во интерес на националната безбедност, јавната безбедност, одржување на јавниот ред, спречување на кривични дела, заштита на здравјето и моралот или заштита на правата и слободите на другите во едно демократско општество.

4. Правата признати во првиот став можат да бидат предмет и на ограничувања во некои области доколку таквите со закон предвидени ограничувања ги оправдува јавниот интерес на едно демократско општество.“

Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ број 66/04, 139/08, 99/09, 149/14, 150/15 и 37/16), во член 57 утврдил:

„Во случај на епидемија како и во случај на поголеми елементарни и други несреќи кои можат да предизвикаат појава на епидемија на заразни болести, можат да се наредат следниве времени мерки: 1) обврска здравствените работници и здравствените соработници да вршат здравствена дејност во вонредни услови, 2) ограничување на правото на штрајк, 3) ставање на располагање и користење на работни и други простории, опрема, лекови и превозни средства за вршење на здравствена дејност, 4) одредување на посебни задачи на здравствените установи, 5) други мерки пропишани со овој закон.
Владата на Република Македонија на предлог на Министерството одлучува кои од мерките од ставот 1 на овој член ќе се применат и за кој временски период.“

Во член 58 став 1 точка 3 од овој закон е утврдено:

„Кога со мерките пропишани со овој закон не е можно во Република Македонија да се спречи внесување и ширење на одредени заразни болести, Владата на Република Македонија на предлог на Министерството може да нареди, меѓу другото, да се воспостави посебен режим на движење или да забрани движење на населението во заразените, односно загрозените подрачја.“

Владата на Република Северна Македонија, врз основа на член 58 став 1 точка 3 од Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/2004, 139/2008, 99/2009, 149/2014, 150/2015 и 37/2016) на седница одржана на 21 март 2020 година, донела Одлука за забрана и посебен тежим на движење на територијата на Република Северна Македонија, бр.44-2416/1 од 21 март 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија бр.72/2020), со која во членот 1 утврдила:

„Со оваа одлука заради спречување на ширење на заразната болест Ковид-19 и заштита на населението во Република Северна Македонија се наредуваат следниве мерки:

1. Се забранува движење на населението на територија на Република Северна Македонија во временски период од 21:00 часот до 6:00 часот наредниот ден.
2. Се забранува движење на возила од јавен превоз на територија на Република Северна Македонија, во временски период од 21:00 до 6:00 часот наредниот ден.

Со членот 2 од оваа одлука е определено дека мерките од членот 1 од оваа одлука ќе се применуваат за периодот на постоење на вонредната состојба на територијата на Република Северна Македонија.“

Со оглед на тоа што со Одлука на претседателот на Република Северна Македонија бр.08-526/2 од 18 март 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.68/2020) била прогласена вонредна состојба на територија на Република Северна Македонија, следователно на 21 март 2020 година Владата ја донела и наведената и цитирана Одлука за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, која потоа била повеќекратно изменувана и дополнува и тоа со:

– Одлука за изменување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територија на Република Северна Маккедонија, бр.44-2416/2 од 23 март 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.74/2020),
– Одлука за дополнување на наведената одлука, бр.44-2416/3 од 24 март 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.76/2020),
– Одлука за дополнување на наведената одлука, бр.44-2416/4 од 25 март 2020 година година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.78/2020),
– Одлука за дополнување на наведената одлука, бр.44-2416/5 од 3 април 2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.89/2020),
– Одлука за изменување на наведената одлука, бр.44-2416/6 од 6 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.92/2020),
– Одлука за дополнување на наведената одлука, бр.44-2416/1 од 13 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.100/2020),
– Одлука за дополнување на наведената одлука бр.44-2416/8 од 18 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.105/2020),
– Одлука за изменување на наведената одлука, бр.44-2416/9 од 22 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.107/2020).

Во уставно-судската анализа на оспорената одлука, имајќи ја предвид правната и фактичката состојба, се постави прашањето дали со различниот режим на ограничувањето на слободата на движење на граѓаните во зависност од нивната возраст во услови на општа опасност за зараза поради постоење на епидемија од заразна болест за населението, односно поради постоење на исти причини, се повредуваат наведените норми од Уставот имајќи ги во предвид и одредбите од членот 2 на Протоколот број 4 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи.

За Судот не е спорно ограничувањето на слободата на движење со цел здравствена заштита во услови на пандемија и прогласена вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија поради коронавирусот, кое важи за сите граѓани.

Меѓутоа, пред Судот се постави прашањето дали селективното и различно третирање на граѓаните според нивната возраст е пропорционално и го оправдува јавниот интерес во едно демократско општество, односно дали ограничувањето на слободата на движење кое не е еднакво за сите граѓани, а е поради исти причини – постоење на заразна болест, може да се оправда како неопходно потребно и легитимно со одредбите од оспорената одлука. Задирањето во човековите права и основни слободи, а во услови на општа пандемија во која се наоѓаат граѓаните и на територијата на Република Северна Македонија, би можело да има основ доколку постои сразмерност на мерките за ограничување со настанатата состојба заради постигнување на поставените здравствени цели за запирање на ширење на епидемијата. Меѓутоа, дали во услови на постоење на заразната болест и постоењето на општата опасност за зараза кај населението, мерките определени во оспорените одредби од Одлуката со различниот третман на граѓаните според нивната возраст, во однос на режимот на забрана на движење, е оправдана ограничувачка мерка која е неопходна за заштита на јавниот интерес, имајќи во предвид дека слободата на движење може да биде предмет на ограничување поради постоење на заразна болест, но во исти услови дали различниот третман во тоа ограничување на населението според возраста на граѓаните е заснован на јавен интерес кој го оправдува тоа различно третирање и со тоа дали има уставен основ за што пред Судот се постави основано сомнение.

Судот оцени дека за оспорената одлука, во делот на точките 2 и 3 на членот 1, може да се постави прашањето за согласноста со одредби од Уставот, и тоа: член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, член 9 став 2 и членот 27 од Уставот и член 2 на Протоколот број 4 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи. Ова поради тоа што постои основано сомнение дали со селективниот и различен однос во ограничувањето на правото на движење според возраста на граѓаните а поради исти причини- постоење на заразна болест, како што е тоа утврдено во оспорените одредби од Одлуката постои пропорционален и оправдан основ за заштита на јавниот интерес со наведената мерка, за остварување на целите поради кои е таа донесена во градењето на едно демократско општество во Република Северна Македонија

Воедно, поради наведеното, Судот оцени дека се настапени деловнички претпоставки за донесување и на времена мерка согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за запирање од извршување на одредбите од точките 2 и 3 од членот 1 на оспорената одлука.

6. Поради погоре изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Владимир Стојаноски.

У.бр.60/2020
14 мај 2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати

Издвоено мислење по предметот У.бр.60/2020