Решение У.бр.125/2019

У.бр.125/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 15 јануари 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето од подносителите Здравко Савески од Скопје, Џејлан Велиу од Битола, Петар Чуриќ од Куманово и Зоран Василески од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на политичкото здружување и дејствување, за кои сметаат дека им биле повредени со Решение РПП бр.7/19 од 08.04.2019 година на Основниот суд Скопје II Скопје и Решение ГЖ-2664/19 од 11.07.2019 година на Апелациониот суд – Скопје.

2. До Уставниот суд на Република Северна Македонија, Здравко Савески од Скопје, Џејлан Велиу од Битола, Петар Чуриќ од Куманово и Зоран Василески, адвокат од Скопје, кој се јавува и како полномошник на останатите подносители, поднесоа барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на политичкото здружување и дејствување.

Од наводите изнесени во барањето насловено како уставна жалба, произлегува дека подносителите пред Основниот суд Скопје 2 Скопје воделе постапка со барање за упис на промена на лице кое ќе ја застапува и претставува политичката партија Левица во Судскиот регистар на политички партии. Поточно подносителите побарале да се изврши промена на актуелниот правен застапник на политичката партија Левица со друго лице предложено од нивна страна, но нивното барање не било уважено. Истите не биле задоволни од образложените во првостепеното решение за одбивање на нивното барање, а поконкретно од образложението на првостепениот суд дека од доказите кои надлежниот суд ги извел, произлегувало отсуство на легитимност на подносителите на барањето за упис на промена. Против првостепеното решение подносителите вложиле жалба, којашто им била одбиена како неоснована, а првостепеното решение потврдено.

Незадоволни од исходот на водената постапка пред надлежните судови по нивното барање за промена на актуелниот правен застапник на политичката партија Левица, подносителите пред Уставниот суд поднесуваат барање за заштита на слободи и права насловено како уставна жалба, со барање Уставниот суд да го преиспита правосилното Решение РПП бр.7/19 на Основниот суд Скопје 2 Скопје, потврдено со Решението ГЖ-2664/19 на Апелациониот суд во Скопје, и истото да го поништи.

Според наводите во барањето нивното право на политичко здружување и дејствување, гарантирано со членот 20 од Уставот на Република Северна Македонија им било повредено со Решение РПП бр.7/19 од 08.04.2019 година на Основниот суд Скопје 2 Скопје, коешто било засновано врз погрешно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното и процесното право, а Апелациониот суд во Скопје како второстепен суд, по повод жалбата којашто тие ја вложиле по наведените основи, со Решение ГЖ-2664/19 од 11.07.2019 година, ја одбил нивната жалба, а првостепеното решение го потврдил.

Подносителите, повикувајќи се на одредбите од членот 20 од Уставот со кој на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, поради што граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат, наведуваат дека под слободно истапување од членот 20 од Уставот, не се подразбирало незаконско бркање на граѓаните од политичките партии, а во случајот тоа им се случило на барателите.

Во продолжение на барањето, се наведува кога барателите политички се здружиле и дејствувале, каква била поставеноста на партијата во поглед на раководните партиски органи и раководните функции на членовите, како и се изнесува хронологија на настани поврзани со внатрепартиски активности и судири на интереси помеѓу членовите на политичката партија Левица, што резултирало со водење на постапка пред Регистрациониот суд за промена на актуелниот правен застапник на политичката партија на Левица, правосилно окончана со одбивање на нивното барање.

Имено, според изнесените наводи, подносителите биле членови на иницијативниот одбор за формирање на политичка партија на левичарите во Македонија, односно тие биле носители на тој процес, а своето право на политичко организирање и дејствување гарантирано со Уставот, подносителите го оствариле во 2016 година преку политичката партија Левица. На основачкото собрание тие биле избрани за членови на Централниот комитет како највисок орган на партијата меѓу два пленума.

Согласно статутот на партијата, политичката партија Левица, немала претседател, туку имала колективно претседателство т.е. 7-член Президиум. Во политичката партија Левица, овластениот застапник по закон, не претставувал претседател на партијата, поради што лицето одговорно за застапување и претставување на партијата Левица, била функција од техничка природа и тој апсолутно бил подреден на Президиумот и му полагал сметка за сработеното на Президиумот. за разлика од останатите политички партии чиишто претседатели имале статутарна моќ за промена на партиските раководства (претседатели на општински одбори/комитети/партиски комисии и сл.).

Како повод за постапката којашто тие ја воделе пред надлежните судови за смена на актуелниот правен застапник на партијата, се наведува нивното сознание до кое дошле по извршен увид во Регистрациониот суд, односно сознанието дека по барање на актуелниот правен застапник на партијата во постапка РПП 3/19, била извршена смена на благајникот во партијата, сега подносителката Џејлан Велиу со друго лице. Тие исто така дошле до сознанија дека раководните органи во политичката партија Левица биле со изменет персонален состав, конкретно дека Президиумот бил со нов персонален состав во кој тие повеќе не биле застапени. Подносителите сметаат дека новиот Президиум не бил легален и легитимен Президиум, туку 7-ум члениот Президиум, меѓу кои, тие четворицата го сочинувале апсолутното мнозинство во овој орган.

Во барањето за заштита на слободи и права, подносителите ги изнесуваат причините за водената постапка пред Регистрациониот суд за смена на актуелниот правен застапник на политичката партија Левица, со наводи дека неговото дејствување и работење во политичката партија не било во согласност со статутот на партијата и согласно со Законот за политичките партии.

Содржината на барањето за заштита на слободи и права се однесува на изнесени наводи од подносителите за сторен пуч во партијата, и за документи потпишани од актуелниот правен застапник на партијата, за кои тие тврдат дека биле фалсификувани, лажни, нестатутарни и со невистинита содржина. Поточно дека актуелниот правен застапник на политичката партија и 6-члена група околу него, поседувајќи го партискиот печат, без знаење на раководните органи на партијата, во постапката за смена на партискиот благајник, сега подносителката Џејлан Велиу, поднел лажни документи до Основниот суд Скопје 2 Скопје, односно записник со невистинита содржина и нестатутарно донесени одлуки, врз основа на кои документи, според наводите од подносителите, Основниот суд Скопје 2 Скопје, го озаконил криминалот на таа група, која ја окупирала централната канцеларија, ги присвоила паричните средства на партијата и го одзела партискиот веб сајт, а врз основа на тие документи и Апелациониот суд во Скопје го легализирал пучот во партијата Левица, каде со силата на печатот (незаконски и нестатутарно) биле исклучени ¾ од Централниот комитет, највисокиот орган на партијата.

Понатаму, во барањето се изнесуваат наводи за партискиот печат и штембил, односно дека од втората половина на 2018 година, партискиот печат и штембил наместо да бидат на нивното вообичаено место, односно во централната канцеларија, каде партијата имала вработено лице-партиски секретар, а тоа била сега подносителката Џејлан Велиу, чија задача била да ја води деловодната книга во која се заведувале разни видови документи (записници и одлуки) и врз истите да става печат, штембил и архивски број, тие се наоѓале кај правниот застапник на партијата.

Во продолжение на барањето стојат наводи од подносителите за внатрепартиски несогласувања помеѓу членовите за одредени политички прашања, за напуштање на седница од страна на актуелниот правен застапник на политичката партија и други членови на партијата, која се одржувала 03.02.2019 година, дека тој со силата на партискиот печат во неговите раце, престанал да доаѓа на состаноците на Президиумот и продолжил да се оглушува на молбите да ги потпише и завери партиските документи во седиштето на партијата и кои четири месеци останувале неархивирани.

Во продолжение на барањето се наведува каква била процедурата според статутот на партијата за избор и разрешување на партискиот благајник, а тоа бил Президиумот и дека одлуката за промена на лицето (Џејлан Велиу) за финансиско-материјално работење на партијата, не била донесена од легалниот и легитимниот Президиум составен од самите подносители како апсолутно мнозинство членови во тој орган, бидејќи ниту се држел состанок на чиј дневен ред била точка за промена на лицето одговорно за финансиско и материјално работење на партијата, ниту се одлучувало по таква точка, туку дека таа одлука за смена на благајникот (подносителката Џејлан Велиу), била донесена од друг Президиум, според нив нелегитимен и нелегален, односно со нов персонален состав на Президиумот во кои тие не биле членови, за што највисокиот орган на партијата (Централниот комитет) ниту биле известени за таквиот состанок, ниту записникот бил пратен по мејл листата на овој орган, што било правило од основањето на партијата.

Поточно, во барањето се наведува дека доставените документи до Регистрациониот суд за промена на лицето за финасиско и материјално работење на партијата, биле фиктивни, фингирани (нестатутарни) бидејќи не биле донесени од легалниот и легитимниот Президиум, туку од друг Президиум со друг персонален состав на членови, во кои тие не биле застапени, а на основа такви документи Основниот суд Скопје 2 Скопје, експресно го уважил барањето за смена на партискиот благајник, без истото да го прати на одговор кај лицето што се менува (сега барателката Џејлан Велиу), нешто што Судот го направил во постапката РПП 7/19, водена на барање од страна на сега подносителите за промена на актуелниот правен застапник на политичката партија од позицијата лице за застапување и претставување на Левица во правниот промет.

Според подносителите, тие го претставувале легалниот и легитимниот Президиум како апсолутно мнозинство членови на овој орган, а со тоа и само одлуките донесени од овој Президиум, биле легитимни, меѓу кои и одлуката која тие ја донеле по одржана седница на Президиумот за смена на актуелниот правен застапник на политичката партија, како и записникот од седницата која тие ја одржале, и кои документи ги приложиле во постапката која ја воделе пред Регистрациониот суд за упис на промена на правен застапник на партијата, но дека поради одземениот печат и штембил од страна на актуелниот правен застапник на политичката партија, истите не биле уредно печатирани и архивирани.

Во продолжение на барањето се наведува дека 4-те членови на легалниот и легитимен Президиумот (сега подносителите) и други членови на партијата, дале колективна изјава пред нотар во која повторно ги констатирале проблемите (погоре наведени) со кои се соочувала партијата поради одземениот партиски печат и одбивањето на овластениот застапник да постапува статутарно и законито при вршењето на својата функција.

Во продолжение се изнесуваат причините за поднесеното барање за заштита на слободи и права пред Уставниот суд и причините за барањето за поништување на Решението РПП бр.7/19 од 08.04.2019 година на Основниот суд Скопје 2 Скопје, потврдено со Решението ГЖ-2664/19 од 11.07.2019 година на Апелациониот суд во Скопје.

Имено, клучното прашање во постапката РПП бр.7/19 која подносителите ја воделе пред Основниот суд Скопје 2 Скопје, било прашањето „кој бил персоналниот состав на Президиумот во деновите кога актуелниот правен застапник на политичката партија во постапката РПП бр.3/19 поднел барање за упис на промена (промена на партискиот благајник)”, меѓутоа според подносителите надлежниот суд во однос на ова прашање, не ја утврдил правилно и целосно фактичката состојба и не го применил правилно материјалното и процесното право.

Исто така, клучните наводи поради кои подносителите го обжалиле Решението РПП бр.7/19 на Основниот суд Скопје 2 Скопје, односно барале негово преиначување или барем враќање на повторно одлучување, било тоа што првостепениот суд, според барателите погрешно го применил материјалното право, сторил суштествени повреди на постапката и погрешно ја утврдил фактичката состојба.

Имено, според барателите Судот, погрешно прифатил дека нивното барање во постапката РПП бр.7/19 за промена на актуелниот правен застапник на политичката партија од законски застапник на партијата и на негово место назначување друго лице, не било поднесено од овластено лице на политичката партија, бидејќи според нив, барањето било поднесено од овластено лице, а тоа согласно Статутот на партијата бил Президиумот на партијата, кој бил надлежен за промена на правниот застапник на партијата (т.е. лицето кое ќе ја застапува и претставува партијата во правниот промет), а според подносителите, легален и легитимен Президиум бил Президиумот составен од сега подносителите, кои го претставувале мнозинството од седумте членови на овој орган, така што до Судот ја приложиле и одлуката со која тие извршиле избор на нов правен застапник на партијата, како и записник од седницата на тој Президиум, сето тоа согласно Законот за политичките партии и Статутот на политичката партија Левица.

Според подносителите на барањето, неприфатливо било образложението на првостепениот суд за причините за одбивање на нивното барање за промена на законскиот застапник на партијата, односно отсуството на печат на документацијата поднесена во прилог кон барањето, како и непоклонувањето верба на предложените 28 нотарски изјави коишто биле доказ за тоа, кој бил единствениот легално избран Президиум надлежен за донесената одлука од страна на сега подносителите на барањето за промена на правниот застапник на партијата, дека Судот морал да го утврди единствениот персонален состав на Президиумот чии записници и одлуки биле единствено релевантни. Наместо тоа да го стори, Судот, Решението РПП бр.7/19 го засновал единствено врз листови хартија на кои печат ставил актуелниот правен застапник на политичката партија.

Прашањето кој е легитимниот и легален состав на Президиумот, е прашање кое се поставува и во конкретно поднесеното барање за заштита на слободи и права (означено како уставна жалба), а од Уставниот суд се бара да определи начин на отстранување на последиците од примената на конечниот поединечен акт РПП бр.7/19 со кој, според подносителите им биле повредени слободите и правата од член 110 алинеја 3 на Уставот, а во врска со одлуката за одбивање на предлогот за упис на ново лице кое ќе ја претставува и застапува политичката партија Левица во правниот промет, како и одлуката за одбивање на предлогот за определување на времена мерка со стопирање на натамошно спроведување на промени во регистарот за политички партии кој се води за политичката партија Левица, а иницирани од актуелниот правен застапник на политичката партија.

Во барањето за заштита на слободи и права (насловено како уставна жалба) се наведува дека Решението РПП бр.7/19, создавало тешко отстранливи последици за подносителите, поради што тие истакнуваат посебно барање, односно предлог за воспоставување поранешна состојба, со цел отстранување на штетните последици од неовластен упис на промени во регистарот за политичките партии кој се води за политичката партија Левица, а неовластено иницирани од актуелниот правен застапник на политичката партија, поточно преку воспоставување на онаа состојба на податоци од тековната состојба за политичката партија Левица од 28.02.2019 година.

Во продолжение на барањето се наведува каква повреда на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, дополнително им е причинета на подносителите со Решението РПП бр.7/19 со кое погрешно бил утврден персоналниот состав на Президиумот на Левица во деновите 4, 5, 6 и 7 февруари/2019 година, надлежен за избор на лице кое ќе ја претставува и застапува Левица и лице одговорно за финансиското и материјалното работење на партијата.

Имено, Президиумот бил главниот извршен орган на Левица кој управувал со значајните парични средства наменети за раст на партијата преку финансирање на активности на нејзините легитимни органи, парични средства добиени преку буџетското финансирање, благодарение на остварениот резултат на парламентарните избори 2016 година. Тие парични средства, според подносителите се користеле за гонење на оние кои дале најголем придонес истите да се стекнат. Како се трошеле тие средства на партијата, поширокото раководство (Централниот комитет) немал увид поради тоа што ново лице било одговорно за финансиското и материјалното работење на политичката партија Левица. Во сите поднесоци во постапката РПП бр.7/19, подносителите докажувале дека во моментот со сметката на политичката партија Левица располагала малата заговорничка група околу правниот застапник на партијата, за што понудиле брдо докази со кои ги поткрепиле фактите. Но, Основниот суд Скопје 2 Скопје, како регистрационен суд за политички партии, ја спровел промената на лицето одговорно за финансиско и материјално работење на Левица пред Централниот регистар. Спроведената промена значела давање повластена улога на противникот наспроти предлагачите во предметната постапка РПП бр.7/19. т.е. спроведената промена му дала можност на актуелниот правен застапник на политичката партија својот одмазднички нарав спрема подносителите на барањето да го реализира преку тужби од име на Левица користејќи ги паричните средства на партијата, а неговиот одмазднички нарав добил „ветер во грбот” токму поради правосилното Решение РПП бр.7/19.

Поточно, подносителите Здравко Савески и Зоран Василески веќе примиле тужби за утврдување граѓанска одговорност за навреда и клевета поради фејсбук статус и изјави за медиуми дека актуелниот правен застапник на политичката партија на незаконит и нестатутарен начин врз база на фалсификувани документи извршил пуч во Левица. Практично, правосилното Решение РПП бр.7/19, ги ставило во ситуација, брутално избрканите членови на партијата (незаконски, нестатутарно, само со силата на партискиот печат и потпис на правниот застапник), да не можат веќе ни душата да си ја олеснат на социјалните мрежи за нанесената повреда, затоа што над глава им висел актуелниот правен застапник на политичката партија, кој врз основа на „светиот печат” како правен застапник на Левица си ангажирал адвокат на кого му штанцал фактури за составување опомени пред тужба и тужби за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

На тој начин, на подносителите како граѓани, не само што нивното право на политичко дејствување преку партијата што ја основале, им било забрането со Решението РПП бр.7/19, туку им било забрането и правото на слобода на говор.

На крајот се наведува дека токму поради горе наведеното на подносителите им е повредено правото на политичко организирање и дејствување со што бараат Уставниот суд да го преиспита првостепеното Решение РПП бр.7/19 на Основниот суд Скопје 2 Скопје, потврдено со Решението ГЖ-2664/19 на Апелациониот суд во Скопје, а по одржување на јавна расправа, истото да го поништи.

3. Во врска со предметното барање за заштита на слободи и права, Уставниот суд, врз основа на приложената и прибавена документација, констатира дека пред Основниот суд Скопје 2 Скопје, по барање од сега подносителите била водена постапка за упис на промена на лице кое ќе ја застапува и претставува политичката партија Левица во Судскиот регистар на политички партии.

Со Решение РПП бр.7/19 од 08.04.2019 година на Основниот суд Скопје 2 Скопје, барањето (од сега подносителите), за упис на промена на лице кое ќе ја застапува политичката партија Левица и предлогот за определување на времена мерка, од страна на Судот биле одбиени, бидејќи Судот утврдил дека во конкретниот случај не биле исполнети предвидените услови за бараниот упис во судскиот регистар на политички партии предвидени со Законот за политичките партии и Статутот на политичката партија Левица. Против истото била вложена жалба до Апелациониот суд во Скопје, поради суштествена повреда на одредбите од парничната постапка, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право, меѓутоа од страна на Апелациониот суд во Скопје, со Решение ГЖ-2664/19 од 11.07.2019 година, вложената жалба била одбиена, а првостепеното решение потврдено.

4. Според членот 20 од Уставот на Република Северна Македонија, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања (став 1). Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат (став 2). Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост (став 3). Забранети се воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија (став 4).

Од погоре цитираните уставни одредби произлегува дека граѓаните имаат право слободно да се организираат и да се здружат со цел дејствување, помеѓу другото и заради остварување на заеднички интереси во политиката, за која цел граѓаните можат слободно да основаат политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат. Иако начелно ја гарантира, Уставот на оваа слобода не и дава карактер на апсолутна вредност, туку само во рамките во кои со нејзиното користење не се загрозува истата таа слобода на другите луѓе и основните општествени вредности утврдени со Уставот.

Во член 50 став 1 од Уставот е дадено право на секој граѓанин да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд, врз начелата на приоритет и итност.

Со член 110 алинеја 3 од Уставот, се определени слободите и правата на човекот и граѓанинот чија заштита се остварува пред Уставниот суд на Република Македонија и тие се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Оваа надлежност, понатаму е разработена со Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (членови 51 до 57), во кој е пропишана постапката за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Така, според членот 51 од Деловникот, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но, не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според членот 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Уставната гаранција за правото на граѓаните да основаат политички партии е операционализирано во Законот за политичките партии („Службен весник на Република Македонија“, број 76/2004, 5/2007, 8/2007, 5/2008 и 23/2013). Законот за политичките партии не се впушта во уредувањето на суштината на остварувањето на оваа слобода ниту во содржината на нејзиното ограничување, туку ги утврдува критериумите коишто се однесуваат на основање, регистрирање и начинот и условите за престанок на политичките партии.

Најважни меѓународни документи коишто содржат одредби за слободите на собирање и здружување, покрај Европската конвенција за заштита на човековите права се:

Универзалната декларација за човековите права која во членот 20 уредува дека „секој има право на слобода на мирни собири и здружување“ и дека „никој не смее да биде принуден да членува во некое здружение“.

Друг важен меѓународен договор кој ја опфаќа и слободата на собир и здружување е Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права на човекот и граѓанинот каде во член 22 ставови 1 и 2 се наведува:

„1. Секое лице има право слободно да се здружи со други лица, вклучувајќи го и правото на основање синдикати и зачленување во истите поради заштита на своите интереси.

2. Вршењето на ова право може да биде само предмет на ограничувања предвидени со закон а кои се потребни во демократското општество во интерес на националната безбедност, на јавната безбедност, на јавниот ред или поради заштита на јавното здравје и на моралот, или на правата и слободите на други лица. Овој член не спречува вршење на ова право од страна на членовите на оружените сили и на полицијата да се подложи на законски ограничувања.”

Повелбата за фундаментални права на Европската Унија во членот 12 ја уредува слободата на собирање и здружување:

1. Секој има право на слобода на мирно собирање и слобода на здружување на сите нивоа, особено во врска со политички, синдикални и граѓански прашања, што го подразбира правото на секој да може да основа синдикати и да им пристапува заради заштита на своите интереси.

2. Политичките партии на ниво на Унијата придонесуваат за изразувањето на политичката волја на граѓаните на Унијата.

Европската конвенција за заштита на човековите права (ЕКЧП) во членот 11 (слобода на собирање и здружување) определува дека секој човек има право на слобода на мирно собирање и здружување со други, вклучувајќи го и правото да основа синдикати и да им се придружува на синдикатите за заштита на своите интереси.

Воедно со ставот 2 на членот 11 од ЕКЧП, остварувањето на овие права може да биде ограничено само со законски мерки што во едно демократско општество се неопходни за националната безбедност, јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на злосторства, заштита на здравјето или моралот или заштита на правата и слободите на други. Со овој член не се забранува наметнување законски ограничувања за припадниците на оружените сили, полицијата или државната администрација.

Иако во членот 11 од ЕКЧП, единствено синдикалните организации се експлицитно наведени, Европскиот суд за човекови права низ својата практика, ставил до знаење дека политичките партии, како форма на здружување со цел остварување на политички цели, играат неспорно голема улога во едно демократско општество, па затоа и тие спаѓаат во доменот на дефиницијата “здружување” заштитено со членот 11 од ЕКЧП. Слободата на здружување со други која е уредена со членот 11 има два аспекти: позитивен и негативен. Позитивниот аспект го сочинува правото да се основаат здруженија или да се пристапи на веќе постојните, а негативниот аспект е правото да не се биде член на некое здружение.

Судот во Стразбур во низа случаи постапувал по прашањето за правото на слобода и здружување од членот 11 од Конвенцијата, со кој член се штити здружувањето од неоправдано одбивање на јавните власти да го регистрира/пререгистрира истото, како и од неоправданата забрана од страна на јавните власти за дејствување на одредена политичка партија.

Се забележува дека, правото на слобода и здружување го штити здружувањето од неоправдано одбивање на јавните власти да го регистрира истото. Како и во други случаи при работата на ЕСЧП, кога доаѓа до вмешување во правото, во секој предмет кој се одлучува мериторно се оценува дали дошло до повреда на правото преку вообичаениот тест:

а) Дали вмешувањето било легитимно, односно било во согласност со домашниот закон.

При ова, властите, можат да одбијат да регистрираат некое здружение кое има нецелосна документација, кое има име кое се користи од друг, или, пак кога статутарните или програмските декларирани цели, не се во склад со законот или Уставот. Основ за забрана на дејствување на едно здружение (вклучително и политичко) можат да бидат незаконските активности на тоа здружение, без тоа да претставува вмешување во прокламираното право од членот 11, при што по однос на пропишаноста со закон на правото, само неовластеното мешање од страна на власта во активностите и работењето на здружението претставува повреда на правото по оваа основа.

б) Дали вмешувањето во уживањето на правото било остварено поради постигнување на некоја легитимна цел?

Ова особено може да биде поврзано со вториот став од членот 11 од Конвенцијата и тоа: во интерес на државната и јавната сигурност; спречување на немири и криминал; заштита на здравјето и моралот или заштита на слободите и правата на другите.

в) Дали вмешувањето било неопходно во едно демократско општество и дали тоа вмешување било пропорционално (сразмерно) по однос на легитимната цел која се сакала да се постигне во едно демократско општество?

Поконкретно, анализата по прашањето вклучува проценка во однос на тоа дали легитимната цел можела да се постигне со помалку рестриктивни мерки кои во конкретен случај можеле да бидат употребени, а да се постигне истоветна цел.

Со цел да се покажат примери на кој начин Судот во Стразбур го ценел вмешувањето на јавните власти во правото на субјектите на политичко здружување и политичко дејствување, во продолжение се изнесуваат следните примери:

-Во случајот Vona v. Hungary (Application no. 35943/10, Judgement of 9 July 2013), Големиот судски совет утврдил дека не постои повреда на членот 11.

Случајот се однесувал на распуштање на здружение кое организирало собири и демонстрации против Ромите. Целта на здружението Унгарска гарда била да се сочуваат „унгарските традиции и култура“ и бидејќи треба да се брани Унгарија која е „незаштитена духовно, физички и интелектуално“. Набрзо по своето основање, организацијата започнала со активности кои не биле во согласност со статутот. И покрај ветувањата дека таквите активности ќе престанат, тие продолжиле низ целата држава, повикувајќи на одбрана на Унгарците против таканаречениот „Цигански криминал“. Организацијата добила забрана да протестира минувајќи низ ромски населби и наскоро била распуштена од страна на Судот.

Европскиот суд за човекови права во своето образложение потсетил дека, истоветно како и со партиите, државата може да преземе превентивни мерки за да ја заштити демократијата, ако доволно иманентни предрасуди против другите ги поткопуваат фундаменталните вредности врз кои почива демократското општество. Бидејќи демонстрациите пренесувале расистички пораки коишто биле остатоци од унгарското нацистичко движење, тоа имало застрашувачки ефект врз ромското малцинство. Парамилитантните маршеви ја надминувале функцијата да пренесат вознемирувачка или навредлива идеја, бидејќи имало физичко присуство на организирана група која се заканувала. Затоа, единствениот начин ефективно да се отстрани заканата бил да се елиминира организациската поддршка што била обезбедувана преку здружението.

-Во случајот Stankov and the United Macedonian Organization ILINDEN v. Bulgaria (Application nos. 29221/95 and 29225/95, Judgement of 2 October 2001), жалителите тврделе дека им било повредено правото на слободно здружување бидејќи им било забрането да одржат јавен собир поради одбележување на историски настани, заедно со фактот дека им била одбиена регистрација од страна на бугарските власти. Статутарните цели на организацијата меѓу другото наведувале „да се обединат сите Македонци во Бугарија врз регионална и културна основа и да се оствари признавањето на македонското малцинство во Бугарија“. Но, истовремено во Статутот било наведено и дека здружението не го доведува во прашање територијалниот интегритет на Бугарија и дека нема да настојува своите цели да ги оствари со насилни или со незаконски средства.

Европскиот суд за човекови права констатирал повреда на членот 11 наведувајќи дека автоматското потпирање на фактот дека организацијата била прогласена за неуставна и не и се овозможило да се регистрира не може да биде доволен за да се оправда практиката на систематски забрани за држење на мирни собири. Сите жители на регионот се овластени да основаат здруженија со цел да ги промовираат регионалните особености и дека фактот што здружението настојувало да ја разбуди малцинската национална свест не е доволен за да се оправда ограничувањето на неговите права што му се гарантираат со членот 11.

-Во случајот Gorzelik and Othersv. Poland (Applicationno. 44158/98, Judgementof 20 December 2001), и покрај тоа што не утврдил повреда на членот 11, Судот истакнал дека слободата на здружување е од особено значење за припадниците на малцинствата: „eдно плуралистичко и вистински демократско општество не е само должно да го почитува етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на лицата кои припаѓаат на некое национално малцинство, туку и да создава соодветни услови што ќе им овозможат да го изразуваат, сочуваат и развиваат тој идентитет. Основањето здруженија поради изразување и промовирање на тој идентитет значително може да му помогне на малцинството да ги сочува и заштити своите права“. Сепак, ЕСЧП во овој случај се произнел дека ако жалителите сакале, можеле да направат позитивен исчекор во смисла на дополнување или отстранување на некој член од меморандумот за здружување на организацијата со цел да изградат некој вид на компромис со властите и да се добие впечаток дека тие, сепак, придонесуваат кон стабилноста на државата. Разбирливо, ако здруженијата посегаат по недемократски средства тие нема да ја уживаат заштитата на членот 11.

-Во случајот FREEDOM AND DEMOCRACY PARTY (ÖZDEP) (Партијата за слобода и демократија – ПСД) против ТУРЦИЈА, Судот во Стразбур, најпрво утврдувајќи дека навистина постоело вмешување на државата во слободите и правата од членот 11 од Конвенцијата на апликантот, Судот, преку трипартитниот тест на проценка заклучил дека расформирањето на ПСД било диспропорционално на целта која требало да биде постигната и следствено, непотребна во едно демократско општество, утврдувајќи повреда на членот 11 од Конвенцијата.

Во случајот Gorzelik и останати против Полска, апликантите тврделе дека е повреден член 11 од Конвенцијата, затоа што не им било дозволено да регистрираат здружение, насловено како „Сојуз на граѓани од шлезиска националност“.

Судот во тој предмет прифатил дека националните власти, а особено националните судови не ја пречекориле нивната маргина за слободна процена кога утврдиле дека постои неодложна општествена потреба, во моментот на регистрација, да го регулираат слободниот избор на здруженијата да се нарекуваат себеси „организација на национално малцинство“, сè со цел да се заштитат постојните демократски институции и изборни процедури во Полска, и со тоа – според Конвенцијата – да се спречи безредие и да се заштитат правата на другите.

Судот заклучил дека државата не ја ограничила слободата на здружување на апликантите per se. Властите не ги спречиле да формираат здружение кое би ги изразувало и ги промовирало посебностите на едно малцинство, туку да формираат правно лице кое – преку регистрација согласно со Законот за здруженија и описот што здружението си го дало себеси во точка 30 од Договорот за основање на здружението – неизбежно би стекнало право на специјален статус согласно со Законот за избори од 1993 година. Со оглед на тоа што националните власти биле во право кога сметале дека оспореното ограничување задоволувало „неодложна општествена потреба“ и што ограничувањето не било несразмерно на зацртаните легитимни цели, одбивањето да се регистрира здружението може да се смета дека било „неопходно во едно демократско општество“ согласно со значењето на член 11 став 2 од Конвенцијата. Согласно со ова, во овој случај немало повреда на членот 11 од Конвенцијата.

. . .

Евидентно во сите случаи во кои постапува Европскиот суд за човекови права, а во контекст на членот 11 од Конвенцијата, Судот често се осврнувал на есенцијалната улога што ја играат политичките партии во обезбедувањето плурализам и демократија, како и здруженијата што се формирани за други цели, подеднакво важни за соодветно функционирање на демократијата.

Меѓутоа стои констатацијата дека слободата на здружување, сепак, не е апсолутна, така што мора да се прифати дека во случаите каде едно здружение – преку своите активности или намерите што експлицитно или имплицитно ги има декларирано во својата програма – ги загрозува институциите на државата или правата и слободите на другите, членот 11 не ја лишува државата од моќта да ги заштити своите институции и граѓани. Ова произлегува и од ставот 2 на членот 11 од Конвенцијата. Сепак, таа моќ државата мора да ја користи внимателно, затоа што исклучоците од правилото за слобода на здружување треба да се толкуваат во строги рамки, па единствено убедливи и цврсти причини можат да оправдаат ограничувања на таквата слобода.
Судот, редовно потсетува дека, секое ограничување наметнато од државата мора да кореспондира со „неодложна општествена потреба“, a националните власти се тие што треба да оценат дали постои „неодложна општествена потреба” за да се наметне одредено ограничување заради општиот интерес, односно за преземање на спорната мерка – одбивањето да се регистрира одредено здружение. Но исто така мора да се осврне и на спорното ограничување што го наметнала државата во светлината на случајот како целина и да утврди дали тоа ограничување било „пропорционално на легитимната зацртана цел“ и дали причините наведени од страна на националните власти во прилог на мерката се „релевантни и доволни”.

. . .

-Во случајот Vogt v. Germany (Application no. 17851/91, [GC] Judgement of 26 September 1995), ЕСЧП констатирал повреда на членот 11 од Конвенцијата. Апликантката била јавен службеник и била отпуштена од нејзиното работно место како наставник во средно училиште поради тоа што била активен член на Германската комунистичка партија (DKP), а тоа се оправдувало од страна на германската Влада со прашање од националната безбедност и со превенирање на неред и заштита на правата на другите, ограничувања поврзани со членот 10 (слобода на изразување) и членот 11.

Релевантното законодавство востановувало обврска (со оглед на политичките прилики во Германија во тоа време) на недвосмислено раздружување од организации коишто барале да го поткопат Уставот, а германските судови изјавиле дека целта на Германската комунистичка партија (DKP) (иако била легална политичка партија) била да го отфрли уставното уредување и социјалната структура на Федералната Република.

Сепак, тесното мнозинство на судии во ЕСЧП (11 од вкупно 20 судии) решиле дека отпуштањето на апликантката било диспропорционално на легитимната цел која се сакала да се постигне и тоа поради три причини: прво, отпуштањето ефективно би го одрекло нејзиното вработување на единствената професија за која била обучувана; второ, нејзиното работно место како наставник по француски и германски суштински не вклучувало каков било безбедносен ризик; трето, единствената закана која можела да постои е таа да ги индоктринира нејзините ученици, а сите докази укажуваат дека тоа не се случило ниту, пак, ќе се случи.

. . .

Погоре изнесеното, вклучително и наведените примери за случаите водени пред Судот во Стразбур, а во врска со членот 11 од Конвенцијата (слобода на собирање и здружување), кој го штити здружувањето од неоправдано одбивање на јавните власти да го регистрира истото, е со интенција да се укаже што претставува правото на политичко здружување и дејствување и како тоа се манифестира, дека за постапување по барање за заштита на повредено право на политичко здружување и дејствување, потребно е повредата да е сторена од страна на јавните власти со одбивање регистрирање/пререгистрирање на политичка партија или забрана за дејствување на политичка партија, но и други случаи (последниот пример) во кои со акти на јавната власт (отказ на работно место заради политичко дејствување) е сторена повреда на членот 11 од Конвенцијата.

Од наведеното, апликација до ЕСЧП може да се достави само за работи кои се одговорност на јавен орган (законодавен дом, административни тела или судови). Судот не постапува по апликации против приватни лица или приватни организации.

. . .

Во конкретниот случај, со поднесеното барање, насловено како уставна жалба, подносителите изнесуваат тврдење дека со акт на јавната власт (судските органи) им било повредено уставно загарантираното право на политичко здружување и дејствување, па согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, бараат, Уставниот суд да им ги заштити нивните слободи и права што се однесуваат на политичко здружување и дејствување, бидејќи сметаат дека тие права им биле повредени со акти на надлежните судови пред кои подносителите воделе постапка во која не успеало нивното барање да се смени актуелното лице од позицијата лице овластено за претставување и застапување на политичката партија Левица со друго лице предложено од подносителите на барањето.

Судот констатира дека низ текстот на предметното барање за заштита на слободи и права, подносителите укажуваат на појава на спротивставени гледишта и ставови по одредени прашања поставени пред членовите на политичката партија Левица, односно внатрепартиски судир на интереси, што резултирало и со промена на персоналниот состав на највисоките органи на партијата од која промена, подносителите на барањето, не се согласувале, наведувајќи дека тие активности во партијата не биле законити и статутарни, туку акт на сторен пуч од страна на законскиот застапник на партијата Левица, односно дејствија засновани на фалсификат документи, донесени на нелегален и нелегитимен Президиум, со силата на партискиот печат и штембил, одземен од страна на застапникот на партијата.

Подносителите на барањето, наведуваат дека со цел да се заштитат од дејствијата на актуелниот законски застапник на партијата, за кои тие сметаат дека се незаконски и нестатутарни, поднесуваат предлог за негово менување до Основниот суд Скопје 2 Скопје, но, нивниот предлог бил одбиен со решение на првостепениот суд, за што вложиле жалба до повисокиот суд, но и жалбата од страна на повисокиот суд со решение им била одбиена.

Неуспехот да извршат упис на промена на лице кое ќе ја застапува партијата Левица, тие го доведуваат во контекст со нивното право на политичко здружување и дејствување, односно во контекст на тоа дека судските органи како јавни власти, донеле одлуки со кои им било оневозможено нивното право на политичко организирање и дејствување, наведувајќи дека надлежните судови, правилно и целосно не ја утврдиле фактичката состојба во однос на прашањето кој бил легалниот и легитимниот Президиум на политичката партија Левица, а со тоа и прашањето, одлуките, на кој президум биле легални и легитимни, кога Регистрациониот суд одлучувал по нивното барање за промена на законскиот застапник на партијата. Поточно, надлежните судови не ги земале во предвид нивните наводи дека партиските акти потпишани од актуелниот правен застапник на политичката партија Левица биле незаконити и нестатутарни, поточно биле фалсификувани, а бидејќи судовите и покрај ваквите наводи, го одбиле барањето за упис на промена во судскиот регистар и ја одбиле жалбата на подносителите, сметаат дека судовите со своите акти оневозможиле подносителите да го остварат правото на политичко здружување и дејствување.

Во однос на заштитата која се бара од Уставниот суд, а тоа е заштита заради повредено право на политичко здружување и дејствување со неуважување на нивното барање да се изврши промена на актуелниот правен застапник на веќе регистрираната политичка партија Левица, Судот смета за потребно да се наврати на прашањето што претставува слободата на политичко здружување и дејствување.

Слободата на политичко здружување значи право на граѓаните да формираат политички партии и други видови здруженија заради остварување на своите политички цели.

Основањето, пристапувањето и истапувањето од политичка партија претставува доброволен чин на заинтересираните граѓани и Уставот не дозволува тие да трпат последица во вид на санкција за таквото свое постапување. Уставот единствено забранува програмите и дејствувањето на политичките партии да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повик на воена агресија или разгорување на национална, верска или расна омраза или нетрпеливост.

Тоа значи дека граѓаните, заради остварување на своите политички цели, имаат слобода и право да го изразуваат политичкиот субјективитет, во која смисла имаат право да ја определуваат и менуваат својата политичка определба, слободно да основаат, пристапуваат и истапуваат од политичките партии. Поконкретно, користејќи ја слободата на уверувањето, граѓаните и политички се определуваат со прифаќање или одбивање на определено политичко гледање или движење, со нивно активно поддржување или несогласување, со основање и членување или нечленување во одредени политички партии или здруженија, преку кои ги остваруваат своите политички интереси.

Поаѓајќи од погоре наведеното, Судот констатира дека од содржината на посочените акти Решението РПП бр.7/19 од 08.04.2019 година на Основниот суд Скопје 2 Скопје и Решението ГЖ-2664/19 од 11.07.2019 година на Апелациониот суд во Скопје, не произлегува содржина во контекст на одлучување на надлежните судови за остварување на право на здружување и дејствување на граѓаните, туку за одлучување во врска со барање за упис на промена на лице за застапување на политичка партија, веќе регистрирана.

Правото на здружување гарантирано со членот 20 од Уставот во кое спаѓа и правото на политичко здружување, граѓаните го остваруваат преку регистрирање на политичка партија пред надлежните судови. Оттука, во контекст на евентуално сторена повреда на овие права, предмет на разгледување може да биде прашањето, дали уставно загарантираното право на здружување заради политичко дејствување, е оневозможено со вмешување на јавната власт, преку донесување на акт со којшто се одлучува по поднесено барање за регистрирање на политичка партија заради политичко здружување и дејствување, или пак преку донесување на акт од јавните власти со којшто се забранува дејствување на политичка партија или евентуално акти со коишто граѓаните, се спречени во практикувањето на правото на политичко здружување и дејствување, за што погоре се изнесени примери од Европскиот суд за човекови права во Стразбур во контекст на заштитата која Судот ја дал или не ја дал, во врска со правото на здружување од членот 11 од Европската конвенција за човековите права.

Наспроти тоа, во конкретниот случај подносителите на барањето, посочуваат акти на надлежни судови, од кои не се задоволни поради неуспехот во постапката пред Регистрациониот суд во Скопје, да извршат промена на актуелниот застапник на политичката партија, со упис на друго лице како законски застапник, предложен од нивна страна, па преку инструментот барање за заштита на слободи и права се обраќаат до Уставниот суд, повикувајќи се на неговите надлежности од член 110 алинеја 3 од Уставот, да го заштити нивното право на политичко здружување и дејствување, при што, истите наводи поради кои го оспорувале првостепеното решение пред повисокиот суд, се употребени и како наводи за причините поради кои се бара заштита пред Уставниот суд.

Имено, како причини во барањето стојат наводите дека, надлежниот суд, својата одлука ја засновал на погрешна и нецелосно утврдена фактичка состојба по прашањето „кој е легален и легитимен Президиум во политичката партија Левица”, не земајќи ги предвид нивните нотарски изјави по тоа прашање, односно нивните укажувања за сторен пуч во партијата Левица со одземање на партискиот печат и штембил од страна на актуелниот правен застапник на политичката партија, што било клучната причина за неможност записникот и одлуката од седница на Президиум која тие ја донеле за смена на актуелниот правен застапник на политичката партија од позицијата законски застапник на партијата и нивната одлука за назначување на друго лице кое ќе ја застапува политичката партија Левица во правниот промет, да биде уредно заверена и архивирана со печат на партијата.

Воедно се наведува дека судовите, не ги земале во предвид и нивните укажувања, дека промената на персоналниот состав на Президиумот на Левица и другите партиски органи, била извршена со фалсификат документи со невистинита содржина, поточно со силата на печатот кој го присвоил актуелниот правен застапник на политичката партија, и на основа кои документи, тој во постапка пред судовите извршил смена на партискиот благајник (подносителката Џејлан Велиу), назначувајќи на нејзино место друго лице за партиски благајник.

Судот, испитувајќи го барањето од аспект на исполнетоста на условите од членовите 51 и 52 од Деловникот за барање за заштита на слободи и права пред Уставниот суд, а тоа е да станува збор за повреда на слободи и права кои се под уставно-судска заштита, бараната заштита да биде во определениот рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, кои треба да бидат презентирани со барањето, како и фактите и доказите на кои се заснова барањето, Судот утврди дека во конкретниот случај, тие не се исполнети, поради следното:

За да може Уставниот суд мериторно да се впушти во постапување по барање за заштита на слободи и права опфатени со член 110 алинеја 3 од Уставот, односно за да може да пристапи кон одлучување дали ќе ја даде заштитата која се бара или не, не е доволно само да се наведат слободите и правата за кои Уставниот суд дава заштита и не е доволно само да се презентира поединечен правосилен акт кој како процесен услов се бара согласно одредбите од член 51 од Деловникот на Судот, туку од тој акт, навистина да произлегуваат одредени наметнати ограничувања на слободите и правата за субјектите кои тврдат дека правата за кои се бара заштита им се повредени, а во конкретниот случај, тоа не произлегува.

Имено, со член 110 алинеја 3 од Уставот се наведени слободите и правата кои ги штити Уставниот суд, во кои спаѓаат и слободите и правата што се однесуваат на политичко здружување и дејствување. Според членот 51 од Деловникот, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство „му е повредено” право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита… Оттука, Уставниот суд мериторно постапува по случаи во кои се бара заштита на слободи и права и одлучува дали ќе ја даде бараната заштита или не, доколку субјектот ќе го докаже тврдењето за сторена повреда на одредена слобода или право со приложување на „релевантни докази” за таа цел, од кои несомнено ќе произлегува вмешување на јавната власт во слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Во конкретниот случај со предметното барање се тврди дека со поединечен правосилен акт на судски орган на подносителите им е повредено правото на политичко здружување и дејствување гарантирано со членот 20 од Уставот. Меѓутоа, од приложениот кон барањето правосилен акт, кој претставува одлучување на надлежен суд, Судот не утврди одлучување коешто може да се доведе во контекст на остварување на правото за граѓаните гарантирано со членот 20 од Уставот, со којшто во суштина на граѓаните им се гарантира слободата на здружување, помеѓу другото и заради политичко дејствување, како и начинот на кој граѓаните слободно можат да го остваруваат правото на здружување, а тоа е преку основање здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат. Оттука, евентуалното ограничување на овие права се манифестира преку акти на јавната власт со кои се врши одбивање за регистрирање/пререгистрирање на политичка партија или забрана за дејствување на политичка партија, или пак со акти на јавната власт од чија содржина произлегува забрана за лице политички да дејствува преку формите низ кои тоа дејствување може да се изрази, како на пример избирачкото право итн.

Во погоре наведената смисла, уставно-судската практика на Уставниот суд, содржи случаи во кои Судот постапувал по барана заштита на слободи и права, заради донесени акти од органи на јавната власт со кои се врши забрана на дејствување на партија или акти на органи на јавната власт со кои на граѓанин му е оневозможено правото да бира и да биде биран, како во следните случаи:

-Уставниот суд по предметот 27/1994 со Одлука од 14.09.1994 година, го одбил барањето на И. И., претседател на Партијата на човековите права од Струмица за заштита на правото на политичко здружување и дејствување.

Имено, подносителот во тој предмет, од Уставниот суд побарал заштита на правото на политичко здружување и дејствување. Според наводите во барањето, со пресудата на Окружниот суд во Штип П.бр.1/93 од 12 декември 1993 година, со која била забранета работата на Партијата на човековите права од Струмица, било повредено правото на граѓаните на политичко здружување и дејствување.

Судот во случајот по тој предмет, утврдил дека навистина со оспорената пресуда се забранувала работата на Партијата за човековите права на Македонија со седиште во Струмица, затоа што нејзината активност се користела за уривање на основите на општественото уредување утврдено со Уставот на Република Македонија, а согласно член 23 став 1 алинеја 1 од Законот за општествените организации и здруженија на граѓани. Во образложението на пресудата било наведено дека увидот во доказите давало основи за оценката дека активноста на Партијата на човековите права на Македонија со седиште во Струмица се користела за уривање на основите на општественото уредување утврдено со Уставот на Република Македонија. Судот, исто така утврдил дека Врховниот суд на Република Македонија, одлучувајќи по жалбата на Партијата за човекови права, го преправил диспозитивот на пресудата, во смисла дека се забранува работата на Партијата за човекови права, затоа што нејзината активност се користи за разгорување на национална омраза и нетрпеливост, согласно член 23 алинеја 5 од Законот за општествените организации и здруженија на граѓаните.

Па понатаму, Судот образложува дека при одлучувањето имал во предвид дека слободата на политичкото здружување и дејствување, не е апсолутна, туку се гарантира само во рамките на оние форми и содржини на нејзиното уживање со кои не се загрозуваат со Уставот и со законот утврдени вредности, како што се слободите и правата на другите луѓе, демократската форма на промена на уставниот поредок, мирољубивата коегзистенција со другите држави, како и националната, расната и верската толеранција и соживот. Судот, исто така ги имал во предвид уставните одредби со кои начелно се утврдени погоре наведените вредности како рамки кои не смета да бидат пречекорени во утврдување на програмските ориентации на политичките партии и на нивното практично дејствување, како и наведените законски одредби (од Законот за општествени организации и здруженија на граѓани) со кои тие вредности се утврдени како заштитени добра чија повреда со политичкото дејствување повлекува со себе забрана на работата на политичкиот субјект што е носител на тоа дејствување.

Судот во случајот оценил дека за остварувањето на заштитата на слободата на политичкото здружување и дејствување релевантна е, не само уставната гаранција на оваа слобода, туку и нејзините рамки. Според тоа, оценил Судот, не се заштитува оваа слобода ако нејзиното користење излегува од уставните рамки односно ако ги загрозува наведените вредности. Понатаму, Судот оценил дека со членот 20 од Уставот е утврдена основа за забрана на работата на политичките партии што своето дејствување го насочуваат кон разгорување на национална, верска и расна омраза и нетрпеливост, како начин на злоупотреба на уставната слобода на политичко организирање и дејствување, и дека во конкретниот случај со оспорената пресуда не се ограничува соодветната слобода на политичкото организирање и дејствување на членовите на наведената партија, туку се заштитува истата слобода за другите граѓани на Република Македонија. Од тие причини, Судот нашол дека во конкретниот случај оспорената пресуда има уставна основа и дека со неа не се извршени повреди на слободата на политичкото здружување и дејствување, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

. . .

Во политичките права на граѓанинот спаѓа и избирачкото право коешто може да биде активно и пасивно со кое се изразува учеството на граѓаните во политичкиот живот на земјата, преку правото на граѓанинот да бира и да биде биран.

Поконкретно правото на политичко дејствување во политичкиот живот на земјата се остварува преку правото на регистрираните политички партии самостојно, коалиции, како и група избирачи за поднесување на листа на кандидати за пратеници, листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник итн.

Во оваа смисла е уставно-судската практика на Уставниот суд по предметот У.бр.84/2009 кога со Одлука од 10.02.2010 година, Судот утврдил дека на лицето Џ. Р. од село Зајас, му е повредено правото на политичко дејствување, со неприфаќање на неговата кандидатура за градоначалник на Општина Зајас на локалните избори одржани во март 2009 година. Повредата била сторена со конечно и правосилното Решение бр. 01-31/2 од 6 февруари 2008 година, донесено од Општинската изборна комисија – Зајас. Тргнувајќи од фактот дека државата, преку своите органи, дозволила неточни податоци од казнена евиденција да претставуваат пречка граѓанин да го оствари своето пасивно избирачко право, односно да учествува на изборите за градоначалник на општина Зајас како кандидат кој ги исполнува законските услови за кандидирање на оваа функција, Судот оценил дека отфрлањето на кандидатурата за градоначалник на лицето Џ. Р. како последица на ваквите неточни податоци од казнената евиденција, во суштина значи повреда на правото на политичко здружување и дејствување на ова лице, зад чија кандидатура застанала организирана група граѓани согласно постојната регулатива.

. . .

Имајќи ја предвид суштината на правото на здружување заради политичко дејствување и како тоа се манифестира, во конкретниот случај, со барањето насловено како уставна жалба, Судот констатира дека од приложениот поединечен правосилен акт РПП бр.7/19 од 08.04.2019 година на Основниот суд Скопје 2 Скопје, потврден со Решение ГЖ-2664/19 од 11.07.2019 година на Апелациониот суд во Скопје, не произлегува одлучување на судските органи со кој барателите се одбиваат во нивната намера и цел за здружување преку регистрација на политичка партија заради политичко дејствување во општеството, ниту забрана за нивно политичко дејствување.

Наместо конкретни факти и докази за сторена повреда на слобода или право, акцентот во предметното барање е ставен на внатрепартиска состојба во политичката партија Левица, поточно судир на интереси помеѓу подносителите на барањето и лицето во партијата кое ја застапувало и претставувало политичката партија.

Воедно, значителен дел на наводите во барањето, се однесуваат на наводно фалсификување на исправи сторени од страна на посоченото лице коешто ја застапува партијата и кое според подносителите го узурпирал партискиот печат и штембил, што резултирало со неможност подносителите на барањето, уредно да ги печатираат и архивираат одлуките кои тие ги донеле за упис на промена на лице кое ќе ја застапува партијата за што ја воделе и предметната постапка којашто завршила со одбивање на нивниот предлог. Тие сметаат дека клучни во таа постапка биле нотарски заверените исправи со кои се докажувало „кој е легален и легитимен Президиум”, односно дека тие го сочинувале овој партиски орган како апсолутно мнозинство членови, а не Президиумот со персонален состав во кој тие не припаѓале како членови, туку други лица чие именување било сторено со фалсификат документи од страна на лицето кое ја застапувало партијата.

Според подносителите тоа биле клучни докази коишто надлежните органи не ги ценеле доволно и правилно, а со тоа и тие утврдиле погрешна и нецелосна фактичка состојба и погрешно го примениле материјалното и процесно право, кои наводи повисокиот суд не ги зел во предвид. Истите наводи и пред Уставниот суд се истакнуваат како причини за повреда на нивните слободи и права.

Меѓутоа, прашањето во однос на нивното тврдење за незаконити и нестатутарни дејствија на лицето кое ја застапувало партија поради сторен фалсификат на партиски документи, е прашање кое е предмет на оцена на други надлежни органи.

На овие околности се произнесува и Основниот суд Скопје 2 Скопје со укажување дека утврдувањето на постоење на фалсификувани исправи, е во надлежност на други органи (МВР, Јавно обвинителство, кривичен суд), бидејќи со одредбите на Кривичниот законик, фалсификувањето на исправи е инкриминирано како кривично дело со што подносителите на барањето, имале можност да иницираат соодветна постапка заради утврдување на евентуално фалсификување на исправи. Во таа насока, доколку со правосилна судска одлука евентуално би се утврдило фалсификување на исправи, како правна последица на истото, стоела можност за иницирање нова постапка за соодветен упис, при што Регистрациониот суд ќе ја имал предвид соодветната одлука на надлежниот орган по однос на тоа прашање.

Воедно, со одговор се произнесе и Апелациониот суд во Скопје, наведувајќи дека Судот во целост и доволно се произнел по секој жалбен навод меѓу кои и по наводите кои повторно се изнесуваат во барањето за заштита на слободи и права. Во одговорот се укажува и на тоа дека доколку сега подносителите биле незадоволни од одлуките на Основниот суд Скопје 2 Скопје и на Апелациониот суд во Скопје, имале законска можност во смисла на одредбите од Законот за парничната постапка да ги искористат предвидените вонредни правни лекови кои им стојат на располагање.

Судот, констатира дека со барањето за заштита на слободи и права како наводи за причините поради која се бара заштита, е околноста што подносителите сметаат дека првостепената одлука била заснована на погрешна и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешно било применето материјалното и процесното право, на што тие ги засновале своите наводи во жалбената постапка пред второстепениот суд, кои не биле прифатени, односно биле одбиени како неосновани, а кои наводи и сега се истакнуваат во барањето пред Уставниот суд за заштита на слободи и права, од што произлегува дека предмет на барањето е овој суд да се впушти во преиспитување на одлуките на судовите во поглед на фактичката состојба и примената на материјалното право.

Меѓутоа, уставно-судскиот инструмент – барање за заштита на слобода и права, не може да се користи за таа цел, поточно со интенција да се издејствува инстанционо постапување со цел преиспитување на фактичка и правна состојба, бидејќи не претставува ниту редовно ниту вонредно правно средство, туку посебно средство за заштита на слободи и права од супсидијарен карактер, што се согледува од функционалното разграничување помеѓу надлежностите на Уставниот суд и другите судови.

Уставниот суд не е супер ревизиона инстанца во однос на повисоките судски органи, односно да ги супституира редовните судови во процена на фактите и доказите кои тие ги извеле, односно да се впушта во испитување на правните недостатоци на судските одлуки, како постоењето на повреди на правилата на постапката, погрешно и нецелосно утврдената фактичка состојба, неправилно толкување на законот или негова погрешна примена во судските постапки.

Наводите за погрешна и нецелосно утврдена фактичка состојба, постоење на повреда на процесните правила или неправилна примена на материјалното право, само дополнително можат да бидат од влијание, но само кога пред Уставниот суд е презентиран акт на јавната власт со кој се одлучувало за остварување на слобода или право, односно кога со акт на јавната власт се ограничува, спречува или воопшто се оневозможува остварување на одредена слобода или право, па само во контекст на оцената и одлучувањето дали тоа вмешување на јавната власт е засновано на легитимна и разумна основа или не, ваквите наводи се предмет на разгледување.

Што значи, Уставниот суд не е надлежен да ја преиспитува фактичка состојба и примената на законите од страна на редовните судови, освен во случаите кога евентуално со судските одлуки се повредуваат уставните права на граѓаните (во случај кога судот одлучува за остварување на одредено право или слобода на граѓанинот, но при тоа одлучување судот погрешно протолкувал или применил некое уставно право или го занемарил, во случај на произволна или дискриминаторска примена на закон или ако дошло до повреда на процесни права), а во конкретниот случај не произлегува дека пред Основниот суд Скопје 2 Скопје се водела постапка и се одлучувало за остварување на слободи и права, туку постапка за упис на промена во судски регистар на веќе регистрирана политичка партија.

Во отсуство на акт од кој изворно произлегува наметнато ограничување во поглед на остварување на слободи и права, барањето за заштита на слободи и права, преку барањето за преиспитување на судските одлуки, токму се сведува на барање Уставниот суд инстанционо да постапува, што излегува надвор од уставно утврдените надлежности на Уставниот суд.

За наведеното, се посочува и на уставно-судска пракса на Уставниот суд по вакви прашања. Поточно Уставниот суд со Решение У.бр.60/2011 од 04.05.2011 година, го отфрлил барањето за заштита на слободи и права на М.А. од Куманово насловено како уставна жалба, со кое барање подносителот сметал дека со Решение бр.18.6-74105/1 од 12 ноември 2009 година на Министерството за внатрешни работи, Решение бр.37-3/2 од 16 февруари 2010 година на Комисијата за решавање на прашањата од областа на работните односи во втор степен при Владата на Република Македонија, Пресуда РО.бр.65/10 од 8 јуни 2010 година на Основниот суд Куманово и Пресуда РОЖ.бр.1203/10 од 15 февруари 2011 година на Апелациониот суд Скопје, му било повредено правото на политичко здружување и дејствување, како и дека му била сторена дискриминација по основ на политичка припадност, односно неприпадност“.

Судот во тој предмет, помеѓу другото навел и дека Уставниот суд не е надлежен да се впушти во оцена на основаност на наводите за суштествени повреди на одредбите од Законот за парничната постапка, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право, за што надлежност имаат апелационите судови, според правилата на Законот за парничната постапка, воедно и дека Уставниот суд може да ги оценува донесените акти и пресуди само од аспект на можна сторена повреда на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, но, не и да се постави како инстанционо повисок суд или орган по однос на другите правосудни или управни органи, како и да наложи извршување на пресуди донесени од редовните судови.

. . .

Според тоа, во конкретниот случај се констатирани процесни пречки поради кои овој суд не може да се впушти во одлучување по бараната заштита на правото на политичко здружување и дејствување.

За да се покрене прашањето за заштита на слободи и права, како претпоставка нужно е потребно да се приложат релевантни докази за сторена повреда, бидејќи се штитат само повредени права, но, не декларативно искажани повреди, туку поткрепени со соодветни докази за таа цел, од кои објективно ќе произлегува вмешување на јавните власти во слободите и правата на граѓаните преку ограничување на истите.

Видно од погоре изнесената уставно-судска практика, а и практика на Европскиот суд за човекови права, се забележува дека за мериторно впуштање по барање за заштита на одредено право, за кое се смета дека е спречено или ограничено, потребно е тоа ограничување или спречување да произлегува од актот на јавната власт, за што потребно е да се приложат релевантни факти и докази, поточно да се покаже prima facie (релевантни факти) за да понатаму се пристапи кон мериторно впуштање по прашањето за бараната заштита, а во конкретниот случај со барањето тие отсуствуваат.

Мериторното постапување подразбира неспорно покажување на доволно докази за вмешување на јавните власти во правото, по што товарот на докажувањето преминува на другата страна (јавната власт), која наметнала ограничување на некое право, а која ќе треба да ги објасни и оправда основите за таквото постапување. Поконкретно, при мериторното одлучување, и кај уважувањето, а и кај одбивањето на барањето, несомнено мора да постои докажана повреда на слобода или право, при што Судот со одлука одлучува дали ќе ја даде бараната заштита, или пак, ќе одбие да ја даде бараната заштита. Што значи и кај уважувањето на барањето и кај одбивањето на барањето, доказот за сторена повреда на слобода или право, со вмешување на јавната власт преку одредени наметнати ограничувања во слободите и правата, е клучен предуслов за мериторно одлучување, а кој предуслов треба да го обезбеди лицето кое бара заштита со покажување на prima facie (релевантни факти).

Следствено, при состојба на обезбедени релевантни факти и докази за сторена повреда на слобода или право, улогата на Уставниот суд, а преку тестот на проценка (применуван од страна на Европскиот суд за човекови права) е да цени дали тоа вмешување во правото, има основа во закон (дали било пропишано со закон), дали вмешувањето следело некаква легитимна цел, дали било пропорционално на легитимната цел што се следи, односно целта која сакала да се постигне, дали било неопходно во едно демократско општество, односно дали вмешувањето одговарало на „неодложна општествена потреба”.

По овие проценки, Судот, во секој конкретен случај, одлучува дали вмешувањето на јавните власти се темели на разумна и оправдана основа (ако е случај, го одбива барањето и не ја дава заштитата) или пак вмешувањето се темели на неразумна и неоправдана основа (ако е случај, го уважува барањето и ја дава заштитата).

Имајќи предвид дека посочениот поединечен правосилен акт со барањето, не претставува акт во смисла на ограничување, оневозможување или каква било забрана за подносителите, политички да се здружуваат или дејствуваат, туку станува збор за донесена судска одлука по барање за упис на промена на лице овластено за претставување и застапување на веќе регистрирана политичка партија, истото укажува дека посочените акти не се акти со кои се одлучувало за остварување на слободата на здружување на граѓаните од членот 20 од Уставот и членот 11 од Европската конвенција за човековите права.

Што се однесува до наводите во барањето, дека под слободно истапување од членот 20 од Уставот, не се подразбирало незаконско бркање на граѓаните од политичките партии, а во случајот тоа им се случило на барателите во политичката партија, Судот, погоре наведе која е суштината на правата гарантирани со овој уставен член, а и со членот 11 од Конвенцијата. Исто така од погоре изнесеното, треба да се има во вид дека заштитата се дава, заради сторена повреда на релација орган на јавните власти спрема субјектот-жртва на повреденото право.

Во наведената смисла, прашањето за односите во политичката партија помеѓу членството, нивните права и обврски, несогласувањата по одредени прашања во политичката партија, поточно наводи за повреда на правото на политичко здружување и дејствување поради внатрепартиски судири на интереси и конфликти помеѓу членовите во постојната регистрирана политичка партија и др. се внатрепартиски прашања коишто не можат да се подведат под членот 20 од Уставот.

Имено, политичката партија, како форма на политичко организирање на граѓаните, според која политичката партија претставува организирана група на идејни истомисленици кои на демократски начин се борат да ја освојат државната власт на сите нивоа, или ако власта е освоена, се борат за нејзино задржување што е можно подолго време, со цел да се обезбеди владеење на идеите и интересите на нејзиното членство, своите политичките идеи и ставови ги искажуваат преку програмата и статутот. Промената на овие идеи и ставови на одделни партиски членови значи разијдување со програмската определба на партијата, што логично би можело да доведе до истапување на одредени членови од таа политичка партија, со што се остава можност за зачленување во друга политичка партија, која посоодветно би ги одразувала политичките потреби на граѓанинот. Поконкретно, промената на политичкиот став и определба на граѓанинот, би значело негово истапување од политичката партија во која претходно бил основач или член, за што нема ограничувања за формирање на нова политичка партија или за негово зачленување во друга политичка партија, по сопствен избор. Во секој случај дали во основа станува збор за доброволно напуштање на членството или во основа станува збор за недоброволно напуштање на членството како резултат на внатрепартиски одлуки, тоа се прашања од доменот на самата партија, и не се прашања од ингеренции за јавната власт во поглед на меѓусебните односи на членството и резултатите од тие односи во врска со статусот на нивните членови.

Од суштинско значење за заштита на правото на политичко здружување и дејствување, е дали во практикувањето на овие права од страна на субјектите, постои вмешување на јавната власт, што во случајов не се презентирани релевантни факти и докази за таа цел, а при отсуство на истите, тврдењата со барањето од подносителите насловено како уставна жалба, за сторена повреда на заштитено право и слобода, остануваат непоткрепени со соодветни докази, што е пречка Уставниот суд да се впушти во одлучување по бараната заштита.

Следствено на тоа, при состојба на отсуство на акт од кој произлегува наметнато ограничување на одредена слобода или право, барањето за преиспитување на конкретните судските одлуки, од аспект на утврдена фактичка состојба и правилна примена на процесно и материјално право, се сведува на барање на инстанционо постапување, што е надвор од уставните надлежности на Уставниот суд.

5. Имајќи го предвид сето погоре изнесено, Судот утврди дека во конкретниот случај не се исполнети процесните претпоставки од членот 52 од Деловникот на Уставниот суд за впуштање во мериторно постапување и одлучување по барањето за заштита на слободите и правата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.125/2019
15 јануари 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати