Решение У.бр.116/2019

У.бр.116/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 06.05.2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план Градска четврт И 04-Даре Џамбаз, Општина Центар-Скопје, донесена од Советот на Општина Центар под бр.08-2925/6 од 11.06.2019 година („Службен гласник на Општина Центар-Скопје бр.11/2019).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот во кој се бара оцена на меѓусебната согласност на Одлуката означена во точката 1 од ова решение со член 44 став 1 точка 5 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” бр. 142/15, 217/15, 222/15, 228/15, 35/16, 99/16, 134/16, 33/17 и 86/2018).

3. Ана Ристевска, адвокат од Скопје, како полномошник на Друштвото за градежништво ССИ ИНВЕСТМЕНТ ДООЕЛ Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата во текот на постапката за донесување на спорната одлука од страна на наведеното друштво до Општината било поднесено известување коешто не било земено предвид при носење на спорната одлука со што биле повредени членот 30 и членот 51 од Уставот, член 68 став 1 од Законот за просторното и урбанистичко планирање и член 44 став 1 точка 5 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

Од содржината на цитираните одредби произлегувало дека секое дејство или одлука коишто подразбирале непочитување на стекнати права од важечки урбанистички план, односно намалување на височината, а со тоа и ограничување на правата коишто произлегувале од сопственоста значеле повреда на уставно загарантираното право на сопственост, како и повреда на останатите претходно цитирани одредби.

Имено, правото на градење било изведено од правото на сопственост, па со донесување на оспорената одлука се ограничувале правата коишто произлегувале од правото на сопственост стекнати со претходно важечки детален план донесен со Одлуката бр.07-4459/2 од 08.06.2012 година, бидејќи со оспорената одлука се намалувала височината и се оневозможувал понатамошниот развој на објектот сопственост на подносителот. Во оспорената одлука согласно цитираната регулатива височината требало да се задржи или пак зголеми, но не и да се намали. Со претходниот план подносителот можел да изгради објект со намена Б-4 со висина П+8 или Н-30 метри, а со сега оспорениот со висина П+М+2 и Н-постојна. Бидејќи планираната висина била помала од претходната произлегувало дека Општината не ги почитувала стекнатите права.

Врз основа на наведеното се предлага да се поништи оспорената одлука.

4.Судот на седницата, утврди дека врз основа на член 15 став 1 точка 1 алинеја 3 и член 26 од Статутот на Општина Центар-Скопје („Службен гласник на Општина Центар-Скопје“ бр.1/2006, 12/2015 и 9/2019) и член 41 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018) Советот на Општина Центар ја донел оспорената одлука на 11.06.2019 година.

Одлуката содржи 8 одредби во кои е разработено кои се основите за донесување на планот, кој е опфатот и неговите граници, кои акти се составен дел на одлуката, како се објавува и каде се чува документацијата.

Одлуката носи бр.08-2925/6 од 11.06.2019 година и е објавена во „Службен гласник на Општина Центар-Скопје бр.11/2019 на 12.06.2019 година.

Врз основа на приложената и прибавена документација Судот утврди дека, Советот на Општина Центар во постапката за донесување на конкретниот детален урбанистички план организирал јавна презентација и јавна анкета во перидот 18.06.2018 до 27.06.2018 година на кои според извештајот бр.09-662/20 од 11.07.2018 година се доставени поголем број анкетни листови. Поточно доставени се 73 анкетни листови од правни и физички лица, 5 директно до архивата на Општината за време на јавната анкета, 2 по нејзино завршување и 4 мислења од известени субјекти. Подносителот на иницијативата не земал учество на организираната јавна анкета и нема доставено анкетен лист.

На 09.05.2019 година (скоро една година подоцна) подносителот на иницијативата се обраќа до Општината Центар со допис-известување во врска со спорниот план во кој се содржани наводи идентични со наводите од поднесената иницијатива.

Оспорената одлука е донесена на 11.06.2019 година и е објавена во Службено гласило на Општината на 12.06.2019 година.

5. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Постапката за изработување и донесување на урбанистички планови и урбанистичко-планска документација е уредена во главата VI членови 24 до 43 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016 и 168/2018). Во овие одредби уредени се фазите во планирањето, по однос на кои Уставниот суд се впушта во уставно-судска анализа за можна повреда на фазите и постапката на планирањето, но не навлегува во оцена на конкретни решенија од имотно-правен, сопственички карактер.

Во член 35 став 9 од Законот е предвидено: „Доколку во роковите утврдени во став 8 (најмалку десет работни дена) на овој член субјектите од член 32 став 1 на овој закон и другите учесници, не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение.“

Од приложената и прибавена документација и од цитираната регулатива произлегува дека заинтересираните субјекти можат да истакнуваат забелешки и предлози само во периодот додека трае јавната презенатација и јавната анкета. Во конкретниот случај известување до Општината со забелешки за конкретниот План е доставено по истек на една година од организираната јавна анкета, односно еден месец пред донесување на оспорената одлука. Според цитираниот член 35 став 9 од Законот по истекот на овој рок се смета дека тој што не поднел анкетен лист нема забелешки. Оттаму, Советот на Општината Центар немал законска обврска да ги земе предвид аргументите на подносителот на иницијативата изнесени во дописот од 09.05.2019 година при носење на оспорената одлука.

Како и да е, според наводите од иницијативата донесената одлука не се напаѓа по однос на нејзината согласност со членовите 24 до 43 од Законот, вклучително со членот 35, односно по однос на постапката на планирање од каде нема основ за впуштање на оцена на согласноста на Одлуката со цитираните одредби. Оттаму Одлуката оценувана од аспектите на иницијативата не ги повредува член 30 и член 51 од Уставот.

Донесената одлука се оспорува по однос на нејзината согласност со член 68 став 1 од Законот кој припаѓа во глава XI со наслов Посебни одредби. Според оваа одредба урбанис-тичките планови, урбанистичко-планската документација, регулациските планови на генерален урбанистички план и урбанистичко -проектната документација се изработуваат врз основа на стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, со кои се уредуваат основите за рационално планирање, уредување и користење на просторот, заради создавање на услови за хумано живеење и работа на граѓаните. Оттаму, одредбата не ја уредува постапката на планирањето туку уредува друга проблематика.

Впрочем дека планот е изработен според одредбите од Законот и прописите донесени врз основа на Законот потврдува органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот со давање на согласност на конкретен урбанистички план (член 38).

Притоа, стандардите и нормативите за урбанистичко планирање посебно се разработени во Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” бр. 142/15, 217/15, 222/15, 228/15, 35/16, 99/16, 134/16, 33/17 и 86/2018). Правилникот според хиерархијата на правните акти е подзаконски акт, односно акт од ист правен ранг како и оспорената одлука за донесување на конкретниот урбанистички план.

Имајќи го предвид наведеното произлегува дека по однос на наводот за повреда на член 44 став 1 точка 5 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање по однос на овој дел иницијативата се исполнети условите за отфлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот. Ова од причина што, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд нема надлежност да ја цени меѓусебната согласност на актите од ист правен ранг (одлука и правилник).

6.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.116/2019
06.05.2020 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати