Решение У.бр.75/2019

У.бр.75/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019), на седницатa одржана на 19 декември 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата за националната рамка на високообразовните квалификации („Службен весник на Република Македонија“ број 154/2010).

2. Снежана Геровска – Попчевска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената уредба е донесена во 2010 година во постапка која што не е во согласност со Уставот на Република Северна Македонија, од каде произлегувало дека е спорна нејзината примена во периодот од нејзиното влегување во сила, па се до донесувањето на Законот за националната рамка на квалификации („Службен весник на Република Македонија“ број 137/2013 и 30/2016).

Имено, Уредбата била донесена во време на важење на претходниот Закон за високото образование („Службен весник на Република Македонија” број 35/2008, 103/2008, 26/2009, 83/2009, 99/2009 и 115/2010), донесен од страна на Владата на Република Македонија, на предлог на министерот за образование, кој што не претставувал системски закон чие што извршување би требало да се уредува со Уредба.

Според наводите во иницијативата, ваков системски закон е Законот за националната рамка на квалификации со кој законодавецот поблиску ја уредил предметната материја за националната рамка на квалификации, нивоата, поднивоата на квалификации, како и усогласувањето со Европската рамка на квалификации и со Квалификациската рамка на европскиот простор на високото образование.

Оттука, вака изнесените аргументи доведувале до неколку заклучоци, и тоа:
– со Законот за национална рамка на квалификации се предвидувал рок од една година од влегување во сила на законот, да се донесат сите подзаконски акти (уредби, правилници и др.), што значело дека оспорената Уредба немала никаков основ за нејзино егзистирање во правниот поредок;
– Законот за национална рамка на квалификации по содржина ги опфаќал сите степени на образование, од основно, па се до докторски студии, што значело дека ги опфаќа и високообразовните квалификации и содржината на оспорената Уредба;
– овој закон не предвидувал децидна одредба за постоењето на оспорената Уредба по донесување на Законот, и
– со Законот за Националната рамка на квалификации се предвидувала Македонска рамка на квалификации што претставувало задолжителен национален стандард со кој се уредувало стекнувањето и користењето на квалификациите во Република Северна Македонија.

Врз основа на вака изнесеното, се предлага Уставниот суд на Република Северна Македонија да ја прифати иницијативата, да донесе решение за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената уредба, а по спроведената постапка истата да ја поништи.

Со дополнувањето на иницијативата од 17 мај 2019 година, подносителот, повикувајќи се на член 110 и член 112 од Уставот на Република Северна Македонија, како и на член 70 став 1 алинеја 1 и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, бара Судот да донесе решение за поведување на постапка и за поништување само на членот 13 од претходно целосно оспорената уредба, односно во делот „стекнати пред денот на влегување во сила на оваа Уредба“.

Во иницијативата се предлага до донесувањето на конечната одлука, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорената уредба, односно во делот на членот 13 од истата.

Ова од причина што со оваа одредба во Уредбата не се предвидувал преоден период на примена со цел усогласување на стариот со новиот систем на вреднување на високообразовните квалификации, што доведувало до дискриминација на лицата со високо образование во зависност од периодот кога го стекнале образованието што не било во согласност со Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека Уредбата е донесена врз основа на член 99 став 2 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија” број 35/2008, 103/2008, 26/2009, 83/2009, 99/2009 и 115/2010).

Предметот на уредување со одредбите на оваа Уредба, бил утврдување на Национална рамка на високообразовните квалификации со која поблиску се определуваат профилот, целите и појдовните основи за формирањето на студиските програми од првиот, вториот и третиот циклус на студии, како и студиските програми за стручното образование пократко од три години.

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорената Уредба за Националната рамка на високообразовните квалификации, објавена во „Службен весник на Република Македонија“ број 154/2010 е донесена врз основа на член 99 став 2 од претходно важечкиот Закон за високото образование („Службен весник на Република Македонија” број 35/2008, 103/2008, 26/2009, 83/2009, 99/2009 и 115/2010), кој што бил во важност се до донесувањето на новиот Закон за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ број 82/2018).

Судот, исто така утврди дека материјата која што била уредена со оспорената уредба, веќе станала предмет на уредување на Законот за националната рамка на квалификации („Службен весник на Република Македонија“ број 137/2013 и 30/2016) со кој се опфатиле образовните квалификации кои што се стекнуваат во целиот процес на образование, почнувајќи од основно образование, па се до докторски студии.

Според овој закон, Националната рамка на квалификации (НРК) претставува инструмент за воспоставување на систем на квалификации стекнати во одредена земја, со кој се дава основа за стекнување на квалификации, проодност и квалитет на квалификациите.

Според Судот, од вака изнесеното произлегува дека оспорената уредба како подзаконски акт е правно дерогирана со донесувањето на Законот за националната рамка на квалификации кој што ја уредува предметната материја од Уредбата.

Оттука, предметот на уредување во Уредбата, добил законска квалификација, а изгубил подзаконска квалификација, поради што Уредбата не е веќе во правниот поредок на Република Северна Македонија што претставува процесна пречка за одлучување по иницијативата.

Имајќи го предвид наведеното, Судот утврди дека постојат процесни пречки за постапување по иницијативата, односно исполнети се условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата.

Со оглед на наведеното, не може да се изрече ниту времена мерка според член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, како што се бара со иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.75/2019
19.12.2019 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати