Решение У.бр.92/2019

У.бр.92/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 20.02.2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на устав-носта на делот: „и за плаќање на задржаниот данок во смисла на Законот за данокот на добивка“ од член 34 од Законот за даночната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 13/2006, 88/2008, 159/2008, 105/2009, 133/2009, 145/2010, 171/2010, 53/2011, 39/2012, 84/2012, 187/2013, 15/2015, 97/2015,129/2015, 154/2015, 23/2016 и 35/2018).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот:

– за поведување на постапка за оценување на: закони-тоста на гореозначениот оспорен дел од член 34 од Законот за даночната постапка и на уставноста и законитоста на член 35-а став 2 алинеи 1 и 2 од истиот закон и
– за поведување на постапка за оценување на меѓусеб-ната согласност на оспорениот дел од членот 34 и член 35-а став 2 алинеи 1 и 2 од Законот со членовите 1036 до 1058 од Законот за облигационите односи, главата 9 од Законот за добивка, главата 14 од Законот за додадена вредност, членот 279 од Кривичниот законик и членот 27 од Законот за трговските друштва.

3. Петар Баришиќ од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста
на член 2 и делумно член 3 в.в. со додадениот член 35-а алинеи 1 и 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за даночната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.187/2013). Според Судот во иницијативата оспорените одредби не се доволно прецизно означени, од каде предмет на анализа беа одредбите од Законот за даночната постапка означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби биле во спротивност со членови 1036 до 1058 од Законот за облигационите односи, глава 9 од Законот за добивка, глава 14 од Законот за додадена вредност, член 279 од Кривичниот законик, член 27 од Законот за трговските друштва, член 8 став 1 алинеја 3, член 14 став 1 и член 55 став 2 од Уставот.

По однос на оспорениот дел од членот 34 од Законот се наведува дека било спорно тоа што данокот на добивка зависел од многу фактори, како што се: ненаплатени или застарени ненаплатени побарувања кои даночниот обврзник можел да ги отпише, работењето со ризик, многу причини за неликвидност и немање средства да се плати данокот, но законодавецот пропишал лицата кои се одговорни за плаќање и пресметување на овој данок да гарантираат, иако немале сторено никаква неправилност.

Во продолжение на иницијативата се цитираат посочените законски и уставни одредби, без да се наведат други причини за несогласност на оспорениот дел од одредбата со Уставот.

По однос на оспорениот член 35-а став 2 алинеи 1 и 2 од Законот се наведува дека оваа одредба, според анализата на подносителот на иницијативата, не се однесувала на акционери, управен одбор или одбор на директори на акционерски друштва или јавни претпријатија, туку се однесувала на лица кои имале удели, односно содружниците на друштвата со ограничена одговорност со што се нарушувала правната еднаквост на пазарот. Потоа не било јасно дали улогата на застапникот или содружникот со оспорената одредба се зајакнувала или пак ослабнувала, кога тој не ги исполнувал или ненавремено ги исполнувал должностите, кога се прикривал данок и слично. Притоа промената на статусот не била јасно санкционирана од што произлегувало дека нормите биле нeјасни, создавале правна несигурност и како такви биле во колизија со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Со одредбата на Управата за јавни приходи и се давале неограничени алатки за наплата на даночниот долг, да казнува и извршува казни, иако со Кривичниот законик било пропишано казнено дело „Затајување на данок“ со предвидена конфискација на имот и наплата на затаениот данок во постапка пропишана според Законот за кривичната постапка. Исто така, со законите имало пропишано и прекршочна постапка.

Според членот 27 од Законот за трговските друштва содружниците или акционерите не можеле да одговараат за обврските на друштвото доколку не се докажела нивна злоупотреба, а тоа било можно само со судска постапка, бидејќи во оваа постапка Управата за јавни приходи била заинтересирана, пристрасна и необјективна страна.

4. Судот на седницата, утврди дека членот 34 од Законот има наслов „Гаранција при одбивка“. Според оваа одредба, лица кои што се одговорни за пресметувањето и за плаќањето на данок по одбивка, во смисла на Законот за персонален данок од доход и за плаќање на задржаниот данок во смисла на Законот за данокот на добивка, гарантираат за пресметувањето и за плаќањето на овој данок.

Одредбата се спори во делот: „и за плаќање на задржа-ниот данок во смисла на Законот за данокот на добивка“.

Член 35-а од Законот има наслов: “Гаранција при откриен или неплатен данок“.

Според ставот 2 од членот 35-а од Законот, лице чии одлуки влијаат врз активностите на даночниот должник е лицето кое:
– има удел во даночниот обврзник кој е должник, сразмерно на процентот на уделот,
– го застапува даночниот обврзник кој е должник, во висина која одговара на товарот кој произлегува од даденото овластување за застапување,
– има долг кон даночниот обврзник кој е должник, до висина на долгот кон него и
– го презема долгот, до висина на преземениот долг даден во нотарски заверената изјава.

Предмет на оспорување се алинеите 1 и 2.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владее-њето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во член 14 став 1 од Уставот е определено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1). Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот (став 2). Слободата на пазарот и претпри-емништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето (став 3).

Во конкретниот случај предмет на оспорување е делот: „и за плаќање на задржаниот данок во смисла на Законот за данокот на добивка“ од членот 34 од Законот, од причини што данокот на добивка зависел од многу фактори (ризик, ненаплатени побарувања и слично), а лицата гаранти, според оспорената одредба немале сторено никакви неправилности.

Според Судот вака изнесените наводи се неосновани. Имено, станува збор за лица одговорни за плаќање на задржаниот данок во смисла на одредбите од Законот за данокот на добивка, при што законодавецот има право да определи кој се може да се јави како гарант на одбивката. Според тоа одредбата уредува кој може да одговара за плаќање на задржаниот данок, а не кој е виновен за настанатата неправилност. Околноста пак дали тоа лице има или нема сторено неправилности при пресметката и плаќањето на задржаниот данок е прашање коешто би се утврдувало во управна, прекршочна или кривична постапка во зависност од секој поединечен конкретен случај, а посебната прекршочна одговорност е уредена во главата IV од Законот во делот кој се однесува на прекршочните одредби. Евентуалните сторени неправилности во конкретни случаи не се прашање од надлежност на овој суд. Според тоа оспорениот дел е во согласност со членот 14 од Уставот и не може да се доведе во корелација и со владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и слободата на пазарот и претприемништвото од членот 55 од Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

По однос на оспорениот член 35-а став 2 алинеи 1 и 2 од Законот, Уставниот суд во два наврати одлучувал за согласност на целината на членот 35-а од Законот со Уставот. Имено со Решение У.бр.68/2017 од 8 мај 2018 година Судот не повел постапка за оценување на уставноста на член 35-а од Законот за даночната постапка, а со Решение У.бр. 69/2019 од 15 октомври 2019 година Судот ја отфрлил иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на истата одредба согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот.

Во наведените постапки Судот ја анализирал одредбата по однос на нејзината согласност со: член 8 став 1 алинеја 3, член 33, член 51 и член 55 од Уставот и нашол дека истата е во согласност со наведените уставни одредби. Според ставот на Судот изразен во наведените постапки со оспорениот член законодавецот јасно и недвосмислено го уредил прашањето во кои случаи и до која висина на место на даночниот должник, со решение ќе задолжи некој од лицата кои се појавуват како гаранти, а кои можат да го платат долгот. Исто така, со оспорената одредба законодавецот не ја ограничува слободата на пазарот и претприемништвото, а од причина што пропишаното е во функција на обезбедување поголема фискална дисциплина во однос на плаќањето на данок и други јавни давачки што претставува уставна обврска за сите субјекти, при што законодавецот ги става под еднаков третман на одговорност за донесените одлуки сите даночни обврзници и овозможува за даночни цели во делот на наплата на данокот да имаат ист третман пред даночниот орган.

Фактот што со оспорената одредба од Законот за даночна постапка се пропишува дека за даночниот долг на даночниот должник, утврден со решение на Управата за јавни приходи или неплатен кај поведување на постапка за присилна наплата, наплатата со сиот свој имот ја гарантира лицето кое со своите одлуки влијаело врз стопанските активности на даночниот должник, од кои произлегол даночниот долг, што се разликува од решението пропишано со Законот за трговските друштва, според кое трговското друштво и содружникот во истото, одговараат согласно имотот на друштвото, односно уделот во основачкиот влог, не значи дека оспореното решение е неуставно. Законодавецот има уставно овластување посебно да ја уреди даночната постапка, а целисходноста на законските решенија е проценка на законодавецот, при што тој има уставна обврска одредбите да бидат јасни, недвосмислени и лесно применливи, а сите субјекти на кои се однесува законското решение да бидат ставени во иста положба, што според Судот, е испочитувано во оспорената законска одредба.

Одредбата не е проблематична и од аспект на нејзината согласност со членот 14 од Уставот или гарантираната презумпција на невиност со оглед на фактот што истата не утврдува вина, туку определува кои лица можат да се јават како лица чии одлуки влијаат врз стопанските активности на даночниот должник за да евентуално се јават како гаранти за неплатениот данок. Дали истите би имале вина по однос на настанувањето на даночниот долг е конкретно прашање кое би било предмет на оцена во посебна прекршочна, кривична или друга постапка.

Имајќи предвид дека Судот во постапката по предметите У.бр.68/2017 и У.бр.69/2019 од 08.05.2018 година, оценил дека нема основи за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 35-а од Законот за даночна постапка, а во сега доставената иницијатива не се содржани основи за поинакво одлучување, исполнети се условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата во тој дел.

Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

По однос на наводите од иницијативата дека оспорените одредби биле во спротивност со членовите 1036 до 1058 од Законот за облигационите односи, глава 9 од Законот за добивка, глава 14 од Законот за додадена вредност, член 279 од Кривичниот законик и член 27 од Законот за трговските друштва, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во тој дел согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот, а како нема надлежност да ја оценува меѓусебната усогласеност на одребите од повеќе закони. Исто така Судот нема надлежност да оценува законитост на закон.

6.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.92/2019
20.02.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати