Решение У.бр.84/2020

У.бр.84/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 71 и член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019), на седницата одржана на 14 мај 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночната постапка („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/2020).

2. СЕ ЗАПИРА ИЗВРШУВАЊЕТО на уредбата со законска сила, наведена во точка 1 од Решението, како и сите дејствија донесени, односно преземени врз основа на истaта.

3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

4. Светскиот македонски конгрес од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актот, означен во точката 1 од Решението.

Подносителот на иницијативата наведува дека, оспорената Уредба со законска сила за примена на Законот за даночната постапка за време на вонредна состојба не била во согласност со членот 8 став 1 алинеите 3, 4, и 11, членот 51, членот 68 став 1 алинеите 1 и 2 и Амандман XXIX, членот 125 ставовите 2 и 3 и членот 126 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во иницијативата се наведува дека, Владата ја донела Уредбата со законска сила согласно ставот 1 на член 126 од Уставот според кој при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесувала уредби со законска сила, меѓутоа во овој случај Владата го пропуштила ставот 2 на истиот член со кој овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила траело до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучувало Собранието при што наместо претседателот на Собранието да го свикал Собранието да заседавало заради донесувањето на Законот за вонредна состојба и да го утврдел со Одлука постоењето на вонредната состојба на предлог на Владата, претседателот на Собранието надлежноста за донесување на Одлука за утврдување постоење на вонредна состојба со известување од 18 март 2020 година, ја пренел на претседателот на Републиката со образложение дека Собранието било распуштено а мандатот на пратениците престанал и не можело повторно да заседава.

Подносителот наведува дека со двете одлуки за вонредната состојба донесени од претседателот на Републиката, а бидејќи пратениците имале мандат до верификувањето на мандатот на новоизбраните пратеници, мандатот им се продолжувал за 2 месеци а неизвесно колку пати по уште еден месец, согласно член 63 став 4 од Уставот според кој мандатот на пратениците во Собранието се продолжувал во случај на вонредна состојба. Исто така во ниедна одредба на Уставот не пишувало дека со распуштањето на Собранието престанувал мандатот на пратениците и тоа не можело произволно да се претпоставува. Собранието било во постојано заседание дури и кога било распуштено ако имало потреба требало да се свика и заседава а бидејќи вонредната состојба била непредвидлива, претставувало услов повеќе Собранието да се свикало и да заседава.

Според подносителот, Уставниот суд не можел да биде супститут на Собранието со надлежност од член 68 став 1 алинеја 16 од Уставот според која Собранието вршело политичка конторола и надзор на Владата и над другите ноосители на јавни функции што се одговорни пред Собранието а можел да оценува уставност и законитост на акти на Владата. Единствено на потврдување од Собранието подлежела Одлуката за утврдување на вонредната состојба а не и уредбите со законска сила, бидејќи истите биле со важност додека траела вонредната состојба. Доколу Владата имала намера мерките за санирање на вонредната состојба да продолжеле и по завршуавањето на вонредната состојба, тоа требало да го направи со предлог закони за изменување и дополнување на соодветните закони што подлежат на собраниска процедура за нивно донесување или недонесување.

Понатаму во иницијативата се наведува дека уредба на Влада макар и со законска сила не била закон, и дека дури и за време на вонредна состојба, донесувањето на законите и изменувањето, дополнувањето или престанувањето на важноста на законите не била надлежност на Владата, туку само на Собранието. Во овој случај наместо да била донесена уредба со законска сила, донесената уредба претставувала изменување и дополнување на законите, што била надлежност на Собранието.

Понатаму се напоменува дека Владата без Закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието во согласност со член 126 став 3 од Уставот немала овластување да донесува уредби со законска сила, со важност за времетраењето на вонредната состојба.

5. Судот на седницата утврди дека оспорената уредба со законска сила, е со следната содржина:

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ДАНОЧНА ПОСТАПКА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

(1) Законот за даночна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 13/06, 88/08, 159/08, 105/09, 133/09, 145/10, 171/10, 53/11, 39/12, 84/12, 187/13, 15/15, 97/15, 129/15, 154/15, 23/16, 35/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/19) ќе се применува за време на траење на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
(2) За висината на каматата која се наплатува на износот на помалку или повеќе платениот данок за секој ден задоцнување и за објавата на листата на должници на доспеани и неплатени долгови се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Член 2

На износот на помалку или повеќе платениот данок и споредните даночни давачки освен каматата, се пресметува и наплатува, односно плаќа камата во висина од 0,015% за секој ден задоцнување.

Член 3

Управата за јавни приходи нема да објавува листа на должници на доспеани и неплатени долгови за месеците април, мај и јуни 2020 година.

Член 4

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-2504/10                                                                                                                                                                 Претседател на Владата
25 март 2020 година                                                                                                                                                на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                Оливер Спасовски, с.р

6. Според член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11 од Уставот на Република Северна Македонија владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународ¬ното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно член 51 од Уставот во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Според член 68 став 1 од Уставот, Собранието на Република Македонија: го донесува и изменува Уставот (алинеја 1) и донесува закони и дава автентично толкување на законите (алинеја 2).

Член 125 од Уставот пропишува дека, постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници (став 2). Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена (став 3).

Согласно член 126 став 2 од Уставот, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Според членот 126 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Со Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба, број 09-1690/2 од 18.03.2020 година, донесена од страна на претседателот на Републиката, на територијата на Република Северна Македонија е утврдено постоење на вонредна состојба за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19, во која се наведува дека за времетраењето на вонредната состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.

Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки кои се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Владата на Република Северна Македонија, повикувајќи се на членот 126 став 1 од Уставот, донесува Уредба со законска сила за примена на законот за даночна постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија” број 79/2020).

Со оспорената Уредба со законска сила за примена на Законот за даночната постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/2020), се уредува материјата за висината на каматата која се наплатува на износот на помалку или повеќе платениот данок за секој ден задоцнување и за објавата на листата на должници на доспеани и неплатени долгови.

Според член 9 став 6 од Законот објавата на листата на должници на доспеани и неплатени долгови се врши еднаш месечно, најдоцна до 10 во месецот. Најдоцна 15 дена пред рокот од ставот (6) на овој член Управата за јавни приходи го известува должникот дека доколку не го намири долгот по основ на данок на додадена вредност, данок на добивка, персонален данок на доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, истиот ќе биде објавен на листата на должници на доспеани и неплатени долгови (став 7).

Членот 123 од истиот закон уредува дека, на износот на помалку или повеќе платениот данок и споредните даночни давачки освен каматата се пресметува и наплатува камата во висина од 0,03% за секој ден задоцнување.

Во претходно цитираните одредби од наведениот закон децидно се уредува висината на каматата на износот на помалку или повеќе платениот данок за секој ден задоцнување и за објавата на листата на должници на доспеани и неплатени долгови кои изворно се наведуваат во овој реферат.

7. Имено, оваа уредба до одредена мерка го суспендира Законот за даночната постапка и се предвидуваат решенија кои се спротивни на овој закон што не е во рамките на законската дефиниција за уредбите со законска сила, истата не може да опстојува во правниот промет од причина што овие прашања се регулирани со одредби во веќе важечки закон.

Исто така, ако се имаат предвид причините и целта која сакала да се постигне со прогласувањето на вонредната состојба, а тоа е да спречи ширењето на коронавирусот и заштити населението од последиците по здравјето од тоа ширење, неспорно може да се заклучи дека овластувањата на Владата да донесува уредби со законска сила, треба да бидат во контекст на остварување на таа цел, односно во функција на преземање на мерки со кои ќе се пресретне брзото ширење на заразата и мерки во функција на навремено дејствување заради справување и заштита на населението од последиците од ширењето на коронавирусот.

Членот 126 од Уставот на кој се повикува Владата, не го оправдува ваквото ограничување. Уставниот член само уредува овластување на Владата да може да донесува уредби со законска сила до завршување на вонредната состојба, меѓутоа, тоа уставно овластување никако не значи и не подразбира да може Владата, арбитрарно, кои и какви уредби да донесува, туку да донесува уредби во функција за донесување на решенија неопходно потребни во едно демократско општество, а не со истите изворно, оригинерно да се нормира одредена ситуација којашто не е предвидена со Уставот или со закон, Уставната определба, уредбите со законска сила да мора да бидат во согласност со Уставот и со закон, упатува на тоа дека уредбите со законска сила можат да бидат донесени само во функција на операционализација на уставни и законски одредби

Ова ограничување за Владата при донесувањето на уредбите со законска сила да мора да бидат во согласност со Уставот и закон претставува гаранција за остварување на темелните вредности – владеењето на правото и поделбата на државната власт, но и гаранција за почитувањето на слободите и правата утврдени со Уставот.

Имајќи го предвид сето погоре изнесено, цениме дека во конкретниот случај, може да се постави прашањето за согласноста на оспорената уредба, со уставните норми на кои се упатува во иницијативата, како и имајќи предвид дека се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Судот, порадишто

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, и Владимир Стојаноски.

У.бр.84/2020
14 мај 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати

Издвоено мислење по предметот У.бр.84/2020