Решение У.бр.69/2019

У.бр.69/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 15 октомври 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 35-а од Законот за даночна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 13/2006, 88/2008, 105/2009, 133/2009, 145/2010, 171/2010, 53/2011, 39/2012, 84/2012, 187/2013, 15/2015, 97/2015, 129/2015, 154/2015, 23/2016 и 35/2018).

2. Адвокатот Владимир Стојкоски и адвокатот Глигорие Ќатоски, двајцата од Струга, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Законот означена во точката 1 на ова решение.

Според подносителите на иницијативата, оспорената одредба била во спротивност со членовите 21, 27 и 172 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр. 28/2004), а потоа и со членот 55 од Уставот.

Оспорениот член бил спротивен со веќе важечките одредби на Законот за трговските друштва (членовите 21, 27 и 172) коишто ја уредуваат одговорноста на правните субјекти (согласно овие одредби, имотот создаден со вложувања во трговското друштво се изразува во пари и ја претставува основната главнина на друштвото. Правата и обврските што содружникот ги стекнува врз основа на влогот во основната главнина на трговското друштво се негов удел во друштвото, трговското друштво одговара за своите обврски со сиот свој имот, а основната главнина на дрштвото не може да биде помала од 5.000,00 евра во денарска противвредност). Ова од причина што оспорениот член бил донесен со измена на Законот за даночната постапка од 30.12.2013 година, а влегол во сила на ден 08.01.2014 година, а одредбите од Законот за трговските друштва биле донесени со Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр. 28 од 30.04.2004), којшто влегол во сила на 08.05.2004 година.

Со донесување на оспорениот член најдиректно се прекршувало правото на граѓаните определено со член 55 од Уставот, со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а ваквата слобода можела да биде ограничена со закон само доколку се работи за одбрана на државата, за зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Ограничувањето на слободата на пазарот и претприемништвото била во тоа што со оспорениот член била предвидена одговорност за лицето кое со своите одлуки влијаело врз стопанските активности на даночниот должник, од кои произлегол даночниот долг, со сиот свој имот, а согласно со Законот за трговските друштва, трговското друштво и содружникот во истото, одговарале согласно имотот на друштвото, односно уделот во основачкиот влог. Видно од содржината на оспорената одредба можело да се заклучи дека нејзиното донесување и спроведување во сила не било донесено заради одбрана на државата или за зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Со донесувањето на спорниот член повредена била еднаквоста на сите субјекти на пазарот. За обврските на друштвото спрема приватните субјекти во претприемништвото важел Законот за трговските друштва и тоа во обем колку што е имотот на дрштвото, односно уделот што содружникот го поседува во основната главнина на друштвото. Од друга страна, за обврските на друштвото спрема државата во поглед на даноците важел Законот за даночната постапка, каде била предвидена одговорност на друштвото, односно лицето кое управува со друштвото, со сиот свој имот.

Поради наведеното се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената законска одредба и по спроведената постапка, истата да ја поништи или укине.

3. Судот на седницата утврди дека членот 35-а од Законот за даночна постапка гласи:

„Член 35- a

(1) За даночниот долг на даночниот должник, утврден со решение на Управата за јавни приходи или неплатен кај поведување на постапка за присилна наплата, наплатата со сиот свој имот ја гарантира лицето кое со своите одлуки влијаело врз стопанските активностите на даночниот должник, од кои произлегол даночниот долг.
(2) Лице чии одлуки влијаат врз активностите на даночниот должник е лицето кое:
– има удел во даночниот обврзник кој е должник, сразмерно на процентот на уделот,
– го застапува даночниот обврзник кој е должник, во висина која одговара на товарот кој произлегува од даденото овластување за застапување,
– има долг кон даночниот обврзник кој е должник, до висина на долгот кон него и
– го презема долгот, до висина на преземениот долг даден во нотарски заверената изјава. (3) По исклучок за пристигнатиот а неплатен долг на даночниот обврзник кој е должник, настанат по основ на самооданочување или утврден од страна на Управата за јавни приходи, лицата од ставот (2) алинеи 1 и 2 на овој член не се гаранти за неплатениот данок, доколку докажат дека биле оневозможени за плаќање на пристигнатиот данок поради претходно нерешено правно прашање за кое е надлежен државен орган или суд.
(4) Со решение донесено во постапка за утврдување на даночна гаранција од членот 83 од овој закон, Управата за јавни приходи го определува лицето кое по одредбата од ставот (2) на овој член гарантира за даночниот долг.“

4. Според член 8 став 1 алинеjа 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Републиката.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Во согласност со членот 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата:
-ако не е надлежен да одлучува за барањето;
-ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и
-ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Уставниот суд веќе ја ценел уставноста на членот 35-а од Законот за даночна постапка, при што со Решение У.бр.68/2017 од 08.05.2018 година (во оваа постапка пред Судот предмет на оцена на уставноста биле и други одредби од Законот за даночна постапка), оценил дека нема основи да се поведе постапка за оценување на уставноста на членот 35-а од Законот за даночната постапка („Службен весник на Република Македонија„ бр.13/2006, 88/2008, 105/2009, 133/2009, 145/2010, 171/2010, 53/2011, 39/2012, 84/2012, 187/2013, 15/2015, 97/15, 129/15, 154/15 и 23/2016).

Постапката била покрената пред Уставниот суд од причини што подносителот на иницијативата сметал дека оспорената одредба од членот 35-а од Законот за даночната постапка е донесена по донесување на Одлуката на Уставниот суд У.бр.152/2008 со која биле укинати поднасловот „Гаранција на застапникот“ и членот 29 како и поднасловот „Гаранција на застапуваниот“ и членот 30 од Законот за даночната постапка, при што оспорената одредба била спротивна на одредбата од член 112 став 3 од Уставот на Република Македонија, според кој одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

При анализата на оспорениот член, поднасловот и целината на Законот за даночната постапка, а имајќи ги во предвид и уставните одредби, Судот оценил дека наводите во иницијативата се неосновани, поради што не го поставил прашањето за согласноста на членот 35-а од Законот со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Во Решението Судот оценил: „Наводите во иницијативата дека при донесување на оспорениот член и поднаслов од Законот не била почитувана Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.152/2008 од 11 февруари 2009 година, со која биле укинати поднасловот „Гаранција на застапникот“ и членот 29 како и поднасловот „Гаранција на застапуваниот“ и членот 30 од Законот за даночната постапка, а кој бил донесен по донесување на Одлуката на Уставниот суд, како што наведува и подносителот на иницијативата, според Судот се неосновани. Ова од причини што со оспорениот член и поднаслов како што е наведено, законодавецот јасно и недвосмислено го уредил прашањето во кои случаи и до која висина на место на даночниот должник, Управата за јавни приходи со решение ќе задолжи некој од лицата кои се појавуват како гаранти, а кои можат да го платат долгот.“

Со сега доставената иницијатива повторно се оспорува членот 35-а од Законот за даночна постапка, но сега во однос на неговата согласност со членот 55 од Уставот и неговата согласност со членовите 21, 27 и 172 од Законот за трговските друштва.

Наводите во иницијативата дека со оспорената одредба се ограничувала слободата на пазарот и претприемништвото определена со членот 55 од Уставот, од причини што со оспорената одредба била предвидена одговорност за лицето кое со своите одлуки влијаело врз стопанските активности на даночниот должник, од кои произлегол даночниот долг, со сиот свој имот, а согласно со Законот за трговските друштва, трговското друштво и содружникот во истото, одговарале согласно имотот на друштвото, односно уделот во основачкиот влог, односно дека видно од содржината на оспорената одредба можело да се заклучи дека нејзиното донесување и спроведување во сила не било донесено заради одбрана на државата или за зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето, Судот ги оцени како неосновани.

Согласно член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според членот 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1). Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот (став 2). Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето (став 3).

Со Законот за даночна постапка особено се уредува: општото даночно право, постапката на утврдување на данок, постапката на контрола на данок, постапката на наплата на данок, правата и обврските на даночниот обврзник и други прашања од даночната постапка. Овој закон е единствена основа на општото даночно право и на даночната постапка (член 1 од Законот).

Со оспорениот член 35-а од Законот за даночна постапка, законодавецот јасно и недвосмислено го уредил прашањето во кои случаи и до која висина на место на даночниот должник, Управата за јавни приходи со решение ќе задолжи некој од лицата кои се појавуват како гаранти, а кои можат да го платат долгот. Тоа е во насока на операционализација на уставното овластувањето на државата со соодветен закон да го утврди начинот на плаќање на данок и другите јавни давачки, како должност на секого кон државата.

Од анализата на оваа законска одредба не произлегува дека со истата законодавецот ја ограничува слободата на пазарот и претприемништвото, како што се наведува во иницијативата. Ова од причина што пропишаното е во функција на обезбедување поголема фискална дисциплина во однос на плаќањето на данок и други јавни давачки што претставува уставна обврска за сите субјекти, при што законодавецот ги става под еднаков третман на одговорност за донесените одлуки сите даночни обврзници и овозможува за даночни цели во делот на наплата на данокот да имаат ист третман пред даночниот орган.

Фактот што со оспорената одредба од Законот за даночна постапка се пропишува дека за даночниот долг на даночниот должник, утврден со решение на Управата за јавни приходи или неплатен кај поведување на постапка за присилна наплата, наплатата со сиот свој имот ја гарантира лицето кое со своите одлуки влијаело врз стопанските активности на даночниот должник, од кои произлегол даночниот долг, што се разликува од решението пропишано со Законот за трговските друштва, според кое трговското друштво и содружникот во истото, одговараат согласно имотот на друштвото, односно уделот во основачкиот влог, не значи дека оспореното решение е неуставно. Законодавецот има уставно овластување посебно да ја уреди даночната постапка, а целисходноста на законските решенија е проценка на законодавецот, при што тој има уставна обврска одредбите да бидат јасни, недвосмислени и лесно применливи, а сите субјекти на кои се однесува законското решение да бидат ставени во иста положба, што според Судот, е испочитувано во оспорената законска одредба.

Имајќи предвид дека со Решението У.бр.68/2017 од 08.05.2018 година, Уставниот суд веќе оценил дека нема основи за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 35-а од Законот за даночна постапка, а со сега доставената иницијатива се оцени дека нема основи за поинакво одлучување, Судот тврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во тој дел.

Наводите во иницијативата за постоење на колизија помеѓу оспорената одредба од Законот за даночна постапка и членовите 21, 27 и 172 од Законот за трговските друштва, всушност претставуваат барање за оцена на меѓусебната согласност на одредби од два закони, што согласно член 110 од Уставот, не е прашање од надлежност на Уставниот суд, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на овој дел од иницијативата.

5. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.69/2019
15 октомври 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски