Решение У.бр.115/2019

У.бр.115/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 28 јануари 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за спречување и заштита од дискриминација (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр.101/2019).

2. Комисијата за заштита од дискриминација од Скопје до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот закон бил во спротивност со членот 75 од Уставот. Ова од причина што новиот текст на Законот бил доставен до Собранието за негово усвојување и на ден 11.03.2019 година бил усвоен со вкупно 51 глас од вкупниот број на пратеници. Вака усвоениот закон бил доставен до претседателот на Република Северна Македонија за потпишување на указот, но бидејќи истиот не бил потпишан од претседателот, повторно бил вратен во Собранието. Оспорениот закон бил ставен повторно на дневен ред на 16.05.2019 година и врз основа на член 75 од Уставот Собранието повторно го разгледувало Законот кој бил изгласан со 55 гласа на пратеници од вкупниот број на пратеници, што според подносителот на иницијативата, Законот бил усвоен без потребното уставно мнозинство и истиот не можел да стапи во сила бидејќи биле потребни најмалку 61 глас.

Поради наведеното подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот закон, како и во смисла на членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија да донесе решение за запирање на извршувањето на дејствијата преземени врз основа на Законот.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот закон е систематизиран во VII Глави со следниве наслови:

I –Општи одредби,
II-Облици и видови на дискриминација,
III-Комисија за заштита и спречување од дискриминација,
IV-Постапка за спречување и заштита од дискриминација пред Комисијата за заштита и спречување од дискриминација,
V-Судска заштита,
VI-Прекршочни одредби, и
VII-Преодни и завршни одредби.

4. Согласно членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 52 ставови 1 и 2 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила и законите и другите прописи се објавуваат во “Службен весник на Република Северна Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Со Амандманот X од Уставот, со кој се заменува членот 69, е предвидено дека Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство. Законите кои што директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Спорот во врска со примената на оваа одредба го решава Комитетот за односи меѓу заедниците.

Законодавната дејност Собранието, меѓу другото, во смисла на членот 68 од Уставот, ја остварува со донесување на закони и автентично толкување на законите, со донесување републички буџет и завршна сметка, кој претставува специфичен финансиски закон и врши ратификација на меѓународни договори со закон.

Според членот 75 од Уставот, законите се прогласуваат со указ. Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието. Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот. Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Објавувањето на законите е услов за нивно влегување во сила. На објавувањето му претходи прогласувањето на законите. Законите се прогласуваат со указ. Указот го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието. Претседателот на Собранието веднаш по донесување на законот го доставува истиот до претседателот на Републиката заради потпишување на указот за прогласување на законот. Ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, законот се враќа во Собранието на повторно разгледување, во рок од 30 дена од денот на донесување на истиот.

Од содржината на цитираната уставна норма јасно произлегува дека претседателот на државата може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, додека претседателот на Собранието ја нема таа можност да избира и мора да го потпише истиот. Доколку претседателот на Републиката одлучи да не го потпише законот, како што е сторено во конкретниов случај, законот се враќа во Собранието на повторно разгледување и доколку тоа го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (апсолутно мнозинство), претседателот на Републиката е должен да го потпише указот. Оттука, јасно произлегува дека основен услов за донесување на вратениот закон е постигнување на апсолутно мнозинство за негово донесување, односно нужно е истиот да добие мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, што значи потребно е 61 пратеник да гласа за ваквиот закон за да истиот биде полноважно донесен и по кое претседателот на Републиката е должен да го потпише указот. Претседателот на Републиката нема право на вето на законите кои според Уставот се донесуваат со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници (квалификувано мнозинство).

Во конкретната правна ситуација претседателот на Републиката со допис бр.08-1794/2 од 18.03.2019 година го известил Собранието дека донел одлука да не го потпише Указот за прогласување на Законот за спречување и заштита од дискриминација кој што Собранието го донел на седницата одржана на 11 март 2019 година.

Според Судот, во конкретниов случај јасно и недвосмислено произлегува дека оспорениот закон може да се доведе под сомнение по однос на член 75 став 3 од Уставот. Ова, од причина што станува збор за донесување, односно усвојување на Закон кој што повторно се разгледува од страна на законодавниот дом- Собранието, кој што бил вратен и Указот на истиот не бил потпишан од претседателот на Републиката. Во тој случај, согласно член 75 став 3 од Уставот, е неопходно законот да се усвои со апсолутно мнозинство, односно со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, што значи најмалку 61 пратеник треба да гласа за законот за истиот да биде усвоен.

Имено, од увидот во Записникот од 94 седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 16 мај 2019 година произлегува дека истиот бил ставен на дневен ред согласно член 75 став 3, како и во смисла на точка 2 од Амандманот X од Уставот и член 11 став 3 од Законот за Комитетот за односи меѓу заедниците, односно дека истиот се донесува со мнозинство гласови од присутните пратеници при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.

Меѓутоа, во текот на претходната постапка Судот утврди дека овој закон бил ставен на дневен ред на седницата на 16 мај 2019 година врз основа на член 75 став 3 од Уставот, односно откако претседателот на Републиката не го потпишал Указот за прогласување на Законот, кој претходно бил донесен на седница на Собранието одржана на 11 март 2019 година. Во тој случај Собранието повторно го разгледува законот и истиот доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, што значи доколку за истиот гласале 61 пратеник, претседателот е должен да го потпише указот.

Собранието на Република Северна Македонија на Деведесет и четвртата седница на Собранието одржана на 16 мај 2019 година, под точка 16 од дневниот ред го стави на гласање овој закон во смисла на член 75 став 3 од Уставот и Собранието повторно го разгледува законот за чие усвојување е потребно мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и по кое претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.

Во фаза на гласање, од увидот во стенографските белешки, неспорно произлегува дека вкупно гласале 55 пратеници, воздржани нема, против нема. Исто така, во Собранието било гласано и по принципот на Бадентер, односно согласно Амандманот X од Уставот и член 11 став 3 од Законот за комитетот за односи меѓу заедниците, така што гласале 16 пратеници, од кои 15 гласале ЗА, против 1, воздржани нема.

Претседателот на Собранието констатира дека во салата се присутни повеќе од 61 пратеник, гласањето е полноважно.

По ваквото гласање претседателот на Собранието констатирал дека Законот е донесен.

Законот е објавен во “Службен весник на Република Северна Македонија” бр.101/2019 од 22 мај 2019 година.

На седницата на која се усвојувал оспорениот закон биле присутни 101 пратеник, од вкупно 120 пратеници, а за истиот гласале 55 пратеници, што значи дека за донесување на истиот во смисла на член 75 став 3 од Уставот неопходно е за истиот да гласаат најмалку 61 пратеник, односно потребно е да се постигне апсолутно мнозинство, што во случајов не е постигнат таков консензус, што се утврди од записникот од одржаната седница на законодавниот дом на ден 16 мај 2019 година

Од наведената уставно-судска анализа, Судот оцени дека во конкретниов случај основано може да се доведе под сомнение согласноста на оспорениот закон со Уставот на Република Северна Македонија, односно со член 75 став 3 од Уставот, од причина што истиот, според Судот е донесен без потребното мнозинство предвидено во наведениот член 75 став 3 од Уставот, односно за истиот не гласале 61 пратеник како што исклучиво бара наведениот член од Уставот.

Имено, од причина што овој закон бил повторно ставен на гласање по претходно даденото вето од претседателот на Републиката, Судот оцени дека во тој случај законот добива поголем легитимитет и истиот треба да се донесе со апсолутно мнозинство гласови како што предвидува член 75 став 3 од Уставот, норма која што според оценката на Судот е императивна правна норма. Ова, дотолку повеќе што и Амандманот X став 1 од Уставот утврдува дека Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, но само ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство. Во случајов Уставот предвидува посебно мнозинство, а тоа во правната ситуација предвидена во членот 75 од Уставот е апсолутното мнозинство, односно консензус од 61 пратеник, со што само во тој случај би можело да се смета дека законот е полноважно донесен. Но, како предметниот закон е донесен без потребното мнозинство во смисла на член 75 став 3 од Уставот, Судот основано ја доведе согласноста на оспорениот закон со Уставот на Република Северна Македонија.

5. Судот, истовремено го ценеше и предлогот на подносителот на иницијативата за примена на членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, но оцени дека во случајов не се настапени условите во смисла на членот 27 од Деловникот за донесување на решение за запирање на извршувањето на дејствијата преземени врз основа на оспорениот закон, од причина што со неговото извршување не би можеле да настапат тешко отстранливи последици.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Владимир Стојаноски.

У.бр.115/2019
28.01.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати