Решение У.бр.145/2019

У.бр.145/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 6 мај 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт СЗ 20, Општина Ѓорче Петров, бр.08-3187/3 од 01.10. 2019 година, донесена од Советот на Општина Ѓорче Петров („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.11 од 01.10.2019 година).

2. Горан Костов од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, конечниот Детален урбанистички план за градска четврт СЗ 20 на Општина Ѓорче Петров, бил изработен од „Иванов инжењеринг“ Скопје, со технички број 0801-03-11/2017 од септември 2019 година.

Согласноста на Министерството за транспорт и врски бр.24-7952/2 од 19.09,2019 година, во образложението содржи дека конечниот предлог план со технички број 0801-03-11/2017 е изработен во септември 2019 година.

Меѓутоа, наспроти фактот што конечниот предлог план е изработен во септември 2019 година и за истиот требале да се однесуваат мислењата на надлежните органи во текот на постапката, тие мислења не биле дадени за конечниот предлог план од септември 2019 година, туку за предлог – план кој бил пред септември 2019 година. Имено, од согласноста на Министерството за транспорт и врски, се гледало дека Градот Скопје дал мислење од 10.07.2019 година, Агенцијата за катастар на недвижности дала мислење од 26.07.2019 година, Министерството за култура дало мислење од 09.08.2019 година, а Министерството за образование и наука дало мислење под од 15.04.2019 година.

Имено, тие се произнеле со мислења за предлог- план пред изработениот конечен предлог план од септември 2019 година, и тие не може да се сметаат дека се однесуваат за конечен предлог- план од септември 2019 година.

Оттука, овој дел на постапката не бил во согласност со член 36 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање кој гласел: „Донесувачот на урбанистичкиот план е должен веднаш по приемот на конечен предлог на детален урбанистички план, конечен предлог на урбанистички план за село и конечен предлог на урбанистички план за вон населено место, преку информацискиот систем е-урбанизам во електронска форма, да достави барање за мислење до органот надлежен за заштита на културното наследство, органот надлежен за заштита на животната средина, органот надлежен за здравствената заштита, органот надлежен за социјална заштита, органот надлежен за образование, Агенцијата за катастар на недвижности, а општините во Градот Скопје и до Градот Скопје“.

Поради наведеното, Градот Скопје, Агенцијата за катастар на недвижности, Министерството за култура и Министерството за образование и наука дале мислење на „конечен предлог план“ пред септември 2019 година, а конечниот предлог- план кој е усвоен од страна на Советот на Општина Ѓорче Петров бил од септември 2019 година.

Во овој случај од страна на Општина Ѓорче Петров и Министерството за транспорт и врски биле прекршени одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање во постапката за донесување на оспорениот детален урбанистички план, со тоа што на конечниот предлог план од септември 2019 година, како што се наведува во согласноста на Министерството за транспорт и врски, всушност не се произнеле Градот Скопје, Агенцијата за катастар на недвижности, Министерството за култура и Министерството за образование и наука, што пак претставува обврска согласно член 36 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Ваква повреда во тек на постапка за донесување на урбанистички план, Уставниот суд веќе утврдил во друг предмет и со иницијативата се посочува на предметот У.бр.77/2018, кога Судот констатирал прекршување на член 36 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, што било основ на укинување на донесената одлука.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека согласно член 61 став 10 од Законот за животна средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 48/2010, 124/2010, 51/2011, 123/2012, 93/2013, 187/2013, 42/2014, 44/2015, 129/2015, 192/2015 и 39/2016), органот што го подготвува планскиот документ во рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката од ставот 6 на овој член, заедно со формуларите од ставот 20 на овој член, е должен да ги објави на својата веб страница, а јавноста има право на жалба во рок од 15 дена од денот на нејзиното објавување на веб-страницата на органот којшто го подготвува документот до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Во иницијативата се наведува дека видно од веб- страницата на Општина Ѓорче Петров, одлуката за неспроведување на стратегиска оцена бр.09-2950/1 од 16.08.2019 година не е објавена. Со необјавувањето на Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина, на подносителите на оваа иницијатива им било оневозможено правото на жалба против таа одлука, коешто им припаѓало според член 65 став 11 од Законот за животна средина.

Во иницијативата се посочува на интервентните одлуки на Уставниот суд, У.бр.95/2017 и У.бр.77/2018, со кои Судот изнел став дека постапката на донесување на урбанистички план треба да е во согласност со наведените одредби од Законот за животната средина.

Во иницијативата, исто така се наведува дека согласно член 37 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, на конечниот предлог на урбанистичките планови од член 7 став 1 точка 2 на овој закон, на урбанистичко-планската документација од член 7 став 2 на овој закон и на проектот за инфраструктура, се врши стручна ревизија со која се утврдува дали истите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Видно од согласноста на Министертвото за транспорт и врски, стручната ревизија била изготвена од „Тајфа-План“ со технички број 040-07/19, од септември 2019 година. Извештајот од стручната ревизија, на страна 9 точка 2 – Податоци за планска документација, која била предмет на таа стручна ревизија, се гледа дека ревизија се однесувала на конечен предлог ДУП од јули 2019 година, а не на конечен предлог од септември 2019 година.

И по овој основ, бил повреден Законот за просторно и урбанистичко планирање во текот на постапката за донесување на предметниот план со оспорената одлука.

Поради наведените причини со иницијативата се бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и по спроведената постапка истата да ја поништи или укине. Со иницијативата се предлага до донесување на конечна одлука, согласно член 50 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот да донесе решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одлука бидејќи со нејзиното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи и ненадоместливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука, во членот 1 се утврдува дека се донесува Детален урбанистички план за градска четврт СЗ 20, Општина Ѓорче Петров –Скопје, согласно со Генералниот урбанистички план на Град Скопје (2012 – 2022) донесен со Одлука бр.07-5068/1 од 03.12.2012 година, Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015- две измени, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018) и Правилниците кои се определени во овој член.

Во членот 2 од оваа одлука е определена површината на планскиот опфат којашто изнесува 50,6 ха.

Со членот 3 од оваа одлука е утврдено дека конечниот Детален урбанистички план за градска четврт СЗ 20, Општина Ѓорче Петров – Скопје е изработен од Иванов Инжењеринг, Скопје, со технички број 0801-03-11/2017 од септември 2019 година и дека Деталниот урбанистички план содржи насловна страна со податоци за изработувачот, документациона основа (текстуален и нумерички дел) и планска документација (текстуален и нумерички дел), коишто се детално наведени.

Во членот 4 е утврдено дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“.

Одлуката е донесена од Советот на Општина Ѓорче Петров, под бр.08-3187/3 од 01.10.2019 година и е објавена во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.11 на 01.10.2019 година.

4. Во одговорот на Советот на Општина Ѓорче Петров, се наведува, меѓу другото дека постапката за донесување на предметниот план е водена електронски, преку информацискиот систем е-Урбанизам, во согасност со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015- две измени, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018).

Од доставената документација кон одговорот, во ЦД и мал дел во писмена форма, се утврди следнава фактичка состојба:

Со Решение бр.03-1276/2 од 05.04.2018 година донесено од градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, била формирана Комисија за изработка на извештај од спроведена јавна анкета и јавна презентација за предлог детален урбанистички план за градска четврт СЗ 20, Општина Ѓорче Петров – Скопје.

Со Соопштение бр.09-2805/2 од 07.08.2018 година биле известени граѓаните и правните лица дека Општина Ѓорче Петров донела Решение за организирање на повторена јавна анкета и јавна презентација на предлог деталниот урбанистички план за градска четврт СЗ 20, Општина Ѓорче Петров. Во соопштението било наведено дека повторената јавна анкета ќе трае 10 работни дена од 13.08. до 24.08.2018 година, согласно објавата во јавните гласила „Нова Македонија“ и „Вечер“, во информацискиот систем е-урбанизам и на веб-страната на Општина Ѓорче Петров. Предлог деталниот урбанистички план е соопштено дека ќе биде изложен во просториите на УЗ Хром, Општина Ѓорче Петров, секој работен ден од 10 до 18 часот, во наведениот период.

Во соопштението е наведено дека повторената јавна презентација ќе се одржи на 20.08.2018 година во просториите на Општината Ѓорче Петров. Соопштението било објавено на 08 .08. 2018 година во наведените јавни гласила.

Од Записникот бр.25-300/18 од 29.08.2018 година, се гледа дека на 20.08.2018 година се одржала јавна презентација на предлог-деталниот урбанистички план за градска четврт СЗ 20, Општина Ѓорче Петров – Скопје со присутни претставници од стручната служба на Општината, изготвувачот на планот „Иванов Инжењеринг“ ДООЕЛ – Битола, ЈП „Водовод и канализација“, „ЕВН Македонија“, КЕЦ Ѓорче Петров и ДТБС, кои своите забелешки ќе ги доставиле во форма на анкетни листови за време на повторената јавна анкета.

Од Извештајот бр.25-300/19 од 03.09.2018 година се гледа дека била одржана постапката на јавна анкета. Комисијата, по добиениот материјал од повторената јавна анкета и јавна презентација за предметниот план – анкетни листови, го изготвила извештајот со образложение по однос на прифатените или неприфатените забелешки, при што констатирала дека од вкупно 66 анкетни листови, биле прифатени забелешките во 13 анкетни листови, делумно биле прифатени 18 анкетни листови, не биле прифатени забелешките во 32 анкетни листови, а 2 анкетни листови биле без забелешки и еден се однесувал за катастарска парцела надвор од опфат.

Градот Скопје со Мислење бр.13-100/2 од 08.02.2019 година се произнел до Општината Ѓорче Петров, дека доставениот Конечен Предлог-детален урбанистички план за Градска четврт СЗ 20, Општина Ѓорче Петров, со површина од 50,06 ха, изработен од „Иванов Инжењеринг“ ДООЕЛ, со технички број 0801-03-11/17 од 12/2018 година, не бил изработен во согласност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 и не бил во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018).

Општината Ѓорче Петров, со писмо број 25-5/6 од 12.03.2019 година, побарала мислење по конечниот предлог детален урбанистички план, од „ЕВН Македонија“ АД Скопје, ЈП „Водовод и канализација“, АД „Мепсо“, „Балкан Енерџи Груп“ ДООЕЛ-Скопје, АД „ГА-МА“ – Скопје, „ТЕ-ТО“ АД Скопје, АД „Македонски телеком“ – Скопје, Друштво за комуникациски услуги „ВИП ДООЕЛ“ – Скопје, Агенција за електронски комуникации, Министерство за образование и наука, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за одбрана и Министерство за внатрешни работи.

Мислењето е побарано да биде доставено во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам, во рок од пет дена, а во спротивно ќе се смета дека нема забелешки и дека е дадено позитивно мислење.

Со писмо бр.25-05/11 од 04.07.2019 година, Општината Ѓорче Перов побарала мислење од Агенцијата за катастар на недвижности, за конечниот предлог-план.

Агенцијата за катастар на недвижности со свој акт бр.0939-9594/5 од 26.07.2019 година, позитивно се произнел по однос на Конечниот предлог план, Детален урбанистички план за градска четврт СЗ 20, Општина Ѓорче Петров, плански период 2017-2022, изработен од „Иванов Инжењеринг“ Битола, со технички број 0801-03-11/17 од 07/2019 година, од аспект на катастарските податоци.

Градот Скопје со свое мислење бр.13-6673/2 од 10.07.2019 година се произнел позитивно по однос на конечниот предлог план со технички број 0801-03-11/17 од јуни 2019 година, од аспект на планската документација и законската регулатива која влијае на урбанистичкото планирање и Генералниот урбанистички план на Град Скопје (2012-2022).

Меѓутоа, Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот, со свој акт бр.24-6867/2 од 21 август 2019 година, не издало согласност на конечниот Предлог-план со технички број 0801-03-11/17 од јули 2019 година. Министерството ги навело недостатоците и забелешките од аспект на планирањето и постапката на урбаното подрачје, коишто Општината Ѓорче Петров, требало да ги отстрани во однос на водењето на постапката.

Од списите по предметот се гледа дека потоа бил изготвен извештај од Стручна ревизија на планот изготвена од страна на „Тајфа – план“, со технички бр.040/07/19 од септември 2019 година.

Општината Ѓорче Петров, побарало повторно мислење, со свој акт бр.25-5/19 од 06.09.2019 година, од Градот Скопје, по однос на конечен Предлог Детален урбанистички план за градска четврт СЗ 20, Општина Ѓорче Петров, во однос на усогласеност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје, укажувајќи дека ако во рок од пет работни дена не се произнесе со забелешки, ќе се смета дека е дадено позитивно мислење.

По ова барање, Градот Скопје не се произнел со мислење до Општината Ѓорче Петров.

Министерството за труд и социјална политика со свој акт бр.03-6525/2 од 17.09.2019 година дало позитивно мислење за конечниот Предлог-план.

Министерството за животна средина и просторно планирање со свој акт УП 1-15-1173/2018 од 05.09.2018 година, имало дадено мислење дека ја прифаќа Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина, бр.09-2950/1 од 16.08.2018 година, донесена од Општината Ѓорче Петров. Оваа одлука била објавена на 20.08.2019 година на веб- страната на Ѓорче Петров, што го тврди администратор на „Информ“ ДОО Скопје и приложени листи од електронската објава.

Дирекцијата за заштита и спасување, Подрачно одделение – Карпош, со свој акт бр.09/5-216/2 од 29.07.2019 година го известила изготвувачот на Планот, дека дава позитивно мислење на Предлог планот, од аспект на мерките за заштита и спасување согласно Законот за заштита и спасување („Службен весник на Република Македонија“ бр.93/2012).

Од списите по предметот се гледа дека Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот, со свој акт број 24-7952/2 од 19 септември 2019 година, дало согласност на конечниот предлог Детален урбанистички план за Градска четврт СЗ 20, Општина Ѓорче Петров, со плански период (2017-2022) со плански опфат 50,6 ха, изработен од „Иванов Инжењеринг“, со технички број 0801-03-11/17 од септември 2019 година.

Агенцијата за катастар на недвижности со свој акт број 0939-9594/7 од 17.10.2019 година ја известила Општината Ѓорче Петров дека преку системот е-урбанизам со извршено споредување на добиениот Детален Урбанистички план со тех. број 0801-03-11/17 од 09/2019 со податоците од катастарскиот план има дигитално детално преклопување.

Од образложението на согласноста на Министерството за транспорт и врски произлегува дека во постапката била реализирана целокупната документација во текот на донесувањето на предметниот план и таа е хронолошки наведена во согласноста.

Советот на Општина Ѓорче Петров, на 32-та седница одржана на 01.10.2019 година ја донесе Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за градска четврт СЗ 20, Општина Ѓорче Петров, под бр.08-3187/3, објавена во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.11 од 01.10.2019 година.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 43 од Уставот, секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Просторното и урбанистичкото планирање е предмет на уредување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 119/2014, 44/2015 –две измени, 193/2015, 31/2016, 163/16 и 64/2018) којшто во членот 1 определува дека со овој закон се уредуваат условите и системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите на планска документација и постапката за изработување и донесување на истата како и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.

Новина во важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање (донесен во 2014 година), е тоа што постапката за изработување и донесување на урбанистички планови се спроведува електронски, преку информациски систем наречен е-урбанизам (член 24 од Законот). Согласно ставот 2 на овој член, корисници на информацискиот систем е-урбанизам се изработувачот на урбанистичкиот план, донесувачот на урбанистичкиот план, органите на државна управа коишто се вклучени во постапката за донесување на урбанистички план, субјектите од член 32 став (1) на овој закон, членовите на комисијата за урбанизам од член 23 на овој закон, членовите на комисиите од член 34 став (8) на овој закон и член 35 став (10) на овој закон, Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, Државен управен инспекторат, учесниците во стручна расправа и јавна анкета и членовите на Советите на општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје.

Во ставот 3 на овој член е определено дека размената на податоци помеѓу корисниците на информацискиот систем е-урбанизам од ставот 2 на овој член се потврдува од страна на корисникот со валиден дигитален сертификат издаден од овластен издавач, преку информацискиот систем е-урбанизам.

Според членот 26 од Законот, урбанистичките планови се изработуваат врз основа на планска програма со која се утврдува границата и содржината на планскиот опфат и истата се состои од текстуален и графички дел.

Според членот 28 од Законот, стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето при донесување на детален урбанистички план се спроведува само доколку не била спроведена стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето при донесувањето на генералниот урбанистички план врз основа на кој е изработен предметниот детален урбанистички план. Донесувачот на урбанистичките планови и урбанистичко-планската документација од ставот 1 на овој член е должен по донесување на годишната програма од член 20 став 1 на овој закон, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на оценката, на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина.

Согласно член 29 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, деталниот урбанистички план се изработува во една фаза, како предлог на план.

Во членот 31 од Законот е определено дека предлогот на деталниот урбанистички план го изработува изработувачот на урбанистичкиот план, во согласност со одобрената планска програма од членот 26 на овој закон.

Во членот 33 од Законот е предвидено дека по изготвување на предлогот на деталниот урбанистички план, надлежната комисија за урбанизам од членот 23 на овој закон, должна е во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам, да даде стручно мислење за согледување на степенот на усогласеноста на планот со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на истиот. Надлежната комисија од членот 23 на овој закон е должна мислењето од став 1 на овој член да го даде во рок од осум работни дена од денот на доставување на предлогот на детален урбанистички план од страна на изработувачот на урбанистичкиот план, а во спротивно ќе се смета дека е издадено позитивно мислење. Изработувачот на урбанистичкиот план, должен е да постапи по стручното мислење од ставот 1 на овој член и да го достави предлогот на планот до донесувачот на урбанистичкиот план.

Согласно членот 35 од Законот, јавна презентација и јавна анкета се спроведува на предлог на детален урбанистички план, по добивање на стручно мислење на предлогот на план согласно член 33 на овој закон. Општината односно општината во Градот Скопје започнува постапка за спроведување на јавна презентација и јавна анкета за предлогот на деталниот урбанистички план, најдоцна во рок од пет работни дена по приемот на предлогот на урбанистичкиот план за кој е дадено стручно мислење согласно член 33 на овој закон. За одржувањето на јавна презентација и јавна анкета се известуваат субјектите од член 32 став 1 на овој закон, во електронска форма преку информациски систем е-урбанизам, а се објавува и соопштение во информациски систем е-урбанизам, како и во две јавни гласила, најмалку три работни дена пред започнувањето на јавната анкета. Јавната анкета од ставот 1 на овој член истовремено се спроведува и во електронска и во писмена форма. Јавната анкета во електронска форма се спроведува преку информацискиот систем е-урбанизам, а јавната анкета во писмена форма се спроведува со излагање на планот на јавно место коешто се наоѓа во општината или во просториите на општината. Јавната презентација е стручно презентирање на планот коешто се организира во рамките на јавната анкета и трае еден работен ден. Јавната анкета за предлог на детален урбанистички план трае најмалку десет работни дена, во кој рок субјектите од член 32 став 1 на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат на анкетни листови да достават забелешки и предлози по предлогот на планот, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам или во писмена форма. Доколку во роковите утврдени во ставот 8 на овој член субјектите од член 32 став 1 на овој закон и другите учесници, не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение. За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за урбанистичкиот план, од страна на стручна комисија формирана од градоначалникот на општината односно општината на Градот Скопје, која е составена од три члена и тоа претставник на изработувачот на планот, вработено лице во општинската администрација надлежно за урбани­стичко планирање и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Извештајот од ставот 10 на овој член се изработува најдоцна во рок од пет работни дена од денот на завршување на јавната анкета и истиот е составен дел на предлогот на планот, а се прикачува и во електронска форма во информацискиот систем е-урбанизам. Врз основа на извештајот, комисијата од ставот 10 на овој член е должна, во рок од пет работни дена од изготвувањето на извештајот да го извести секој субјект од член 32 став 1 на овој закон и секое физичко и правно лице кои поднеле анкетен лист, со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози, при што лицата кои поднеле анкетен лист во електронска форма се известуваат електронски преку информациски систем е-урбанизам, а лицата кои поднеле анкетен лист во хартиена форма се известуваат писмено. Доколку комисијата од ставот 10 на овој член оцени дека предлогот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промена на регулациона линија и промена на намената на земјиштето), повторно се спроведува јавна презентација и јавна анкета. Повторената јавна анкета и јавна презентација трае најмалку пет работни дена. Изработувачот на планот изработува конечен предлог на урбанистичкиот план, најдоцна во рок од 10 работни дена од изготвувањето на извештајот од ставот 10 на овој член и истиот го доставува до донесувачот на урбанистичкиот план.

Според членот 36 од Законот, донесувачот на урбанистичкиот план е должен веднаш по приемот на конечен предлог на детален урбанистички план, преку информацискиот систем е-урбанизам во електронска форма, да достави барање за мислење до органот надлежен за заштита на културното наследство, органот надлежен за заштита на животната средина, органот надлежен за здравствената заштита, органот надлежен за социјалната заштита, органот надлежен за образованието, Агенцијата за катастар за недвижности, на општините во Градот Скопје и до Градот Скопје.

Агенцијата за катастар на недвижности е должна да даде мислење за утврдената состојба по извршеното споредување на податоците од урбанистичкиот план со податоците од катастарскиот план, а Градот Скопје дали предлогот на детален урбанистички план на општините во Градот Скопје е во согласност со Генералниот урбанистички план и дали се почитувани одредбите за примарната сообраќајна мрежа на Генералниот урбанистички план на Градот Скопје. Субјектите од ставот 3 на овој член се должни во рок од пет работни дена од приемот на барањето од ставот 1 на овој член, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам да дадат мислење, а во спротивно ќе се смета дека немаат забелешки и дека е дадено позитивно мислење, при што евентуалните идни штети настанати поради непостапувањето, ќе бидат на товар на органот којшто не постапил по барањето.

До органот надлежен за заштита на културното наследство и до органот за заштита на животната средина, се доставува барање за мислење, само доколку истите доставиле забелешки и предлози на урбанистичкиот план во текот на јавната анкета, а до органот надлежен за здравствена заштита доколку во планскиот опфат има градби со намена здравствена заштита, до органот надлежен за социјална заштита доколку во планскиот опфат има градби со намена социјална заштита и до органот надлежен за образование доколку во планскиот опфат има градби со намена образование и наука и со намена групно домување во функција на образование.

Во членот 37 од Законот е регулирана постапката за стручна ревизија на планот и е предвидено дека на конечниот предлог на урбанистичкиот план се врши стручна ревизија со која се утврдува дали е изработен во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Стручна ревизија врши правно лице кое поседува лиценца за ревизија на урбанистички планови. За извршената стручна ревизија, се изготвува извештај за стручна ревизија на урбанистичкиот план, во кој се констатира дали е изработен во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на истиот или има недостатоци коишто треба да се отстранат.

Во членот 38 од Законот е уредена постапката за давање согласност на урбанистичкиот план од страна на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека е изработен во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Надлежниот орган е должен во рок од 20 работни дена од денот на поднесувањето на барањето за добивање на согласност од страна на донесувачот на планот, да издаде согласност или да достави известување за констатирани недостатоци на урбанистичкиот план до донесувачот на урбанистичкиот план, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам. Органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, при повторно разгледување на урбанистички план за кој претходно било издадено известување за недостатоци согласно ставот 2 на овој член, не може да наведе нови недостатоци коишто претходно не биле наведени во известувањето за недостатоци, освен доколку повторно е спроведена јавна анкета, или кога постојат нови податоци коишто не биле приложени со барањето за добивање согласност на урбанистичкиот план за кој претходно било издадено известување за недостатоци. По добивањето на согласноста, урбанистичкиот план се доставува до донесувачот на урбанистичкиот план, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам.

Во членот 39 од Законот е предвидено дека градоначалникот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје е должен најдоцна три работни дена по добивање на согласноста од член 38 став 2 на овој закон, а доколку не е издадена согласност и не е доставено известување за констатирани недостатоци на урбанистичкиот план, по истекот на рокот за издавање на согласност утврден во член 38 став 2 на овој закон, да го достави предлогот на планот во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам, до советот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје, а претседателот на Советот е должен предлогот на планот да го стави на првата наредна седница на Советот, а Советот е должен да одлучи по истиот на истата седница.

6. Од аспект на наводите во иницијативата, имајќи ја во предвид погоре изнесената правна и фактичка состојба, факт е дека постапката за донесување на предметниот урбанистички план била водена во согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Реублика Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016 и 64/2018), во која постапка, Министерството за животна средина и просторно планирање со свој акт УП 1-15-1173/2018 од 05.09.2018 година ја прифатило Одлуката на Општина Ѓорче Петров, бр.09-2950/1 од 16.08.2018 година за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина, којашто била објавена на 20.08.2019 година на веб-страната на Ѓорче Петров, што се тврди од администратор на „Информ“ ДОО Скопје и се приложени листи од електронската објава. Поради тоа, од овој аспект се неосновани наводите во иницијативата дека во овој дел била незаконито спроведена постапката.

Од аспект на наводите во иницијативата во однос на доставените мислења на надлежните органи и институции за конечниот предлог – урбанистички план, од податоците коишто произлегуваат од предметот и Согласноста на Министерството за транспорт и врски, произлегува дека било постапувано во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање. Прашањето коешто со иницијативата се спори дека постапката се окончала со конечен предлог-план од септември 2019 година, а претходел друг конечен предлог – план достапен до субјектите во постапката кој бил различен, а по кој тие се произнесувале, што било спротивно на Законот, не може да се прифати како основ за оспорување на постапката за донесување на предметниот план. Ова поради тоа што се работи за комплексна постапка во која во септември месец 2019 година била извршена Стручна ревизија на Деталниот урбанистички план за градска четврт СЗ 20, плански период 2017-2022, Општина Ѓорче Петров, од страна на Друштвото за планирање, проектирање и инжењеринг „Тајфа-План“ ДОО Скопје и Комисијата формирана за спроведување на јавна презентација и јавна анкета, со свој акт бр.25-5/22 од 17.09.2019 година заклучила дека конечниот предлог-план се окончува на основа на целосно третирање на забелешките од Министерството за транспорт и врски наведени претходно со неиздавањето на Согласност бр.24-6867/2 од 21 август 2019 година и со прифаќање на Извештајот од извршената стручна ревизија од септември 2019 година, при што со заклучокот Комисијата констатира дека со технички корекции (а не промени), се пристапило кон дефинирање конечен предлог план.

Оттука, конечниот предлог-план и бил предмет на барањето на согласност при што Министерството за транспорт и врски ја дало согласноста со акт бр.24-7952/2 од 19 септември 2019 година и притоа ги имало сите аспекти од постапката и документацијата при донесување на предметниот план.

Врз основа на добиената согласност како резултат на целосно спроведената постапка, Советот на Општина Ѓорче Петров на 32-та седница одржана на 01.10./2019 година ја донел Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за градска четврт СЗ 20, Општина Ѓорче Петров – Скопје, под бр. 08-3187/3 од 01.10.2019 година („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.11/2019).

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека за оспорената одлука не може основано да се постави прашањето за согласноста со Устав и закон, поради што и не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за донесување на времена мерка, односно за донесување на решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на Одлуката.

7. Поради наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.145/2019
06.05.2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати