Решение У.бр.76/2019

У.бр.76/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 14 став 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 4 декември 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 54 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 65/2019).

2. Божна Гаговска од Скопје до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 54 став 1 во делот: „доколку се исполнети следните услови и постапка:“ и точките 1-9 од Правилата за снабдување со топлинска енергија означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, членот 54 став 1 со точките 1-9 од Правилата за снабдување со топлинска енергија не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 30 ставови 1, 2 и 3, член 50 став 1 и член 51 од Уставот, член 8 од Законот за сопственост и други стварни права, член 24 став 1 точка 1 алинеја 15, член 30 став 1 и став 2 точка 4, член 158 став 1 и член 160 од Законот за енергетика, како и член 118 став 1 и член 119 од Законот за заштита на потрошувачите.

Пристапот на потрошувачот да користи јавна услуга бил премногу важен од аспект на заштита на човековите слободи и права и особено заштита на правото на сопственост. Уставниот суд не требало да дозволи одлуките за потрошувачите на јавни услуги, во случајов користење или некористење топлинска енергија, да ги носи снабдувачот со топлинска енергија. Користењето на јавна услуга за потребите на потрошувачот било негово индивидуално право да одлучи дали ќе користи или нема да користи јавна услуга во својата сопственост. Уставот и Законот за сопственост и други стварни права на сопственикот му гарантирале сопственоста да ја користи и со неа да располага постојано, апсолутно и исклучиво, а тоа значело располагањето и користењето на сопственоста се остварувале според слободна волја на сопственикот. При користењето на сопственоста, сопственикот имал слободна волја да одлучи дали ќе користи или нема да користи јавна услуга, во случајов со користење на топлинска енергија сопственикот индивидуално одлучувал каква јавна услуга ќе користи за загревање на својата сопственост и од кој снабдувач (член 160 од Законот за енергетика утврдувал дека потрошувачот има право на слободен избор од кој снабдувач ќе биде снабдуван со топлинска енергија).

Со член 54 став 1 точка 1 од Правилата за снабдување со топлинска енергија се барало сопственикот на посебниот дел од објектот кој бара да се исклучи било потребно да обезбеди писмена согласност за исклучување од системот на топлинска енергија од мнозинството од вкупниот број на сопственици на посебни делови на објектот. Оваа одредба не била во согласност со наведените уставни одредби, особено со темелната вредност за владеење на правото, правото на сопственост и со уставната одредба според која граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Уставното гарантирање на правото на сопственост во главата од Уставот за слободите и правата на човекот и граѓанинот за сопственикот имплицирало сопственоста да ја користи и со неа да располага постојано, апсолутно и исклучиво, а тоа значело располагањето и користењето на сопственоста се остварувало според слободната волја на сопственикот (член 30 став 3 од Уставот). Оспорената одредба од член 54 став 1 точка 1 од Правилата на сопственикот на посебниот дел од објектот му наметнувала обврска за користење или некористење на јавна услуга одлука да донесуваат мнозинството сопственици на посебните делови во станбениот објект.

Законот за заштита на потрошувачите бил основен закон којшто ги регулира односите меѓу индивидуалните потрошувачи и трговците кои продаваат стоки и услуги. Оспорената точка 1 од Правилата регулирала колективен однос, односно барала колективна одлука за индивидуална јавна услуга. Користењето на јавна услуга за потребите на потрошувачот било индивидуално право да одлучи дали ќе користи или нема да користи јавна услуга во својата сопственост.

Оспорените одредби од член 54 став 1 точките 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8 и 9 од Правилата не биле во согласност со Уставот и Законот за енергетика, затоа што за потрошувачите создавале обврски за елаборат за енергетска ефикасност и за контролор за енергетска ефикасност.

Правилата за снабдување со топлинска енергија биле подзаконски акт, а со подзаконски акт не можело да се создаваат права и обврски за физичките и правните лица. Правилата имале спроведбен технички карактер и уредувале правила во рамките на овластувањата утврдени со закон, во случајов со Законот за енергетика.

Со член 30 став 2 точка 4 од Законот за енергетика, Регулаторната комисија за енергетика била овластена со правила да го уреди „Начинот и постапката за промена на снабдувачот од страна на потрошувачот и остварувањето на правото на потрошувачот без надоместок да го промени снабдувачот.“

Со Правилата за снабдување со топлинска енергија се овозможувало на снабдувачот со топлинска енергија да постапува дискреционо и слободно да оценува без објективизирани правни стандарди и критериуми:

Прво, за енергетската ефикасност на станот врз основа на елаборатот за енергетска ефикасност, и
Второ, и по поднесувањето на комплетната документација барањето повторно дискреционо да биде одбиено (член 54 став 1 точки 4, 7 и 9).

Законот за енергетика не содржел одредби со кои се овластува снабдувачот на топлинска енергија и Регулаторната комисија дискреционо да одлучуваат за правото на граѓанинот да се исклучи од мрежата за топлинска енергија. Ова значело дека Регулаторната комисија со член 54 став 1 излегла од рамките на Законот за енергетика и според тоа тој член од Правилата не бил во согласност со Законот за енергетика.

Во иницијативата има посебна напомена дека барање за енергетска ефикасност на посебен дел од станбено-деловен објект нема правна основа ниту во меѓународната ниту во домашната регулатива. Регулаторната комисија за енергетика, без правна основа во Законот за енергетика, на снабдувачот со топлинска енергија со Правилата за снабдување му создала правна основа да бара елаборат за посебен дел од објект за енергетска ефикасност и со тоа грубо го прекршила Уставот и Законот за енергетика. Енергетската ефикасност на посебен дел од објектот била работа на сопственикот и зависела од повеќе фактори.

Во иницијативата е дадено појаснување дека директивите на Европската Унија за енергетска ефикасност на објектите од 2002/91, 2010/31 и други директиви за енергетска ефикасност, коишто се однесуваат на нејзините членки, воведувале енергетска сертификација на зградите поголеми од 1000м2 за време на изградбата, продажбата или закупот на зградата. Зградите со помала потрошувачка и поголема енергетска ефикасност добивале поголема вредност на пазарот на недвижности. Сертификатите за енергетска ефикасност на згради морало да бидат достапни до потенцијалните купувачи или закупци на објекти.

Правото на приговор до Регулаторната комисија за енергетика и во случај на одбивање на елаборатот за енергетска ефикасност и во случај на одбивање на барањето за исклучување со поднесување на целокупната документација никако не значело заштита на барателот. Барателот покрај тоа што бил изложен на финансиски трошоци за елаборат за енергетска ефикасност и за енергетски контролор (член 54 став 1 точка 6), дополнително со приговорот ќе бил изложен на финансиски трошок за административни такси и непотребно трошење на време. Регулаторната комисија за енергетика го уредувала начинот и постапката за промена на снабдувачот од страна на потрошувачот како и остварувањето на правото на потрошувачот без надоместок да го промени снабдувачот. Потрошувачот имал право на слободен избор од кој снабдувач ќе биде снабдуван со топлинска енергија.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од Правилата за снабдување со топлинска енергија и да ги поништи истите.

3. Судот на седницата утврди дека членот 54 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, гласи:

„Член 54

(1) Во станбени, станбено-деловни, деловно-станбени и деловни објекти каде распределбата на надоместокот се врши преку еден мерен уред на влез во топлинска подстаница може да се врши поединечно исклучување на посебен дел од објектот по барање на сопственикот доколку се исполнети следните услови и постапка:
1) сопственикот на посебниот дел од објектот кој што бара да се исклучи е потребно да обезбеди писмена согласност за исклучување од системот за топлинска енергија од мнозинство од вкупниот број на сопственици на посебни делови од објектот,
2) по добивање на писмената согласност од став (1), точка 1) од овој член, сопственикот на посебниот дел од објектот кој што бара да се исклучи е потребно да изготви елаборат за енергетска ефикасност, со кој се потврдува дека алтернативниот систем за греење кој што ќе се користи по исклучувањето е енергетски поефикасен, еколошки поприфатлив и значително го намалува користењето на примарна енергија потребна за испорака на единица топлинска енергија во споредба со системот за централно греење, земајќи ја предвид енергијата потребна за екстракција, конверзија, транспорт и дистрибуција,
3) барателот ангажира инженер со овластување за проектирање од областа на енергетската ефикасност за изготвување на елаборатот за енергетска ефикасност,
4) барателот му го доставува на снабдувачот елаборатот за енергетска ефикасност со барање за негово одобрување и реализирање. Доколку снабдувачот го одбие Барањето, потрошувачот има право да поднесе приговор до Регулаторната комисија за енергетика,
5) барателот пристапува кон изведба на работите во елаборатот за енергетска ефикасност по добиеното одобрување од снабдувачот,
6) барателот ангажира енергетски контролор кој што ќе потврди дека изведениот систем за греење е реализиран согласно елаборатот за енергетска ефикасност, по завршување на изведбата,
7) барателот по писмен пат го информира снабдувачот за спроведената постапка за исклучување од системот за централно греење и ја приложува целокупната документација од спроведената постапка,
8) снабдувачот по писмен пат го информира Барателот дали го прифатил неговото барање за исклучување од системот за дистрибуција на топлинска енергија,
9) доколку снабдувачот не го прифати барањето за исклучување, потрошувачот има право да поднесе приговор до Регулаторната комисија за енергетика.
(2) Сопственикот на посебен дел во станбени, станбено-деловни, деловно-станбени и деловни објекти каде распределбата на надоместокот се врши преку еден мерен уред, а во кој што сопственикот не живее или не го користи за деловни потреби, има обврска да го плаќа надоместокот за ангажирана топлинска моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно Tарифниот систем за продажба на топлинска енергија.
(3) Сопственикот кој живее или го користи објектот од став (2) од овој член, а кој е исклучен од системот за централно греење, е обврзан тоа да го докаже со приложување на валиден документ (лична карта и имотен лист), и нема обврска да го плаќа надоместокот за ангажирана топлинска моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија.“

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

а) Уставниот суд веќе ја ценел уставноста и законитоста на одредби од Правилата за снабдување со топлинска енергија коишто се однесуваат на прашањето за исклучување од дистрибутивниот систем на топлинска енергија на корисниците во објекти на колективно домување (член 53 став 1 и став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија – ”Службен весник на Република Македонија” број 97/2012), кои правила престанале да важат со денот на отпочнување на примената на новите Правила за топлинска енергија („службен весник на Република Северна Македонија“ бр.65/2019), чии одредби сега се оспоруваат.

Со претходно важечките Правила за топлинска енергија била предвидена можност и поединечен потрошувач во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред, по свое барање, да се исклучи од дистрибутивниот систем, меѓутоа, во тој случај, се барала претходно добиена согласност од вкупниот број на потрошувачи во тој колективен објект (член 53 став 1). Исто така, се предвидувало вака исклучените потрошувачи да плаќаат одреден надоместок за користење на топлинска енергија (член 53 став 2). Со иницијативата се поставувало прашање дали овие исклучени корисници се оптоварени со обврска да плаќаат за услуга којашто не ја користат.

Во одговор на овие прашања, што според Судот, е од влијание и при анализата на сега важечките Правила за топлинска енергија, Судот го оценил следното:

1) Со Одлука У.бр.125/2012 од 10.07.2013 година, помеѓу другото, Судот го укина член 53 став 1 во делот: „по претходно добиена согласност од вкупниот број на потрошувачи на тој колективен објект“ од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија” број 97/2012). Судот оценил дека законодавецот, во регулирањето на односите на сопствениците на посебни делови во објектите за колективно домување, секогаш водел сметка за согласноста или волјата на мнозинството сопственици на посебните делови. Оттука, произлегува дека барањето согласност за поединечно исклучување од дистрибутивниот систем на топлинска енергија од сите потрошувачи на тој објект, значи отстапување од наведеното начело на кое се заснова уредување на односите во колективните објекти на домување. Притоа, таквото отстапување не е резултат на волјата на законодавецот, таквиот посебен однос, поради неговата евентуална специфика, да биде уреден со закон, туку е уредено со Правилата, односно со подзаконски акт, што според Судот, претставува утврдување на права и обврски за граѓаните со подзаконски акт наместо со закон, што води кон повреда на начелото на владеењето на правото.

2) Со Решение У.бр.125/2012 од 22.05.2013 година, помеѓу другото, Судот оценил дека член 53 став 2 од Правилата е во согласност со Уставот и со закон, поради што не повел постапка за оценување на нивната уставност и законитост. Во наведеното решение, Уставниот суд оценил:

„Во објектите за колективно домување, исклучените станови од грејната инсталација заради пасивното преземање на топлинската енергија добиена како последица на поминување на топлинската енергија низ вертикалните цевки, како и заради непосредниот пренос на топлинската енергија низ материјата, односно од стан кој се снабдува со топлинска енергија кон стан кој не се снабдува со топлинска енергија, односно од подрачје со повисока температура кон подрачје со пониска температура (кондукција на топлината), предизвикуваат одземање на топлинската енергија од приклучените станови во колективното домување. Заради појавата на кондукција на топлина, исклучените станови од грејната инсталација во објектите за колективно домување се подгреваат на сметка на приклучените, а исклучените само се догреваат до бараната температура и затоа имаат помал трошок на греење во однос на оние кои се приклучени на грејната инсталација. Така, со исклучувањето всушност се нанесува штета на останатите приклучени корисници, бидејќи дел од топлинската енергија, според законот на физиката, се шири линеарно во сите правци, така што дел се пренесува и кај исклучениот корисник, без оглед дали тој тоа го бара или не. Снабдувањето со топлинска енергија во објекти на колективно домување нема ист третман како и снабдувањето со вода или електрична енергија, како што тоа најчесто се објаснува. Во колективните објекти исклучените корисници од снабдувањето со вода или електрична енергија немаат влијание врз останатите корисници на вода и електрична енергија, но исклучените станови од грејната инсталација имаат негативно влијание врз останатите корисници на топлинска енергија. Исклучените станови се пасивни корисници на топлинска енергија добиена од соседните и останатите станови во колективниот објект.

Во објекти за колективно домување каде снабдувањето со топлинска енергија е предвидено да биде преку системите за дистрибуција на топлинска енергија, не може да стане збор за несакана испорака на топлинска енергија. Сите станбени единици во колективниот објект се снабдуваат со топлинска енергија, а кај исклучените станови топлинската енергија се испорачува преку ѕидовите, подот и таванот со кои се граничи со соседните станови кај кои има испорака на топлинска енергија, како и преку вреловодните цевоводи за испорака и поврат на топлоносителот кои поминуваат низ просторот на исклучениот корисник

Оттука, произлегува дека корисникот на топлинска енергија во колективен објект не е во субординирен (подреден) однос со останатите корисници, туку станува збор за меѓусебно поврзана зависност во користењето на топлинската енергија, како и од аспект на трошоците.

Имајќи го предвид наведеното, според Судот, неспорно произлегува заклучок дека во колективните објекти за домување, и исклучените потрошувачи од топлинскиот систем објективно користат одредена топлинска енергија поради неможноста тоа да се отстрани, од каде произлегува и основаноста на обврската за истата да платат, пропорционално на потрошената енергија, а не да ја користат на сметка на неисклучените потрошувачи. Тоа значи дека исклучените потрошувачи, со оспорениот член 53 став 2 од Правилата, се задолжуваат да платат за услуга која, поради техничките карактеристики на пренос на топлинска енергија, особено изразени во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред, и покрај исклучувањето од системот, сепак ја плодоуживаат услугата, поради што основано се задолжени да платат за користењето на истата.“

б) Новите Правила за снабдување со топлинска енергија, чии одредби се оспоруваат со иницијативата, се донесени врз основа на новиот Закон за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/2018 и 96/2019).

Со членот 54 од Правилата, чиишто одделни одредби се оспоруваат, се уредуваат условите и постапката за исклучување на потрошувачите во станбени, станбено-деловни, деловно-станбени и деловни објекти каде распределбата на надоместокот се врши преку еден мерен уред на влез во топлинска потстаница. Така, се пропишува дека во таквите објекти може да се врши поединечно исклучување на посебен дел од објектот по барање на сопственикот доколку се исполнети условите и постапката пропишани со Правилата (став 1), се пропишува обврска за сопственикот на посебен дел во станбени, станбено-деловни, деловно-станбени и деловни објекти каде распределбата на надоместокот се врши преку еден мерен уред, а во којшто сопственикот не живее или не го користи за деловни потреби, да има обврска да го плаќа надоместокот за ангажирана топлинска моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно Tарифниот систем за продажба на топлинска енергија (став 2), како и се пропишува дека сопственикот кој живее или го користи објектот од став (2) од овој член, а кој е исклучен од системот за централно греење, е обврзан тоа да го докаже со приложување на валиден документ (лична карта и имотен лист) и дека нема обврска да го плаќа надоместокот за ангажирана топлинска моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија (став 3).

Со иницијативата се оспоруваат одредбите од ставот 1 на членот 54 од Правилата, со кои се пропишуваат условите и постапката за поединечно исклучување на посебен дел од објектот по барање на сопственикот.

Во однос на наводите во иницијативата, Судот го имаше предвид следното:

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и дека таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.96/2018) се уредуваат: 1) целите и начинот на спроведување на енергетската политика; 2) изградбата на енергетски објекти; 3) статусот и надлежноста на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Македонија; 4) пазарите на електрична енергија, природен гас, топлинска енергија, како и пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт; 5) начинот и постапката за утврдување и исполнување на обврските за обезбедување на јавна услуга на пазарите за електрична енергија, природен гас и топлинска енергија, како и правата и обврските на потрошувачите на енергија и корисниците на енергетските системи; 6) начинот и условите за поттикнување на користењето на обновливите извори на енергија и 7) други прашања од областа на енергетиката (член 1).

Според член 4 став 1 точки 7, 8 и 9 од Законот, енергетски дејности се: регулирано производство на топлинска енергија; дистрибуција на топлинска енергија и снабдување со топлинска енергија. Според ставот 4 на истиот член, вршителите на енергетските дејности наведени во ставот (1) точки 1) до 9) од овој член имаат обврска за обезбедување на јавна услуга при вршењето на дејноста на начин и под услови утврдени со овој закон (во натамошниот текст: регулирани дејности).

Согласно член 16 став 1 од Законот, Регулаторната комисија за енергетика е самостојно, непрофитно регулаторно тело кое го регулира и контролира начинот на вршење на енергетските дејности од овој закон.

Според член 30 од Законот:

(1) Регулаторната комисија за енергетика донесува посебни правила за снабдување со електрична енергија, топлинска енергија и природен гас.
(2) Со правилата за снабдување од ставот (1) на овој член поблиску се уредуваат општите услови и начинот на снабдување, како и меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот и потрошувачот на соодветен вид енергија и операторот на соодветниот систем, а особено:
1) условите, начинот и рокот на склучување на договорот за снабдување со соодветниот вид енергија;
2) начинот на мерење, пресметка, фактурирање и наплата на испорачаната енергија;
3) потрошувачите на кои не може да им се прекине испораката и начинот на обезбедување на гаранции за намирување на трошоците за потрошената енергија;
4) начинот и постапката за промена на снабдувачот од страна на потрошувачите и остварувањето на правото на потрошувач без надомест да го промени снабдувачот;
5) квалитетот на услугите обезбедени од страна на снабдувачите на енергија;
6) минималните услови и начинот за организациска поставеност и техничка опременост на снабдувачите на енергија за обезбедување на комуникација со потрошувачите заради обезбедување на пропишаниот квалитет на услугите коишто ги обезбедува снабдувачот;
7) обврски на снабдувачот кон различните категории на потрошувачи и специфичноста на секоја категорија на потрошувачи во однос на нивната финансиска и преговарачка способност;
8) начинот и постапките за комуникација и размена на информации помеѓу снабдувачот на енергија и операторот на соодветниот систем заради обезбедување на пропишаниот квалитет на енергијата и услугите што ги обезбедуваат операторите;
9) условите и постапката за исклучување на потрошувачите од системите за пренос или дистрибуција, во случај кога потрошувачите не ги исполнуваат обврските утврдени со закон, друг пропис и/или договор;
10) начинот, формата и рокот за поднесување на извештаи, кои снабдувачите на енергија и соодветните оператори се должни да ги достават до Регулаторната комисија за енергетика;
11) неопходните информации што снабдувачите се должни навремено да им ги обезбедат на потрошувачите во нивните сметки, како и информациите што треба да бидат јавно достапни, а се од интерес за сите потрошувачи;
12) услови и начини за снабдување на ранливи потрошувачи и
13) посебните мерки за заштита на потрошувачите.
(3) Со правилата за снабдување со електрична енергија се уредуваат правата и обврските на универзалниот снабдувач, како и правата и обврските на потрошувачите што ги снабдува.
(4) Со правилата за снабдување со природен гас и со правилата за снабдување со топлинска енергија се уредуваат правата и обврските на снабдувачот со природен гас и снабдувачот со топлинска енергија коишто имаат обврска за обезбедување на јавна услуга во снабдувањето, како и правата и обврските на потрошувачите што ги снабдуваат.
(5) Со правилата за снабдување со електрична енергија и со правилата за снабдување со природен гас се уредуваат правата и обврските на снабдувачот со електрична енергија во краен случај и снабдувачот со природен гас во краен случај.

Согласно член 158 од Законот:
(1) Снабдувачот со топлинска енергија, е должен да ги снабдува потрошувачите со кои има склучено договор за сигурно, континуирано и квалитетно снабдување со топлинска енергија во согласност со правилата за снабдување со топлинска енергија, склучените договори за снабдување и издадената лиценца.
(2) Снабдувачот со топлинска енергија, за сите системи за топлинска енергија со коишто се снабдуваат потрошувачите, е должен да склучи годишен договор со операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија за набавка на топлинска енергија за потребите на потрошувачите, по цени и тарифи претходно одобрени и објавени од Регулаторната комисија за енергетика.
(3) Договорот од ставот (2) на овој член гo одобрува Регулаторната комисија за енергетика и со него подетално се уредуваат меѓусебните права и обврски на снабдувачите и операторот на системот за дистрибуција, а се заснова на мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија и правилата за снабдување со топлинска енергија.
(4) Снабдувачот со топлинска енергија, врз основа на отчитувањата на мерните уреди и отчитувањата на уредите за локално распределување од членот 159 ставови (4) и (5) од овој закон, врши наплата на испорачаната топлинска енергија на потрошувачите по цена утврдена од Регулаторна комисија за енергетика.
(5) Снабдувачот со топлинска енергија, е должен да доставува до Регулаторната комисија за енергетика годишни извештаи за продадената топлинска енергија, според условите утврдени во лиценцата.
(6) Годишните извештаи од ставот (5) на овој член, снабдувачот со топлинска енергија е должен да ги достави и до Министерството и градоначалниците на единиците на локалната самоуправа на чија територија снабдувачот ја врши дејноста.

Согласно член 160 од Законот, потрошувачите на топлинска енергија приклучени на системот за дистрибуција на топлинска енергија имаат право на слободен избор од кој снабдувач ќе бидат снабдувани.

в) Од анализата на наведените и другите одредби од Законот за енергетика, произлегува дека право е на законодавецот да основа независни стручни тела и да им пренесува јавни овластувања, во случајов, да основа Регулаторна комисија за енергетика, на која и се пренесени овластувања во сферата на регулирањето на одделни прашања во вршењето на енергетските дејности определени со Законот за енергетика.

Регулаторната комисија за енергетика врз основа на член 24 став 1 точка 1) алинеја 15 и член 30 од Законот за енергетика, ги донела Правилата за снабдување со топлинска енергија, со кои се уредуваат општите услови и начинот на снабдување со топлинска енергија како и меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот со топлинска енергија (во понатамошниот текст: снабдувач), потрошувачите на топлинска енергија (во понатамошниот текст: потрошувачи) и операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија (во понатамошниот текст: операторот на системот за дистрибуција) (член 1).

Во однос на прашањата покренати со иницијативата, Судот го имаше предвид следното:

1) Во однос на пропишаниот критериум за барање согласност за исклучување од парното греење од 51% од станарите (член 54 став 1 точка 1 од Правилата)

Според член 30 став 2 од Уставот, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.

Во Законот за домување („Службен весник на Република Македонија“ број 99/2009, 57/2010, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 55/2013, 163/2013, 42/2014, 199/2014, 146/2015 и 31/2016) се пропишани повеќе случаи кога се бара согласност од станарите за преземање на одредени дејствија: – донесување на план за одржување на станбената зграда (член 12 став 4), определување на управител (член 18 став 1), договор за вршење на управувачки работи (член 22), раководење со собир на сопственици (член 38 став 2), формирање на заедница на сопственици-правно лице (член 54 став 1), престанок на заедницата на сопственици (член 64 став 1). Заедничко за сите овие случаи е дека одлуката е донесена ако за неа гласале повеќе од половина од сопствениците на посебните делови.

Според член 59-а алинеја 5 од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ број 130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 144/2012 и 25/2013, 79/2013, 137/2013, 163/2013, 27/2014, 28/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014, 187/2014, 44/2015, 129/2015, 217/2015, 226/2015, 30/2016, 31/2016, 39/2016, 71/2016, 132/2016 и 35/2018) доколку се работи за доградба и надградба на згради во етажна сопственост, потребно е да се обезбеди договор со заедницата на сопственици на посебни делови на објектот или писмена согласност од мнозинството сопственици на посебните делови од објектот кои претставуваат повеќе од половината од вкупната површина на објектот со имотни листови за посебните делови на објектот.

Според член 101 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права (“Службен весник на Република Македонија” број 18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010), стан, дел од стан, помошна станбена и заедничка просторија врз основа на проектна документација може да се пренамени за вршење на деловна дејност по барање на сопственикот на тој дел од зградата, ако со тоа не се загрозува безбедноста на граѓаните во зградата, ако не и се нанесува штета на зградата и ако не се оневозможуваат другите корисници во мирното користење на становите, по претходна согласност на мнозинството сопственици на становите, односно на деловните простории во зградата, односно на влезот во зградата.

Според член 110 од истиот закон, поправките и преправките на деловите од зградата што се во функција на зградата како целина, можат да се вршат врз основа на договор за заемни односи, а ако не е склучен таков договор врз основа на непосредна спогодба на мнозинството сопственици на деловите од зградата. Поправките и преправките на деловите на зградата што се во функција само на определени делови од зградата (влезови), се вршат врз основа на согласност на мнозинството сопственици на тие делови од зградата (став 1). Ако меѓу сопствениците не дојде до согласност, односно ако некој од нив не се согласи со потребата од поправките, односно преправките, надлежниот суд по предлог на заинтересираниот сопственик, односно на сопствениците, ќе одлучи во вонпарнична постапка дали да се извршат тие поправки, односно преправки, водејќи сметка за нивната оправданост (став 2).

Од наведените одредби произлегува дека законодавецот, во регулирањето на односите на сопствениците на посебни делови во објектите за колективно домување, секогаш водел сметка за согласноста или волјата на мнозинството сопственици на посебните делови бидејќи индивидуалните одлуки на сопствениците за прашања од заеднички интерес би можеле да го нарушат заедничкиот интерес на станарите.

Оттука, произлегува дека барањето согласност за поединечно исклучување од дистрибутивниот систем на топлинска енергија од мнозинството од вкупниот број на сопственици на посебните делови од објектот, како што е пропишано со член 54 став 1 точка 1 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, е во согласност со наведеното начело на кое се заснова уредување на односите во колективните објекти на домување.

Имено, индивидуалното право на сопственикот да одлучи дали ќе користи или нема да користи јавна услуга во својата сопственост од објектот не смее да го наруши заедничкиот интерес на другите сопственици на посебните делови од објектот, кое нешто се обезбедува со пропишаното мнозинско одлучување.

Во смисла на наведеното, Уставниот суд во своето Решение У.бр..125/20102 има констатирано дека во објектите за колективно домување, исклучените станови од грејната инсталација заради пасивното преземање на топлинската енергија добиена како последица на поминување на топлинската енергија низ вертикалните цевки, како и заради непосредниот пренос на топлинската енергија низ материјата, односно од стан што се снабдува со топлинска енергија кон стан што не се снабдува со топлинска енергија, односно од подрачје со повисока температура кон подрачје со пониска температура (кондукција на топлината), предизвикуваат одземање на топлинската енергија од прилкучените станови во колективното домување. Заради појавата на кондукција на топлина, исклучените станови од грејната инсталација во објектите за колективно домување се подгреваат на сметка на приклучените, а исклучените само се догреваат до бараната температура и затоа имаат помал трошок на греење во однос на оние кои се приклучени на грејната инсталација. Така, со исклучувањето всушност се нанесува штета на останатите приклучени корисници, бидејќи дел од топлинската енергија, според законот на физиката, се шири линеарно во сите правци, така што дел се пренесува и кај исклучениот корисник, без оглед дали тој тоа го бара или не. Снабдувањето со топлинска енергија во објекти на колективно домување нема ист третман како и снабдувањето со вода или електрична енергија, како што тоа најчесто се објаснува. Во колективните објекти исклучените корисници од снабдувањето со вода или електрична енергија немаат влијание врз останатите корисници на вода и електрична енергија, но исклучените станови од грејната инсталација имаат негативно влијание врз останатите корисници на топлинска енергија. Исклучените станови се пасивни корисници на топлинска енергија добиена од соседните и останатите станови во колективниот објект.

Оттука, постои меѓусебно поврзана зависност во користењето на топлинска енергија во секој поглед, особено од аспект на трошоците. Токму во таа смисла е и определбата во член 54 став 1 точка 1 од Правилата за барање на согласност за исклучување од мнозинството од вкупниот број на сопственици на посебни делови на објектот.

Имајќи го предвид наведеното, според Судот, не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 54 став 1 точка 1 од Правилата со уставните и законските одредби на кои се повикува иницијативата.

2) Во однос на прашањето кое се покренува со иницијативата, дека со Правилата, како подзаконски акт, се пропишуваат права и обврски за граѓаните, што е всушност законска материја (член 54 став 1 точки 2-9 од Правилата)

Со точките 2-9 од ставот 1 на членот 54 од Правилата, се пропишува постапка за сопственикот на посебниот дел од објектот кој сака да се исклучи од системот за централно греење. Целта на пропишаната постапка е да се добие одобрување за исклучување од страна на снабдувачот со топлинска енергија, што ќе резултира со краен исход – исклучениот од системот на централно греење во објект за колективно домување да не плаќа надоместок за топлинска енергија (член 54 став 3 од Правилата).

Од анализата на пропишаната постапка, а имајќи ја предвид целината на членот 54, произлегува дека таа подразбира одредени обврски за сопственикот на посебниот дел од објектот кој сака да се исклучи од системот за централно греење (изработка на елаборат за енергетска ефикасност, ангажирање енергетски контролор) коишто имаат за цел остварување на одредено право: ослободување од обврската за плаќање надоместок за топлинска енергија.

Според член 30 став 4 од Законот за енергетика, со правилата за снабдување со природен гас и со правилата за снабдување со топлинска енергија се уредуваат правата и обврските на снабдувачот со природен гас и снабдувачот со топлинска енергија коишто имаат обврска за обезбедување на јавна услуга во снабдувањето, како и правата и обврските на потрошувачите што ги снабдуваат.

Меѓутоа, според Судот, основано може да се постави прашањето дали така пропишаните права и обврски за сопственикот на посебниот дел од објектот, со член 54 став 1 точки 2-9 од Правилата, ги надминува законските рамки за пропишување на права и обврски на потрошувачите во редовното користење на топлинска енергија во смисла на член 30 став 4 од Законот за енергетика. Според Судот, станува збор за пропишување на нови, посебни и специфични права и обврски на граѓаните, за прашања коишто не се дел од редовното користење на топлинската енергија, а пропишувањето на такви права и обврски за граѓаните со подзаконски акт, наместо со закон, води кон повреда на начелото на владеењето на правото, што уставно не е дозволено. Притоа, треба да се има предвид дека и при пропишувањето на права и обврски за граѓаните со закон, што е негово уставно овластување, законодавецот е должен да води сметка граѓаните да бидат ставени во еднаква положба.

Во конкретниот случај, пропишаната постапка во член 54 став 1 од Правилата води кон остварување на право – ослободување од обврската за плаќање надоместок за топлинска енергија на сопствениците кои живеат во станот но не сакаат да ја користат топлинската енергија (став 3), кое пак право не го користат сопствениците на станот кои не го користат станот или другите корисници на системот на парно греење (став 2). Имено, според ставот 2 на истиот член од Правилата, сопственикот на посебен дел во станбени, станбено-деловни, деловно-станбени и деловни објекти каде распределбата на надоместокот се врши преку еден мерен уред, а во кој што сопственикот не живее или не го користи за деловни потреби, има обврска да го плаќа надоместокот за ангажирана топлинска моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно Tарифниот систем за продажба на топлинска енергија.

Оттука, произлегува дека со членот 54 од Правилата, сопствениците на посебен дел во станбени, станбено-деловни, деловно-станбени и деловни објекти каде распределбата на надоместокот се врши преку еден мерен уред, се ставаат во нееднаква положба во зависност од тоа дали не живеат и не го користат станот/објектот или се исклучени од системот за парно греење а живеат во објектот, односно едните подлежат на обврска за плаќање на надоместокот за ангажирана топлинска моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија (член 54 став 2), а другите се ослободени од таа обврска (член 54 став 3), иако и во двата случаи топлинската енергија се шири низ цевките, таваните, ѕидовите… на ист начин поради техничките карактеристики на пренос на топлинска енергија, особено изразени во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред. Ваквата специфика веќе била оценета од страна на Уставниот суд, со Решението У.бр.125/2012, претходно цитирано.

Според член 14 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, при испитување на уставноста на закон, односно уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт, Уставниот суд може да ја оценува уставноста и законитоста и на одредбите од прописот или другиот општ акт што не се оспорени со иницијативата.

Иако со иницијативата се оспоруваат само делови од член 54 став 1 од Правилата, односно се бара од Уставниот суд да интервенира и го отстрани од правниот поредок делот кој пропишува обврски за сопственикот на посебниот дел на објектот за колективно домување кој сака да се исклучи од системот на централно парно греење, што пак, би имало за последица тој да биде исклучен од системот само по негово барање, без никакви обврски, и особено без обврска да го плаќа надоместокот за ангажирана топлинска моќност (член 54 став 3), според Судот, природата на пропишаната материја подразбира анализа и оцена на целината на членот 54 од Правилата, зашто само во таков случај може да се согледа целината и смислата на наведената регулатива. Ова затоа што сите пропишани три става на членот 54 од Правилата се меѓусебно условени и поврзани, а само интервенирање во ставот 1 од членот, како што се бара во иницијативата, всушност би претставувало нова регулатива за прашањето, различна од сега пропишаната, со што Уставниот суд би се довел во улога на регулатор, што не е негова уставна надлежност.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај се настапени наведените деловнички претпоставки и дека Уставниот суд треба да ја оценува уставноста и законитоста на членот 54 од Правилата во целина, а не само оспорениот став 1 од овој член.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на членот 54 од Правилата за топлинска енергија со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 став 2 од Уставот и со член 30 став 4 од Законот за енергетика.

5. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.76/2019
4 декември 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати