Одлука У.бр.99/2019

У.бр.99/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 02.10.2019 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето за забрана на дискриминација по основ на национална припадност, согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија на Роберт Ликушевски од Битола, застапуван од Благој Ѓ. Чичоновски, адвокат од Битола.

2. Одлуката ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

3. Робер Ликушевски од Битола преку својот полномошник Благој Ѓ. Чичоновски, адвокат од Битола до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата поради дискриминација по основ на национална припадност. Повредата била сторена со Пресуда РО-363/18 од 22.01.2019 година и Решение РО-363/18 од 31.05.2018 година на Основен суд Битола и пресуда РОЖ-165/19 од 16.04.2019 година на Апелациониот суд Битола.

Барањето за заштита на слободите и правата започнува со навод дека: „барателот Ликушевски Роберт по националност е припадник на влашкиот народ“, па се дава ретроспектива и се изнесуваат факти по однос на склучувањето на договор за работа на определено време на барателот со Основното училиште „Коле Канински“ – Битола во периодот 06.05.2015 година се до 28.02.2018 година кога работодавецот му врачил отказ. Според подносителот фактите биле поткрепени со докази.

По врачувањето на отказот барателот водел спор пред Основниот суд Битола кој со пресуда РО-895/17 од 05.07.2018 година во целост го усвоил тужбеното барање за поништување на решението за отказ, но Апелациониот суд со Решение РОЖ-704/18 од 12.11.2018 година ја уважил жалбата на тужениот, ја укинал пресудата и предметот го вратил на првостепениот суд на повторно одлучување.

Во повторната постапка Основен суд Битола донел пресуда РО-363/18 од 22.01.2019 година и Решение РО-363/18 од 31.05.2018 година со кое го одбил како неосновано тужбеното барање, а Апелациониот суд Битола со пресуда РОЖ-165/19 од 16.04.2019 година ја одбил како неоснована жалбата на тужителот, во оваа постапка барател и ја потврдил првостепената пресуда.

Според подносителот на барањето при носење на пресудите било постапено спротивно на членот 9 од Уставот, бидејќи Апелациониот суд Битола не се произнел по однос на жалбените наводи за сторена повреда на уставните одредби (не се означува кои), како и на цитираниот член 9 од Уставот.

Потоа се наведува дека за барателот, како припадник на влашкиот народ и за лицето Ацо Јовевски од страна на работодавецот било различно постапено бидејќи на Ацо Јовевски не му бил врачен отказ.

Во постапката пред Основниот суд на подносителот на барањето му било оспорено законското право за трансформација на работниот однос бидејќи „немало трајна потреба“, а за лицето Ацо Јовевски тоа право не било оспорено, работодавецот не се жалел на пресудата за неговиот спор, па тој останал на работа, за што немало објективно и разумно оправдување. Тоа бил различен третман кој довел до повреда на правото на работа.

Дека постоела дискриминација говорел и фактот што на 02.01.2018 година лицето Асенбелевска Елица била примена на работно место хигиеничар преку трајна потреба од работното место. Притоа дискриминацијата била спротивна на членот 9 од Уставот, членовите: 6 и 7 од Законот за работните односи; членовите: 1, 4 и 6 од Законот за спречување и заштита од дискриминација и на членот 14 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи.

Врз основа на сето наведено и приложената документација се предлага Судот да одржи јавна расправа по што ќе утврди дискриминација по основ на национална припадност, ќе ги стави вон сила актите на Основниот суд Битола и Апелациониот суд Битола, и ќе го задолжи ОУ „Коле Канински“-Битола да го врати на работа подносителот на барањето.

4. Судот на седницата, врз основа на приложените и прибавени докази утврди дека, со пресудата РО-895/17 од 05.07.2018 година Основниот суд Битола ги усвоил тужбените барања на тужителот Роберт Ликушевски; ја поништил Одлуката за престанок на работниот однос бр.02-48/1 од 28.02.2018 година како незаконита; утврдил дека работниот однос се трансформирал во работен однос на неопределено време сметано од 28.02.2018 година; го задолжил тужениот да го врати тужителот на работа; да склучи договор за вработување на неопределено време; како и да му ги надомести трошоците во постапката.

Апелациониот суд Битола со Решение РОЖ-704/18 од 05.07.2018 година ја уважил жалбата на странките, ја укинал првостепената пресуда и предметот го вратил на првостепениот суд на повторно судење. Во образложението на решението се констатира суштествена повреда на одредбите на постапката од член 343 став 2 точка 14 од Законот за парничната постапка, односно причините на пресудата биле нејасни и неразбирливи и не произлегувале од содржината на изведените докази. Според второстепениот суд согласно член 46 став 4 од Законот за работните односи, по исклучок работниот однос заснован на договор за вработување на определено време може да се трансформира во работен однос на неопределено време, но само доколку работодавачот утврди дека има трајна потреба од работникот под услови и на начин утврдени со закон. Оттаму, одредбата пропишувала само можност за трансформација, но не и трансформација по сила на закон и тоа по оцена и одлука на работодавачот.

Пред да бидат донесени овие одлуки, односно на 25.01.2018 година Основниот суд Битола со пресуда РО-878/17 од 25.01.2018 година го усвоил тужбеното барање на тужителот Ацо Јовевски и утврдил дека неговиот работен однос се трансформирал во работен однос на неопределено време. Во постапката тужениот не го спорел тужбеното барање на тужителот и оставил судот да донесе соодветна одлука, а како имал трајна потреба тужениот да ги врши работните задачи на работното место хигиеничар.

Во повторната постапка Основниот суд Битола со Пресуда Р-363/18 од 22.01.2019 година го одбил како неосновано тужбеното барање на тужителот Роберт Ликушевски да се утврди дека неговиот работен однос се трансформира во работен однос на неопределено време. Судот констатирал повлекување на тужбата за поништување на решението за престанок на работниот однос.

Врз основа на спроведената доказна постапка, првосте-пениот суд, меѓу другото, утврдил дека за работното место хигиеничар биле обезбедени средства, но за вработување на тужителот на определено, а не на неопределено време, како и тоа дека не се утврдила трајна потреба на тужениот од овој работник.

Во поднесената жалба, покрај вообичаените жалбени наводи се цитираат и повеќе уставни одредби (страна 4), меѓу кои членот 9 од Уставот. Уставните одредби се цитираат со цел да се покаже дека второстепениот суд во својата претходна одлука постапил спротивно на повеќе уставни одредби.

Апелациониот суд Битола со пресуда РОЖ-165/19 од 31.05.2018 година ги одбил како неосновани жалбите на тужителот и ги потврдил првостепената пресуда и решение.

Барањето за заштита на слободите и правата е поднесено благовремено.

5. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според алинејата 3 од истиот член од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Согласно член 55 став 1 од Деловникот, за заштита на слободите и правата Уставниот суд одлучува, по правило, врз основа на одржана јавна расправа.

Според Судот има доволно факти и податоци за впуштање во мериторна уставно-судска анализа.

Врз основа на увидот во приложената документација и тоа: првостепените и второстепените пресуди кои се однесуваат на барателот за заштита на слободите и правата и изјавената жалба се утврди дека во наведената документација не се содржани податоци по однос на националната припадност на барателот. Национална припадност од барањето за заштита на слободите и правата според Судот е неспорна, иако истата не се потврдува со соодветна документација ни во постапката пред Уставниот суд. Но судовите за таквата припадност на барателот немале никакви сознанија во ниту еден момент од постапките, од причини што таа не е задолжителен елемент во парничната постапка, а во ниту еден писмен или усмен доказ не е прикажана или потенцирана, ниту од страна на редовниот суд, ниту од страна на подносителот на барањето.

Ова произлегува и од содржината на одредбите од Законот за парничната постапка (член 115-записници, член 98 став 3-поднесоци, член 327-писмена изработка на пресуда и други) според кои националната припадност не е елемент од ниту еден писмен документ во текот на постапката пред граѓанскиот суд.

Повредата на членот 9 од Уставот за прв пат се споменува во жалбата против првостепената пресуда (РО-363/18 од 22.01.2019 година). Подносителот на жалбата навел дека Апелациониот суд Битола постапил спротивно на членот 9 од Уставот, кога ја уважил претходно изјавената жалба, односно повредил повеќе уставни одредби. Но, видно од приложената жалба е дека нема наводи за сторена дискриминација по основ на национална припадност, односно припадност на тужителот на влашкиот народ заради која припадност би било одлучено на претходно презенти-раниот начин.

Исто така, од прибавената и доставена документација, не може да се утврди податок за националната припадност на споменатите лица Ацо Јовевски и Асанбелевска Јелица. Оттаму нема услови за впуштање во компаративна анализа зошто некој од нив го трансформирал работниот однос на неопределено време, а друг не, односно дали националната припадност била од исклучително значење за трансформација на работниот однос или пак постоеле други причини.

При состојба кога првостепениот и второстепениот суд немале никакво сознание за националната припадност на Роберт Ликушевски, но и на лицата посочени за компарација, при постапува-њето и одлучувањето за неговото тужбено барање, односно по изјавените жалби и кога националната припадност за прв пат се појавува како податок дури во поднесеното барање за заштита на слободите и правата во постапката пред Уставниот суд произлегува дека редовните судови реално не можеле да сторат повреда на член 110 алинеја 3 од Уставот.

При состојба кога фактичката и правна состојба, се неспорно утврдени врз основа на доставената и прибавена документација и направената анализа Судот најде дека нема услови за примена на член 55 став 1 од Деловникот на Судот, односно за одржување на јавна расправа, а како нема спорни моменти кои би требале да се расчистат со одржување на ваков вид расправа.

Врз основа на направената анализа произлегува дека Основниот суд Битола и Апелациониот суд Битола со означените акти не сториле дискриминација по основ национална припадност спрема подносителот на барањето.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Сали Мурати.

У.бр.99/2018
02 октомври 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски