Решение У.бр.134/2018

У.бр.134/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2020) на седницатa одржана на 20 февруари 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 35 став 1 група VII од Колективниот договор за средното образование во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2009, 84/2009, 28/2010 и 39/2010).

2. Бошко Божиноски од с Ростуше до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата е наведено дека одредбата од член 35 став 1 група VII-1 од Колективниот договор за средно образование за работно место – секретар, не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 ставови 2 и 3, член 51, член 54 од Уставот, член 12 ставови 2 и 4, член 110 став 1 од Законот за работни односи и исто така со одредби од Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавен сектор.

Понатаму во иницијативата се цитираат членовите од 105 до 115 од главата VIII „Плаќање на работата“ од Законот за работните односи каде биле уредени прашањата за плаќање на работата на вработените во јавниот и во приватниот сектор. Така, според членот 105 став 1 од Законот, работникот имал право на заработувачка-плата, согласно со закон, колективен договор и договор за вработување. Согласно ставот 3 од истиот член од Законот, платата била составена од основна плата, дел од плата за работна успешност и додатоците, ако со друг закон поинаку не било определено. Основната плата, согласно член 106 став 1 од истиот закон, се определувала земајќи ги предвид барањата на работното место, за кое работникот го склучил договорот за вработување, а согласно член 110 став 1 од Законот за работни односи било пропишано дека работодавачот бил должен на работникот да му ја исплати платата на начин кој бил утврден со закон.

Во иницијативата е наведено дека во член 59-б став 1 од Законот за средно образование било пропишано дека вработените во средните училишта кои вршеле работи од административна природа заради остварување на дејноста средно образование имале статус на административни службеници, а пак во ставот 2 од истиот член биле опишани нивоата на работни места и тоа: категорија В – стручни, ниво В1 советник за нормативно правни работи (секретар), категорија Г- помошно – стручни, ниво Г1 – самостоен референт (технички секретар кој врши благајнички и други слични работи) и ниво Г2 – виш референт (благајник и технички секретар).

Во иницијативата понатаму се цитираат одредби од Законот за административни службеници, оттаму во член 1 став 1 било уредено дека предмет на овој закон биле статусот, класификацијата, вработувањето, унапредувањето, стручното усовршување и оспособување, мерењето на ефектот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници. Во член 3 став 1 било пропишано дека административен службеник било лице кое засновало работен однос заради вршење на административни работи во некоја од следниве институции: – органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно со Уставот и со закон и – институциите коишто вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија или од општините, од Градот Скопје, како и од општините во Градот Скопје. Во член 4 став 1 бил регулиран опфатот на законот односно било пропишано дека со Законот за административни службеници се уредувал статусот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници, а додека пак во член 107 од истиот закон било пропишано дека одредбите од посебните закони со кои се регулираат прашања во врска со вработените кои немаат статус на државни или јавни службеници, а согласно со одредбите од овој закон требало да стекнат статус на административни службеници, ќе се усогласат со овој закон најдоцна девет месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Исто така во членот 85 од Законот за административни службеници било пропишано дека: административниот службеник имал право на плата и надоместоци на плата под услови и критериуми утврдени со овој закон, освен ако со посебен закон и со колективен договор поинаку не било уредено.

Според наводите во иницијативата поради овој начин на пресметка на основната плата за вработените во средно образование согласно член 35 став 1 од Колективниот договор за средно образование кои вршеле работи од административна природа заради остварување на дејноста средно образование и имале статус на административни службеници, конкретно во глава VII-1, за работно место категорија В- стручни, советник за нормативно правни работи (секретар), им биле ограничени и одземени правата за плата и надоместоци од плата предвидени со Законот за административни службеници (членови 85-97) што било недозволиво и противуставно. Имено, работното место советник за нормативно правни работи (секретар) било предвидено во главата III од Законот за вработените во јавен сектор и во систематизираната листа на работни места во јавниот сектор, организирани во групи, подгрупи, категории и нивоа односно Каталогот на работни места во јавниот сектор бил со реден број и шифра: 894 ОБН 01 02 В01 001, советник за општи и нормативно- правни работи Стручен – I ниво за кое се барало минимум стручни квалификации високо образование 240 кредити.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека согласно член 59-б став 2 од Законот за средно образование во категоријата В-стручни административни службеници, ниво В1, припаѓало работното место советник за нормативно правни работи (секретар) за кое работно место во член 35 група VI-1 од Колективниот договор за средно образование предвиден бил коефициент на сложеност од 2.533 или основна плата од 33.225,00 денари а пак за истото работно место согласно одредбите од Законот за административни службеници во членовите 87 и 88 била предвидена основна плата од 36.940 денари (200 бода од степен на образование 281 бода од ниво на кое бил распореден административниот службеник и вредноста на бодот утврден со одлука на Влада на Република Северна Македонија односно со одлука на советот на општините. Тоа значело дека со таквото пресметување на плата согласно колективен договор, а не согласно Законот за административни службеници, каде што постоела целосна законска уреденост по однос на компонентите на платата, вредноста на бодот, додатоците и други надоместоци на плата за административните службеници, се одземале и ограничувале поповолните права од работен однос на административните работници кои спаѓале во категорија В, предвидени со Законот за административни службеници и тоа било недозволиво и не било во согласност на хиерархиската подреденост на правните акти-принципот на законитост, односно биле во директна спротивност со Уставот, Законот за работни односи, Законот за административни службеници, Законот за вработените во јавен сектор.

Подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот начин на пресметка на платите согласно член 35 став 1 од Колективниот договор за средно образование, а не согласно законот, пред се не бил земен во предвид членот 107 од Законот за административни службеници каде што било пропишано дека: одредбите од посебните закони со кои се регулираат прашања во врска со вработените кои немале статус на државни или јавни службеници, а согласно со одредбите од овој закон требало да стекнат статус на административни службеници, ќе се усогласеле со овој закон најдоцна девет месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон и исто така сметал дека со овој начин на пресметка на основната плата се вршела директна повреда на споменатите уставни одредби. Исто така во членот 28 од Законот за работни односи била опишана содржината на договорот за вработување, каде што во алинеја 9 од истиот член било пропишано дека договорот за вработување особено содржел одредба за висината на основната плата, која се изразувала во паричен износ кој му припаѓал на работникот за вршење на работата според закон, колективен договор и договорот за вработување, па така со давање на предност на колективниот договор во однос на Законот за административни службеници при пресметка на основната плата, за административните службеници категорија В. Подносителот на иницијативата смета дека на тој начин се повредувал член 12 став 4 од Законот за работни односи каде што било пропишано дека: правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можело да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот, од причина што при склучување на договор за вработување со одредба за надомест на плата со коефициент на сложеност 2,533 помножен со износот на најниската плата за најнизок степен на сложеност (основна плата 33.225,00 денари), работодавачот се упатува со договорот за вработување да ги одземе односно ги ограничи поповолните права на работникот за истото работно место предвидени со Законот за административни службеници (членови 85-97) и била предвидена основна плата од 36.940,00 денари, со што се создавала можност за манипулација и една правна несигурност односно директно се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 2, член 51 и член 54 од Уставот.

Во иницијативата е наведено дека Уставниот суд веќе имал одлучувано за начинот на пресметка на основната плата за административни службеници според колективен договор во релација на Законот за административни службеници односно за усогласеноста на колективен договор со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и одредбите од Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор, по поднесена инцијатива на Стамен Филипов од Скопје. По конкретната иницијатива Судот повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 51 став 1 од Колективниот договор за работниците во Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми“ ПО-Скопје, склучен помеѓу Синдикатот на работниците од шумарството и дрвната индустрија на Република Македонија и Управниот одбор на ЈП „Македонски шуми“, од 2006 година со кој било предвидено дека основната плата за одделни работни места се определувал така што најниската плата се множи со вкупниот коефициент, при што се добивала бодна ставка за секое работно место, која што била утврдена во органограмот „Аналитичка проценка“ од Правилникот за внатрешна организација, систематизација и исплата на плати на ЈП „Македонски шуми“ и на 03.02.2016 година уставниот суд донесе Одлука У.бр.33/2015-1 со која се укинува член 51 став 1 од Колективниот договор за работниците во Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми“ ПО-Скопје, бидејќи не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и одредбите од Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор и по спроведената постапка истата да ја поништи или укине.

3. Судот на седница утврди дека врз основа на член 203 од Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005, 106/2008, 161/08, 114/09 и 130/09) и согласно член 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 10/08 и 85/09), Министерството за образование и наука на Република Македонија и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија на 19 март 2010 година, го склучија- следниот Колективен договор за изменување и дополнување на Колективниот договор за средното образование во Република Македонија.

Според членот 1 од овој договор, во Колективниот договор за средното образование во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/09 и 28/10) членот 35 се менува и гласи:

„Член 35

Најниската плата за одделни степени на сложеност за полно работно време и нормален учинок на работникот, се утврдува така што износот на најниската плата за најнизок степен на сложеност се множи со соодветниот коефициент за степен на сложеноста и тоа: …VII-1. ГРУПА Високосложени работи сврзани за изведување на воспитна и стручна работа, кои бараат самостојност во извршување на работата: – секретар“.

4. Според член 8 ставовите 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 32 од Уставот на Република Македонија, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со членот 37 од Уставот, е определено дека заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати. Синдикатите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на синдикално организирање во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според ставот 3 на истиот член од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Од изнесените уставни одредби, покрај другото, произлегува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, секое работно место е достапно секому под еднакви услови и правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор, при што граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви пред Уставот и законите. Со други зборови, уставна обврска на законодавецот е при уредувањето на прашањата во врска со остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавачот од работниот однос, вклучително и правото на соодветна заработувачка и право на платен дневен, неделен и годишен одмор, граѓаните да ги става во еднаква правна положба.

Правото на синдикално здружување на работниците, што значи и негово делување, произлегува од самиот Устав (член 37), а воедно и во Законот за работни односи (член 184) е транспонирана уставната одредба за правото на работниците по свој слободен избор, да основаат синдикат и во него да се зачленуваат, заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси и тие можат да се основаат без какво било претходно одобрување.

Воедно, уставотворецот, при утврдување на економските права утврдил дека остварувањето на правата на вработените се уредуваат со закон и со колективни договори што подразбира дека формулацијата, “со закон”, наведува на заклучок дека тоа може да се стори со еден, но и со повеќе закони и колективни договори од соодветната област.

Со Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016 и 134/2016) се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Согласно член 12 став 2 од Законот за работни односи каде што изречно е пропишано дека со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон.

Во член 110 став 1 од Законот за работни односи е уредено дека работодавачот е должен на работникот да му ја исплати платата на начин утврден со закон, одредбите од Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавен сектор.

Според тоа, по однос на прашањата покренати во иницијативата од значење се одредбите од Законот за административните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014), како и од Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014 и 199/2014).

Во член 4 став 1 од Законот за административните службеници е предвидено дека со овој закон се уредува статусот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници. Според ставот 5 од овој член од истиот закон, за прашањата кои се однесуваат на работниот однос на административните службеници, а кои не се уредени со овој закон, со Законот за вработени во јавниот сектор или со посебните закони и со колективните договори, се применуваат општите прописи за работните односи.

Од анализата на содржината на член 4 став 5 од Законот за административните службеници, како и од анализата на содржината на останатите одредби од наведениот закон произлегува дека по однос на административните службеници во целост се уредени прашањата поврзани со класификацијата, категориите и нивоата на работните места (членови 21-29), како и прашањата поврзани со платата и надоместоците на плата (членови 85-97). Оттаму, произлегува заклучокот дека во правниот поредок на Република Северна Македонија, по однос на административните службеници постои целосна законска уреденост по однос на компонентите на платата, вредноста на бодот, додатоците и други надоместоци на плата.

Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ број 27/14), во делот насловен како „Примена на Законот“ во член 3 став 1 е уредено дека за вработените во јавниот сектор се применуваат одредбите од овој закон, одредбите од посебните закони, прописите донесени врз основа на овој закон и посебните закони и со колективните договори. За прашањата коишто не се уредени со овој закон, како и за прашања за кои овој закон не упатува на примена на посебен закон и на колективен договор, а се однесуваат на работниот однос на вработениот, се применуваат општите прописи за работните односи (став 2). По исклучок од ставот 1 на овој член за воениот и цивилниот персонал во служба на Армијата на Република Македонија, за овластените службени лица во Министерството за одбрана, во Министерството за внатрешни работи и во органите на државна управа во состав на Министерството за внатрешни работи, како и во Агенцијата за разузнавање, ќе се применуваат само одредбите од главите III, IV, IV –а и VII од овој закон (став 3). По исклучок од ставот 1 на овој член за помошно – техничкиот персонал се применува членот 5, како и одредбите од главите III и IV од овој закон, а за другите прашања во врска со работниот однос се применуваат општите прописи за работните односи и колективните договори.

Согласно член 14 став 1 од Законот за вработените во јавниот сектор се утврдени групи и подгрупи на работните места во јавниот сектор работни места во јавниот сектор, односно во институциите на јавниот сектор, работните места на вработените се групираат на следниов начин, и тоа: групa I – работни места на административни службеници, односно лица кои засновале работен однос во институциите на јавниот сектор заради вршење на работи од административна природа, групa II – работни места на службени лица со посебни овластувања, односно лица кои засновале работен однос во институциите на јавниот сектор од областа на безбедноста, одбраната и разузнавањето заради извршување на посебни овластувања, група III – работни места на даватели на јавни услуги, односно лица кои засновале работен однос во институциите на јавниот сектор заради вршење на работи поврзани со дејностите од јавен интерес согласно со закон, кои не се од административна природа и група IV – работни места на помошно-технички лица, односно лица кои засновале работен однос во институциите на јавниот сектор заради одржување, обезбедување, вршење на превоз, како и други помошни и технички работи со кои се обезбедува непречено функционирање на институциите. Во рамките на секоја група се утврдуваат една или повеќе подгрупи на работни места, и тоа: – група I – работни места на административни службеници (во сите институции на јавниот сектор): – подгрупа 1 – државни службеници, односно друг вид на службеници утврдени со посебен закон (став 2).

Според член 15 став 1 од истиот закон се утврдуваат категории и нивоа на работните места во јавниот сектор во рамките на секоја подгрупа од член 14 став 2 од овој закон се утврдува една или повеќе категории на работни места. Во рамките на секоја категорија на работните места се утврдува едно или повеќе нивоа на работните места (став 2). Нивоата на работните места се опишуваат со звања, односно со стручен или со научен назив, при што најниско ниво во категоријата е влезното ниво (став 3). Kатегориите и нивоата од ставовите 1 и 2 на овој член се утврдуваат во посебните закони и со колективните договори согласно со видот на потребните стручни квалификации и работните компетенции, одговорноста, видот и сложеноста на работите и на работните задачи, како и согласно со други критериуми од значење за работното место.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека во конкретниов случај не може да стане збор за повреда на правата од работен однос со други зборови, уставна обврска на законодавецот е при уредувањето на прашањата во врска со остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавачот од работниот однос, вклучително и правото на соодветна заработувачка и право на платен дневен, неделен и годишен одмор, граѓаните да ги става во еднаква правна положба. Имено, согласно член 85 став 1 од Законот за административните службеници, како и од анализата на содржината на останатите одредби од наведениот закон произлегува дека по однос на административните службеници имаат право на плата и надоместоци од плата под услови и критериуми утврдени со овој закон, освен ако со посебен закон и со колективен договор поинаку не е уредено. Оттука оспорената одредба од член 35 став 1 група VII-1 од Колективниот договор за средно образование за работно место – секретар е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 ставови 2 и 3, член 51, член 54 од Уставот, член 12 ставови 2 и 4 и член 110 став 1 од Законот за работни односи и исто така со одредби од Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавен сектор.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.134/2018
20.02.2020 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати