Решение У.бр.77/2019

У.бр.77/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 13 ноември 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 19 ставови 6 и 7 од Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014, 33/2015, 98/2015, 6/2016, 198/2018 и 248/2018).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на меѓусебната согласност на Законот за судската служба и Законот за работните односи.

3. Јованка Стојановска од Тетово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот 19 ставови 6 и 7 од Законот означен во точката 1 од ова решение и оценување на меѓусебната согласност на Законот за судската служба и Законот за работните односи.

Според наводите во иницијативата, со оспорениот член од Законот за судската служба се повредувал членот 32 од Уставот со кој секој вработен има право на соодветна заработувачка и членот 35 од Уставот според кој Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот. Понатаму,во иницијативата се наведува дека со оспорениот член од Законот за судската служба се повредувале и членовите 122 и 178 од Законот за работните односи според кои постои заштита на работниците со скратено работно време, додека ,пак, со оспорениот член доколку работникот се стекне со решение од надлежен орган истиот е во неповолна ситуација за разлика од сите други вработени за кои се применува Законот за работните односи. Оттука, според подносителката вработените во судската служба доколку се здобијат со инвалидност ќе бидат оштетени и без никакви права.

Исто така, подносителката наведува дека била вработена во Основниот суд во Тетово со работен стаж од 33 години, дека Комисијата за работна способност на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Македонија стручна служба филијала Тетово врз основа на наод, оцена и мислење бр.1164 од 13.12.2018 година, утврдила дека кај осигуреникот работната способност е намалена за 50% од кои причини истата може да работи со скратено работно време на својата работа.

По барање на подносителката на иницијативата, Судскиот администратор на Основниот суд во Тетово каде е вработена, а согласно член 19 од Законот за судската служба и членот 38 од Законот за пензиското и инвалидскота осигурување, донел Решение за работа со скратено работно време (20 часа неделно), при што утврдил дека платата, придонесите од плата и другите права од работен однос ќе се регулираат согласно член 19 став 7 од Законот за судската служба.

4. На седницата Судот утврди дека во членот 19 од Законот за судската служба во делот „Вработување на неполно работно време“ е предвидено:

(1) Полното работно време на вработените во судот изнесува 40 часа неделно.
(2) За неполно работно време се смета времето кое е пократко од полното работно време, и истото може да изнесува најмалку 20, а најмногу 30 часа неделно.
(3) Судскиот администратор, односно претседателот на судот каде што не е избран судски администратор, на барање на вработениот или по потреба на судот, може да донесе решение за неполно работно време заради:
– привремено намален обем на работа,
– грижа за прво дете, до негова двегодишна возраст,
– грижа за второ дете, до негова две и полгодишна возраст,
– грижа за трето дете, до негова тригодишна возраст и
– намалена работна способност, согласно со прописите за пензиско и инвалидско осигурување, прописите за здравствено осигурување или други прописи.

(4) Во услови од ставот (3) алинеја 1 на овој член судскиот администратор, односно претседателот на судот каде што не е избран судски администратор, може да побара од вработениот да работи со неполно работно време, за што по претходна согласност на вработениот, во рок од 15 дена носи решение.
(5) Во условите од ставот (3) алинеи 2, 3 и 4 на овој член судскиот службеник може да поднесе барање за работа со неполно работно време, ако работи со полно, или обратно, до судскиот администратор, односно претседателот на судот, кој во рок од 15 дена може да донесе решение.
(6) Во условите од ставот (3) алинеја 5 на овој член, судскиот службеник, врз основа на решение од надлежен орган, може да поднесе барање за работа со неполно работно време до судскиот администратор, односно претседателот на судот каде не е избран судски администратор, кој во рок од 15 дена носи решение (оспорен став).
(7) Платата, придонесите од плата, додатоците на плата, одморот и другите услови за судскиот службеник кој работи со неполно работно време, се определуваат во однос на бројот на работни часови неделно (оспорен став).

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјалната праведност. Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани. Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од анализата на изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, дека правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите, како и тоа дека Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица.

6. За разлика од претходниот Закон за пензиското и инвалидското осигурување, којшто го уредуваше прашањето за паричниот надоместокот за скратено работно време, Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016 и 35/2018), којшто е во сила во членот 38 сместен во глава IV. „Права врз основа на инвалидност“,поднасловот „Инвалидност“ е предвидено:

(1) Инвалидност постои кога кај осигуреникот, поради промена во здравствената состојба која не може да се отстрани со лекување или со медицинска рехабилитација, работната способност е трајно намалена за повеќе од половина во споредба со физички и психички здрав осигуреник со исто или слично образование и способност.
(2) Инвалидноста од став (1) на овој член се утврдува според следните категории: 1) категорија I –доколку работната способност на осигуреникот е намалена за повеќе од 80% постои трајно губење на работната способност (општа неспособност за работа) и 2) категорија II – доколку работната способност на осигуреникот е намалена за повеќе од 50% а најмногу до 80% (професионална неспособност за работа).
(3) Доколку работната способност на осигуреникот е намалена за 50% во споредба со физички и психички здрав осигуреник со исто или слично образование и способност поради што не може да ги извршува работните задачи со полно работно време, може да работи со скратено работно време или да биде распределен на друга соодветна работа согласно прописите кои се однесуваат на работните односи и колективниот договор.
(4) Инвалидност во смисла на ставовите (1), (2) и (3) на овој член може да настане поради болест, повреда надвор од работа, повреда при работа или професионални болести.

Во понатамошните одредби, Законот го уредува прашањето за тоа дека кај осигуреникот кај кој ќе настане општа неспособност за работа и кај кого поради навршување на одредени години на живот не може со професионална рехабилитација да се оспособи стекнува право на инвалидска пензија ( член 50).

Кај осигуреникот, кај кои работната способност е намалена за повеќе од 50%, а најмногу до 80 % професионална неспособност за работа има право на професионална рехабилитација.

Во случаите кога кај осигуреникот работната способност е намалена за 50% во споредба со физички и психички здрав осигуреник со исто или слично образование може да работи со скратено работно време или да биде распореден на друга соодветна работа, при што за оваа категорија на осигуреници не е предвиден надоместок кој ќе го покрива останатиот дел од работното време ако работникот работи скратено работно време.

7. Со Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016, 120/2018 и 110/2019) се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Законот за работните односи во член 3 став 1 ги уредува и работните односи на работниците вработени во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа, установите, јавните претпријатија, заводите, фондовите, организациите и други правни и физички лица кои вработуваат работници, доколку со друг закон поинаку не е определено.

Во членот 122 од Законот за работните односи на кој се повикува подносителот на иницијативата сместен во делот „Скратено работно време во посебни случаи“ е предвидено:

(1) Работникот кој работи помалку од полното работно време (скратено работно време) во согласност со прописите за пензиско и инвалидско осигурување (инвалидност), прописите за здравствено осигурување (медицинска рехабилитација) и остварува права од задолжителното социјално осигурување кога би работел со полно работно време.
(2) Работникот од ставот (1) на овој член, кој работи помалку од полното работно време, има право на плаќање за работата според стварните работни обврски, како и други права и обврски од работниот однос како работникот кој работи полно работно време, ако со овој закон поинаку не е определено.

Во членот 178 од Законот за работните односи во делот „Права на инвалидите на трудот“ е предвидено:

(1) На работникот инвалид на трудот со право на професионална рехабилитација по основ на професионална неспособност за работа, работодавачот е должен да му обезбеди услови за вршење на професионалната рехабилитација и да го распореди на друга работа со полно работно време во согласност со прописите од пензиското и инвалидското осигурување
(2) На работникот кај кој постои непосредна опасност од настапување на инвалидност, работодавачот е должен да му обезбеди распоредување на друга соодветна работа и надоместок на плата во висина на разликата меѓу платата на која работел работникот пред распоредувањето и платата на новото работно место
(3) Работникот кај кого е утврдена намалена работна способност за 50%, согласно со прописите за пензиско и инвалидско осигурување, има право на скратено работно време или да биде распределен на друга соодветна работа, со право на плата согласно со колективен договор.
(4) Опасност од настапување на инвалидност во смисла на ставот (2) од овој член постои кога кај работникот поради вршење на одредени работни задачи, условите за работа без оглед на мерките што се применуваат или може да се применуваат, влијаат врз здравствената состојба и работната способност на работникот во таа мера што е забележано нарушување на неговата здравствена состојба, поради што е потребно распоредување на друго работно место соодветно на неговото образование и способност заради спречување од настанување на инвалидност.
(5) Постоењето на опасноста од настанување на инвалидност со наод, оцена и мислење ја утврдува Комисијата за оцена на работната способност во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.

Имајќи го во вид специфичниот карактер на работите кои ги извршуваат вработените во судската администрација, законодавецот донесол посебен закон, Законот за судска служба како lex specialis.

8. Во Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ број 43/2014, 33/2015, 98/2015, 6/2016 и 1982018), е предвидено дека со овој закон се уредуваат правата, должностите, одговорностите на судските службеници, системот на плати и надоместоци на плати на судските службеници.

Во членот 2 од Законот, судската служба ја сочинуваат судските службеници, лицата вработени во судовите кои вршат технички и помошни работи и судската полиција.

Во членот 3 од Законот е предвидено дека:

(1) Судските службеници се лица со статус на административен службеник кои во судовите вршат стручни, административни, информатички, технички, статистичко – аналитички и материјално – финансиски работи во согласност со овој и друг закон. Судските службеници правата од работен однос ги остваруваат согласно со овој закон, колективните договори и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос.
(2) Лицата вработени во судовите кои вршат технички и помошни работи немаат статус на судски службеници и за нив важат Законот за вработени во јавниот сектор и општите прописи за работните односи.

Во членот 19 од Законот, сместен во делот „Вработување на неполно работно време“ е предвидено:

(1) Полното работно време на вработените во судот изнесува 40 часа неделно.
(2) За неполно работно време се смета времето кое е пократко од полното работно време, и истото може да изнесува најмалку 20, а најмногу 30 часа неделно.
(3) Судскиот администратор, односно претседателот на судот каде што не е избран судски администратор, на барање на вработениот или по потреба на судот, може да донесе решение за неполно работно време заради:
– привремено намален обем на работа,
– грижа за прво дете, до негова двегодишна возраст,
– грижа за второ дете, до негова две и полгодишна возраст,
– грижа за трето дете, до негова тригодишна возраст и
– намалена работна способност, согласно со прописите за пензиско и инвалидско осигурување, прописите за здравствено осигурување или други прописи.
(4) Во услови од ставот (3) алинеја 1 на овој член судскиот администратор, односно претседателот на судот каде што не е избран судски администратор, може да побара од вработениот да работи со неполно работно време, за што по претходна согласност на вработениот, во рок од 15 дена носи решение.
(5) Во условите од ставот (3) алинеи 2, 3 и 4 на овој член судскиот службеник може да поднесе барање за работа со неполно работно време, ако работи со полно, или обратно, до судскиот администратор, односно претседателот на судот, кој во рок од 15 дена може да донесе решение.
(6) Во условите од ставот (3) алинеја 5 на овој член, судскиот службеник, врз основа на решение од надлежен орган, може да поднесе барање за работа со неполно работно време до судскиот администратор, односно претседателот на судот каде не е избран судски администратор, кој во рок од 15 дена носи решение.
(7) Платата, придонесите од плата, додатоците на плата, одморот и другите услови за судскиот службеник кој работи со неполно работно време, се определуваат во однос на бројот на работни часови неделно.

Од анализата на Законот за судската служба произлегува дека тој предвидел посебни правила од јавно правен карактер кои се разликуваат од оние што важат за вработените во стопанството на кои се применуваат Законот за работните односи и колективните договори.

Во однос на исплатата на платите и другите надоместоци на судските службеници, Судот оцени дека постои разлика во смисла на тоа што тие се вршат од Буџетот на Република Македонија кој ги определува буџетските рамки и општата политика на јавната потрошувачка наспроти исплатата на платите на вработените во стопанството и другите дејности што се врши од други извори на средства.

Според тоа, решенијата содржани во Законот за судската служба имаат системски карактер, поради што и нивното наградување и нивните права по основ на работен однос во државен орган произлегуваат од видот и карактерот на работите што ги вршат.

Од тие причини, остварувањето на правата од работен однос на судскиот службеник кој работи со неполно работно време поради инвалидност утврдена од страна на надлежна Комисија на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и определувањето на плата придонеси од плата, додатоци на плата, одмор и другите права кои се определуваат спрема бројот на работните часови неделно, Судот смета дека е сосема реално и објективно. Ова дотолку повеќе што инвалидноста на работникот е утврдена од надлежен орган и на барање на судскиот службеник, судскиот администратор носи решение за работа со неполно работно време (20 часа) неделно, при што определува дека платата, придонесите од плата, како и другите права од работен однос ќе се регулираат согласно оспорениот член 19 став 7 од Законот според кој тие се определуваат во однос на бројот на работните часови неделно.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани, поради што не може да се постави прашањето на согласноста на оспорениот член 19 ставови 6 и 7 од Законот за судска служба со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителката на иницијативата.

9. Во однос на наводите од иницијативата со кои се оспорува меѓусебната согласност на Законот за судската служба и Законот за работните односи всушност претставуваат барање за оценување на меѓусебна согласност на закони, што не е во надлежност на Уставниот суд, кој согласно член 110 од Уставот единствено одлучува за согласноста на законите со Уставот. Поради наведеното исполнети се условите од член 28 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.77/2019
13.11.2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати