Решение У.бр.86/2019

У.бр.86/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 13 ноември 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Генерален урбанистички план за град Кочани, Општина Кочани, плански период 2013-2023, бр. 09-1401/1 од 15.07.2016 година („Службен гласник на Општина Кочани“ бр.8/2016)

2 Јордан Ангелов од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука била донесена спротивно на член 8 став 1 алинеи 3 и 10 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија и со член 4 став 2 алинеи 2, 3 и 9, член 34 став 9 и член 68 ставови 1 и 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

На почеток, во иницијативата се цитираат член 8 став 1 алинеи 3 и 10 и член 51 од Уставот, член 4 став 2 алинеи 2, 3 и 9, член 34 став 9 и член 68 став 1 и став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и член 65 став 3 и 4, член 66 и член 67 став 2 од Правилникот за стандардите и нормативите за просторно и урбанистичко планирање.

Со оспорената одлука бил донесен Генерален урбанистички план за град Кочани, Општина Кочани плански период 2013-2023, во кој се предвидувале сообраќајни решенија коишто биле во спротивност со стандардите и нормативите за просторно и урбанистичко планирање коишто биле во сила во време на донесување на ГУП-от, особено во однос на функционалната класификација (улица „Стево Теодосиевски“ која претставувала магистрална улица, а не собирна улица и истата според проектираните димензии во суштина претставувала магистрална улица со максимална широчина на попречен профил од 22 метри-член 67 став 2 од Правилникот за стандардите и нормативите за просторно и урбанистичко планирање, додека со ГУП за град Кочани била наведена како собирна улица за која максималната широчина на попречниот профил според стандардите за просторно и урбанистичко планирање изнесувал 10 метри- член 67 став 4 од Правилникот за стандардите и нормативите за просторно и урбанистичко планирање).

Исто така, широчината на сообраќајните ленти и тротоари односно попречниот профил на сервисната улица „Димитар Влахов“ (широчината на сообраќајната лента за сервисна улица според член 66 став 3 алинеја 4 од Правилникот за стандардите и нормативите за урбанистичко планирање биле определени од 3.0-3.25 м, а со Предлог-планот за сервисната улица „Димитар Влахов“ била предвидена широчина на сообраќајна лента од 3.50 м и тоа само кај проширувањето на улицата кај спојот на улиците „Димитар Влахов“ и „Стево Теодосиевски“, а не било предвидено исто проширување на улицата по целата должина односно иста широчина на лентите по целата должина на улицата, а воедно широчината на тротоарот била предвидена на 2 м, иако за соседните сервисни улици била предвидена широчина на сообраќајните ленти од 3 м и широчина на тротоар од 1,5 м.

При процесот на планирање на сообраќајната мрежа не било постапено согласно стандардите и нормативите за урбанистичко планирање од член 68 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, кои ги пропишувал министерот за транспорт и врски врз основа на ставот 2 од истиот член од Правилникот за стандардите и нормативите за урбанистичко планирање, односно било постапено спротивно на член 68 став 1 и став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, според кој при изработување на генерален урбанистички план задолжително се применувале стандардите и нормативите за урбанистичко планирање со кои се уредуваат основите за рационално планирање, уредување и користење на просторот заради создавање на услови за хумано живеење и работа на граѓаните.

Во постапката за донесување на Генералниот урбанистички план не биле почитувани ниту начелото на рационално уредување и користење на просторот, начелото на услови за хумано живеење и работа на граѓаните и начелото на јавност во постапката за донесување и спроведување на планската документација.

Имено, за одржаната стручна расправа по нацртот на Генералниот урбанистички план бил изготвен извештај којшто не бил прикачен во електронска форма во информацискиот систем на е-урбанизам, со што било повредено начелото на јавност во постапката за донесување на планот и притоа не биле почитувани сите задолжителни фази од донесувањето на планот, а исто така се поставувало прашањето и дали биле прибавени сите неопходни информации и согласности од субјектите од член 32 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и дали истите биле земени во предвид, а особено во поглед на планирањето на сообраќајната мрежа поконкретно за улиците „Димитар Влахов“ и „Стево Теодосиевски“.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја поништи.

Исто така, се предлага Уставниот суд, врз основа на членот 27 од Деловникот на Уставниот суд, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука со оглед дека во тек биле постапки за експропријација заради спроведување на предметниот ГУП, поконкретно заради проширување на улиците „Димитар Влахов“ и “Стево Теодосиевски“, а имајќи предвид дека било започнато непосредно извршување на предметниот ГУП во услови кога се уште не бил донесен ДУП за подрачјето на овие улици поради што ќе настанале тешко отстранливи последици по имотот и имотните права и интереси на засегнатите граѓани за чиј имот се води или ќе се покрене постапка за експропријација

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 26 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012 и 55/2013), а согласно членот 123 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/2015, 193/2015 и 31/2016), Советот на Општина Кочани, на седницата одржана на ден 15.07.2016 година, донел Одлука за донесување на Генерален урбанистички план за град Кочани, Општина Кочани, плански период 2013-2023, бр. 09-1401/1 од 15.07.2016 година („Службен гласник на Општина Кочани“ бр.8/2016).

Одлуката има шест члена.

Според членот 1, со оваа одлука се донесува Генерален урбанистички план за град Кочани, Општина Кочани, планска документација 2013-2023, ТБ 186/13 од јуни 2016, изработен од ДПУП БИЛД ДООЕЛ експорт-импорт Скопје.

Со членот 2 од Одлуката, се определува границата на планскиот опфат за ГУП на град Кочани, а со членот 3 се определува системот на групи на класи по намени кои го сочинуваат просторниот концепт.

Со членот 4 се определува дека Урбанистичкиот план од членот 1 на оваа одлука содржи: документациона основа – текстуален и графички дел и планска документација – текстуален и графички дел.

Според членот 5, составен дел на планот е Извештајот од извршена Стручна ревизија ТБ 0306-75/15 од април 2015 изработен од ДГТУ НИМАЕР-Струга, д.е.Скопје; Извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија и Извештајот од стручна расправа бр.22-101/67 од02.06.2015 година.

Со членот 6 се определува дека оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Кочани“.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од наводите во доставената иницијатива произлегува дека подносителот ја оспорува Одлуката за донесување на ГУП за град Кочани, Општина Кочани, планска документација 2013-2023 од причини што била донесена спротивно на член 8 став 1 алинеи 3 и 10 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија и на член 4 став 2 алинеи 2, 3 и 9, член 34 став 9 и член 68 ставови 1 и 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Во иницијативата не се конкретизира Законот за просторно и урбанистичко планирање во однос на којшто се бара оцена на согласноста на оспорената одлука, имајќи предвид дека во 2014 година е донесен нов Закон за просторно и урбанистичко планирање, во чиј член 123 е пропишано дека: „Постапките за донесување на урбанистичките планови, урбанистичко-плански документации, архитектонско-урбанистички проекти и проекти за инфраструктура, започнати до денот на отпочнување на примена на овој закон, ќе продолжат согласно одредбите на законот по кој се започнати“.

Според содржината на цитираните законските одредби во иницијативата, Судот утврди дека станува збор за одредби од новиот Закон за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/2015, 193/2015 и 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018).

Меѓутоа, од одговорот на Општина Кочани, како и видно од правниот основ за донесување на оспорената одлука, произлегува дека постапката за донесување на оспорената одлука за донесување на ГУП за град Кочани е водена според претходниот Закон за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012 и 55/2013, 163/013 и 42/2014). Ова од причини што постапката била започната во 2012 година, со склучување на договор за изработка на ГУП и истата продолжила по Законот по кој била започната, согласно членот 123 од новиот Закон за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/2015, 193/2015 и 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018).

Имајќи го предвид наведеното, Судот утврди дека Одлуката за донесување на ГУП за град Кочани, Општина Кочани, планска документација 2013-2023 се оспорува во однос на Законот за просторно и урбанистичко планирање по кој не е донесена и кој не се однесува на оваа одлука, што претставува процесна пречка за одлучување по иницијативата.

Со оглед дека и барањето за оценување на уставноста на Одлуката во суштина е заради оспорувањето на согласноста на Одлуката со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, кој пак Закон не се однесува на оваа одлука, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и во овој дел и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

Во однос на наводите во иницијативата според кои оспорената одлука не била во согласност со одредби на Правилникот за стандардите и нормативите за просторно и урбанистичко планирање, Судот оцени дека тоа претставува барање за оцена на меѓусебната согласност на акти од ист правен ранг – подзаконски акти за коишто, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

5. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.86/2019
13 ноември 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати