Решение У.бр.131/2018

У.бр.131/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 25 септември 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Фуркан Велиов и др. сите од Штип, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија кои се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на расна и национална припадност, во врска со остварување на правото на образование на учениците Роми во ООУ „Гоце Делчев“-Штип.

2. Фуркан Велиов, преку законски застапник Шејнус Велиов, Серап Демирова, преку законски застапник Есма Демирова, Емира Дурмишева, преку законски застапник Билент Дурмишев, Гамзе Идризова, преку законски застапник Мехриџан Идризова, Елами Дурмишев, преку законски застапаник Џенгиз Дурмишев, Алпарен Сулиман, преку законски застапник Елсијан Сулиман, Зулфиќар Бајрам, преку законски застапник Деира Џеладинова, Ремзи Османов, преку законски застапник Бахара Османова, Фадил Шакиров, преку законски застапник Реџеп Шакиров, Ѓулизар Јашарова, преку законски застапник Селвер Јашарова, Сејдине Дестанова, преку законски застапник Северџан Дестанов, Волкан Демиров, преку законски застапник Ељбаки Демиров, Туран Демиров, преку законски застапник Седатин Демиров, Илмије Џеладинова, преку законски застапник Али Џеват Џеладинов, Левент Велиов, преку законски застапник Мустафа Велиов и Берфин Велиова, преку законски застапник Ѓулсан Велиова, ученици запишани во ООУ „Гоце Делчев” во Штип во учебната 2017/2018 година, како и Ахмет Демиров, преку законски застапник Демир Демиров, Чинар Халимов, преку законски застапник Семихан Јашаров, Адихан Мемедов, преку законски застапник Мери Парлапанова, Рожда Мемедова и Џелил Мемедов, двајцата преку законски застапник Адиле Мемедова и Мемати Мемедов, преку законски застапник Сенада Мемедова, ученици запишани во ООУ „Гоце Делчев” во Штип во учебната 2018/2019 година, сите преку полномошник Софија Бојковска, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесоа барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на расна и национална припадност, во врска со остварување на правото на образование на учениците Роми во ООУ „Гоце Делчев”-Штип.

Барањето е насочено против Република Македонија, Министерството за образование и наука, Општина Штип и Општинско основно училиште на град Штип.

Подносителите на барањето сметаат дека се жртва на директна дискриминација со сегрегација поради нивно распоредување во паралелки кои со барањето се квалификувани како сегрегирани, што за последица имало нееднаков, различен, односно понеповолен третман на подносителите во однос на останатите ученици од мешаните паралелки, кој понеповолен третман се состоел во понизок едукативно-образовен процес по квантитет (скратени часови) и квалитет (нестручен кадар и отсуство на доволна посветеност и ангажман на наставниците), со што тие биле ограничени во можностите за понатамошно успешно наобразување, следствено и ограничени можности за пристап до вработување. Различниот пристап бил заради нивната припадност на ромската етничка заедница.

Барањето започнува со цитирање на одредби од Уставот и Деловникот на Уставниот суд, а се наведува и дека барањето има за цел да го прикаже проблемот со кој се соочувале родителите подносители Роми и нивните деца, запишани на редовна настава во основното училиште „Гоце Делчев” во Штип, поточно проблемот во врска со распоредувањето на учениците првоодделенци по паралелки во учебната 2017/2018 и учебната 2018/2019 година.

Имено, во учебната 2017/2018 година, надлежните служби во основното училиште формирале три паралелки на првооделенци. Две од формираните паралелки биле со мешан состав на ученици, составени од ученици Македонци, Роми, Власи и др., додека една паралелка била формирана како чисто ромска, составена од 18 ученици Роми, а во таа паралелка биле распоредени и 16-те подносители на барањето од учебната 2017/2018 година.

(Од увидот во документацијата произлегува дека паралелката е составена од 17 ученици Роми и еден ученик Турчин, од кои 16 ученици Роми се подносители на барањето)

Откако родителите на учениците Роми дознале дека во паралелката во која нивните деца биле распоредени, немало застапено ученици со македонска национална припадност, а како што имало нивна застапеност во мешаните паралелки, покрај ученици со ромска, влашка и турска национална припадност, изразиле несогласност нивните деца да учат во таа паралалека, по кој повод на ден 04.09.2017 година, иницирале и оствариле средба со директорот на училиштето со барање да се направи нова прераспределба на запишаните првоодделенци, но средбата не вродила успех, така што очекувањата на родителите, нивните деца да се образуваат и воспитуваат во средина која го поттикнува меѓусебното почитување, толеранција, дружење и пријателство помеѓу сите заедници, останале неисполнети.

Незадоволните родители се обратиле и до референтот за ромски прашања во Општина Штип, пред Општинскиот просветен инспекторат, Подрачниот просветен инспекторат, а на крајот пред градоначалникот на Општина Штип. Наведените служби стапиле во контакт со директорот со укажување за прекинување на таквата воспоставена пракса во рок од седум дена. Во врска со настанот бил извршен и вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инспекторат, но и тоа поминало без успех, бидејќи според подносителите, директорот успеал да обезбеди потписи од родителите на учениците од мешаните паралелки дека истите не се согласуваат уште Роми да има во нивните паралелки.

Според наводите во барањето ниту еден од надлежните органи (државни, локални и други служби) не презеле (или не сакале да преземат) никакви дополнителни мерки и дејствија согласно закон, односно не презеле ниту една ефикасна мерка која би довела до десегрегација на сегрерираните паралелки во училиштето, а Законот за основното образование со членот 172-а тоа го нудел во случај кога постоеле повреди извршени од страна на директорот на основното училиште.

Откако и во учебната 2018/2019 година била објавена листата на формирани паралелки, односно повторно била формирана паралелка од 18 провооделенци составена од само ученици Роми (6 од нив се подносители на барањето), родителите повторно реагирале кај надлежните служби за таквиот начин на формирање на одделенија во училиштето, но од страна на директорот им било кажано дека чисто етничката паралелка била формирана како последица на нивната несовесност, бидејќи децата ги запишале во прво одделение по истекот на рокот и токму од тие причини дел од децата биле распоредени во една паралелка, бидејќи останатите две паралелки веќе биле формирани уште пред тоа.

Според наводите во барањето, тие тврдења биле неосновани, односно дека сите подносители биле запишани во законски предвидениот рок, односно во месец мај, а по завршување на уписниот рок, надлежните служби во училиштето, одлучиле за вкупниот број и состав на ученици кои ќе припаѓаат во едно одделение.

(Од увидот во доставената документација, Судот констатира дека сите подносители не биле запишани во законски предвидениот уписен рок.)

Понатаму, во барањето се изложува што навеле надлежните служби од ООУ „Гоце Делчев” од Штип во интервју за Институтот за човекови права од Скопје по прашањето за проблемите при запишувањето на првачињата во основните училишта, односно дека проблемот била реонизацијата која не се почитувала, но и дека проблем биле родителите на децата кои не биле Роми, едни, по чие барање се вршела распределбата на запишаните ученици по паралелки, а други кои воопшто не ги запишувале своите деца во училиштето „Гоце Делчев” од Штип кое го именувале со погрдно име како „циганско училиште”.

Во барањето се наведува дека во учебната 2016/2017 година, 54 ученици кои не биле со ромска национална припадност, иако според реонот припаѓале во ООУ „Гоце Делчев” во Штип, нивните родители одлучиле да ги запишат во друго реонско училиште. Директорот во врска со ваквата појава изјавил дека тоа водело кон опасност во иднина да се формираат чисто етнички ромски паралелки доколку се продолжела практиката родителите на децата не-Роми да ги запишуваат своите деца во друго реонско училиште.

Според наводите во барањето, опасноста за која говорел директорот станала реалност во учебната 2017/2018 година, кога за прв пат била формирана чисто ромска паралелка, а која пракса продолжила и во наредната учебна 2018/2019 година кога повторно била формирана етнички чиста паралелка.

Во барањето понатаму се наведува дека нужно било да се истакне дека како една од најважните причини за појавата на сегрегацијата во етнички мешаните средини, се издвојувало непридржувањето до одредбите за реонизација при запишувањето на учениците. Имено, според Законот за основното образование, со актот за основање на основното училиште се утврдувал и бројот на учениците и реоните од кои се опфаќале учениците, а основното училиште било должно да ги опфати учениците од својот реон. Меѓутоа проблемот произлегувал поради тоа што Законот овозможувал во основно училиште да може да се запишат ученици од друг реон или од друга општина, доколку училиштето од друг реон, имало слободни места за запишување.

Според наводите во барањето, токму бројот на слободни места бил веројатно еден од клучните точки во легислативата коишто ја овозможувале сегрегацијата. Во ситуација, кога родителот можел да го запише детето во друго основно училиште од друг реон ако за тоа има согласност од училиштето во кое се запишува (регулирано со член 50 алинеја 2 од Законот за основното образование), јасно било дека биле оставени широки можности за да се изигра одредбата со која се предвидувало сите деца да учат во најблиското училиште. Според наводите во барањето, со тоа се загрозувала заложбата за интегрирано и инклузивно образование и се овозможувала сегрегација на учениците во различни училишта врз етничка или верска основа.

Понатаму во барањето се наведуваат меѓународни акти со кои се гарантира правото на образование и еднаквиот пристап до образованието и се изложуваат примери од праксата на Европскиот суд за човекови права од кои можело да се заклучи дека меѓународното право наложувало сегрегацијата да се третира како особено остра форма на дискриминација, против која треба да се преземат сите неопходни мерки.

Во барањето се наведуваат и прописи од домашното законодавство во врска со спречување и заштита од дискриминација, меѓутоа што се однесувало до домашната легислатива и стратешки документи, сегрегацијата како поим и термин се среќавала ретко, односно постоењето на сегрегација било нотирано само во два стратешки документи, односно во Стратегијата за Ромите во Република Македонија и во Националната стратегија за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост во Република Македонија 2010-2020.

Во Стратегијата за Ромите во Република Македонија, подготвена од Министерството за труд и социјална политика во 2005 година, се нагласувало дека сегрегацијата на Ромите постоела во повеќе општествени сфери, а посебно во домувањето, образованието и во здравствените услуги за што се препорачувало нормирање на заштитни механизми против дискриминација и сегрегација. Законот за спречување и заштита од дискриминација ја забранувал дискриминацијата, но никако не ја обработувал сегрегацијата и не пропишувал проактивни мерки за нејзино сузбивање. На линија на ваквите недоречености во домашната легислатива биле заклучоците на Меѓународната мрежа на независни експерти за основните права, според кои законите за антидискриминација не биле ефикасни во справување со сегрегацијата на Ромите, без притоа да се донесат и да се имплементираат позитивни обврски насочени кон десегрегација на Ромите во образованието.

Народниот правобранител редовно алармирал за појавата на сегрегација во своите извештаи, а во извештајот за 2014 година, се наведувало дека биле спроведени активности за следење на уписите на децата во прво одделение во основно образование со цел да се утврдело дали и колку се почитувала одлуката за реонизација при уписите во основните училишта во Македонија, како и составот на паралелките во училиштата каде што учеле деца со различна етничка припадност. Меѓутоа спроведените истражувања потврдиле дека одлуката за реонизација при упис на првачиња не се почитувала еднакво во сите основни училишта и отсуствувала поголема ажурност од надлежните органи на локалната самоуправа за превенирање и надминување на сегрегацијата во училиштата на нивната територија. Во извештајот се наведувало дека сегрегацијата во државата била воочлива во неколку основни училишта во државата, меѓу кои и основното општинско училиште „Гоце Делчев” во Штип, за кое било констатирано дека состојбата на сегрегација се појавувала поради тоа што родителите одбивале да ги запишат своите деца во училишта каде што имало поголем број на деца припадници на ромската етничка заедница.

Истражувања на тема дискриминација и сегрегација спроведувале и здруженија на граѓани кои се занимавале со заштита на човековите права, како Европскиот центар за правата на Ромите од Будимпешта и Институтот за човекови права од Скопје. Како резултат на спроведено истражување во текот на 2016 година на тема сегрегација на учениците Роми во основните училишта, наведените здруженија воочиле дека ситуацијата била алармантна во Штип и со поднесок најпрво се обратиле до Општината во Штип, во кој било поставено барање за доследно почитување на одлуката за реонизација, а со чие почитување би се отстранила сегрегацијата на ромските ученици во основните училишта, а од друга страна ќе се зголемела интеграцијата на учениците Роми и ќе се развиел меѓуетничкиот живот и културата во Општина Штип. На барањето, Општината одговорила дека во целост го почитувала и го следела спроведувањето на законските одредби од посочениот Закон за основното образование.

Во барањето, покрај наведеното, се изложува што претставувала сегрегацијата како појава во општеството, односно дека таа била чин на одвојување на една група или повеќе групи од останатите, дека сегрегацијата била дефинирана како систем од репресивни мерки и постапки со кои се спречувало или се отежнувало мешање на луѓето кои се перцепирале како припадници од различни групи, дека акт на сегрегација постоел независно од тоа дали се правела од страна на државни органи или на други органи, приватни лица или структури од јавен карактер (посетување училишта, посетување болници, ресторани итн.).

Се наведува дека сегрегацијата во образованието имала повеќекратни последици, како за Ромите така и за општеството во целина бидејќи сегрегираното образование било неквалитетно и не водело до успешна инклузија на граѓаните во општеството, туку предизвикувало продлабочена сегрегација и гетоизација, дека сегрегираните училишта не давале квалитетно образование како оние од редовното образование што се спроведувало во училиштата во кои се школувало мнозинството, дека наставата се изведувала со скратено време, а компетентноста на наставниците, квалитетот на ресурсите и севкупниот наставен процес бил значително понизок.

Со барањето се смета дека за формирањето на паралелките свесен придонес имал и самиот директор бидејќи на прашање како се распоредувале учениците по одделенија, директорот одговорил дека тие станале сервисна служба на родителите, бидејќи тие доаѓале и им кажувале во кое одделение сакале да учат нивните деца и ги уценувале училишните служби дека ќе ги префрлат децата во друго училиште, ако не биле запишани кај наставничка каде што тие сакале.

Во барањето како сторители на дискриминаторски дејствија се посочуваат директорите на основното училиште (претходниот за учебната 2017/2018 и актуелниот за учебната 2018/2019 година) со наводи дека презеле дејствија на обезбедување на потписи од родителите на учениците не-Роми од мешаните паралелки, во прилог на тоа дека родителите не се согласувале да има нови деца Роми во двете мешани паралелки за кои од страна на родителите на децата Роми од етничко чистата паралелка, било побарано трансформирање.

Според наводите во барањето со наведените противправни дејствија, родителите и учениците Роми од етнички чистата паралелка биле ставени во понеповолна положба во однос на останатите родители и ученици од мешаните паралелки, кои вршеле директна дискриминација врз нив, со што се повредувало нивното право на еднаквост и заштитата од дискриминација при остварувањето на нивното уставно право на образование.

Во барањето се наведува дека со ваквите дејствија се придонесувало кон исклучување на децата Роми од редовното образование, а поради квалитетот на наставата која децата Роми ја следеле во сегрегираните паралелки, се доведувало до намалување на нивните можности за продолжување со образованието, соодветно вработување и заработувачка.

Во врска со наведеното, во барањето како прашање се поставува, дали директорот на училиштето во неговото работење бил должен да го почитува Уставот, законите и другите прописи кои налагале еднаквост во пристапот до права меѓу заедниците или бил должен селективно да ги почитува желбите на родителите не-Роми за начинот на формирањето на паралелки и составот на истите, притоа дискриминирајќи ги учениците Роми и нивните родители.

За докажување на наводите за сторена дискриминација со сегрегација, односно повреда на правото на образовние преку различен, понеповолен третман во основното училиште, подносителите се повикуваат на истражување за сегрегација на ученици Роми во основно образование во Република Македонија од страна на Здружението на граѓани Институт за човекови права Скопје и Европскиот Центар за правата на Ромите од Будимпешта, октомври 2016 година, како и изведување на доказ со распит на странки пред Уставниот суд.

На крајот, во барањето се наведува дека согласно со горенаведеното, тужителите му предлагаат на Уставниот суд да донесе одлука со која барањето за заштита на правата и слободите ќе го усвои во целост, да утврди дека Министерството за образование и наука, Општина Штип и ООУ „Гоце Делчев” од Штип, секој во рамките на своите надлежности сториле повреда на забраната за дискриминација на граѓаните по основ на расна и национална припадност во контекст на правото на образование на учениците Роми, да им забрани на Министерството за образование и наука, Општина Штип и ООУ „Гоце Делчев” од Штип во иднина да преземаат мерки кои доведуваат до директна или индиректна дискриминација на учениците Роми, а со тоа и сегрегација како посебен облик на дискриминација во сферата на образованието и да ги задолжи тужените да им ги надоместат трошоците на постапката во рок од 8 дена од денот на правосилноста на барањето за заштита на слободите и правата.

*   *   *

Во врска со доставеното барање за заштита на слободи и права, во претходната постапка се констатирани низа недостатоци и непрецизности во однос на елементите кои согласно член 50 и 51 од Деловникот на Уставниот суд треба да бидат содржани во барањето за заштита на слободи и права, за што од страна на службата на Судот, со дописи Р.бр.60/2018 од 04.12.2018 година, Р.бр.64/2018 од 07.12.2018 и У.бр.131/2018 од 15.03.2019 година, се укажува на недостатоците и на потребата од нивно отстранување, како и да се приложат доказите на кои се заснова барањето за заштита на слободи и права, а исто така подносителите беа известени од потребата да го информираат Судот, дали побарале судска заштита, односно иницирале тужба за заштита на слободите и правата пред надлежен суд.

Во доставените поднесоци за прецизирање стојат истите наводи како и во барањето, односно се повторуваат претходно изнесени наводи со дополнување дека дискриминацијата врз подносителите била сторена со дејствие од страна на претходната директорка за учебната 2017/2018 година и актуелниот директор за учебната 2018/2019 година, односно со непостапување по барањата од родителите на децата Роми да се изврши повторна прераспределба на формираните паралалеки, а со постапување по барањата од родителите од мешаните паралелки да не се врши нова прераспределба на запишаните првоодделенци.

Повторно се наведува дека, дополнително како поткрепа на дискриминаторското однесување влијаела и одлуката за реонизацијата и можноста која Законот за основно образование ја давал во однос на тоа дека родителите имале право своите деца да ги запишат и во друго реонско училиште доколку имало слободни места и други наводи кои веќе беа изнесени во барањето.

Во врска со барањето од страна на Судот да се достават сите докази во поткрепа на изнесените факти за сторена дискриминација со сегрегација, односно докази со кои се докажува тврдењето за различно, понеповолно третирање на барателите (скратени часови, некомпетентни наставници, образовна програма со понизок степен и сл.), од страна на полномошникот на барателите, такви докази не беа доставени, а на барање да се појасни и докаже дали наставно-образовната програма која се одвивала во паралелките во кои учат подносителите, е различна од онаа по која учат децата од мешаните паралелки, на истото е одговорено дека наставно-образовната програма е иста за сите паралелки, но дека по кажување на родителите Роми, проблемот бил во наставниот кадар, односно во наставниците кои го пренесувале знаењето на учениците, оценето од страна на родителите како неквалитетно и со недоволен ангажман, за што со барањето се предлага распит на странки.

Со дополнителните поднесоци се приложуваат документи коишто општо се однесуваат на истражувања, барања, одговори и сл. спроведени од здруженија на граѓани за состојбата на ученици Роми во основното образование.

Во дополнително доставените поднесоци се наведува дека во октомври-ноември 2017 година, родителите на подносителите на барањето, имале поднесено граѓанска тужба до Основен суд Скопје, преку адвокат полномошник Алма Мустафовска за што во прилог доставуваат тужба и одлуки на првостепен и второстепен суд.

Од увид во истите, ваквите наводи, не се потврдија како точни.

3. Во врска со предметното барање за заштита на слободи и права, Уставниот суд, врз основа на приложената и прибавена документација, ги констатира следните факти во врска со предметниот случај:

Градот Штип има пет реонски основни училишта и тоа: ООУ „Гоце Делчев”, ООУ „Димитар Влахов”, ООУ „Тошо Арсов”, ООУ „Ванчо Прке” и ООУ „Славејко Арсов”.

Во основните училишта во Штип, распределбата на првоодделенците се вршела врз основа на одлука за реонизација на јавните основни училишта на територијата на Општина Штип, која ги опфаќала населените места, улиците и броевите што припаѓале кон одредено училиште на територијата на Општината.

Според Законот за основното образование, основното училиште било должно да ги опфати учениците од својот реон. Според истиот закон, родителот имал право да го запише своето дете во основно училиште во реонот во кој живее или онаму каде што постојано престојува, меѓутоа според истиот закон, родителот можел да го запише детето во друго основно училиште во истиот или друг реон, ако за тоа имало согласност од училиштето во кое се запишува и доколку имало слободни места за запишување.

Од страна на училишната администрација на основното училиште „Гоце Делчев” од Штип, била забележана појава на намалување на бројот на запишани ученици првоодделенци со македонска етничка припадност. Училиштето констатирало дека според одлуката за реонизација учениците требало да бидат запишани во ООУ „Гоце Делчев”-Штип, но истите од страна на нивните родители биле запишувани во други реонски основни училишта.

Законот за основното образование ја давал таа можност, но ваквата појава од страна на училишната администрација во ООУ „Гоце Делчев”-Штип, била оценета како загрижувачка и алармантна бидејќи недоследното почитување на одлуката за реонизација на територијата на Општина Штип, не само што резултирало со намален број на ученици во нивното училиште, туку и со проблемот на неможност училиштето да ги почитува и практикува принципите на распоредување на учениците по паралелки според етничка припадност, социоекономски статус, родова припадност и др., поради намалениот број на ученици со македонска етничка припадност.

Имено, како последица од одлевање на ученици од македонската етничка припадност, основното училиште констатирало дека застапеноста на бројот на учениците Роми во училиштето се зголемувал, која застапеност и онака била присутна поради фактот што најголем број од жителите Роми во Општина Штип, живееле во населби, кои се наоѓале во непосредна близина на реонското основно училиште „Гоце Делчев” од Штип.

За таквата констатирана состојба основното училиште преземало и реализирало низа активности и мерки на терен како домашна посета на идните првачиња од страна на формирани тимови од наставници и доставување на промотивен флаер, состанок со општинскиот просветен инспектор, како и со градоначалникот, со петиција потпишана од сите наставници и стручната служба за донесување на одлука за почитување на реонизацијата од страна на сите основни училишта, се′ со цел да се опфати поголем број на ученици од реонот на основното училиште „Гоце Делчев”-Штип. Меѓутоа, резултатите од активностите и мерките коишто училиштето ги преземало во таа насока, изостанувале, бидејќи Законот, му давал право на родителот да го запише своето дете во друго реонско училиште во Општината, доколку има слободни места.

Од тие причини, уште во 2016 година, поточно на 31.05.2016 година, во основното училиште „Гоце Делчев” бил одржан состанок во присуство на директорот, одделенските наставници, предметните наставници и педагошко-психолошката служба на кој се заклучило дека основното училиште имало потреба од итна поддршка од страна на Општината во смисла на донесување на одлука што ќе значела стоп за запишување на ученици од нивното училиште во други училишта.

Следствено на заклучоците од состанокот, со допис број 03-348/1 од 29.06.2016 година, тогаш актуелната директорка се обратила до Советот на Општина Штип, со барање, Општината на седница да донесе одлука за доследно почитување на реонизацијата за запишување на ученици во прво одделение од страна на сите основни училишта во Општина Штип, односно одлука со која ќе ги задолжи сите училишта да ја почитуваат реонизацијата и само од оправдани причини да може да се запишуваат ученици од друг реон.

Во однос на ситуацијата во нивното училиште „Гоце Делчев”, било побарано да не се почитува реонизацијата од другите училишта во однос на учениците Роми, односно да се направи позитивна дискриминација, во смисла истите подеднакво да бидат распоредувани во сите училишта, а не само во реонот каде припаѓале, со цел да не дојде до групирање на учениците Роми на едно место, во едно училиште, што би било од влијание врз зголемувањето на нивното чувство за еднаквост во општеството и поттикнување на социоемоционалниот развој кај учениците.

Заедно со барањето бил доставен материјал од училиштето и тоа записник со архивски број 03-348/2 од 29.06.2016 година од состанок на вработените, со предлог мерка за изнаоѓање начин за обезбедување бесплатен превоз за учениците од ромската етничка припадност кои ќе бидат распоредени во поодалечени училишта од нивното место на живеење, се′ со цел да бидат превезувани и во останатите училишта во Општина Штип, на кој начин би се превенирала и спречила нивната етничка концентрација само во ООУ „Гоце Делчев”-Штип, бидејќи според локацијата училиштето се наоѓало во реон во кој поголем број од населението биле од ромска националност. Училиштето истакнало дека промената на Законот во однос на реонизацијата, не можела веднаш да се спроведе, но проектот позитивна дискриминација можел веднаш да се реализира.

Училиштето констатирало дека моменталната реонизација не била во прилог ниту на основното училиште „Гоце Делчев” – Штип, а ниту на учениците, од кои причини училиштето барало промена или ревидирање на реонизацијата со конкретен предлог до Советот на Општината, со предлог на улици и броеви кои треба да припаднат на одредени училишта, се′ со цел да се надминат ризиците со кои oсновното училиште „Гоце Делчев” се соочувалo.

Меѓутоа, ситуацијата за која училиштето барало преземање на мерки во 2016 година, не била надмината, така што и во учебната 2017/2018 година, 51 ученик со македонска национална припадност кои според реонизацијата требало да бидат запишани во ООУ „Гоце Делчев” – Штип во учебната 2017/2018 година, биле запишани во четири други општински училишта, односно 25 ученици во ООУ „Ванчо Прке”, 17 ученици во ООУ „Димитар Влахов”, 8 ученици во ООУ „Тошо Арсов” и 1 ученик во ООУ „Славејко Арсов”.

Состојбата на одлевање на ученици со македонска национална припадност од основното училиште „Гоце Делчев”-Штип, а од друга страна состојбата на се′ повеќе запишани ученици Роми во тоа училиште, ја зголемувало концентрацијата на ученици од ромската етничка заедница, што во учебната 2017/2018 година, било причина за формирање на паралелка на првооделенци составена од 17 ученици од ромската етничка заедница, а еден ученик од турската етничка заедница, покрај две мешани паралелки составена од ученици со различна етничка припадност.

Имено, во учебната 2017/2018 година во ООУ „Гоце Делчев” – Штип, како првоодделенци биле запишани вкупно 81 ученик, од кои 52 деца од ромската националност, 24 деца од македонската, 3 деца од турската и 2 деца од влашката националност.

Со истиот проблем основното училиште се соочило и во учебната 2018/2019 година, иако Советот на Општина Штип донел нова одлука за реонизација на јавните основни училишта на територијата на Општина Штип и усвоил Правилник за запишување на деца во основните училишта, сепак практиката на непочитување на реонизацијата продолжила, а одливот на деца од нивното училиште, пред се од македонската националност, се′ уште бил присутен.

Имено, во учебната 2018/2019 година во ООУ „Гоце Делчев” – Штип, како првоодделенци биле запишани вкупно 70 ученици, од кои 47 деца од ромската националност, 21 дете од македонската и 2 деца од турската националност.

Во одговорот од ООУ „Гоце Делчев”-Штип се наведува дека при намален број на ученици од македонската етничка припадност, основното училиште се соочило со проблемот на неможност училиштето да ги почитува и практикува принципите на распоредување на учениците по паралелки според етничка припадност, социоекономски статус, родова припадност и др.

Во одговорот, училиштето забележува дека одлуката за реонизација не се почитувала ниту од родителите на децата Роми.

Имено, поголем број на деца кои живееле на улиците „Косовска” и „Раденски пат” биле со доминантно ромско население и требало да бидат запишани во ООУ „Гоце Делчев” – Штип, но дел од учениците од ромската населба според реонизацијата не припаѓале на училиштето „Гоце Делчев” – Штип, туку на ООУ „Димитар Влахов”-Штип. Меѓутоа родителите на учениците Роми кои според реонизацијата требало да бидат запишани во ООУ „Димитар Влахов”-Штип, своите деца не ги запишувале во тоа училиште, иако биле упатувани таму да ги запишат, туку повторно ги запишувале во ООУ „Гоце Делчев” – Штип. Училиштето притоа согласно Законот за основното образование, било должно да ги запише и децата кои не припаѓаат на тоа училиште, доколку има слободни места.

Во одговорот се наведува дека воспитно образовниот процес во сите три паралелки од двете учебни години, се одвивал подеднакво за сите првоодделенци според редовната програма за основното образование.

Кон одговорот, основното училиште приложува документација во врска со активностите кои биле преземени во основното училиште по повод реакцијата кај 16 родители на ученици Роми кои биле распоредени во паралелката од учебната 2017/2018 година во која немало застапено македонски ученици.

Имено, по изразената реакција и барање на родителите Роми да се изврши трансформација на трите формирани паралелки и повторна прераспределба на учениците по паралелки со цел и нивните деца да учат во мешана паралелка, директорката на основното училиште „Гоце Делчев” -Штип, закажала итни вонредни родителски средби со родителите на учениците од трите паралелки за ден 06.09.2017 година, со единствена точка на дневен ред-прераспределба на учениците по паралелки.

Истовремено, незадоволните родители упатиле реакција и до Државниот просветен инспекторат од Штип, градоначалникот на Општина Штип, овластениот општински инспектор и други институции.

На ден 06.09.2017 година Државниот просветен инспекторат извршил вонреден инспекциски надзор во ООУ „Гоце Делчев”-Штип, во присуство на државен просветен инспектор, директорката на основното училиште и училишниот педагог, а во Записник број ИП. I бр.09-170 од 06.09.2017 година, била констатирана состојбата опишана погоре, како и тоа дека училиштето по повод настанатата состојба, закажало итни родителски средба со архивски број 02-418/1 од 05.09.2017 година.

Во текот на истиот ден (06.09.2017 година) биле одржани и закажаните вонредни родителски средби со родителите на децата од трите формирани паралелки во присуство на овластен просветен инспектор и советничка за основно образование.

Родителската средба со родителите кои го покренале прашањето за нова прераспределба на првоодделенците, завршила со едногласно прифаќање на присутните родители Роми на предлогот од директорката за нова прераспределба. Меѓутоа, на предлогот за нова прераспределба на запишаните првоодделенци од учебната 2017/2018 година, настанала реакција, но, сега од страна на родителите на децата од двете мешани паралелки кои категорички се спротивставиле на предложеното решение за повторна прераспределба на запишаните првоодделенци, кои побарале, сите ученици без разлика дали се Македонци или Роми, да си останат во своето одделение, а својот став го изразиле со петиција, доставена до училиштето на 11.09.2017 година со приемен број 03-431, а и до други институции во Општина Штип, потпишана од 50 родители.

Во приложената петиција, со дознака до основното училиште, Општина Штип, општинскиот просветен инспектор, Државниот просветен инспектор и Министерството за образование и наука, родителите навеле дека по нивното запознавање на одржаните родителски средби дека ќе се врши нова прераспределба на учениците по барање на родители чии деца учеле во друг клас, односно каде што имало само ученици од ромската етничка заедница, тие едногласно одлучиле дека не дозволуваат прераспределување на запишаните првачиња, посебно по започнувањето на наставната година, а доколку дошло до прераспределба, биле решени да ги отпишат децата од ООУ „Гоце Делчев”-Штип и да ги запишат во други училишта. Навеле и дека биле свесни за намалениот број на запишани ученици во сите училишта, како и за големиот одлив на ученици од ова училиште, но нагласиле дека слободни места имало во сите училишта.

Покрај нагласувањето на нивниот дециден став, во петицијата родителите навеле дека акцент требало да се стави и на емоционално-психолошките последици со кои ќе се соочеле учениците, бидејќи за нив веќе била започната учебната година со нивната наставничка и требало да се земе во предвид дека станувало збор за деца од кои најголем дел биле со ненавршени шест години. Кон петицијата приложиле список со потписи од родители на учениците од мешаните паралелки.

Од приложената петиција од родители кои се спротивставиле на барањето за нова прераспределба на запишаните првоодделенци, се констатирани потписи од родители на деца, не само од македонската етничка заедница, туку потписи и од родителите на децата Роми од мешаните паралелки.

Во врска со доставената петиција од родителите од двете мешани паралелки, во основното училиште повторно било разговарано со родителите кои го покренале барањето за прераспределба на сите запишани ученици во прво одделение, на што од страна на училиштето им било укажано дека со прераспределбата немало да се постигне решение на нивното барање, но дека доследно ќе се почитувала изјавата за запишување на деца од македонска етничка припадност само во таа паралелка како и дека во соработка со овластениот општински инспекторат и советникот за основно образование при Општина Штип, ќе се направел напор за запишување на деца од македонска етничка припадност од другите училишта во ООУ „Гоце Делчев”-Штип, кои припаѓале на тој реон.

Дел од родителите на учениците кои го покренале прашањето за прераспределба на паралелките, поднеле писмена изјава со приемен број 03-451 од 16.09.2017 година и прилог список на родители со своерачни потписи, дека привремено се откажуваат од своето барање за прераспределба. Во истата стојат наводи за нивното несогласување од постоење на чисто ромска паралелка и за барањето за нова прераспределба на првачињата, но дека по преземените мерки тие увиделе дека со прераспределбата немало да се реши нивното барање, бидејќи родителите на учениците од другите две паралелки доставиле петиција дека ќе ги отпишеле своите деца, со што ќе се создале услови за затворање на паралелките или создавање на три етничко чисти паралелки само со ученици од ромската етничка заедница.

Понатаму во изјавата навеле дека со оглед на тоа дека родителите на децата биле задоволни од работата на наставничката, се согласуваат нивните деца да останат во паралелката со нивната наставничка.

Една година по овие настани, по сознанието дека и во учебната 2018/2019 година, била формирана паралелка, составена од 18 ученици првоодделенци, сите Роми, 16 ученици од учебната 2017/2018 година и 6 ученици од учебната 2018/2019 година, до Уставниот суд се доставува предметното барање.

4. Според член 8 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 44 од Уставот, секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.

Според член 50 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Според членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Со член 110 алинеја 3 од Уставот е утврдено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 5 став 1 од Законот за судовите (Службен весник на Република Македонија број 58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018, 198/2018 и Службен весник на Република Северна Македонија број 96/2019) пред судовите се заштитуваат слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите субјекти во Република Македонија.

Според член 2 став 1 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија” број 103/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013, 41/2014, 116/2014, 135/2014, 10/2015, 98/2015, 145/2015, 30/2016, 127/2016, 67/2017 и 64/2018), секое дете има право на основно образование.

Според член 46 од Законот за основното образование децата во прво одделение во основното училиште се запишуваат во месец мај за следната учебна година (став 1). Во ставот 3 е уредено дека осно­вното училиште е должно да ги опфати учениците од својот реон, а основното училиште може да запише ученици од друг реон или од друга општина само доколку има слободни места за запишување (став 4). Основачот го утврдува реонот на основните училишта од кои се запишу­ваат учениците (став 5).

Според член 50 од Законот, родителот има право да го запи­ше детето во основното училиште во реонот во кој живее или каде што постојано престојува (став 1). Според став 2 родителот може да го запише детето во друго основно училиште во истиот или друг реон ако за тоа има согласност од училиштето во кое се запишува. Согласно став 3 списокот на децата од реонот за запишување во основното училиште се добива од надлежните служби во единицата на локалната самоуправа кои водат евиденција на постојаните и привремените жители. Според став 5 во текот на школувањето ученикот може да премине во друго основно училиште ако има согласност од училиштето во коешто преминува.

Со член 2 став 2 од Законот за основното образование, се забранува дискриминација по основ на пол, раса, боја на кожата, национална, социјална, политичка, верска, имотна и општествена припадност во остварување на правата од основното воспитание и образование, утврдени со овој закон.

Со член 172-а став 1 алинеја 2 од Законот, се предвидува глоба во износ од 1.200 евра во денарска противвредност, ако во основното училиште се врши дискриминација, која ќе му се изрече за прекршок на основното училиште.

Според ставот 2 на членот 172-а од Законот, глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече за прекршокот од ставот 1 на овој член на директорот на основното училиште.

Од наведените законски одредби произлегува дека Законот за основното образование забранува и санкционира дискриминација во основното училиште. Воедно, расната и друг вид дискриминација е утврдена како казниво дело со закон, односно со членот 417 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија” број 37/1996, …, 248/2018).

Со новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 101/2019) од 22.05.2019 година, поимот сегрегација се дефинира со членот 12 кој гласи:

“Сегрегација е физичко одделување на лице или група лица врз дискриминаторска основа без легитимна или објективно оправдана цел.“

Правото на еднаквост и недискриминација и правото на образование се гарантирани и со Европската конвенција за човекови права и слободи.

Во членот 14 (забрана на дискриминација) на Конвенцијата се наведува: „Уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус“.

Според член 1 од Конвенцијата против дискриминација во образова­нието на УНЕСКО изразот „дискриминација“ опфаќа секое разликување, исклучување, ограничување или предност заснована врз раса, боја на кожа, пол, јазик, вера, политичко или секое друго убедување, општествено или национално потекло, економска положба или раѓање, кое има за цел или последица уништување или нарушување на еднаквото постапување во областа на просветата, а особено: а) ограничување на пристап на кое било лице или група кон разните типови или степени образование; б) ограничување на образованието за кое било лице или група на пониско ниво; ц) воведување или задржување на одвоени просветни системи или установи за поединци или групи со резерва од членот 2 на оваа Конвенција; д) ставање на кое било лице или група во положба неспоива со достоинството на човекот;

Во членот 2 од Конвенцијата против дискриминација во образованието на УНЕСКО е наведено дека нема да се сметаат за дискриминација во смисла на членот 1 од оваа Конвенција, ако е допуштено во државата, следните случаи: а) создавање или задржување на одвоени школски системи или установи за ученици од различен пол, ако тие системи или установи обезбедуваат еднаков пристап кон образованието, ако наставниот персонал има иста стручност и ако имаат исти школски простории и опрема од ист квалитет и ако допуштаат спроведување на исти или еднакви наставни програми; б) создавање или задржување поради вера или јазик, одвоени системи или установи за образование по избор на родителите или законските старатели на учениците, ако вклучувањето во тие системи или установи е доброволно и ако образованието е во согласност со нормите кои можат да бидат пропишани или одобрени од надлежните власти, особено за образование од ист степен; ц) создавање или задржување на приватни школски установи, ако целта им е да овозможат неисклучување на која било група туку зголемување на можностите за образование кое го пружаат јавните власти, ако нивната работа одоговара за таа цел и ако образованието е во согласност со нормите кои можат да бидат пропишани или одобрени од надлежните власти, особено за образование од ист степен.

Според дефиницијата на Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ), сегрегацијата претставува акт (дејствие) со кое некое физичко или правно лице се одвојува од други врз основа на определени карактеристики (основи) без за тоа да постои објективно и разумно оправдување, во согласност со дефиницијата за дискриминација.

Погоре е наведена дефиницијата за дискриминација, односно што таа претставува, но според правилата на меѓународното право, кои се и национални правила, се прави разлика помеѓу директната и индиректната дискриминација.

Со барањето, подносителите кои се со ромска национална припадност, тврдат дека врз нив во ООУ „Гоце Делчев” во Штип, била сторена директна дискриминација со сегрегација.

Директната дискриминација постои во случај кога едно лице се става во понеповолна положба во споредба со друго лице, во идентични ситуации, а поради некој заштитен дискриминаторски основ.

Согласно наведената дефиниција, за да постои директна дискриминација:

Прво, мора да се докаже постоење на полош или понеповолен третман;
Второ, овој понеповолен третман се докажува споредувајќи ја ситуацијата со некое друго лице во идентична ситуација;

Трето, понеповолниот третман се прави по некој заштитен дискриминаторски основ; и

Четврто, потребно е да постои идентичност на ситуациите на двете лица кои се споредуваат.

Постапките кои резултираат со дискриминација без дискриминаторска цел се познати како индиректна дискриминација.

Индиректната дискриминација се појавува во случаите кога „некоја навидум неутрална одредба, критериум или практика, ги става припадниците“ на определена група (по некој дискриминаторски основ) во посебна понеповолна положба во споредба со другите лица, освен ако таквата одредба, критериум или практика е објективно оправдана за некоја легитимна цел и мерки соодветни и неопходни за постигнување на таа цел.

Тргнувајќи од наведената дефиниција, за да се докаже индиректна дискриминација, пред сѐ, треба да постои:

– одредено неутрално правило, критериум или практика (правило кое не ги третира поединците неповолно самото по себе);
– вториот елемент е неутралното правило или мерка да резултираат во „непропорционално (поголемо) исклучување на припадниците на определена група (по некој дискриминаторски основ) од можноста да се користат со некое право; и
-ваквите правила да не се неопходни и оправдани во односите во кои се употребуваат.

Доброволното дејствие кога едно лице самото се одвојува од другите врз основа на некоја карактеристика, не претставува сегрегација како форма на дискриминација.

Сегрегацијата на ромските деца вклучени во образованието може да има неколку карактеристични форми.

Повеќето од нив може да се класифицираат во три групи:

1. Сегрегација меѓу две или повеќе училишта (онаму каде што ромските деца се мнозинство). Постоењето училишта каде што повеќето или мнозинството од учениците се припадници на една етничка група, посебно од ромската заедница, е проблем кој се должи на сегрегацијата во домувањето. Таа е резултат на гетоизација на одделните населби во поголемите градови или предградија во кои традиционално живеат Ромите.
2. Сегрегација во рамките на едно училиште (онаму каде што ромските деца се тргнати настрана од другите деца за време на наставата и за време на училишните активности). Оваа форма на сегрегација (во рамките на едно исто училиште) претставува присуство на ромските и неромските ученици во исто училиште, што е повеќе суптилна по својот облик и на почетокот не е толку очигледна, изразена преку одделенија само со ромски ученици, а другите одделенија да се составени од ученици припадници на други етнички групи и
3. Сегрегација во специјални училишта (вклучувајќи училишта за деца со ментална попреченост). Оваа форма на сегрегација се состои во висока застапе­ност на ромските деца во специјалните училишта. Овие специјални учи­лишта се основани за да им помогнат на децата со ментални пречки и деца со пречки во развојот со цел да ја разберат наставната програма наменета за учениците од редовниот образовен систем. Причината за толку големото присуство на ромски деца во овие училишта е главно резултат на недостиг на разбирање на јазикот на кој тие се тестираат, културната нечувствителност итн. Но треба да се спомене и тоа дека многу родители ги запишуваат своите деца во овие училишта поради можноста да добијат помош од државата во случаи кога станува збор за дете со попреченост.

Европскиот суд за човекови права се води од концептот на сегрегација изграден од страна на Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) која во Општата препорака број 7, сегрегацијата ја дефинира како:

„Чин со кој физичко или правно лице одвојува други лица врз основа врз основа на расата, бојата на кожата, јазикот, верата, националноста, националното или етничкото потекло, без објективно и разумно оправду­вање, во согласност со предложената дефиниција на дискриминација“.

Главни елементи на дефиницијата се: прво, одделување на лица или групи на лица, второ, од други лица/групи во споредлива ситуација, и трето, без нивна информирана согласност/барање и без законот експлицитно да го дозволува тоа. (на пример: разделување на децата Роми и оние кои не се Роми во училиштето).

Според меѓународното право сегрегацијата е забранета, без оглед дали таа е намерна или последица од ненамерни процеси и се третира како особено остра форма на дискриминација.

Европскиот суд за човекови права во Стразбур постапува по индивидуални жалби на апликанти за заштита на слободи и права, за што апликантите треба да покажат присуство на процесни претпоставки за процесуирање на жалбата и мериторно постапување по истата од страна на Судот.

Системот на заштита на основните слободи и права воспоставени со Европската конвенција за човекови права се заснова врз начелото на супсидијарност при што Судот во Стразбур, особено води сметка дали се исполнети критериумите за прифатливост од членот 35 од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Според членот 35 став 1 од Конвенцијата, „Судот може да прифати случај само откако ќе бидат исцрпени сите домашни правни средства, врз основа на општо прифатените принципи од меѓународното право и во рок од 6 месеци сметано од датумот на кој е донесена конечната интерна одлука.”

Од наведеното произлегува дека Европскиот суд за човекови права се раководи од начелото на супсидијарност според кое начело Судот, ќе се впушти во постапување по апликации на жалители доколку од страна на апликантот се исцрпени сите редовни правни средства кои му стојат на располагање за заштита на слободите и правата, па дури и на вонредните правни средства доколку се сметаат за ефикасни, во спротивно апликациите се сметаат за недопуштени.

Според тоа, Европскиот суд за човекови права е супсидијарен во однос на националните системи за заштита на човековите права, со цел да им се даде можност на националните судови да постапат по прашањата од сферата на човековите слободи и права, доколку тие се повредени од страна на националните власти, преку постапување по индивидуални барања за заштита на слободи и права на човекот и граѓанинот, што е во интерес како на повредените субјекти за пристап кон правдата, а и да се коригираат националните власти во постапувања кои отстапуваат и не се во духот на меѓународните конвенции и документи за заштита на слободите и правата, со што се и се врши усогласување на домашното право со меѓународното право.

Меѓутоа, не само Европскиот суд за човекови права, туку и уставните судови на државите внимаваат на исполнетоста на процесните претпоставки во спроведувањето на нивните надлежности, во делот на заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Една од тие процесни претпоставки е субјектот кој смета дека со поединечен акт или дејствие на државните органи и институции, органите на единиците на локалната самоуправа, како и организации со јавни овластувања, му е повредено право или слобода, да ги употребил сите расположливи ефикасни правни средства коишто му ги гарантира националното законодавство и му стојат на располагање во случај на повреда на неговите слободи и права, што го дефинира супсидијарниот карактер на инструментот заштита на слободи и права и пред уставните судови на националните држави.

Според тоа, уставните судови се супсидијарни во однос на судовите, пред кои на граѓаните во националните држави им се гарантира заштита на нивните слободи и права.

*  *  *

Според член 50 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Со член 110 алинеја 3 од Уставот е утврдено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но, не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Според член 52 од Деловникот на Судот во барањето за заштита на слободи и права, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштитата, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според член 5 став 1 од Законот за судовите (Службен весник на Република Македонија број 58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018, 198/2018 и Службен весник на Република Северна Макеоднија број 96/2019) пред судовите се заштитуваат слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите субјекти во Република Македонија.

До Уставниот суд е поднесено барање за заштита на слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на расна и национална припадност, а во врска со остварување на правото на образование на ученици Роми во ООУ „Гоце Делчев” во Штип. Подносители на барањето се 16 ученици од учебната 2017/2018 година и 6 ученици од учебната 2018/2019 година, застапувани од нивните законски застапници, преку полномошник адвокат Софија Бојковска од Скопје.

Во барањето се наведува дека, во двете учебни години во ООУ „Гоце Делчев” во Штип, биле формирани по две мешани паралалеки во кои биле распоредени ученици од македонската, ромската, турската, влашката и друга национална припадност, но дека во двете учебни години биле формирани и по една сегрегирана етничко чиста паралелка во кои биле распоредени подносителите на барањето кои се припадници на ромската етничка заедница.

Подносителите наведуваат дека врз нив била сторена дискриминација со противправно, свесно преземено дејствие од страна на одговорното лице-директорот на ООУ „Гоце Делчев“ во Штип од учебната 2017/2018 година и одговорното лице-директорот од учебната 2018/2019 година, бидејќи овозможиле во наведените учебни години во училиштето да се формираат етнички чисти паралелки, преку обезбедување на потписи од родителите на учениците со македонска национална припадност, во смисла на несогласување/одбивање да се изврши повторна прераспределба на веќе формираните паралелки, со што извршиле директна дискриминација на родителите Роми и нивните деца.

Статусот на жртва на сторена дискриминација со сегрегација како посебен облик на дискриминација, подносителите го образложуваат со наводи за повреда на нивното право на образование, кое право според Уставот треба да биде достапно на секого под еднакви услови. Конкретно дека со нивното распоредување во паралелки со хомоген етнички состав, барателите не можеле под еднакви услови да го остварат уставно загаранираното право на образование, а како што тоа право им било достапно на другите ученици од двете мешани паралелки.

Поточно, подносителите наведуваат дека поради нивната сегрегираност не можеле да се образуваат и да стекнуваат образование исто како и останатите ученици од мешаните паралелки, бидејќи образовниот процес во сегрегираните паралелки по квалитет и квантитет не се одвивал како и во мешаните паралелки. Имено, во сегрегираните паралалеки наставата се изведувала со скратено време, а компетентноста на наставниците, квалитетот на ресурсите и севкупниот наставен процес бил значително понизок, така што можностите за понатамошна наобразба на барателите била намалена, а со тоа и намалени перспективите за нивно вработување и заработувачка.

Од наведените причини, барателите биле спречени во остварувањето на нивното право на образование, гарантирано со членот 44 од Уставот, следствено на што го истакнуваат предметното барање за заштита на слободи и права пред Уставниот суд.

По повод поднесеното барање за заштита на слободи и права, во текот на претходната постапка, Уставниот суд ги разгледа наводите во барањето и поднесоците за прецизирање на истото, доставени на барање од Судот, одговорот на основното училиште, како и сите останати документи во врска со предметниот случај, меѓу кои и податоците што на барање на Судот ги достави основното училиште, а кои се однесуваат на етничкиот состав на учениците во трите формирани паралелки за учебната 2017/2018 година и трите формирани паралелки за учебната 2018/2019 година.

Од доставената документација произлезе фактот дека во ООУ „Гоце Делчев“ во Штип, во учебната 2017/2018 година, како првоодделенци биле запишани вкупно 81 ученик, од кои 52 деца од ромската националност, а останатите 29 деца од другите националности, од кои 24 деца од македонската, 3 деца од турската и 2 деца од влашката национална припадност. Изразено во проценти, од вкупно запишаните 81 ученик, 64% биле деца од ромска националност, 29,6% од македонската, 3,7% од турската и 2,4% од влашката националност.

Понатаму, од документацијата произлезе дека во учебната 2017/2018 година, од вкупно запишани 52 деца Роми, 35 ученици Роми се распоредени во паралелки со мешан состав, додека 17 деца Роми од вкупните 52 запишани деца Роми, се распоредени во паралелка во која има застапено само 1 ученик од другите националности, а распоредот е како во следната табела:

Учебна 2017/2018 година

Паралелка Роми Македонци Турци Власи
I-1 – 18 ученици 17 / 1 /
I-2 – 31 ученик 22 9 / /
I-3 – 32 ученика 13 15 2 2
Вкупно: 52 24 3 2

Според податоците, во учебната 2018/2019 година, како првоодделенци биле запишани вкупно 70 ученици, од кои 47 деца од ромската националност, 21 дете од македонската и 2 деца од турската националност, распоредени во три паралелки, a изразено во проценти, од вкупно запишаните 70 ученика, 67% биле деца од ромска националност, 30% од македонската, 2,8% од турската националност.

Понатаму, од документацијата произлезе дека во учебната 2018/2019 година, од вкупно запишани 47 деца Роми, 29 ученици Роми се распоредени во паралелки со мешан состав, додека 18 деца Роми од вкупните 47 запишани деца Роми, се распоредени во паралелка во која нема застапеност ученик од другите националности, а распоредот е како во следната табела:

Учебна 2018/2019 година

Паралелка Роми Македонци Турци Власи
I-1 – 25 ученика 14 11 / /
I-2 – 27 ученика 15 10 2 /
I-3 – 18 ученика 18 / / /
Вкупно: 47 21 2 /

Од податоците произлегува дека во рамките на основното училиште „Гоце Делчев” во Штип, застапено е присуство на ромски и неромски ученици, распоредени во три паралелки за учебните 2017/2018 и 2018/1019 години, како и податокот дека ромските ученици доминираат во однос на застапеноста.

Од приложените податоци, не произлегува дека во основното училиште постојат паралелки во кои се застапени само ученици од македонската национална припадност. Произлегува дека македонските ученици учат во паралелки во кои се застапени повеќе националности (ромска, влашка, турска), во кои доминира ромската националност во однос на сите останати националности.

Од податоците не произлегува немешање на ромски и неромски ученици, односно дека запишаните ромски ученици се издвоени од неромските ученици, за што говори и податокот за застапеноста на учениците Роми во мешаните паралелки и кои се во најголем состав во однос на застапеноста на сите останати по националност ученици.

Конкретно, не произлегува податок дека училиштето има исклучиво одделенија кои се само со ромски ученици и исклучиво одделенија кои се само со македонски ученици и ученици од други етнички националности кои не се Роми. Такви одделенија нема.

Во конкретниот случај, за тврдењето дека делот од учениците Роми кои не се застапени во мешаните паралелки, туку во паралелките кои со барањето се квалификувани како сегрегирани, биле распоредени во истите исклучиво по основ на нивната етничка припадност, односно затоа што се Роми, со барањето, не само што не се приложени релевантни докази (документи), туку овие тврдење се спротивставуваат на фактот што најголем дел од запишаните ученици Роми, се застапени во мешаните паралелки, што не е спорно и за подносителите.

Во однос на наводите дека подносителите биле дискриминирани со нивно издвојување во посебни сегрегирани паралелки во кои тие биле различно, понеповолно третирани, на барање од Судот да се приложат релевантни докази со кои ќе се поткрепат ваквите наводи, докази не беа доставени, но беше одговорено дека сегрегацијата се согледувала од самиот состав на паралелките, односно од фактот што во истите не биле застапени ученици со македонска етничка припадност.

Судот, ја имаше во предвид оваа околност во разгледување на предметниот случај, меѓутоа според Судот, тоа не е доволен факт за да се пристапи кон мериторно постапување по барањето.

Наведеното од причини што сегрегација во рамките на едно исто училиште претставува присуство на ромски и неромски ученици, но ромските деца се тргнати настрана од другите деца за време на наставата и за време на училишните активности, односно едни паралелки да се составени само со ромски ученици, а другите одделенија да се составени од ученици припадници на други етнички групи.

Според Судот, податокот за етничкиот состав на предметните паралелки, односно националниот статус кои го имаат барателите, сам по себе не значи дискриминација по автоматизам, туку секое разликување, исклучување или предност заснована врз раса, боја на кожа, пол, вероисповед, политичко мислење, национално или социјално потекло, кој различен третман води до уништување или намалување на можностите на граѓаните во остварувањето на нивните уставно загарантирани права и слободи, што во секој случај треба да се докаже.

Имено, суштествено кај случаите на дискриминација е лицето кое тврди дека му е повредено правото на еднакво постапување со дискриминација, треба да ги изнесе сите факти и докази во поткрепа на своето тврдење, односно да докаже дека тој со поединечен акт или дејствие од страна на јавните власти бил дискриминиран по една или повеќе дискриминаторски основи, односно треба да покаже prima facie (релевантни факти и докази) дека бил изложен на нееднаков третман или недоволен третман во споредба со друго лице во иста ситуација.

Наводите за сторена дискриминација со сегрегација по која и да било дискриминаторска основа, а во таа смисла и наводите за неможност од остварување на слобода и право заради припадност на некоја од заштитените основи, мораат да бидат поткрепени со релевантни факти и докази од кои барем со степен на веројатност би произлегло, односно би упатувало на различен, понеповолен третман, извршен од страна на органите на јавната власт спрема лица или група на лица, како последица на етнички или други предрасуди или нетрпеливост спрема одредени лица или група на лица.

Товарот на докажување на дискриминација (prima facie – докази за суштинските факти) е на лицето кое тврди дека е дискриминирано по некоја од заштитените основи.

Лицето мора да произведе доволно докази за сите елементи во поткрепа на барањето, односно да докаже дека навистина било понеповолно третирано, и тоа да го докаже со компаратор и да го префрли товарот на докажување на дискриминаторот, по што товарот на докажувањето преминува на страната на дискриминаторот кој треба да ги побие основите на prima facie случајот или да даде оправдување за ова. Ако лицето, не успее да направи prima facie, барањето се отфрла.

Во однос на доказите за суштинските факти (prima facie), внимава и Европскиот суд за човекови права, конкретно, се цитира: „Што се однесува до товарот на докажување во оваа сфера, Судот утврдил дека штом жалителот покажал разлика во постапувањето, тогаш Владата е таа која треба да докаже дека таквото постапување е оправдано”. Цитатот е содржан во случајот Д.Х. против Чешка, кој случај како практика се посочува и во барањето.

Во конкретниот случај, со барањето отсуствуваат докази дека критериум за распоредување на подносителите во спорните паралелки било нивното етничко потекло, како и докази за да се заклучи дека со барателите ученици Роми кои наставата ја следат во паралелките, се постапувало понеповолно отколку со децата кои наставата ја следеле во мешаните паралелки од истото основно училиште.

Со барањето, обележјата на паралелките како сегрегирани се објаснуваат со фактот дека во истите немало застапено ученици со македонска етничка припадност, поточно, со фактот што во спорните паралелки не биле застапени ученици од македонската национална припадност, но како што погоре се наведе овој факт сам по себе не е доволна основа за да може Судот да се впушти во мериторно одлучување по барањето за заштита на слободи и права.

При неспорна состојба на поголема застапеност на запишани ученици Роми во основното училиште, кои по бројност доминираат во однос на учениците од останатите националности, а и од македонската националност, околноста што подносителите на барањето учат во паралелка во која нема застапено ученици Македонци, не е доволен факт за да може Судот да формира објективен заклучок за сторена сегрегација, туку потребни се други факти, но и докази во поткрепа на тие факти, кои по силата на аргументацијата би укажувале на сегрегација како остра форма на дискриминација.

Според Судот, ваквиот факт, можеби би произвел докази за суштинските факти (prima facie), но, во случај на докажани факти дека учениците од мнозинското население (Македонци) не се мешале со ученици од други националности, во случајов со учениците Роми. Во вакви случаи, спротивната страна ќе треба да докаже дека таквото постапување е оправдано (и да се приложат докази), а улогата на Уставниот суд е на основа приложените релевантни факти и докази (доколку ги има), да цени и одлучува дали ваквото немешање на ученици со различна етничка припадност (едни паралелки да се составени само со ромски ученици, а други паралалки да се составени од ученици припадници на други етнички групи), има разумна и објективна основа, односно дали станува збор за остварување на легитимна цел и дали е неопходно во едно демократско општество.

Понатаму, освен наводите за хомогениот состав на спорните паралелки во кои учат барателите, со барањето се укажува и на други факти за сторена дискриминација, искажани преку наводите за нееднакво, односно неповолно третирање на барателите распоредени во хомогените паралелки, на начин што наставата во сегрегираните паралелки била неквалитетна за разлика од двете мешани паралелки, наставата се изведувала со скратено време, а компетентноста на наставниците, квалитетот на ресурсите и севкупниот наставен процес бил значително понизок.

На барање од Уставниот суд да се приложат документи и други докази со кои ќе се поткрепат наводите за различен третман во образованието, такви не се доставени, а на ваквото барање во еден од дополнително доставените поднесоци, се одговори со наводите дека наставата во сите паралелки, односно и во мешаните, а и во оние во кои барателите се распоредени, се одвивала по иста образовна програма, поточно дека програмата не била различна, но дека од кажувањата на родителите на децата Роми, проблемот бил во наставниот кадар, односно во наставниците кои го пренесувале знаењето на учениците, оценето од страна на родителите како неквалитетно и со недоволен ангажман.

Всушност, од овие наводи произлегува дека проблемот не бил во наставно – образовната програма, која била иста за сите паралелки, туку дека по кажување на родителите на учениците Роми, проблемот бил во наставниот кадар, односно во наставниците кои го пренесувале знаењето на учениците, оценето од страна на родителите како неквалитетно и со недоволен ангажман.

Меѓутоа, впечатокот, односно забелешките на родителите кои ги имале спрема наставниците кои вршеле настава во паралелките во кои учат барателите, според Судот не може да се сметаат за докажани, објективни факти на основа на кои Уставниот суд би се впуштил во утврдување на различен третман спрема ученици поради нивната етничка припадност, односно дискриминација по етничка основа. Од друга страна прашањето за компетентноста и стручноста на наставниот кадар, односно колку тие се залагаат во нивното работење, не е прашање за кое одлучува Уставниот суд, туку други надлежни органи.

Имено, како што погоре е веќе наведено, за да може Уставниот суд мериторно да се впушти во постапување по наводи за различен (дискриминаторски) третман на лица кои се во иста ситуација, за тоа треба да се приложат објективни документи коишто ќе укажуваат на разлики во образовниот процес, по што товарот на докажување преминува на страната која дискриминира, а која ќе треба да ги објасни и оправда основите за различниот третман во образовниот процес, по што улогата на Уставниот суд е да цени дали за разликите во образовниот процес има основа во закон, дали тие разлики се насочени за постигнување на легитимна цел и дали се неопходни во едно демократско општество.

Во случајов, од страна на подносителите не се приложија релевантни документи во насока на докажување дека тие се различно, понеповолно третирани во однос на учениците од мешаните паралелки.

Напротив подносителите бараат Уставниот суд да ги утврди доказите за суштинските факти, со тоа што со барањето се предлага распит на странки и сведоци, во функција на докажување на тврдењето на сторена дискриминација со сегрегација врз ученици Роми во образованието, што води кон барање Уставниот суд во прв степен да преземе улога на друг надлежен суд да постапува по тужба за заштита на слободи и права, дотолку повеќе што и самото барање по својата форма ги има обележјата на тужба за заштита од дискриминација.

Во текот на претходната постапка пред Уставниот суд, покрај барањето за појаснување и прецизирање на изнесените наводи, како клучно се постави прашање дали барателите побарале судска заштита пред надлежните судови, а доколку побарале да се достави документација.

Со еден од поднесоците (нотиран со дата 27.03.2019 година, а примен во Уставниот суд на 02.04.2019 година), од страна на адвокатскиот застапник на барателите, се укажува дека: „Во октомври-ноември 2017 година, родителите имаат поднесено граѓанска тужба до Основниот суд Скопје, преку полномошник”.

Во конкретниот случај, иако со барањето се тврдеше дека за предметниот случај, од страна на родителите на сега барателите, била поднесена граѓанска тужба за што во прилог се доставени документи, од увид во истите не произлегува дека сега барателите поднеле тужба за заштита од дискриминација пред надлежните судови, туку невладини организации, која тужба со Решение од Основен суд Скопје 2 Скопје П4-1022/17 од 06.12.2017 година, е отфрлена како недозволена, а по вложена жалба, Апелациониот суд Скопје со Решение ТСЖ 237/18 од 26.01.2018 година, ја отфрлил жалбата на тужителите, како неоснована, потврдувајќи го првостепеното решение на првостепениот суд.

Во суштина, барањето за заштита на слободи и права истакнато пред Уставниот суд, се заснова на истражувања спроведени од страна на невладини здруженија, општо посветено на состојбата на запишани ученици Роми во основните училишта во Република Македонија, причините за незапишани ученици првоодделенци, причините за рано напуштање на образованието, појавата на сегрегација во училиштата, посочување на прописи од сферата на образованието (Закон за основното образование, одлука за реонизација на јавните основни училишта на територијата на општините) кои овозможувале појава на се поголема концентрација на ученици Роми во основни училишта, како и алармирање за преземање на мерки од страна на властите во делот на домашната легислатива со што би се спречила и надминала појавата од постоење на чисто етнички паралелки во сферата на образованието.

На основа на тие истражувања, како и на извештаи од Народниот правобранител за воочените состојби низ основните училишта во државата, се темели барањето за заштита на слободите и правата и во конкретниот случај. Меѓутоа, слободите и правата се индивидуални права, а во таа смисла заштитата од нивна повреда, се остварува индивидуално. Наместо конкретни факти и докази за сторена повреда на слобода или право, во секој индивидуален случај, акцентот во предметното барање е ставен на една општа појава и проблем односно сегрегација во образованието, а нема конкретни докази во поткрепа на наводите за повреда на одредено право на точно одредено лице што е наведено како подносител на барањето.

Кога прашањето за дискриминација вклучувајќи ја и сегрегацијата се поставува пред суд, судот има за задача врз основа на фактите и доказите што се доставени односно прибавени да утврди дали на конкретните подносители на барањето им било повредено уставното право на еднаквост и недискриминација.

Уставниот суд нема надлежност да го оценува или вреднува општиот општествен контекст поврзан со положбата на Ромите во Република Северна Македонија, туку има задача да оценува конкретни наводи, факти и докази и врз основа на уставно-правна оценка да утврди дали постои дискриминација која води до сегрегација. Или со други зборови кажано, дали во конкретниот случај подносителите на барањето можат да се сметаат дека се жртви на дискриминација односно жртви на различен третман врз основа на нивната етничка припадност како Роми, за што треба да се обезбедат докази за суштинските факти, но во основа клучно како прашање се постави дали подносителите истакнале судска заштита за повреда на нивните слободи и права, односно тужба за заштита од дискриминација пред надлежните судови, како уставно гарантирано правно средство за заштита на слободи и права согласно член 50 став 1 од Уставот.

Од овој аспект, барањето пред Уставниот суд е со квалификација на прерано поднесено барање за заштита на слободи и права имајќи предвид дека инструментот заштита на слободи и права пред Уставниот суд е од супсидијарен карактер, која супсидијарна заштита подразбира претходно исцрпување на сите редовни правни средства кои му стојат на располагање на барателот за заштита на слободите и правата, што значи да постои конечен или правосилен акт по прашањето за повреда на слободи и права, вклучително и запазување на роковите во кои потоа се бара постапување пред Уставниот суд согласно член 51 од Деловникот на Судот.

Истакнувањето на барање за заштита на слободи и права директно пред Уставниот суд, без претходно постапување на надлежен суд, се однесува за случаите на повреда на слобода или право на човекот и граѓанинот, сторени со поединечен акт или дејство, во случај кога за сторените повреди со поединечен акт или дејство на државните органи и институции, органи на единиците на локалната самоуправа, како и организации со јавни овластувања, не се предвидени или кога не постојат други ефикасни правни средства за нивна заштита.

Во конкретниот случај, за прашањето поставено со барањето, домашното законодавство обезбедува ефикасни правни средства како што е тужба за заштита од дискриминација пред надлежен суд, пред кој во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност секој може да побара заштита од повредена слобода или право, како и заштита од дискриминација.

5. Имајќи го предвид сето погоре изнесено, Судот утврди дека во конкретниот случај не се исполнети процесните претпоставки од членот 52 од Деловникот на Уставниот суд за впуштање во мериторно постапување и одлучување по барањето за заштита на слободите и правата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.131/2018
25 септември 2019 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски

Издвоено мислење по предметот У.бр.131/2018