Решение У.бр.35/2018

У.бр.35/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 27 ноември 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:

а) член 1, во делот: „а кои оствариле право на паричен надоместок по 1 јануари 1995 година“ и
б) член 2 алинеја 5, во делот: „кое остварило право на паричен надоместок по 1 јануари 1995 година и кое по остварувањето на правото на паричен надоместок не било вработено на неопределено време“, од Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата („Службен весник на Република Македонија“ бр.132/2017 и 51/2018).

2. Горан Костадиновиќ од Куманово, до Уставниот суд на Рeпублика Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на означените одредби од Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата („Службен весник на Република Македонија“ бр.132/2017).

– Според наводите во иницијативата, „Доколку се анализираат оспорените одредби од Законот, со сигурност и несомнено може да се утврди дека не се во огласност со уставно загарантираните принципи на владеење на правото, социјална правда и гаранција на човековите права. Имено, интенција на законодавецот при донесување на овој закон е материјално обезбедување на невработени лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, за одредена категорија на граѓани на кои им престанал работниот однос не по нивна волја или вина. Со оспорените делови од членовите 1 и 2 од Законот се врши селекција на граѓаните кои можат да остварат право на паричен надоместок, со што на директен начин им се ограничува на граѓаните правото на социјална правда и економска благосостојба. Ова дотолку повеќе што оваа категорија на граѓани повеќе години останале без работа и без никакви парични примања, а се воделе како вработени во исти претпријатија со доминантна државна сопственост, па со поставување на условот „да оствариле право на паричен надоместок по 1 јануари 1995 година“, практично се врши селективна правда спротивно на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија предвидени во член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 од Уставот.“

Покрај тоа, подносителот на иницијативата наведува дека: „Понатаму, потенцијалните баратели за остварување на ова право значи дека би биле одбиени доколку не оствариле право на паричен надоместок по 1 јануари 1995 година, додека пак од друга страна законодавецот ги става во привилегирана состојба граѓаните кои оствариле право на паричен надоместок по 1 јануари 1995 година, кое нешто е спротивно на член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија, со што не би добиле еднаков третман сите баратели доколку ги исполнуваат другите услови од Законот.“ Во таа смисла, подносителот на иницијативата смета дека е „ирелевантно дали барателите на ова право оствариле право на паричен надоместок по 1 јануари 1995 година бидејќи секако не го губат статусот на работник на кој му престанал работниот однос по основ на ликвидација, стечаен работник или технолошки вишок.“

Во иницијативата, понатаму, се наведува дека: „Цитираните делови од членовите 1 и 2 од Законот се во спротивност и со член 51 од Уставот на Република Македонија бидејќи законодавецот не ги усогласил со горенаведените одредби од Уставот на Република Македонија (член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 и член 9 став 2). Аналогно на членот 51 од Уставот на Република Македонија, неусогласеност на оспорените одредби од Законот со Уставот е во спротивност со принципот на владеење на правото.“

Освен тоа, „Со вака конципирани законски одредби, кои пропишуваат лицата да оствариле право на паричен надоместок по 1 јануари 1995 година, се поткопуваат и ограничуваат основните слободи и права на човекот, владеењето на правото и социјалната правда како темелни вредности на уставниот поредок, кои ограничувања се спротивни на член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.“

Подносителот на иницијативата исто така наведува дека: „Гаранција, за право на животен стандард кој му обезбедува здравје и благосостојба на секој и неговото семејство, е предвидена и во член 25 став 1 од Универзалната декларација за правата на човекот, која е меѓународно прифатена, и на индиректен начин е имплементирана како темелна вредност во член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија.“

„Покрај наведеното, оспорените одредби од Законот се двосмислени и нејасни, во смисла каков паричен надоместок би требало да остваруваат лицата, со што се овозможува во пракса да бидат различно толкувани и различно применувани.“

На крајот од иницијативата се наведува дека: „Со оспорените одредби од Законот, оваа категорија на граѓани кои повеќе години останале на улица без работа не по нивна вина и волја, се доведуваат во крајно нерамноправен третман, па доколку оспорените одредби би останале на сила ќе се одрази врз нивен личен живот и економска благосостојба.“

Со иницијативата се предлага поведување на постапка, а потоа укинување или поништување на оспорените делови од членовите 1 и 2 на означениот закон.

– Во дополнувањето на иницијативата, поднесено по приемот на иницијативата во Судот, се укажува и на тоа дека пред донесувањето на Законот, Владата на Република Македонија како предлагач на Законот и Министерството за труд и социјална политика, јавно соопштиле дека со овој закон би требало да се опфатат околу 3.000 лица на кои им престанал работниот однос во период од 1995-2016 година по основ на една од причините предвидени во членот 1 од Законот, но бидејќи тоа право на паричен надоместок не го оствариле толку граѓани според податоците од Агенцијата за вработување на Република Македонија, произлегувало дека тие органи признале дека оспорените законски одредби се применуваат селективно и дека граѓаните од оваа категорија се нееднакво третирани спротивно на уставно загарантираните права од член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9 став 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот.

Покрај тоа, Министерството за труд и социјална политика дополнително јавно соопштило дека со овој закон не се опфатени сите лица, што исто така укажувало на селективноста и нееднаквиот третман на граѓаните, при што „со оспорените одредби не им е загрозена економската благосостојба само на овие лица, туку индиректно и на нивното потесно семејство бидејќи повеќето од нив се фамилијарни луѓе. Во секој случај, со оспорените одредби не се опфаќаат поголем број на граѓани од оваа категорија, со што не би била задоволена уставната правда во целост, а граѓаните би останале материјално незаштитени.“

3. Судот на седницата го утврди следното:

3.1. Во членот 1 од Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата („Службен весник на Република Македонија“ бр.132/2017) се определува дека: „Со овој закон се уредуваат условите за стекнување и начинот на користење на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок на невработените лица на кои им престанал работниот однос по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно со 30 јуни 2017 година, а кои оствариле право на паричен надоместок по 1 јануари 1995 година, во претпријатијата со доминантна сопственост на државата (во натамошниот текст: невработено лице).“

Според член 2 од Законот, „Невработено лице во смисла на членот 1 од овој закон е лицето:

– кое било најмалку 15 години во работен однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата, утврден со М1/М2 обрасци,
– на кое му престанал работниот однос во претпријатие со доминантна сопственост на државата, по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок,
– кое на денот на влегувањето во сила на овој закон е на возраст од најмалку 52 години (жена), односно 55 години (маж),
– на кое работниот однос му престанал заклучно со 30 јуни 2017 година,
– кое остварило право на паричен надоместок по 1 јануари 1995 година и кое по остварувањето на правото на паричен надоместок не било вработено на неопределено време, односно работниот однос не му престанал по негова волја и вина.“

3.2. Законот за материјално обезбедување („Службен весник на Република Македонија“ бр.132/2017 од 20 септември 2017 година) гледан како целина, ја уредува следната материја:

* предметот на Законот e: (1) правото на паричен надоместок, (2) на невработените лица, (3) на кои им престанал работниот однос во претпријатијата со доминантна сопственост на државата, (4) престанокот на работниот однос да бил по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, (5) тие лица да оствариле право на паричен надоместок, односно да биле во работен однос после 1 јануари 1995 година и (6) работниот однос да им престанал до 30 јуни 2017 година (член 1),
* условите за остварување на правото од овој закон сe: (1) лицето да било најмалку 15 години во работен однос во државното претпријатие, според податоците од обрасците М1/М2, (2) работниот однос на лицето да престанал по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, (3) лицето да било на возраст од најмалку 52 години (жена), односно 55 години (маж), на денот на влегувањето во сила на Законот-20 септември 2017 година, (4) работниот однос на лицето да му престанал до 30 јуни 2017 година и (5) лицето да остварило право на паричен надоместок, односно да било во работен однос после 1 јануари 1995 година и кое по остварувањето на правото на паричен надоместок не било вработено на неопределено време односно работниот однос да не му престанал по негова волја или вина (член 2),
* исклучокот од условите опфатени со Законот е: (1) Законот не се однесува на лицата кои примиле испратнина поголема од 12 месечни плати над просечно исплатена месечна нето плата во Република Македонија во дадениот период (член 3),
* висината на надоместокот е: (1) 34% од просечно исплатената месечна нето плата по работник во Републиката за претходната година (член 4),
* временската рамка за остварување на правото на паричен надоместок е: (1) до вработување или пензионирање на невработеното лице, или (2) до настанување на некој од основите за престанок на правото на паричниот надоместок утврдени во Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (член 5),
* постапката за остварување на правото на паричен надоместок е: (1) лицето да поднесе барање до Агенцијата за вработување каде е евидентирано, (2) во рок од 1 (една) година од влегувањето во сила на Законот (од 20 септември 2017 година до 20 септември 2018 година), при што (3) правото се остварува од денот на поднесувањето на барањето до Агенцијата (член 6),
* последица од остварувањето на правото на паричен надоместок по овој закон е: (1) на невработеното лице му престанува правото на парични примања по други основи (член 7),
* податоците за претпријатијата во државна сопственост ги: (1) обезбедува Владата на Република Македонија, преку Централниот депозитар на хартии од вредност и Централниот регистар на Република Македонија и (2) ги доставува до Агенцијата за вработување, во рок од 15 дена од влегувањето во сила на Законот (член 8),
* упатна одредба е: (1) за прашањата кои не се уредени со овој закон, се применуваат одредбите од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност кои се однесуваат на невработените лица-корисници на паричен надоместок (член 9) и
* влегување во сила на овој закон е: (1) Законот влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ – тоа е 20 септември 2017 година (член 10).

3.3. Во Воведот на Предлог-законот за материјално обезбедување („Службен весник на Република Македонија“ бр.132/2017) се наведува дека (1) овој закон ги опфаќа сите оние невработени лица кои ги исполнуваат условите од Законот, во периодот од 1 јануари 1995 година до 30 јуни 2017 година, а (2) претходниот таков закон, Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2008 од 15 јули 2008 година и бр.33/2014 од 13 февруари 2014 година) ги опфаќал само невработените лица на кои им престанал работниот однос во наведените претпријатија во периодот од 7 април 2000 година до 31 декември 2013 година.

3.4. Законот за материјално обезбедување („Службен весник на Република Македонија“ бр.132/2017), чии одредби се оспорени, претрпел промени со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2018 од 21 март 2018 година. Притоа, Законот за изменување и дополнување на Законот за материјално обезбедување („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2018) го определува следното:

* се менува член 1 на основниот текст на Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.132/2017) и тој член сега гласи: „Со овој закон се уредуваат условите за стекнување и начинот на користење на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок на невработените лица на кои им престанал работниот однос по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок (во натамошниот текст: невработеното лице), во претпријатијата со доминантна сопственост на државата или по нивната приватизација, заклучно со 30 јуни 2017 година, а кои оствариле право на паричен надоместок по 1 јануари 1995 година“ (член 1 од измените на Законот),
* останува оспорениот дел од член 2 алинеја 5 на основниот текст на Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.132/2017), кој гласи: „кое остварило право на паричен надоместок по 1 јануари 1995 година и кое по остварувањето на правото на паричен надоместок не било вработено на неопределено време“ (член 2 од измените на Законот),
* се проширува кругот на претпријатијата за кои Владата на Република Македонија мора да достави податоци до Агенцијата за вработување во врска со остварувањето на правото на паричен надоместок по овој закон: (1) покрај за претпријатијата во доминантна сопственост на државата, Владата треба да достави податоци и за (2) претпријатијата кои претходно биле во доминантна сопственост на државата (член 3 од измените на Законот),
*примената на измените на Законот: (1) не се однесува на започнатите постапки, односно постапките започнати по основниот текст на Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.132/2017) ќе продолжат по одредбите од тој закон (член 4) и
* влегување во сила на измените на Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2018) е со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“-21 март 2018 година (член 5).

3.5. Со нов закон, Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата („Службен весник на Република Македонија“ бр.198/2018 од 31 октомври 2018 година и 241/2018 од 26 декември 2018 година) се пропишува право на паричен надоместок на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата во доминантна сопственост на државата, кои ги исполнуваат условите од овој закон, и кои се опфатени во периодот од 1 јануари 1995 година до 31 декември 2018 година (член 1 од овој закон: „…паричен надоместок на невработените лица на кои им престанал работниот однос по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно со 31 декември 2018 година, а кои оствариле право на паричен надоместок по 1 јануари 1995 година“).

Инаку, овој закон не предвидува престанок на важењето на одредбите од Законот за материјално обезбедување („Службен весник на Република Македонија“ бр.132/2017 и 51/2018), ниту пак престанување на важењето на оспорените делови од членовите 1 и 2 на тој закон, од што произлегува дека тие одредби од Законот донесен 2017 година и изменет и дополнет во 2018 година, се дел од позитивниот правен поредок и дека има процесни претпоставки за постапување по конкретнава иницијатива.

3.6. Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/97, 25/2000, 101/2000, 50/2001, 25/2003, 37/2004, 4/2005, 50/2006, 29/2007, 102/2008, 161/2008, 50/2010, 88/2010, 51/2011, 11/2012, 80/2012, 114/2012, 39/2014, 44/2014, 113/2014, 56/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 27/2016, 119/2016, 21/2018, 113/2018 и 124/2019), исто така, содржи одредби за правата на работниците во случај на невработеност (членови 62-82).

Притоа, во членот 62 од овој закон се утврдува дека „работниците кои се во работен однос, задолжително се осигурени во случај на невработеност“.Член 64 алинеја 1 од Законот определува дека едно од правата на осигурување во случај на невработеност е право на паричен надоместок, а според член 65 „право на паричен надоместок има невработено лице кое било во работен однос најмалку девет месеци непрекинато или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци“. Членот 66 од Законот пропишува дека право на паричен надоместок има невработено лице кое било во работен однос со полно работно време, во работен однос на определено време (сезонска работа) подолго од 40 часа во неделата и за работа во странство, а во членот 67 се утврдени случаите во кои не може да се оствари правото на паричен надоместок според овој закон (работникот изјавил дека сака да му престане работниот однос; работниот однос му престанал спогодбено; престанок на работниот однос по сила на закон; неоправдано изостанување од работа три работни дена; престанок на работниот однос поради кршење на дисциплината; одбивање на работникот да работи на работи на кои е распореден; одбивање да биде преземен со спогодба кај друг работодавач; одбивање обука; губење на работна способност; исполнување на услови за пензија). Со членот 68 од Законот се утврдува висината на паричниот надоместок (50% од месечната просечна нето плата на работникот, ако работникот има право на паричен надоместок до 12 месеци; 40% од просечната плата на работникот, ако има право на паричен надоместок и после истечени 12 месеци). Во членот 70 од Законот се определува дека паричниот надоместок се усогласува со порастот на трошоците на живот, а во членот 71 се пропишува временскиот период за кој се исплатува паричниот надоместок (1 месец, ако невработеното лице има стаж на осигурување најмалку 9 месеци; 2 месеци, за стаж на осигурување од 18-30 месеци; …11 месеци, ако лицето има стаж на осигурување од 22,5-25 години; 12 месеци, за стаж на осигурување над 25 години). Членот 74 од Законот се однесува на постапката за остварување на правото на паричен надоместок според овој закон (барање до Агенцијата, во рок од 30 дена од престанокот на работниот однос), а членовите 75-78 се однесуваат на запирањето и на престанокот на правото на паричен надоместок. Со членовите 80-82 од Законот се пропишува дека за остварувањето и на ова право се применуваат правилата од општата управна постапка (барање, во прв степен одлучува Агенцијата за вработување, со решение, во рок од 30 дена; жалба, во втор степен одлучува Министерството за труд и социјална политика, во рок од 15 дена, жалбата не го одлага извршувањето на решението).

3.7. Од изнесената фактичка состојба, гледана од аспектот покренат со оваа иницијатива, произлегува следното (дедуктивно презентирано, од поопшто кон поконкретно):

– (1) сите работници кои се во работен однос се задолжително осигурени во случај на невработеност, при што (2) секое невработено лице (!) кое било во работен однос подолго од 9 месеци и (!!) на кое ќе му престане работниот однос не по негова волја или вина, има право на паричен надоместок, (3) во временски период и во висина определени со закон, како и (4) во постапка утврдена со закон (членови 62-82 од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност), но
– (1) за работниците на кои им престанал работниот однос (!) во претпријатијата со доминантна сопственост на државата или (!!) по приватизацијата на тие претпријатија, законодавецот со посебен закон определил поинакво, поповолно право на паричен надоместок во висина од 34% од просечната месечна нето плата по работник во Републиката за претходната година, до пензионирање или до ново вработување, (2) ако на тие работници им престанал работниот однос под услови од посебниот закон (!) поради стечај, ликвидација или технолошки вишок односно не по нивна волја или вина, (!!) ако биле најмалку 15 години во работен однос во државното претпријатие, (!!!) ако лицето било на возраст од најмалку 52 години (жена) односно 55 години (маж), (!!!!) ако лицето не примило испратнина поголема од 12 месечни плати над просечно исплатената месечна нето плата во Републиката во дадениот период, (!!!!!) ако наведените права ги стекнал во периодот од 1 јануари 1995 година до 30 јуни 2017 година и (!!!!!!) ако лицето поднесе барање до Агенцијата за вработување каде е евидентирано, во рок од 1 година од влегувањето во сила на посебниот закон (членови 1-6 од Законот за материјално обезбедување донесен во 2017 година и изменет и дополнет во 2018 година, чии одредби се оспорени), а (3) за се друго што не е уредено со посебниот закон, се применуваат одредбите од општиот закон (членови 5 и 9 од Законот за материјално обезбедување донесен во 2017 година и изменет и дополнет во 2018 година).

Воопштувајќи ги претходно изведените факти и објективно интерпретирајќи ги, произлегува дека законодавецот пропишал посебен третман за невработените лица од (1) претпријатијата со доминантна сопственост на државата, за кои претпријатија државата одлучила да се приватизираат, (2) кои невработени лица биле „невиновни“ (им престанал работниот однос поради стечај, ликвидација или технолошки вишок) и „лојални“ на државните претпријатија (најмалку 15 години биле во работен однос во тие претпријатија) и (3) кои невработени лица биле „возрасни лица“, во периодот определен со Законот.

4. Подносителот на иницијативата ги проблематизира деловите од членовите 1 и 2 од Законот за материјално обезбедување од 2017/2018 година, во однос на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9 став 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот.

4.1. Во член 8 став 1 од Уставот се утврдува дека темелни вредности на уставниот поредок на Републиката се „основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот“ (алинеја 1), „владеењето на правото“ (алинеја 3) и „хуманизмот, социјалната правда и солидарноста“ алинеја 8).

Според член 9 став 2 од Уставот, „граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.“

Членот 51 од Уставот определува дека „во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон“ (став 1). „Секој е должен да ги почитува Уставот и законите“ (став 2).

Според член 54 став 1 од Уставот, „слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.“

Од изнесениве уставни одредби произлегува дека основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелна вредност на уставниот поредок на Републиката (член 8 став 1 алинеја 1), при што таа вредност е уставно разработена така што Уставот определува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (член 54 став 1). Понатаму, Уставот утврдува дека темелна вредност на уставниот поредок е и владеењето на правото (член 8 став 1 алинеја 3), која пак вредност е уставно разработена на тој начин што се определува дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, другите прописи со Уставот и со закон, како и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите (член 51). Исто така, Уставот утврдува дека темелна вредност на уставниот поредок е и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста (член 8 став 1 алинеја 8).

Во иницијативата не се наведува уставната разработка на темелната вредност хуманизам, социјална правда и солидарност.

4.2. Според член 34 од Уставот, „граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.“

Во членот 35 од Уставот, пак, се определува дека „Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност“ (став 1). „Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани“ (став 2).

Од изнесениве уставни одредби, кои претставуваат уставна разработка на темелната вредност хуманизам, социјална правда и солидарност утврдена од член 8 став 1 алинеја 8 на Уставот, произлегува дека (1) правото на граѓаните на социјално осигурување се утврдува со закон и со колективен договор, (2) дека социјалната сигурност на граѓаните Републиката ја остварува согласно на начелото на социјална праведност и (3) дека државата им гарантира право на помош на граѓаните кои се немоќни или неспособни за работа.

4.3. Уставните определби од членовите 34 и 35 законодавецот ги операционализирал со повеќе закони:

* еден општ закон – Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност донесен 1997 година и изменуван и дополнуван десетици пати до 2019 година.
* други посебни закони – (1) Закон за материјално обезбедување донесен 2008 година и изменуван и дополнуван 2014 година, (2) Закон за материјално обезбедување донесен 2017 година и дополнуван 2018 година, (3) Закон за материјално обезбедување донесен 2018 година и изменуван и дополнуван истата година.

Притоа, специфичност на наведените посебни закони е што континуирано го зголемуваат временскиот опфат на лицата од претпријатијата со доминантна сопственост на државата за кои државата одлучила да се приватизираат, а според кои посебни закони невработените лица имаат право на паричен надоместок (најнапред од 7 април 2000 година до 31 декември 2004 година, па е продолжено до 31 декември 2013 година; потоа од 1 јануари 1995 година до 30 јуни 2017 година, а сега од 1 јануари 1995 година до 31 декември 2018 година), со тоа што не се менуваат условите (работниот однос да им престанал без волја или вина на невработените лица, односно поради стечај, ликвидација или технолошки вишок; да се најмалку 15 години во работен однос во државното претпријатие; да имаат најмалку 52 години возраст (жена) или 55 години (маж); …), висината на паричниот надоместок исто така останува иста (34% од просечна месечна нето плата), ниту пак се менува времето на остварувањето на правото на паричен надоместок (до пензионирање или до ново вработување).

4.4. Во врска со Законот за материјално обезбедување од 2017/2018 година, чии одредби се оспорени, имајќи го предвид уставното овластување за законодавецот, со закон да го утврди правото на граѓаните на социјална сигурност во согласност со начелото на социјална праведност и да им го гарантира на граѓаните правото на помош кога се немоќни или неспособни за работа (член 34 и член 35 ставови 1 и 2), Судот утврди дека Законот има уставна основа, и во формална смисла (да се донесе закон) и во содржинска смисла (да се определат условите под кои невработените лица од наведените претпријатија можат да го остварат правото на паричен надоместок по тој закон).

5. Во однос на временскиот опфат во кој невработеното лице треба да ги исполнува условите од Законот за материјално обезбедување донесен 2017/2018 година (од 1 јануари 1995 година до 30 јуни 2017 година, а не и пред тој период), што се проблематизира со иницијативата и тоа од аспект, пред се, на начелото на еднаквост-член 9 став 2 (и последично на тоа, од аспект на основните слободи и права-член 8 алинеја 1, владеењето на правото-член 8 алинеја 3, социјална правда и солидарност-член 8 алинеја 8, согласност на Законот со Уставот-член 51, како и ограничување на слободите и правата само во случаи утврдени со Уставот-член 54 став 1), Судот утврди дека: (1) Уставот го задолжува законодавецот, при уредувањето со закон на правото на граѓаните на социјално осигурување, тоа да го прави согласно на начелото на социјална праведност-член 35 став 1 (не на начелото на еднаквост) и (2) Уставот го задолжува законодавецот, при уредувањето со закон на правото на граѓаните на социјално осигурување, на немоќните или неспособните лица да им гарантира право на помош-член 35 став 2.

Со оглед дека оспорените делови од членовите 1 и 2 од Законот за материјално обезбедување донесен 2017/2018 година го обезбедуваат начелото на социјално осигурување и правото на помош на немоќните и неспособните граѓани, во кои спаѓаат и возрасните невработени лица (жени над 52 години и мажи над 55 години), потоа лица кои биле лојални на државните претпријатија (работеле повеќе од 15 години во државни претпријатија за кои државата потоа одлучила да ги приватизира) и на кои лица им престанал работниот однос не по нивна волја или вина (туку поради стечај, ликвидација или технолошки вишок), Судот утврди дека оспорените законски одредби имаат уставна основа и уставна оправданост, поради што оцени дека не може да се постави прашање за согласноста на оспорените законски одредби со наведените одредби од Уставот.

6. Што се однесува, пак, до невработените лица кои не се опфатени со Законот чии одредби се оспорени (оние пред 1 јануари 1995 година), Судот оцени дека (1) тоа прашање според изнесените уставни определби е во делокруг на законодавецот, не на Уставниот суд и (2) и тие невработени лица не останале без право на социјално осигурување бидејќи имале право на паричен надоместок според одредбите од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност или друг вид на право на социјално осигурување (испратнина, обука, преквалификација, …).

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.35/2018
27 ноември 2019 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати