Решение У.бр.72/2019

У.бр.72/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 13 ноември 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 9 став 2 во делот: „наградата” од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите, донесена од министерот за правда, број 21-648/7 од 07.02.2019 година, („Службен весник на Република Македонија” број 32/2019).

2. Бобан Богдановски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на дел од одредбата на членот од актот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата членот 46 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија” број 72/2016, 142/2016 и 233/2018), не предвидувал награда за извршителот за извршени дејствија, доколку извршителот не извршил делумна или целосна реализација на извршната исправа, а со оспорениот член 9 став 2 од Тарифата („Службен весник на Република Македонија” број 32/2019), токму тоа се предвидувало, односно извршителот да има право на награда, независно од тоа дали ја реализирал извршната исправа или не, што значело дека извршителот имал право на награда во секој случај и доколку не презел ниту едно извршно дејствие, а посебно во случаите кога извршната исправа била правосилно укината, преиначена, поништена или ставена вон сила, непосредно по поднесување на барање за спроведување на извршување.

Со иницијативата подносителот се повикува на член 51 став 1 од Уставот, наведувајќи дека иако според наведената уставна одредба, подзаконските акти, треба да бидат во согласност со закон, во конкретниот случај оспорениот дел на членот од Тарифата, не бил во согласност со Законот, односно со членот 46 од Законот за извршување, бидејќи доверителот се задолжувал на извршителот да му плати и награда, без разлика дали дошло до реализација или не извршната исправа, а во таквите случаи, извршителот ќе наплател награда за „ништо”.

Според Тарифата од 2011 година, во случаите предвидени како и со оспорениот член 9 став 2 од Тарифата, извршителот можел најмногу да има право на надомест на трошоци за администрирање на предметот и за преземените извршни дејствија, но немал право на награда кога немало реализација на извршната исправа.

Поради наведеното со иницијативата се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспореното уредување во членот од Тарифата и негово поништување, бидејќи не бил во согласност со Законот, а со тоа и спротивен на член 51 став 1 од Уставот и принципот на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 9 став 2 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите, донесена од министерот за правда, број 21-648/7 од 07.02.2019 година, („Службен весник на Република Македонија” број 32/2019), е со следното уредување: „кога извршувањето е запрено по барање на доверителот или извршната исправа е правосилно укината, преиначена, поништена или ставена вон сила, надоместокот за обработка на предметот, цената на извршните дејствија и наградата ги плаќа доверителот.

Судот, како оспорен го утврди делот: „наградата” од член 9 став 2 од Тарифата, бидејќи од наводите од иницијативата произлегува дека предмет на оспорување е наведениот дел на членот од Тарифата.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите. (став 2)

Во Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија” број 72/2016, 142/2016 и 233/2018) е содржан членот 46 со наслов „награда и надоместок на трошоци за работа на извршителот”.

Со став 1 алинеи 1 и 2 на членот 46 од Законот, се утврдени видот на трошоците кои извршителот има право да ги наплати за дејствијата кои ги извршил во извршната постапка, а тоа се:

-надоместок за обработка на предмет, трошоци и спроведени дејствија и

-награда за реализација на извршната исправа во согласност со Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителот. Наградата за делумна или целосна реализација на извршната исправа извршителот ја наплаќа од должникот во текот на извршувањето.

Членот 9 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите („Службен весник на Република Македонија” број 32/2019), уредува дека:

(став 1) Кога извршната исправа е реализирана должникот ги плаќа надоместокот за обработка на предметот, цената на извршните дејствија, наградата на извршителот за извршените дејствија, реалните трошоци и такси.

(став 2) Кога извршувањето е запрено по барање на доверителот или извршната исправа е правосилно укината, преиначена, поништена или ставена вон сила, надоместокот за обработка на предметот, цената на извршните дејствија и наградата ги плаќа доверителот.

Со иницијативата се оспорува член 9 став 2 во делот: „наградата” од актуелната Тарифа со образложението наведено погоре, а за споредба, подносителот на иницијативата се повикува и на Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите од 2011 година („Службен весник на Република Македонија” број 9/2011), каде со член 10 став 2 од таа тарифа, не се предвидувало во истите тие случаи, обврска за доверителот да му плати на извршителот и трошоци за награда, туку само трошоци на име цена за администрирање и цена на извршни дејствија.

Од содржината на членот 9 од Тарифата произлегува дека со истиот се уредени случаите во кои должникот ги плаќа трошоците на извршителот и случаите во кои доверителот ги плаќа трошоците на извршителот во зависност од тоа дали извршната исправа е реализирана или не.

Имено, според ставот 1 на членот 9 од Тарифата, должникот е во обврска да ги плати трошоците на извршителот во случај кога извршната исправа е реализирана, што значи дека станува збор за случаи во кои доверителот успеал да го реализира своето побарување од извршната исправа, а во тие трошоци спаѓаат: надоместок за обработка на предметот, цената на извршните дејствија, наградата на извршителот за извршените дејствија, реалните трошоци и такси.

Ставот 2 на членот 9 од Тарифата, се однесува на случаите во кои доверителот е во обврска да ги плати трошоците на извршителот, а тоа се случаите во кои извршувањето е запрено по барање на доверителот, како и во случаите кога извршната исправа биде правосилно укината, преиначена, поништена или ставена вон сила, со тоа што доверителот во наведените случаи, покрај надоместокот за обработка на предметот и цената на извршните дејствија, на извршителот е обврзан да му плати и награда.

Оттука, според уредувањето во членот 9 од предметната тарифа, извршителот има право да наплати трошоци на име награда, и во случај на реализирана извршна исправа (ставот 1), а и во случај на нереализирана извршна исправа (ставот 2).

Доносителот на актот, воопшто не достави одговор и не се произнесе во однос на наводите од иницијативата за оспорување на делот од одредбата содржан во Тарифата.

5. Имајќи го предвид уредувањето со оспорениот дел: „наградата” од член 9 став 2 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите, наспрема одредбите од Законот за извршување, посветени на наградата и надоместок на трошоци за работа на извршителот, пред Судот, со основ се постави прашањето за неговата согласност со Законот, а со тоа и прашањето за неговата уставна оправданост од аспект на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.72/2019
13 ноември 2019 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Сали Мурати