Решение У.бр.96/2019

У.бр.96/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 22 јануари 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за уредување на општински линиски превоз за подрачјето на Општина Берово („Службен гласник на Општина Берово“ бр.12/2018 од 27.09.2018 година), во целина и посебно членот 11.

2. Асоцијацијата на здруженија на рабо­то­давачите на трговски друштва за пре­воз на патни­ци на Република Маке­донија Асоцијација “ИСТОК”- СКОПЈЕ до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член 11 од Одлуката не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот и член 22 став 1 алинеја 2 од Законот за превоз во патниот сообраќај, односно подносителот на иницијативата смета дека Одлуката за уредување на општински линиски превоз за подрачјето на Општина Берово донесена од страна на Советот на Општина Берово на седница одржана на ден 26.09.2018 година бр.09-3145/1 била во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и 7 и член 108, член 110 став 1 алинеја 2 и член 112 ст.2 од Уставот на Република Македонија, како и членот 12 од Деловникот за работа на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Подносителот на иницијативата смета дека со донесување на новата Одлука за уредување на општински линиски превоз за подрачјето на Општина Берово донесена од страна на Советот на Општина Берово од 26.09.2018 година бр.09-3145/1 со која престанала да важи Одлуката бр.07-136/1 од 29.06.2005 година донесена од Советот на Општина Берово, наста­нале големи проблеми, а кои биле од аспект на продолжување на дозволите за вршење на општински линиски превоз на подрачјето на Општина Берово.

Според наводите во иницијативата од анализата на членот 11 од Одлуката за уредување на општински линиски превоз за подрачјето на Општина Берово донесена од страна на Советот на Општина Берово на седница одржана на ден 26.09.2018 година бр. 09-3145/1 во корелација со член 22 став 1 алинеја 2 од Законот за превоз во патниот сообраќај произле­гувало дека Советот на Општина Берово има овластување: да го утврди начинот на кој превозникот треба да истакнува. одржува и менува возниот ред, но не и да одлучува за престанок на претходно донесена одлука од претходниот Совет на Општина Берово за уредување на општински линиски превоз на територијата на Општина Берово како во случајот за престану­ва­њето на важењето на Одлуката бр.07-135/1 од 29.06.2005 година донесена од Советот на Општина Берово со која се утврдува мрежа на линии и возен ред. а со тоа индиректно да го ускрати даденото право на превозникот коешто му е дадено согласно Законот за превоз во патниот сообраќај.

На основа на ова. иако превозникот согласно Законот за превоз во патниот сообраќај, како и согласно Одлуката на Советот од 26.09.2018 година бр. 09-3145/1 има право да ги продолжи веќе добиените возни редови. Советот со носењето на членот 11 му го ускратува ова стекнато право.

Според член 22 став 1 алинеја 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај, Советот на Општината уредува – критериуми за начинот и постапката за издавање и одземање на дозволата за вршење на општински линиски превоз и распределувањето на линиите на превозниците во општинскиот линиски превоз.

Во дадениов случај, Советот на Општина Берово, според наводите во иницијативата, постапил надвор од овластувањето од Законот за превоз во патниот сообраќај и се вдал во одлучување за УКИНУВАЊЕ НА ВОЗНИ РЕДОВИ, иако согласно член 22 можел само да ги утврди критериумите за начинот и постапката за издавање и одземање на дозволата и тоа доколку превозникот престанал да ги исполнува условите за поседување на Дозволи за општински линиски превоз.

Постојниот Совет на Општина Берово постапил поинаку од сите дотогаш избрани Совети на Општина Берово. Во услови кога постоела исто така Одлука за уредување на општински линиски превоз на територија на Општина Берово, Советот на Општина Берово при носењето на нова одлука за уредување на општински линиски превоз на територија на Општина Берово никогаш не одлучувал за престанување на претходната Одлука со која се утврдени мрежа на линии и возни редови, а на основа на што се издадени дозволи за општински линиски превоз на патници. Напротив. претходните Совети го уредувале начинот на одржување на постоечките линии, притоа само проширувајќи ја мрежата на линии со дополнување на нови поаѓања и станици согласно потребите на граѓаните. Според иницијативата ова било уредено во членот 7 од Одлуката за уредување на општински линиски превоз на територија на Општина Берово бр. 07-135/1 од 29.06.2005 година донесена од Советот на општина Берово.

Во Одлуката за уредување на општински линиски превоз на територија на Општина Берово бр. 07-135/1 од 29.06.2005 година донесена од Советот на општина Берово, покрај тоа што во член 4 се утврдуваат нови возни редови, постојните регистрирани возни редови не престануваат да важат.

Освен ограничувањето за продолжување на возни редови, Советот на Општината во Одлуката на Советот од 26.09.2018 година Бр. 09-3145/1 не ја проширил мрежата на линии, туку истиот исклучил дел од поаѓањата од старата Одлука, додека дел од времињата за поаѓање ги повторил, а дел проширил со нови поаѓања.

Според новата мрежа на линии, дел од поаѓањата од постоечките, веќе одобрени линии ги повторил со старите, дел од поаѓањата не ги вметнал во мрежата на линии, додека дел дополнил, па со тоа се создава еден круг на нелогичности за важечки и неважечки поаѓања, како и различни толкувања за истите.

Престанувањето на важноста на Одлуката за уредување на општински линиски превоз на територија на Општина Берово бр. 07-135/1 од 29.06.2005 година повлекува укинување на Дозволите за општински линиски превоз на патници, со кои претходно се признаени правата на превозниците да вршат превоз на патници на мрежата на линии и возни редови предвидени со Одлуката за уредување на општински линиски превоз на територијата на Општина Берово бр.07-135/1 од 29.06.2005 година. Со престанување на Одлу­ката за уредување на општински линиски превоз на територија на Општина Берово бр.07-135/1 од 29.06.2005 година Советот на Општина Берово ретроактивно засега во претходно стекнатите права на превозниците кои се засновани на Управен акт-Дозвола донесен на основа на Одлуката за уредување на општински линиски превоз на територијата на Општина Берово бр.07-135/1 од 29.06.2005 година.

Со Одлуката на Советот од 2018 година. иако било дадено право на продолжување на дозволите согласно член 8 во Одлуката. сепак истото се ускратува со член 11 од истата Одлука без разлика на тоа дали превозникот престанал да ги исполнува условите за продолжување на дозволите.

Со ускратувањето на правото на продолжување на возните редо­ви, Советот на Општината директно навлегува и во финансиското работење на компаниите, во планирањето на инвестиции и вработувања.Имено, по одобру­вањето на возните редови компаниите инвестирале во возниот парк, го зголемувале бројот на вработени. Следствено, доколку возните редови не се продолжеле, компанијата ќе требала да го намали бројот на вработените, да го намали бројот на возилата.

Членот 11 е во контрадикција со член 7 став 5 од Одлука за уредување на општински линиски превоз за подрачјето на Општина Берово со бр.09-3145/1 од 26.09.2018 донесена од Советот на Општина Берово, Превозникот може да поднесе барање за одобрување на возен ред за нова линија односно за промена на возен ред за веќе одобрена линија.

Уреденото во член 7 став 5 од Одлука за уредување на општински линиски превоз за подрачјето на Општина Берово со бр.09-3145/1 од 26.09. 2018 донесена од Советот на Општина Берово е од диспозитивен карактер – „Превозникот може да поднесе“ Оттука произлегува дискреционото право на правното лице да одлучи за промена на возен ред на веќе одобрена линија, а не се работи за императивна обврска на сторување за превозникот, на таа основа Советот на Општина Берово нема овластување да одлучува за престанувањето на важноста на Одлуката 6р.07-135/1 од 29.06.2005 година донесена од Советот на Општина Берово.

Во таа смисла доколку превозникот сака да ја продолжи важноста на дозволата согласно одобрените возни редови утврдени во укината одлука тоа не може да го стори што е спротивно на уреденото во член 7 став 5 и на член 8 став 1 од Одлука за уредување на општински линиски превоз за подрачјето на Општина Берово со бр.09-3145/1 од 26.09.2018 донесена од Советот на Општина Берово во кои се утврдува правото и можноста на пре­возникот за продолжување на дозволата.

Согласно член 22 став 1 алинеја 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај, Советот на Општината утврдува критериуми за начинот и постапката за издавање и одземање на дозволата за вршење на општински линиски превоз и распределувањето на линиите на превозниците во општинскиот линиски превоз.

Во смисла на членот 22, а во врска со член 8 од Одлука за уредување на општински линиски превоз за подрачјето на Општина Берово со бр.09-3145/1 од 26.09.2018 од Советот на Општина Берово, Важноста на возниот ред и дозволата за вршење на линиски превоз на патници нема да се продолжи, доколку превозникот:
– не поднесе барање за продолжување на важноста на возниот ред и дозволата согласно став 1 од овој член
– нема важечка лиценца и
– нема доволен број на возила и возачи колку што е потребно за да ги одржува сите поаѓања броејќи ги и возилата и возачите кои му се потребни за одржување на линијата за која ја продолжува важноста на дозволата.

Според наводите во иницијативата, престанувањето на важноста на Одлуката бр,07-135/1 од 29.06.2005 година донесена од Советот на Општина Берово значело дека истата нема да се применува на идни случаи за барателите кои правата треба да ги стекнат првично, додека Дозволите за вршење на општински линиски превоз на патници издадени на основа на Одлуката бр.07-135/1 од 29.06.2005 година донесена од Советот на Општина Берово останувале во важност и истите се продолжуваат по поднесено бара­ње од превозникот за продолжување на дозволата за вршење на општински линиски превоз на патници или престануваат да важат доколку превозникот не поднесе барање за продолжување на важноста на возниот ред и дозво­лата, нема важечка лиценца и нема доволен број на возила и возачи кои му се потребни за одржување на линијата за која ја продолжува важноста на дозволата.

Превозникот кој навреме поднел барање за продолжување на важноста на возниот ред и дозволата, има важечка лиценца и доволен број на возила и возачи колку што е потребно за да ги одржува сите поаѓања броејќи ги и возилата и возачите кои му се потребни за одржување на линијата за која ја продолжува важноста на дозволата може да ја продолжи важноста на возниот ред и дозволата на основа на Одлуката бр.07-135/1 од 29.06.2005 година донесена од Советот на Општина Берово, од причини на закон засновани – Советот на Општината има овластување: да истакнува, одржува и менува, но не и да одлучува за престанување на важноста на претходно донесена Одлука за уредување на општински линиски превоз на територијата на Општина Берово како во случајот за престанувањето на важењето на Одлуката бр.07-135/1 од 29.06.2005 година донесена од Советот на Општина Берово со која се утврдува мрежа на линии и возен ред.

Постапувајќи на ваков начин Советот на Општина Берово го повредил членот 55 од Уставот на Република Северна Македонија во кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото на начин што превоз­ниците кои со децении вршат превоз на патници по утврдени возни редови се суспендирани преку одлучувањето на Советот на Општина Берово за преста­нување на важењето на Одлуката бр.07-135/1 од 29.06.2005 година донесена од Советот на Општина Берово со која се утврдувала мрежа на линии и возен ред кое било вон овластувањата утврдени со член 22 став 1 алинеја 2 од Законот за превоз во патниот сообраќај.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука која е донесена во смисла на членот 22 од Законот за локална самоуправа и член 22 став 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај го уредува општинскиот линиски превоз за подрачјето на Општина Берово и истата вкупно содржи 12 члена, од кои посебно се оспорува членот 11 кој предвидува дека со донесувањето на оваа одлука престанува да важи Одлуката бр.07-136/1 од 29.06.2005 година.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок.

Член 51 став 1 од Уставот предвидува дека во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 17 став 1 од Законот, превозот на патници во внатрешниот патен сообраќај може да се врши како линиски превоз, слободен и посебен превоз на патници и превоз на патници за сопствени потреби. Јавниот превоз на патници во внатрешниот патен сообраќај може да се врши како општински линиски превоз, меѓуопштински линиски превоз, слободен превоз, посебен линиски превоз, автотакси превоз, како и превоз на патници за сопствени потреби (став 2). Превозот на патници во меѓународниот патен сообраќај може да се врши како линиски превоз на патници, како слободен превоз на патници и превоз на патници за сопствени потреби (став 3).

Според член 17-а од овој закон, патниците кои користат јавен линиски превоз, за цело време на возење, треба да имаат возен билет.

Согласно член 33 став 1 од Законот, возни билети исклучиво се продаваат преку унифициран електронски систем со електронско плаќање на билетите. По исклучок од ставот 1 на овој член превозникот може да продава возни билети и во автобусот, таму каде што нема организирани места за продажба при што е должен да издаде фискална сметка за продадените билети (став 2).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија која се остварува на начин што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите. Согласно член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото и Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Во разработка на член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Од анализата на законските одредби на членот 1 на Законот за превоз во патниот сообраќај, произлегува дека со овој закон се уредуваат условите и начинот за вршење превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај. Според член 17 став 1 од овој закон превозот на патници во внатрешниот патен сообраќај може да се врши како линиски превоз, слободен и посебен превоз на патници и превоз на патници за сопствени потреби. Јавниот превоз на патници во внатрешниот патен сообраќај може да се врши како општински линиски превоз, меѓуопштински линиски превоз, слободен превоз, посебен линиски превоз, автотакси превоз, како и превоз на патници за сопствени потреби (став 2). Превозот на патници во меѓународниот патен сообраќај може да се врши како линиски превоз на патници, како слободен превоз на патници и превоз на патници за сопствени потреби (став 3). Во членот 17-а од овој закон, патниците кои користат јавен линиски превоз, за цело време на возење треба да имаат возен билет.

Според членот 18 од Законот за превоз во патниот сообраќај, општински линиски превоз на патници можат да вршат превозници кои ќе добијат лиценца за вршење на таков вид на превоз.

Во член 19 став 1 од истиот закон се предвидува дека општински линиски превоз се врши врз основа на дозвола за определена линија што ја издава градоначалникот на општината, односно градоначалникот на Градот Скопје.Според ставот 2 на овој член од Законот превозник кој има лиценца за вршење на општински линиски превоз на патници може да отпочне со вршење на превоз откако ќе добие дозвола и ќе регистрира возен ред за определена линија кај градоначалникот на општината, односно кај градоначалникот на Градот Скопје.Според став 3 на овој член од законот, дозволата и возниот ред од ставот 2 на овој член се издаваат со рок на важење од пет години.

Според член 22 став 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај, Советот на општината, освен советите на општините на Градот Скопје, го уредуваат општинскиот линиски превоз на патници на подрачјето на општината, а линискиот превоз на патници на подрачјето на сите општини на градот Скопје го уредува Советот на Градот Скопје, при што особено, меѓу­другото, го утврдуваат возниот ред, начинот на негово истакнување, одржу­вање и менување.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби, а во контекст на наводите во иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани од причина што Советот на Општина Берово постапувајќи согласно дадените овластувања во наведените законски норми со донесувањето на оспорената одлука го уредил општинскиот линиски превоз на патници на подрачјето на општината. Поточно, во рамките на тие законски овластувања Советот на Општина Берово ја донел сега оспорената одлука.

Имено, според својата содржина оспорената одлука врши регули­рање на општинскиот линиски превоз на патници на територијата на Општина Берово Општинскиот линиски превоз на патници може да го врши правно или физичко лице кое ги исполнува законските услови од овој вид на превоз утвр­дени со Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Републи­ка Македонија“ бр. 68/2004; 127/2006; 114/2009; 83/2010; 140/2010; 17/2011; 53/2011; 6/2012; 23/2013; 120/2013; 163/2013; 187/2013; 42/2014; 112/2014; 166/ 2014; 44/2015; 97/2015; 124/2015; 129/2015; 193/2015; 37/2016; 71/2016, 64/ 2018; 140/2018 и 163/2018).

Според членот 3 од Одлуката општинскиот линиски превоз на патници се врши врз основа на дозвола за определена линија што ја издава Градоначалникот на Општина Берово и регистриран возен ред за определена линија. Превозникот кој има лиценца за вршење на општински линиски превоз на патници може да отпочне со вршење на превоз по добивањето на дозвола и ќе регистрира возен ред за одредена линија кај Градоначалникот на Општина Берово. Дозволата и возниот ред се издаваат со рок на важење од 5(пет) години. За издадената дозвола за вршење на општински линиски превоз, превозникот ќе плаќа надоместок. Општинскиот линиски превоз на патници вршат превозници кои ќе добијат лиценца за овој вид на превоз, која ја издава градоначалникот на Општина Берово, врз основа на условите пропишани со член 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај.

Во членот 4 од Одлуката се предвидува дека за вршење на линиски превоз на патници се издава лиценца за општински линиски превоз на образец во формат А-4, со жолта боја, со рок на важење од 4 години, како и извод од лиценца за секое возило одделно. Дозволата за определена линија се издава на образец во формат А-4 со жолта боја и со рок на важење од 5 години, како и возниот ред кој исто така се издава со рок на важење од 5 години.Изводите од лиценца за секое возило се издаваат на име на превозникот на кој гласи лиценцата со истиот рок на важење како и лиценцата и не може да се пренесе на друг превозник. Формата и содржината на лиценците, изводот од лиценците и дозволата за општински линиски превоз на патници ја пропишува министерот за транспорт и врски.

Според членот 5 од истата одлука превозникот кој има лиценца за вршење на овој вид на превоз,дозвола за определена линија и регистриран возен ред за определена линија кај Градоначалникот на Општина Берово,може да врши општински линиски превоз на патници на територијата на Општина Берово.

Членот 6 од Одлуката предвидува дека линијата е одредена релација и правец на возење од почетната до крајната станица или постојка на која се превезуваат патници во линискиот превоз, а согласно утврден, регистриран и објавен возен ред и цена на превозот. За вршење на овој вид на превоз ,Советот на Општина Берово утврди мрежа на линии и возен ред децидно наведен во истата.

Според член 7 од Одлуката постапката за доделување на линии за вршење на општински линиски превоз на патници се спроведува врз основа на оглас распишан од Градоначалникот на општината и тоа еднаш годишно.

За спроведување на постапката градоначалникот формира Комисија за одобрување на возни редови на нови линии и за промена на возни редови за одобрени линии. Огласот се објавува на огласната табла на Општина Берово, на веб страната на Општина Берово и во едно јавно гласило/медиум. Во огласот се определува рокот за аплицирање на огласот, којшто не треба да биде пократок од З (три) дена ниту подолг од 8 (осум) дена и условите што треба да ги исполнува превозникот за да може да учествува на истиот. Превозникот може да поднесе барање за одобрување на возен ред за нова линија односно за промена на возен ред за веќе одобрена линија. Од денот на приемот на решението за одобрен возен ред, превозникот, најдоцна во рок од 10 работни дена, поднесува барање за издавање на дозвола за одобрениот возен ред.Кон барањето за издавање на дозвола за одобрен возен ред за општински линиски превоз на патници се приложува следната документација:-фотокопија од решение за одобрен возен ред; -пет примероци од одобрениот возен ред изготвени на пропишан образец; -доказ за платени административни такси. Доколку во постапката за одобрување на возен ред барање поднесат два или повеќе превозници, со иста почетна и крајна станица од кои еден од нив е со седиште во почетната станица, приоритет има превозникот со седиште во почетната станица. Доколку во постапката за одобрување на возен ред поднесат барање два или повеќе превозници со седиште во почетната станица, приоритет има превозникот кој прв аплицирал. Доколку во постапката за одобрување на возен ред поднесат барање два или повеќе превозници и ниту еден од нив нема седиште во почетната станица , приоритет има превозникот кој прв аплицирал. Доколку има барање за про­мена на веќе одобрен односно регистриран возен ред и барање за нов возен ред, во тој случај приоритет има превозникот кој побарал промена на возен ред. Промената на веќе одобрен односно регистриран возен ред ќе се одземе доколку превозникот не постапи во рокот утврден во овој член. Промената на веќе одобрен возен ред и возниот ред на кој веќе е извршена промена ќе бидат одземени доколку превозникот не постапи и по 8 (осум) дена од приемот на второто известување за дополнување на барањето за издавање на дозвола со потребната документација.

Според членот 8 од Одлуката важноста на возниот ред и дозво­лата за вршење на општински линиски превоз на патници се продолжуваат на барање на превозникот кое се поднесува пред истекот на важноста на дозволата и притоа се доставуваат следните документи-потребен број на возни редови; -доказ дека поседува доволен број на возила за одржување на сите претходно одобрени возни редови за кои поседува валидна дозвола за вршење на општински линиски превоз на патници; платени административни такси. Важноста на возниот ред и дозволата за вршење на линиски превоз на патници нема да се продолжи, доколку превозникот: – не поднесе барање за продолжување на важноста на возниот ред и дозволата согласност ставот 1 од овој член: – нема важечка лиценца и – нема доволен број на возила и возачи колку што е потребно за да може да ги одржува сите поаѓања броејќи ги и возилата и возачите кои му се потребни за одржување на линијата за која ја продолжува важноста на дозволата.

Во случајот на ставот 2 од овој член не се продолжува важноста на возниот ред и дозволата за вршење на општински линиски превоз на патници истите се бришат од евиденцијата на издадени дозволи за линиски превоз на патници и од евиденцијата на регистрирани возни редови за линиски превоз на патници.

Членот 9 предвидува дека одобрениот односно регистрираниот возен ред и издадената дозвола за вршење на општински линиски превоз можат да престанат да важат ако: -превозникот престанал да ги исполнува условите врз основа на кои се издадени; -престанала важноста на лиценцата; -на барање на превозникот и-превозникот престанал да постои по други посебни прописи. Во случаите од ставот 1 на овој член возниот ред и дозволата за вршење на општински линиски превоз на патници се одземаат и се бришат од евиденцијата на издадени дозволи за општински линиски превоз односно од регистарот на издадени дозволи за општински линии.

Согласно членот 10 од Одлуката возниот ред на општинска линија ги содржи следните податоци: – полн назив на домашен превозник; – вид на линија: патничка, директна и брза; – назив „Возен ред за општинска линија, -назив на линијата; – време на поаѓање, станици, должина на линијата во километри, време на враќање; – режим на одржување на линијата: секојдневно (односно во одредени денови во неделата при што точно се наведуваат деновите во кои се одржува линијата) и – места за печат и потпис на овластено лице”. Рубриките во образецот се испишани на македонски јазик, а податоците во истиот се впишуваат на македонски јазик. Возниот ред на општинската линија се издава во образец во формат А4 на хартија во бела боја. Формата и содржината на образецот на возниот ред за општинска линија е даден во Прилог 1 кој е составен дел на оваа одлука.

Членот 11 од Одлуката предвидува дека со донесувањето на оваа одлука престанува да важи Одлуката Бр.07-136/1 од 29.06.2005 год. донесена од Советот на Општина Берово.

Според член 12 од Одлуката, истата влегува во сила со денот на донесувањето и ќе се објави во „Службен гласник на Општина Берово”.

Со оспорениот член 11 од Одлуката за уредување на општински линиски превоз за подрачјето на Општина Берово, која е донесена на 26.09.2018 година, се утврдува дека со донесување на истата престанува да важи Одлуката бр.07-136/1 од 29.06.2005 година донесена од Советот на Општина Берово.

Во Главата II од Законот, со наслов: “УСЛОВИ ЗА ВРШЕЊЕ НА ПРЕВОЗ ВО ПАТНИОТ СООБРАЌАЈ”, поместен е член 8 кој во став 1 точки 1, 2, 3 и 4 предвидува дека:

“Лиценца од член 7 став 1 точки 1 и 2 од овој закон може да добие домашно правно или физичко лице (во натамошниот текст: превозник), ако ги исполнува следниве услови:

1. да е впишан во Централниот регистар на Република Македонија и да има регистрирано приоритетна дејност/главна приходна шифра вршење на превоз на дејност/главна приходна шифра вршење на превоз на патници и стока во патниот сообраќај,
2. да е сопственик на едно или повеќе регистрирани возила за превоз или да има договор за лизинг, што ги исполнуваат посебните техничко-експлоатациони услови пропишани за возила за вршење на одделни видови на превоз во внатрешниот и/или меѓународиот патен сообраќај, при што за меѓуопштински и меѓународен линиски превоз на патници да е сопственик или да има договор за лизинг за најмалку две возила со капацитет од најмалку 22 седишта по возило, за општински линиски превоз на патници да е сопственик на две или повеќе регистрирани возила или да има договор за лизинг за возила со најмалку 8 + 1 седиште, за линиски превоз на патници во Градот Скопје да е сопственик на едно или повеќе регистрирани возила или да има договор за лизинг за возила со најмалку 8 + 1 седиште, а за слободен превоз и посебен линиски превоз на патници да е сопственик или да има договор за лизинг за најмалку едно возило со капацитет со најмалку 8 + 1 седиште по возило, што ги исполнуваат посебните техничко-експлоатациони услови пропишани за возила за вршење на одделни видови на превоз,
3. да има вработено во редовен работен однос возачи во зависност од бројот на моторните возила, минимум еден возач по возило (автобуси, товарни возила) што ги исполнуваат условите пропишани со прописите за безбедност на сообраќајот на патиштата,
4. да има вработено авто-такси возачи, кои поседуваат сертификат за авто-такси возач, кои поседуваат меѓународен сертификат за познавање на англиски јазик на ниво А1 или А2 според Заедничката европска референтна рамка за јазици (CEFR) на Советот на Европа;
5. во возилото со кое се врши авто-такси превоз на патници да има вградено фискален апарат;
6. управителот или овластеното лице одговорно за превоз да има сертификат за професионална компетентност;
7. да има солидна финансиска состојба;
8. да има добар углед и
9. да има вработено возачи кои имаат сертификат за учество во меѓународниот превоз на патници и стоки.

Според Судот, неосновани се тврдењата во иниција­тивата дека со донесувањето на новата одлука со која се предвидува да престане да важи претходно донесената одлука се повредува принципот на владеењето на правото и се чини повреда на слобода на пазарот и претприемништ­вото од причина што токму со ваквото регулирање се почитува принципот на правната сигурност на граѓаните. Ова, од причина што на тој начин се создава јасна и прецизна правна уреденост којашто нема да доведе до двојно уредување на иста материја што би создало колизија на права доколку во исто време важат две одлуки кои произведуваат различни правни дејства, како и правна несигурност и повреда на принципот на владеењето на правото. Само јасни и прецизни норми се неопходни за функционирање на правото во едно општествено уредување.

Имено, заради опстојување на континуитетот во работењето на превозниците, како и усогласување на одлуката за уредување на општинскиот линиски превоз со настанатите измени во Законот за превоз во патниот сообраќај, Советот на Општина Берово во рамките на своите надлежности ја донел оспорената одлука. Меѓутоа, со оспорениот член 11 од Одлуката со која се утврдува престанување на важноста на претходната одлука од 2005 година, според Судот, не се повредуваат правата кои ги имале превозниците согласно старата одлука и нема истата ретроактивно дејство како што се тврди во иницијативата, од причина што истите важат се до истекувањето на рокот на веќе издадените дозволи.

Овластувањата содржани во наведениот член 8 ставови 1,2,3 и 4 од Законот за превоз во патниот сообраќај предвидуваат неопходно издавање, односно продолжување на нивните дозволи кои во иднина треба да ги исполнуваат условите за вршење на превоз во патниот сообраќај, предвидени со Законот, но и нивно прилагодување на возниот ред како е уреден со ново донесената одлука, која е обврзувачка за сите учесници во патниот сообраќај кои се дел од општинскиот линиски превоз.

Оттука, Судот оцени дека од ниту еден наведен аспект во иницијати­вата оспорената одлука не може да се доведе под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеи 3 и 7, членот 55 од Уставот, како и со член 8 ставови 1, 2, 3 и 4 и член 22 став 1 алинеја 2 од Законот за превоз во патниот сообраќај.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.96/2019
22.01.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати